Животот и службата на Исус
Исус исполнува сѐ што Бог бара
КОЛКАВА причина за радост ќе биде кога Царот-Воин Исус Христос ќе го отстрани Сатана и неговиот неправеден свет! Конечно започнува мирољубивата Илјадагодишна Влада на Исус!
Под водството на Исус и неговите придружени цареви, преживеаните од Армагедон ќе ги исчистат урнатините од таа праведна војна. Веројатно, преживеаните на Земјата исто така ќе раѓаат деца некое време, коишто ќе учествуваат во восхитувачкото дело на уредувањето на Земјата во прекрасна градина слична на парк.
Со тек на времето, Исус ќе доведе милиони од гробовите да уживаат во овој убав Рај. Тој ќе го стори тоа во исполнување на сопствената гаранција: ”Иде часот кога сите, кои што се во гробовите, ќе (...) излезат“.
Меѓу оние коишто ќе ги воскресне Исус, ќе биде и поранешниот злосторник кој умре покрај него на маченичкиот столб. Сети се дека Исус му вети: ”Навистина ти велам денес: Ќе бидеш со мене во рајот“. Не, тој човек нема да биде земен на небото да владее како цар со Исус, ниту пак Исус повторно ќе стане човек и да живее на рајската Земја со него. Наместо тоа, Исус ќе биде со поранешниот злосторник во таа смисла што ќе го воскресне во живот во Рајот и ќе се грижи неговите потреби, како физички така и духовни, да бидат задоволени, како што е илустрирано на оваа страница.
Замисли! Под Исусовото љубезно внимание, целото човечко семејство — преживеаните од Армагедон, нивните потомци и илјадници милиони од воскреснатите мртви коишто го слушаат — ќе напредуваат кон човечко совршенство. Јехова, со помош на својот царски Син, Исус Христос, духовно ќе живее со човештвото. ”И [Бог]“, како што вели гласот кој Јован го слуша од небото, ”ќе ја избрише секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе.“ Никој на Земјата нема да страда или да биде болен.
На крајот од Исусовата Илјадагодишна Влада, ситуацијата ќе биде токму онаква како што Бог првобитно имал намера кога ѝ рекол на првата човечка двојка, Адам и Ева, да се множат и да ја наполнат Земјата. Да, Земјата ќе биде полна со праведен род од совршени луѓе. Тоа ќе биде затоа што придобивките од Исусовата откупна жртва ќе бидат применети на секого. Смртта поради Адамовиот грев повеќе нема да постои!
Според тоа, Исус ќе го исполни сето она што Јехова барал од него. Затоа, на крајот од илјадате години, ќе му го предаде Царството и совршеното човечко семејство на својот Татко. Тогаш Бог ќе го пушти Сатана и неговите демони од бездната на неактивност слична на смрт. Со која цел?
Па, до крајот на илјадате години, повеќето од оние кои ќе живеат во Рајот ќе бидат од воскреснатите чија вера никогаш не била испитана. Пред да умрат, тие не ги познавале Божјите ветувања и така не можеле да покажат вера во нив. Потоа, откако воскреснале и биле поучени за библиските вистини, за нив било лесно во Рајот, без никакви противења да му служат на Бог. Но, кога на Сатана би му се дала можност да се обиде да ги спречи и понатаму да му служат на Бог, дали би се покажале лојални под испитот? За да се реши тоа прашање, ќе биде ослободен Сатана.
Откровението дадено на Јован открива дека после Исусовото Илјадагодишно Владеење, Сатана ќе успее да одврати неодреден број на луѓе од служењето на Бог. Но, кога ќе заврши конечниот испит, Сатана, неговите демони и сите оние кои ќе успее да ги заведе, ќе бидат уништени засекогаш. Од друга страна, потполно испитаните, лојалните преживеани и понатаму ќе живеат за да ги уживаат благословите од својот небесен Татко низ сета вечност.
Јасно дека Исус одиграл, а и понатаму ќе игра важна улога во исполнувањето на Божјите славни намери. Каква величествена иднина можеме да уживаме поради сето она што тој го постигнува како Божји голем небесен Цар! Сепак, не можеме да го заборавиме сето она што го стори додека беше човек.
Исус спремно дојде на Земјата и нѐ учеше за својот Татко. Освен тоа, со пример ги покажа драгоцените Божји особини. Нашите срца се поттикнати кога ја разгледуваме неговата величествена храброст и машкост, неговата неспоредлива мудрост, неговата извонредна способност како учител, неговото бестрашно водство и љубезно сожалување и сочувство. Кога ќе се сетиме колку неописливо страдаше кога го даде откупот преку кој можеме да постигнеме живот, нашите срца сигурно се поттикнати со ценење за него!
Навистина, каков човек видовме во ова проучување на Исусовиот живот! Неговата големина е очигледна и зачудувачка. Поттикнати сме да ги повториме зборовите на римскиот намесник Понтиј Пилат: ”Еве го човекот!“
Со прифаќањето на подготовката на неговата откупна жртва, од нас можат да бидат отстранети товарот на гревот и смртта наследени од Адам, и Исус може да постане наш ”Небесен Татко“. Секој кој би сакал да постигне вечен живот, мора да го запознае не само Бог, туку и неговиот Син, Исус Христос. Се надеваме дека твоето читање и проучување на оваа серија од статии за Исусовиот живот и служба ти помогнале да добиеш такво животодајно спознание! 1. Јованово 2:17; 1:7; Јован 5:28, 29; 3:16; 17:3; 19:5; Лука 23:43, NW; 1. Мојсеева 1:28; 1. Коринтјаните 15:24-28; Откровение 20:1-3, 6-10; 21:3, 4; Исаија 9:6, NW.
◆ Која среќна предност ќе ја имаат преживеаните од Армагедон и нивните деца?
◆ Кој освен преживеаните од Армагедон и нивните деца ќе ужива во Рајот и во која смисла Исус ќе биде со нив?
◆ Каква ќе биде ситуацијата на крајот на илјадате години и што ќе стори Исус тогаш?
◆ Зошто ќе биде пуштен Сатана од бездната, и што на крајот ќе се случи со него и сите кои го следат?
◆ Како може Исус да постане наш ”Вечен Татко“?