Нивното засолниште — лага!
”Лагата ја направивме наше засолниште, и со измама ќе се прикриеме“ (ИСАИЈА 28:15).
1, 2. (а) Која организација денес треба да го земе предвид она што се случило со древното царство Јуда? (б) Каква погрешна доверба имала Јуда?
ДАЛИ ОВИЕ зборови се однесуваат на денешното т.н. христијанство како што се однесувале на двоплеменското царство Јуда? Сосема сигурно! А таа паралела наговестува зло за денешното христијанство. Тоа значи дека оваа отпадничка религиозна организација наскоро ќе ја снајде катастрофа.
2 Северно од Јудеја се наоѓало десетплеменското царство Израел. Кога Израел се покажал неверен, Јехова дозволил во 740 пр.н.е. да го освои Асирија. Неговото сестринско царство Јуда, било сведок на овој трагичен настан, но очигледно мислело дека нему такво нешто никогаш нема да му се случи. ’Зарем Јеховиниот храм не е во Ерусалим?‘, се фалеле неговите водачи. ’Зарем не сме Божји повластен народ? Не говорат ли нашите свештеници и пророци во Јеховино име?‘ (Спореди Книга пророк Јеремија 7:4, 8-11.) Тие верски водачи биле сигурни дека се безбедни. Но не биле во право! Биле исто така неверни како и нивните роднини на север. Значи, тоа што ѝ се случило на Самарија требало исто да му се случи и на Ерусалим.
3. Зошто т.н. христијанство се чувствува сигурно за иднината, но дали има добра причина за неговата сигурност?
3 На сличен начин т.н. христијанство тврди дека е во посебен однос со Бог. ’Зарем немаме десетици илјади цркви и професионално свештенство, како и стотици милиони следбеници?‘, се фалат тие. ’Ја имаме и Библијата и го употребуваме името на Исус во своето обожавање. Сигурно, Бог ни е наклонет!‘ Меѓутоа, она што се случило со древниот Ерусалим претставува како строго предупредување. И покрај неодамнешните извонредни политички настани, знаеме дека Јехова наскоро одлучно ќе дејствува против т.н. христијанство и сите други лажни религии.
”Сојуз со смртта“
4. Каков сојуз мислела Јуда дека има?
4 Во старо време неверниот Ерусалим добил многу предупредувања преку Божјите вистински пророци, но не им верувал. Наместо тоа, се фалел дека смртта никогаш нема да го одведе во Шеол, в гроб, како што било случај со северното царство Израел. Пророкот Исаија бил инспириран да ѝ каже на Јуда: ”Затоа чујте ја речта Јеховина, вие фалбаџии, владетели на овој народ кој е во Ерусалим: Бидејќи рековте: ’Склучивме сојуз со смртта; и со Шеолот остваривме визија; преплавувачкиот порој, во случај да помине, нема да дојде на нас, зашто лагата ја направивме засолниште, и во невистината се сокривме‘“ (Исаија 28:14, 15, NW).
5. (а) Каков бил Јудиниот наводен сојуз со смртта? (б) На кое предупредување дадено на царот Аса заборавила Јуда?
5 Да, ерусалимските водачи мислеле дека имаат, така да се каже, спогодба со смртта и со Шеолот [подземјето] дека нивниот град ќе биде зачуван. Но, дали наводниот сојуз на Ерусалим со смртта значело дека се покајал за своите гревови и сега има доверба во Јехова за спасение? (Еремија 8:6, 7). Не, никако! Наместо тоа, се свртел кон политичките владетели за помош. Меѓутоа, неговата доверба во светските сојузници била измама, лага. Светските сојузници кон кои се свртел не можеле да го спасат. А бидејќи го напуштил Јехова, Јехова го напуштил Ерусалим. Се случило токму онака како што пророкот Азарија го опоменал царот Аса: ”Јехова е со вас, сѐ додека вие се покажувате со него; и ако го барате, ќе ви даде да го најдете, но ако го оставите, тој ќе ве остави вас“ (2. Дневници 15:2, NW).
