Улогата на жената во Библијата
”Нека ѝ биде името жена, зашто е земена од мажот!“ (1. МОЈСЕЕВА 2:23).
1, 2. (а) Какво е библиското гледиште за жените според мислењето на некои луѓе? (б) Каква споредба треба да направиме за да не бидеме пристрасни, и што пишува во еден прирачник?
КАКВО е библиското гледиште за жените? Мислењата околу тоа се разновидни. Во една книга неодамна издадена на таа тема, стои: ”Општо е прифатено мислењето дека Библијата ги омаловажува жените.“ Некои луѓе тврдат дека и во својот хебрејски и во својот грчки дел Библијата е строга спрема жените. Дали тоа е вистина?
2 За да не бидеме пристрасни, соодветно е прво да испитаме како се постапувало со жените во библиско време, меѓу народите кои не го обожавале Јехова. Во некои древни цивилизации кои ја обожавале мајка-божица, на жените им се искажувала чест како на симболи на плодноста. Изгледа дека биле високо почитувани во Вавилон и Египет. Но на други места не било така. Во древна Асирија, мажот, ако сакал, можел да ја напушти својата жена, и дури да ја убие ако била неверна. Вон куќата, таа морала да носи фереџе. Во Грција и Рим само богатите жени, од кои многу биле куртизани, или проститутки на високото друштво, можеле да се школуваат и уживале извесна мера на слобода. Затоа е охрабрувачки кога читаме во делото The New International Dictionary of New Testament Theology (Нов меѓународен речник на теологијата на Новиот завет):a ”За разлика од останатиот ориентален (религиозен) свет, таа [жената во Хебрејските списи] се признава како личност и како партнер на својот маж.“ Тоа е јасно изразено во заклучната книга од Хебрејските списи, во која Јеховиниот пророк ја опишува жената како ”помошничка“ на својот маж, и додава: ”Никој да не ја изневерува жената од својата младост“ (Книга пророк Малахија 2:14, 15, Свето писмо на македонски јазик, Британско и инострано библиско друштво).
Создадена како надополнение на мажот
3 и фуснота. (а) Кои задачи му ги дал Јехова на Адам кога го создал? (б) Што е вистината за Адам пред создавањето на Ева, иако до тогаш сѐ уште немал жена, и што исто така било вистинито за ”последниот Адам“, Исус?
3 Според Библијата, Јехова го создал Адам ”од земски прав“ и го сместил во Еденската градина, да ја одгледува. Бог ги довел дивите животни од полето и суштествата кои летаат кај Адам за да може да ги проучува и им даде имиња. За сето време кое му било потребно да го стори тоа, Адам бил сам. За извршување на задачите кои Јехова му ги доверил дотогаш, тој бил совршен, потполн и ништо не му недостасувало.b Тој немал ’помошничка, како свое надополнение‘ (1. Мојсеева 2:7, 15, 19, 20, NW).
4, 5. (а) Кога повеќе не било добро Адам да биде и понатаму сам, што направил Јехова? (б) Каква долгорочна задача им дал Јехова на Адам и Ева, и што барало тоа од двајцата?
4 Меѓутоа, после извесно време, Јехова изјавил дека ”не е добро човекот да е сам“ (ДК), и се погрижил Адам да добие другарка, која со него би учествувала во задачите кои претстоеле. Тој го успал Адам, му извадил едно од неговите ребра и од него создал жена, ’коска од Адамовите коски, и тело од неговото тело‘ (ДК). Сега Адам имал ”помошничка“, ”надополнение“ или слика која одговара на неговата. ”И ги благослови Бог, и им рече: ’Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа, и овладајте ги рибите морски, и ѕверовите, и птиците, и сиот добиток, и со целата земја, и со сите животни што лазат по земјата‘“ (1. Мојсеева 1:25, 28; 2:18, 21-23).
5 Забележи дека оваа задача ’им‘ била дадена ’ним‘, и на мажот и на жената. Нивната соработка не би била ограничена само на тоа да ја наполнат Земјата. Исто така би вклучувала потчинување на Земјата и вршење на соодветна власт над сите пониски суштества. За тоа би биле потребни интелектуални и духовни особини, а обајцата, и мажот и жената, го имале потребниот потенцијал да ги развиваат во склад со Божјата волја.
