Направи ги Јеховините вечни раце своја поткрепа
”Вечниот Бог е твое живеалиште, а одоздола се вечните раце“ (5. МОЈСЕЕВА 33:27, American Standard Version).
1, 2. Зошто може Јеховиниот народ да биде сигурен во неговата поткрепа?
ЈЕХОВА се грижи за својот народ. На пример, за време на сите неволји на Израелците, ”тој беше тажен“! Во љубов и сочувство, тој ’ги подигал и ги носел цело време‘ (Исаија 63:7-9, ДК). Затоа, ако сме му верни на Бог, можеме да бидеме уверени во неговата поткрепа.
2 Пророкот Мојсеј рекол: ”Скровиште е Богот од старо време, а одоздола се наоѓаат рацете кои траат до недогледно време“ (5. Мојсеева 33:27, NW). Во еден друг превод стои: ”Вечниот Бог е твое живеалиште, а одоздола се вечните раце“ (American Standard Version). Но, како Божјите раце ги поткрепуваат неговите слуги?
Зошто толку многу потешкотии?
3. Кога послушното човештво во потполност ќе се радува на ”слободата на славата на Божјите деца“?
3 Служењето на Јехова не нѐ заштитува од неволјите кои се вообичаени за несовршените луѓе. Божјиот слуга Јов рекол: ”Човекот кого го родила жена е со краток век и полн со неволји“ (Јов 14:1, Ст). Што се однесува до ’деновите на нашите години‘, псалмистот рекол: ”Повеќето од нив се мака и ништожност“ (Псалми 90:10, Ст). Животот ќе биде таков сѐ додека ’творбата не се ослободи од ропството на распадливоста за да учествува во слободата на славата на Божјите деца‘ (Римјаните 8:19-22, Ст). Тоа ќе се случи за време на Христовото Илјадагодишно Владетелство. Човечките поданици на Царството тогаш ќе доживеат ослободување од гревот и смртта на темел на Исусовата откупна жртва. До крајот на Милениумот, Христос и неговите придружени цареви-свештеници ќе му помогнат на послушното човештво да достигне совршенство, а имињата на оние кои му се лојални на Бог во текот на конечниот испит од Сатана и неговите демони, ќе бидат трајно запишани во ”книгата на животот“ (Откровение 20:12-15). Тогаш тие во потполност ќе се радуваат на славната слобода на Божјите деца.
4. Што би требало да правиме наместо да се жалиме на своите животни околности?
4 Во меѓувреме, наместо да се жалиме на своите животни околности, да ја ставиме нашата доверба во Јехова (1. Самоилова 12:22; Јуда 16). Исто така да бидеме благодарни за нашиот Првосвештеник, Исус, преку кого можеме да му се приближиме на Бог ”за да добиеме милост и да најдеме незаслужена доброљубивост како помош во вистинско време“ (Хебреите 4:14-16, NW). Никогаш не би требало да бидеме како Адам. Всушност, тој погрешно го обвинил Јехова дека му дал лоша жена, велејќи: ”Жената, која ми ја даде Ти, таа ми даде од дрвото, и јас јадев“ (1. Мојсеева 3:12). Бог дава добри работи и не ни нанесува тешкотии (Матеј 5:45; Јаков 1:17). Неволјите се често резултат на нашиот недостаток на мудрост или на грешките на некој друг. Тие можат да ни се случат и затоа што сме грешни и живееме во свет кој лежи во власта на Сатана (Изреките 19:3; 1. Јованово 5:19). Сепак, Јеховините вечни раце секогаш ги поткрепуваат неговите лојални слуги кои во молитва ја ставаат довербата во него и лично го применуваат советот од неговата Реч (Псалми 37:5; 119:105, ДК).
Поткрепени за време на болест
5. Какво охрабрување во Псалми 41:2-4 можат да најдат оние кои се болни?