6, 7. Кои чекори ги презела Јуда за да ја осигури својата безбедност, но со каков конечен исход?
6 Сигурни во своите политички сојузи, водачите од Ерусалим биле сигурни дека никаков ”преплавувачки порој“ од освојувачки војски нема да дојдат на нив за да им го нарушат мирот и безбедноста. Кога ѝ се заканувал сојузот од Израел и Сирија, Јуда се свртела кон Асирија за помош (2. Царевите 16:5-9, ДК). Подоцна, кога воените сили на Вавилон дошле на неа, се обратила кон Египет за поддршка, а Фараонот одговорил и испратил војска на помош (Еремија 37:5-8; Книга пророк Језекиил 17:11-15).
7 Меѓутоа, вавилонските војски биле премногу силни, па египетските трупи морале да се повлечат. Довербата на Ерусалим во Египет се покажала измамничка, па во 607 пр.н.е., Јехова го препуштил на уништувањето коешто го прорекол. Значи ни владетелите ни свештениците на Ерусалим не биле во право! Нивната доверба во светските сојузи за мир и безбедност била ”лага“ која била однесена од разорниот порој на вавилонски војски.
Отфрлање на ’испитаниот камен‘
8. Како т.н. христијанство дошло во положба многу слична на онаа на древната Јуда?
8 Дали денес постои паралелна ситуација? Да, постои. Свештенството на т.н. христијанство исто така мисли дека нема да ги снајде никаква несреќа. Всушност, тие како да го кажуваат она што Исаија го прорекол: ”Склучивме сојуз со смртта; и со Шеолот остваривме визија; преплавувачкиот порој, во случај да помине, нема да дојде на нас, зашто лагата ја направивме засолниште и во невистината се сокривме“ (Исаија 28:15, NW). Како древниот Ерусалим, свештенството на т.н. христијанство повеќе бара безбедност во светските сојузи, а неговото свештенство одбива да бара засолниште кај Јехова. Па тие воопшто и не сакаат да го употребуваат неговото име, а ги исмејуваат и прогонуваат оние кои му оддаваат чест на тоа име. Свештенството на т.н. христијанство го прават токму она што го направиле еврејските првосвештеници во првиот век кога го отфрлиле Христос. Тие како да велат: ”Ние немаме друг цар освен цезарот“ (Јован 19:15, NW).
9. (а) Кој денес го предупредува т.н. христијанство на ист начин како што Исаија ја предупредувал Јуда? (б) Кон кого би требало да се сврти т.н. христијанство?
9 Денес, Јеховините сведоци предупредуваат дека поплава од уништувачки војски наскоро ќе го прегази т.н. христијанство. Освен тоа, тие укажуваат на правото место на засолнување од таа поплава. Го цитираат Исаија 28:16, каде стои: ”Вака вели Господ Бог: ’Ете, Јас полагам во основата на Сион камен, — камен испитан, аголен, скапоцен, темелен: кој верува во него, нема да се посрами‘“. Кој е овој ’аголен, скапоцен‘ камен? Апостол Петар ги цитирал тие зборови и ги применил на Исус Христос (1. Петрово 2:6). Кога т.н. христијанство би барало мир со Јеховиниот Цар, Исус Христос, би го избегнало претстојниот разорен виор. (Спореди Лука 19:42-44.)
10. Во што сѐ се вмешало т.н. христијанство?
10 Меѓутоа, не го прави тоа. Наместо тоа, во својата потрага по мир и безбедност, тоа се умилкува на наклоноста на политичките водачи на народите — и покрај библиското предупредување дека пријателството со светот е непријателство со Бог (Јаков 4:4). Освен тоа, во 1919 силно ја заговарало Лигата на народите како најдобрата надеж на човекот за мир. Од 1945 па наваму својата надеж ја ставило во Обединетите нации. (Спореди Откровение 17:3, 11.) Колку е обемна неговата ангажираност во таа организација?