Разумната улога на жената
6. (а) Што кажува Библијата за односот на телесната сила на човекот и на жената? (б) Како жените би направиле добро да размислат за тоа да го прифатат Јеховиното уредување?
6 Се разбира, за потчинувањето на Земјата била потребна и телесна сила. Во својата неограничена мудрост, Јехова прво го создал Адам, а потоа Ева. Таа била создадена ”од мажот“, ”за мажот“, и очигледно со послаба телесна сила од човекот (1. Тимотеј 2:13; 1. Коринтјаните 11:8, 9; спореди 1. Петрово 3:7). Тоа е животен факт кој многу феминистки, а и некои други жени, изгледа тешко го прифаќаат. Тие сигурно би биле посреќни кога би се обиделе да разберат зошто Јехова така ги уредил работите, и така да ја прифатат улогата која Бог им ја доделил. Лицата кои се жалат на Божјите подготовки би можеле да се споредат со славејче кое се мурти во своето гнездо затоа што не е толку силно како галебот, наместо да слета на висока гранка и благодарно да пее за единствениот дар што му го дал Бог.
7. Зошто Адам бил во можност да спроведува поглаварство над Ева и над децата кои би се родиле, и дали тоа било на штета на Ева?
7 Пред да биде Ева создадена, Адам без сомнение стекнал многу искуство во животот. За тоа време, Јехова му дал одредени упатства. Адам требало да ѝ ги пренесе на својата жена, и така да служи како Божји говорник. Логично е дека тој требало да предводи во сите работи во врска со обожавањето и на Бог допадливите активности кои требало да ги извршат за да ја исполнат својата задача. Кога ќе им се родат деца, тој би бил поглавар на семејството. Но, тоа не би било на штета на неговата жена. Напротив, тоа би било на нејзина корист, бидејќи би имала некој кој ќе ја поддржува додека го спроведува својот од Бог даден авторитет над своите деца.
8. Кое божествено уредување е прикажано во Библијата?
8 Според божествениот ред, Адам бил одговорен пред Јехова, Ева била под поглаварството на Адам, децата би биле под водството на своите родители, а животните биле во потчинетост на луѓето. Човекот и жената имале свои одредени улоги, и секој од нив можел да води среќен и продуктивен живот. На тој начин, ’сѐ можело да се одвива пристојно и по ред‘ (1. Коринтјаните 11:3; 14:33, 40, NW, фуснота).
Гревот ја искривил улогата на жената
9, 10. Какви биле последиците од паѓањето во грев за човекот и жената, и што тоа донело за многу жени?
9 Се разбира дека пробивот на гревот и несовршеноста во првобитниот Рај го нарушил ова складно уредување (Римјаните 7:14-20). Тоа му донело тешкотии на бунтовниот човек и неговата непослушна жена (1. Мојсеева 3:16-19). Оттогаш, многу себични мажи ја злоупотребувале својата положба која им припаѓа според правото, нанесувајќи им многу страдања на жените низ вековите.
10 Предвидувајќи ја оваа нарочна последица на гревот, Јехова ѝ рекол на Ева: ”Длабоко ќе копнееш по својот маж, а тој ќе владее над тебе“ (1. Мојсеева 3:16, NW). Оваа злоупотреба на владеење не била правилно извршување на поглаварството. Таа е израз на грешната состојба на човекот како и несовршеноста на жената, затоа што жените понекогаш страдаат бидејќи се обидуваат да го присвојат авторитетот на своите мажи.
11. Што е вистинито за многу жени, и што напишала една писателка за жените од патријархално доба?
11 Но до онаа мера до која се следеле библиските начела, многу жени нашле исполнетост и среќа. Така било уште во времето на патријарсите. За тоа време зборува авторката Лора Анар во својата книга La Bible au Féminin (Библијата во женски род), и пишува: ”Она што е особено истакнато во сите тие извештаи е важната улога која ја имале жените, нивниот углед во очите на патријарсите, нивната смела иницијативност и атмосферата на слобода во која живееле.“
Жените под Мојсеевиот закон
12, 13. (а) Каков бил статусот на жените под Мојсеевиот Закон? (б) Како стоеле жените во духовен поглед под Законот?