5 Болеста повремено нѐ погодува повеќето нас. Сепак, Давид рекол: ”Блазе си му на оној кој мисли на бедниот и слабиот: во денот на неволја Јахве ќе го спаси! Јахве ќе го штити и сочува жив, ќе му даде среќа на земјата, и нема да го предаде на волјата на душманите. Јахве ќе го поткрепи на болесничката постела, болеста ќе му ја сврти во сила“ (Псалми 41:2-4, Ст [41:1-3, NW]).
6, 7. Како Бог му помогнал на Давид кога бил на болесничка постела, и како може тоа да ги охрабри Јеховините слуги?
6 Обѕирниот човек им помага на оние кои трпат оскудица. ”Денот на неволја“ може да биде која и да е несреќна околност или подолг период на потешкотии кои го ослабуваат поединецот. Тој има доверба во Бог дека ќе го чува за време на немоќта, а другите ’добиваат среќа на земјата‘ со тоа што ја шират веста за Јеховините милосрдни постапувања со него. Бог го поткрепувал Давид ”на болесничката постела“, можеби во тешкиот период кога Давидовиот син Авесалом се обидувал да го приграби престолот во Израел (2. Самоилова 15:1-6).
7 Бидејќи покажувал обѕирност спрема скромните, Давид чувствувал дека Бог ќе го поткрепи додека е беспомошен на болесничката постела (Псалми 18:24-26). Иако бил тешко болен, бил сигурен дека Бог ќе ја ’сврти неговата болест‘, не со тоа што на зачудувачки начин ќе ја отстрани болеста, туку со тоа што ќе го јакне со утешни мисли. Тоа би било исто како Јехова да ја променува неговата постела од болесничка во постела на оздравување. Слично и ние ако страдаме од некоја болест како Божји слуги, Јеховините вечни раце ќе нѐ поткрепат.
Утеха за потиштените
8. Како еден болен христијанин ја покажал својата зависност од Бог?
8 Болеста може да предизвика душевна депресија. Сериозно болниот христијанин понекогаш нема доволно сила ни за читање. ”Тоа кај мене создава многу депресии, чувства на безвредност, па дури и солзи“, вели тој. Бидејќи знае дека Сатана сака да го скрши со чувство на обесхрабреност, тој се бори, свесен дека со Јеховина помош не може да падне (Јаков 4:7). Тој човек е охрабрување за другите кои знаат дека тој има доверба во Бог (Псалми 29:11). Дури и кога е во болница, тој им телефонира на болните и на другите за да духовно ги зајакне. Самиот е зајакнат со слушање на касети со Царски мелодии и статии од ова и од придружното списание Пробудите се! и со тоа што се дружи со другите христијани. Тој брат вели: ”Редовно разговарам со Јехова во молитва и го молам да ми даде сила, водство, утеха и помош да издржам.“ Ако си ти христијанин/ка кој/а доживува сериозни здравствени проблеми, секогаш имај доверба во Јехова и направи ги неговите вечни раце своја поткрепа.
9. Кои примери покажуваат дека душевната депресија понекогаш ги мачи богобојазливите луѓе?
9 Депресијата е стар проблем. Додека бил под искушение, Јов зборувал како човек кој чувствувал дека е напуштен од Бог (Јов 29:2-5). Загриженоста поради опустошената состојба на Ерусалим и неговите ѕидини го направиле Неемија потиштен, а Петар бил толку потиштен заради тоа што се одрекол од Исус, што горко плачел (Неемија 2:1-8; Лука 22:62). Епафродит бил потиштен затоа што христијаните во Филипи слушнале дека паднал болен (Филипјаните 2:25, 26). Депресијата ги измачувала некои христијани во Солун, затоа што Павле ги поттикнувал тамошните браќа да ’зборуваат утешно со потиштените души‘ (1. Солунјаните 5:14, NW). Како Бог им помага на таквите поединци?
10. Што може да биде од помош во обидот да се излезе на крај со душевната депресија?