11. Каква улога игра религијата во Обединетите нации?
11 Една неодамна објавена книга ни дава слика за тоа кога наведува: ”Не помалку од 24 католички организации имаат претставници во ОН. Многу светски религиозни водачи ја посетиле таа меѓународна организација. Најзначајни посети беа оние на Неговата Светост Папата Павле VI за време на генералното собрание 1965 и на Папата Јован Павле II во 1979. Многу религии имаат посебни повици, молитви, химни и служби за Обединетите нации. Најважни се оние на католичката, унитаријанско-универзалистичката, баптистичката и бахаи верата.“
Залудни надежи за мир
12, 13. Зошто Јеховините сведоци се уверени дека нивните предупредувања се вистинити и покрај распространетите надежи дека мирот е на повидок?
12 Еден од најмоќните светски политички водачи ги изразил надежите на многумина кога рекол: ”Оваа генерација на луѓе на Земјата можеби ќе биде сведок за доаѓањето на едно неповторливо раздобје на мир во историјата на цивилизацијата.“ Дали бил во право? Дали неодамнешниот развој на настаните значи дека предупредувањата на Јеховините сведоци во врска со Јеховиното извршување на пресуда над народите нема да се остварат? Дали Јеховините сведоци не се во право?
13 Напротив; тие се во право. Знаат дека ја зборуваат вистината затоа што имаат доверба во Јехова и во Библијата, која е Божја Реч на вистината. Во писмото до Тит 1:2, пишува: ”Бог (...) не лаже“. Затоа имаат потполна доверба дека, кога библиското пророштво вели дека нешто ќе се случи, тогаш сигурно ќе се случи. Самиот Јехова вели: ”Така ќе се покаже мојот збор кој излегува од мојата уста. Нема да се врати кај мене без учинок, туку сигурно ќе го направи она што ми е по волја“ (Исаија 55:11, NW).
14, 15. (а) Што објавиле водачите на Јуда кратко пред уништувањето на Ерусалим во 607 пр.н. е.? (б) Што прорекол Павле дека ќе се објави пред да дојде ненадејното уништување над овој свет? (в) Што можеме да очекуваме во кулминацијата на објавата проречена во 1. Солунјаните 5:3?
14 Во годините пред разурнувањето на Ерусалим 607 пр.н. е., Еремија известил дека водачите извикувале: ”Мир, мир“ (Книга пророк Јеремија 8:11). Но, тоа било лага. Ерусалим бил уништен во исполнување на инспирираните предупредувања на Јеховините вистински пророци. Апостол Павле преупредил дека нешто слично ќе се случи во наше време. Рекол дека луѓето ќе извикуваат ”Мир и безбедност!“. Но тогаш, рекол тој, ”ненадејно ќе нападне врз нив пропаст“ (1. Солунјаните 5:3, Ба).
15 Откако влеговме во 1990-те, весниците и списанијата насекаде говорат дека студената војна е завршена и дека конечно на повидок е светски мир. Но тогаш ненадејно изби војна на Блискиот Исток. Меѓутоа, порано или подоцна, светската ситуација ќе се развие до таа точка, што повикот ”Мир и безбедност!“, проречен во 1. Солунјаните 5:2, 3, ќе достигне кулминација. Ние со своите надежи цврсто закотвени во Божјата Реч, знаеме дека, кога ќе се достигне таа кулминација, брзо и непогрешиво ќе бидат извршени Божјите пресуди. Никакви набрзина донесени објави на мир и безбедност не би смеело да нѐ наведат да помислиме дека уништувањето кое Бог го прорекол нема да дојде. Јеховините судови непроменливо се забележани во неговата Реч, Библијата. Т.н. христијанство, заедно со сите други лажни религии, ќе биде уништено. А тогаш Јехова ќе ги изрази своите пресуди на уништување против остатокот од Сатанскиот свет (2. Солунјаните 1:6-8; 2:8; Откровение 18:21; 19:19-21). Бидејќи Јеховините сведоци се уверени дека Јехова ќе го исполни својот збор, и понатаму стражарат под водството на класата на верниот и разумен роб и внимателно го следат развојот на светските настани (Матеј 24:45-47). Навистина, никакви напори на луѓето кон остварување на мир не би смеело да нѐ наведат да помислиме дека Јехова ја напуштил својата намера да наведе разорен виор на уништување над т.н. христијанство натоварено со грев.