12 Според Јеховините закони дадени преку Мојсеј, жените требало да бидат ’ценети‘ (5. Мојсеева 13:6, NW). Достоинството на жената требало да се почитува во сексуален поглед, и ниедна жена не смеело сексуално да се злоупотреби (3. Мојсеева 18:8-19). Мажите и жените биле еднакви пред законот ако би се утврдило дека се криви за прељуба, родосквернавење или бестијалност (3. Мојсеева 18:6, 23; 20:10-12). Петтата заповед барала еднакво да се почитува таткото и мајката (2. Мојсеева 20:12).
13 Над сѐ, Законот потполно им овозможил на жените да ја развијат својата духовност. Тие извлекувале корист од читањето на Законот (Исус Навин 8:35; Неемија 8:2, 3). Од нив се барало да ги слават религиозните празници (5. Мојсеева 12:12, 18; 16:11, 14). Учествувале во седмичниот Сабат и можеле да положат назирејски завет (2. Мојсеева 20:8; 4. Мојсеева 6:2, ДК). Имале личен однос со Јехова и индивидуално му се молеле (1. Самоилова 1:10, ДК).
14. Што кажува католичкиот библичар за хебрејските жени, и што може да се каже за улогата на жената под Законот?
14 Коментирајќи за хебрејските жени, католичкиот библичар Ролан де Во пишува: ”Сета тешка работа во куќата сигурно паѓала врз неа; се грижела за стадата, работела на полињата, готвела храна, ткаела и слично. Меѓутоа, целата оваа очигледно напорна работа, ни малку не го намалувала нејзиниот статус, туку ѝ донесувала углед. (...) А оние ретки делови кои ни даваат бегол поглед во интимата на семејниот живот, покажуваат дека мажот ја сакал и ја слушал израелската жена, и се однесувал кон неа како кон еднаква на себе. (...) И нема сомнение дека тоа била вообичаената слика. Тоа бил верен одраз на науката од Книгата Постанок која се чувала како светиња, каде за Бог се вели дека ја создал жената како помошничка на мажот, за која тој мора да се прилепи (Пост. 2:18, 24); а последното поглавје на Изреките ги опејува фалопојките за добрата домаќинка, која нејзините деца ја благословуваат и која е гордост на својот маж (Изр. 31:10-31)“ (Ancient Israel—Its Life and Institutions). Неоспорно е дека, кога се следел Законот во Израел, со жените не се постапувало лошо.
Истакнати жени
15. (а) Како однесувањето на Сара го прикажува правилниот однос помеѓу мажот и жената? (б) Зошто е вреден да се забележи случајот со Рахава?
15 Хебрејските списи содржат многу примери на жени кои биле истакнати слугинки на Јехова Бог. Сара дава прекрасен пример за тоа како една побожна жена може истовремено да биде покорна на својот маж и да му помага во донесување на одлуки (1. Мојсеева 21:9-13; 1. Петрово 3:5, 6). Случајот со Рахава е вреден за внимание. Покажува дека Јехова е лажно обвинет дека има расни предрасуди и дека е строг спрема жените. Рахава била неизраелска блудница. Не само што Јехова ја прифатил како обожавателка, туку поради нејзината голема вера поткрепена со дела, вклучувајќи ја и промената на начинот на живеење, ја прогласил за праведна. Освен тоа, тој ја наградил со истакнатата предност да стане предок на Месијата (Матеј 1:1, 5; Евреите 11:31; Јаков 2:25).
16. Каков пример пружила Абигајла, и зошто бил оправдан нејзиниот начин на постапување?
16 Примерот со Абигајла покажува дека Јехова не бара жената да му биде слепо подложна на својот маж. Нејзиниот маж бил богат човек, со големи стада овци и кози. Но, бил ”тврд и лош во своите дела“. Абигајла одбила да го следи својот маж на неговиот лош пат. Покажала претпазливост, разбирање, понизност и досетливост, и спречила една ситуација која можела да биде катастрофална за нејзиниот дом и била богато благословена од Јехова (1. Самуелова 25:2-42, Ба).
17. (а) Каква истакната предност имале жените во Израел? (б) Каква поука содржи примерот со Мирјам за христијанките на кои можеби им се доделени одредени службени предности?
17 Неколку жени биле дури и пророчици. Една од нив била Девора, во времето на Судиите (Судиите, 4. и 5. поглавје). Хулда послужила како пророчица во Јуда, пред самото уништување на Ерусалим (2. Царевите 22:14-20). И случајот со Мирјам е вреден да се забележи. Иако за неа се зборува како за пророчица, испратена од Јехова, очигледно дека таа предност во една прилика ѝ удрила в глава. Не го признала авторитетот кој Јехова му го дал на нејзиниот помлад брат Мојсеј да го води Израел, и поради тоа била казнета, иако очигледно се покајала и повторно се вратила (2. Мојсеева 15:20, 21; 4. Мојсеева 12:1-15; Михеј 6:4).
Жените под јудаизмот
18, 19. Каков бил статусот на жените под јудаизмот, и како дошло до тоа?
18 Како што видовме, Мојсеевиот закон ги штител правата на жените и, кога се следел, им овозможувал на жените да живеат задоволно. Меѓутоа, како што времето минувало, особено после уништувањето на Ерусалим 607 пр.н.е, се развила религијата на јудаизмот, која повеќе се темелела на усни преданија отколку на пишаниот Јеховин Закон. Од четвртиот век пр.н.е. па наваму, јудаизмот во голема мера попримил грчка филозофија. Голем дел од грчките филозофи малку обрнувале внимание на правата на жените, па во рамките на јудаизмот дошло до еднаков пад на статусот на жените. Од третиот век пр.н.е, жените почнале да се одвојуваат од мажите во еврејските синагоги и се одвраќале од читањето на Тората (Мојсеевиот Закон). Encyclopaedia Judaica признава: ”Како последица на тоа, имало многу малку школувани жени.“ Образованието било првенствено за момчињата.
19 Во својата книга Jerusalem in the Time of Jesus (Ерусалим во времето на Исус), Џ. Џеремијас пишува: ”Ако се земат предвид сите работи, положбата на жените во религиозното законодавство е најдобро изразена во оваа постојано повторувана формула: ’Жени, (пагански) робови и деца‘. (...) Кон сето тоа можеме да додадеме дека постоеле многу презирни мислења изразени за жените. (...) Затоа имаме впечаток дека јудаизмот во Исусово време исто така имал многу ниско мислење за жените.“
Верни жени кои го очекувале Месијата
20, 21. (а) Кои се нашле меѓу оние кои внимателно исчекувале додека се приближувало времето за Месијата, и покрај презривиот став на еврејските религиозни водачи спрема жените? (б) Што покажува дека Елисавета и Марија имале длабока оддаденост на Бог?
20 Овој омаловажувачки став спрема жените бил уште еден начин на кој еврејските рабини со своето предание ’ја обезвредиле речта Божја‘ (Марко 7:13, NW). Но и покрај овој презир, бидејќи се приближувало времето на доаѓањето на Месијата, некои на Бог оддадени жени будно исчекувале. Една од нив била Елисавета, жената на левитскиот свештеник Захарија. Таа и нејзиниот маж биле ”праведни пред Бога, постапувајќи според сите заповеди и повелби Господови [Јеховини]“ (Лука 1:5, 6). Јехова покажал наклоност спрема Елисавета со тоа што, иако била неротка и веќе во години, станала мајка на Јован Крстител (Лука 1:7, 13).
21 Поттикната од светиот дух, Елисавета изразила длабока љубов кон уште една на Бог оддадена жена од тоа време, роднината по име Марија. Кога кон крајот на 3. пр.н.е, ангелот Габриел ѝ соопштил на Марија дека на чудесен начин ќе зачне дете (Исус), тој ѝ се обратил со ”Високо почестена“, и додал: ”Јехова е со тебе.“ Набргу после тоа, Марија ја посетила Елисавета, која ја благословила и неа и нероденото дете што го носела, нарекувајќи го Исус свој ”Господ“ дури пред да се роди. На тоа, Марија почнала да изразува фалба за Јехова, кое силно сведочи за нејзината длабока оддаденост на Бог (Лука 1:28, 31, 36-55, NW).