’Бог е нашето засолниште‘
16, 17. Како реагираат Јеховините сведоци ако некои се навредени поради нивната отвореност?
16 Некои можеби се чувствуваат навредени поради отвореноста со која Јеховините сведоци го објавуваат тоа. Меѓутоа, кога велат дека верските владетели на т.н. христијанство зеле засолниште во лажните уредувања, тие само го пренесуваат она што го вели Библијата. Кога велат дека т.н. христијанство заслужува казна затоа што станало дел од светот, само го известуваат она што самиот Бог го кажува во Библијата (Филипјаните 3:18, 19). Освен тоа, бидејќи т.н. христијанство ја положило својата доверба во плановите што ги прави овој свет, тоа всушност го поддржува богот на овој свет, Сатана Ѓаволот, за кого Исус рекол дека е татко на лагата (Јован 8:44; 2. Коринтјаните 4:4).
17 Според тоа, Јеховините сведоци објавуваат: Што се однесува до нас, ние не негуваме лажни надежи за светски мир затоа што се менува политичката сцена. Наместо тоа, ги повторуваме зборовите на псалмистот: ”Бог е наше засолниште! (...) Синовите човечки се само мал здив, децата човечки се лага: сите да се стават на вага, би биле полесни од здив“ (Псалми 62:8, 9, Ст). Човечките планови да го развиваат и зачуваат т.н. христијанство и остатокот од овој систем претставуваат измама, лага! Сите тие заедно немаат повеќе сила да ги претекнат Јеховините намери отколку што има здив во устата!
18. Кое преупредување на псалмистот е соодветно денес?
18 Јеховините сведоци го цитираат и Псалм 33, од 17. до 19. стих, кој објавува: ”Залудно е да се надева за спасение од коњот [египетскиот боен], силата негова не избавува. Окото Јахвино е над оние кои се плашат од него, над оние кои имаат доверба во милоста негова: да им го спаси животот од смртта, да ги храни во деновите на глад“ (Ст). Денес, вистинските христијани имаат доверба во Јехова и во неговото небесно Царство, единственото уредување кое може да донесе траен мир.
Христијанството ’сотрено‘
19. Зошто е илузија довербата во политичките организации дека ќе донесат светски мир?
19 Да се има доверба во некоја замена за Божјето Царство направена од човек ја прави таа замена лик, предмет на обожавање (Откровение 13:14, 15). Така и поттикнувањето на доверба во политичките институции за мир и безбедност, како Обединетите нации, е илузија, лага. Во врска со таквите предмети на лажни надежи, Еремија вели: ”Неговиот лиен лик е лажливост, и нема дух во нив. Тие се ништожност, дело за потсмев. Во времето кога ќе им се оддаде внимание ќе пропаднат“ (Еремија 10:14, 15, NW). Според тоа, воените коњи на претсликата Египет, односно воено-политичката моќ на денешните народи, нема да го заштитат религиозното царство на т.н. христијанство во денот на неговата осуда. Сојузот на религиите на т.н. христијанство со овој свет сигурно нема да успее да ги заштити.
20, 21. (а) Што се случило со Лигата на народите и зошто Обединетите нации нема да минат подобро? (б) Како покажал Исаија дека т.н. христијанство нема да го спасат неговите сојузи со светот?