22. Која богобојазлива жена после раѓањето на Исус покажала дека е меѓу оние кои го очекувале Месијата?
22 Кога се родил Исус и кога Марија го однела во храмот во Ерусалим да го претстави на Јехова, уште една богобојазлива жена, пророчицата Ана, во поодминати години, ја изразила својата радост. Почнала да го фали Јехова и им зборувала за Исус на сите оние кои желно го очекувале ветениот Месија (Лука 2:36-38).
23. Како зборува апостол Петар за верните претхристијански жени, и кои прашања ќе бидат разгледани во следната статија?
23 Затоа, кога се приближило времето за Исусовата земска служба, сѐ уште имало ’свети жени, кои се надевале на Бога‘ (1. Петрово 3:5). Некои од тие жени станале ученици на Христос. Како се однесувал Исус спрема нив? И дали денес има жени кои радо ја прифаќаат својата улога како што ја опишува Библијата? Овие прашања ќе бидат разгледани во следната статија.
[Фусноти]
a Том 3, стр. 1055.
b ”Последниот Адам“, Исус Христос, исто така бил совршен, потполн човек, иако немал човечка жена (1. Коринтјаните 15:45).
Прашања за повторување
◻ Како постапувањето спрема жените во Израел се разликувало од она во другите земји?
◻ Во каква взаемна положба биле Адам и Ева, и зошто?
◻ Каква била положбата на Израелките под Законот, и дали во поглед на духовноста биле во неповолна положба?
◻ Кои се некои од поуките кои можат да се извлечат од животот на истакнатите жени во Хебрејските списи?
◻ Кои прекрасни примери на вера можат да се најдат и покрај гледиштата во јудаизмот?
[Рамка на страница 10]
”ЖЕНАТА КОЈА СЕ ПЛАШИ ОД ЈЕХОВА“
10 Кој ќе најде жена добродетелна? Таа е поскапа и од најскапоцените камења. 11 Срцето на мажот нејзин е убедено во неа, тој нема да остане без добивка; 12 таа ќе му прави добро на мажот свој, во сите дни од животот негов. 13 Набавува волна и лен, и весело работи со рацете свои. 14 Таа е како трговски кораб, — оддалеку си донесува храна. 15 Таа станува уште пред ноќта и дава храна во куќата своја и им определува работа на слугинките свои. 16 Ќе помисли ли за нива, ја купува; од плодот на рацете свои си насадува лозје. 17 Ја препашува со сила половината своја и ги зацврстува мишките свои за работа. 18 Таа гледа колку е добро што работи, и светилката нејзина не гасне ноќе. 19 Ги протега рацете кон фурката, и прстите нејзини се фаќаат за вретеното. 20 Дланката своја му ја отвора на сиромав, и раката своја на оној, кој има нужда, му ја подава. 21 Не се плаши од студ за челадта своја, зашто сета челад нејзина е облечена во двојни алишта. 22 Таа си ткае покривачи; од висон и пурпур е нејзината облека. 23 Мажот нејзин е познат кај портите, кога седи со старешините на земјата. 24 Таа работи покривки и ги продава, на Финикијците и појаси на Хананејците. 25 Здравје и убавина е нејзината облека, и весело гледа на иднината. 26 Со мудрост ја отвора устата своја, и кротка поука има на јазикот нејзин. 27 Го надгледува домаќинството свое и не јаде леб во леност. 28 Стануваат децата и ја ублажуваат, — мажот, и тој ја фали: 29 ’многу жени добродетелни имало, многу од нив стекнале богатство и сила, но ти ги надмина сите.‘ 30 Миловидноста е примамлива и убавината — суетна; но жена, која се плаши од Господа [Јехова, NW], е достојна за пофалба. 31 Дајте ѝ од плодовите на нејзините раце, и нека се прославува при мажот нејзин, при градските порти! (Книга Мудри Соломонови изреки 31:10-31, Свето писмо на македонски јазик, издание на Британското и инострано библиско друштво — Лондон.)
[Слика на страници 8 и 9]
Положбата на жената во семејството била достоинствена