20 Т.н. христијанство ги полагало своите надежи во Лигата на народите, но била соборена и без доаѓањето на Армагедон. Својата верност сега ја префрлило на Обединетите нации. Меѓутоа, наскоро ќе мора да се соочи со ’војната во оној голем ден на Бога Седржителот“ и нема да преживее (Откровение 16:14). Дури ни повторно оживеаните ОН никогаш не можат да донесат мир и безбедност. Божјата пророчка Реч покажува дека Организацијата на обединетите нации со своите земји членки ’ќе војуваат против [Ј]агнецот [Христос во Царска сила], и [Ј]агнецот ќе ги победи, оти Он е Господар над господарите и Цар над царевите“ (Откровение 17:14).
21 Јеховините сведоци со сигурност велат дека за т.н. христијанство нема спасение во неговите сојузи со Сатанскиот свет. А кога го велат тоа, само укажуваат на она што го кажува самата Библија. Исаија 28:17, 18 го цитира Јехова кој вели: ”’Правото ќе го земам за мерка а правдата за вага.‘ И град ќе ви го сотре засолништето на лагата, а водата ќе го поплави скривалиштето; ќе пропадне вашиот сојуз со смртта, и вашиот договор со Подземјето нема да се одржи. Кога ќе помине разорниот камшик, ќе ве сотре“ (Ст).
22. Што ќе уследи кога ќе биде применета совршената правда на т.н. христијанство?
22 Кога ќе се спроведе Јеховината одлука, тоа ќе биде во склад со совршената правда. А темелот за доверба на т.н. христијанство, неговиот ”сојуз со смртта“, потполно ќе биде однесен како од порој. Исаија понатаму вели: ”Секогаш кога ќе пројде, ќе ве дофати; ќе поминува секое утро, дење и ноќе. Самиот ќе ве упати во објавата“ (Исаија 28:19, Ст). Колку ќе биде застрашувачки за набљудувачите кога ќе бидат сведоци на потполната сила на Јеховиниот суд! Колку ужасно ќе биде тоа за свештенството на т.н. христијанство и нивните следбеници кога ќе увидат, но предоцна, дека имале доверба во лага!
Јеховиното име цврста кула
23, 24. Што ќе прават Јеховините сведоци, наместо да бараат безбедност во овој свет?
23 Но, како е со Јеховините сведоци? И покрај омразата и прогонството во сите земји, тие се одлучни да се држат одделени од светот. Никогаш не забораваат дека Исус за своите следбеници рекол: ”Тие не се од светот, како и Јас што не сум од него“ (Јован 17:16). Во овие последни денови својата доверба ја ставиле во Јеховиното Царство, а не во човечките планови. Според тоа, несреќата на т.н. христијанство нема да ги застраши Јеховините сведоци. Како што прорекол Исаија: ”Никој кој покажува вера, нема да падне во паника“ (Исаија 28:16, NW).
24 Во Изреките 18:10 стои: ”Јеховиното име е цврста кула. Праведниот втрчува во неа и добива заштита.“ Затоа ги повикуваме сите луѓе слични на овци да се засолнат кај Јехова и во неговото Царство под Христос. Јеховиното скривалиште не е лажно! Неговото Царство под Христос не е лага! Засолништето на т.н. христијанство е лага, а засолништето на вистинските христијани е вистината.
Дали можеш да објасниш?
◻ Како древната Јуда побарала засолниште во лагата?
◻ На кој начин т.н. христијанство се обидело да се сокрие во измама?
◻ Како Исаија ја предупредил Јуда, и како Јеховините сведоци изговараат слично предупредување денес?
◻ Како т.н. христијанство ќе открие дека неговата доверба била погрешна?
◻ Каков став задржуваат Јеховините сведоци спротивно на т.н. христијанство?
[Рамка на страница 17]
ИЗРАЗЕНИ СЕ ВИСОКИ НАДЕЖИ ВО ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ
”За првпат од II Светска војна, меѓународната заедница е обединета. Водството на Обединетите нации, некогаш само идеал за надевање, сега ја остварува визијата на своите основачи. (...) Затоа, светот може да ја искористи оваа прилика да го исполни долго одржуваното ветување за нов светски поредок.“ Претседателот на САД Буш во својата порака до американската нација, 29. јануари 1991.