10 Во врска со лечењето на тешка депресија мора да се донесе лична одлука.a (Галатјаните 6:5). Од голема помош е доволното одмарање и урамнотежената активност. Наместо на многу проблеми да гледа како на една непремостива ситуација, за оној кој е во депресија може да биде многу подобро да работи на решавање на проблемите еден по еден. Многу корисна може да биде утешната помош од собраниските старешини, особено ако тој здравствен проблем бара духовна грижа (Јаков 5:13-15). Пред сѐ, важно е да се има доверба во Јехова, ’сите свои грижи да ги оставиме на Него, зашто Он се грижи за нас‘. Постојаната и искрена молитва може на лицето да му донесе ’Божји мир кој ќе го чува срцето и мисловните сили преку Христос Исус‘ (1. Петрово 5:6-11; Филипјаните 4:6, 7, NW).
Јехова ни помага да ја издржиме жалоста
11-13. Што може да помогне да се ублажи жалоста поради смртта на некој близок?
11 Друго болно искуство е смртта на некој близок. Авраам ја оплакувал загубата на својата жена Сара (1. Мојсеева 23:2). Кога на Давид му умрел синот Авесалом, тој бил тешко ожалостен (2. Царства 18:33). Па, дури и на совршениот човек Исус ’му навреле солзи‘ поради смртта на неговиот пријател Лазар! (Јован 11:35, ДК). Затоа сме жалосни кога смртта ќе ни одземе некој близок. Но, што може да ни помогне да ја ублажиме таа жалост?
12 Бог му помага на својот народ да ја издржи жалоста на болниот губиток. Неговата Реч кажува дека ќе има воскресение. Според тоа, ние не ’жалиме како и другите што немаат надеж‘ (1. Солунјаните 4:13; Дела 24:15). Јеховиниот дух ни помага да го зачуваме мирот и верата и да размислуваме за прекрасната иднина што е ветена во неговата Реч, наместо да сме совладани од тажни мисли заради смртта на некој драг. Утеха исто доаѓа и преку читање на Библијата и молитва до ’Богот на секоја утеха‘ (2. Коринтјаните 1:3, 4; Псалми 68:4-6, ДК).
13 Можеме да извлечиме утеха од надежта за воскресение како што извлекол богобојазливиот Јов, кој извикал: ”О да сакаш [Јехова] в гроб да ме сокриеш и да ме отстраниш додека твојот гнев не се смири, и да ми дадеш рок кога ќе се сетиш на мене! Кога ќе умре човек, ќе оживее ли? Сите денови од времето кое ми е одредено ќе чекам додека ми дојде промената. Ќе повикаш, и јас ќе ти се одѕвијам; делото на рацете свои ќе го посакаш“ (Јов 14:13-15, ДК). Обично не сме многу жалосни кога некој драг пријател заминува на пат, бидејќи очекуваме повторно да го видиме. Жалоста може да се намали ако на смртта на некој верен христијанин гледаме на сличен начин. Ако тој имал земска надеж, ќе биде разбуден од смртниот сон овде на Земјата за време на Христовото Илјадагодишно Владетелство (Јован 5:28, 29; Откровение 20:11-13). Ако и ние имаме надеж за вечен живот на Земјата, можеме да го дочекаме времето кога ќе ги пречекаме нашите воскреснати блиски.
14. Како две христијански вдовици се соочиле со смртта на своите сопрузи?
14 После смртта на својот маж, една сестра била свесна дека мора да продолжи со своите активности во Божјата служба. Покрај тоа што била ”богато вработена во делото Господово“, таа сошила покривач од 800 мали парчиња (1. Коринтјаните 15:58, NW). ”Тоа беше добар потфат“, вели таа, ”бидејќи за сето време додека работев можев да ги слушам Царските мелодии и касетите со Библијата, кое ги исполни моите мисли.“ Со радост се сеќава на посетата на еден искусен старешина и неговата жена. Старешината истакнал од Библијата дека Бог навистина се грижи за вдовиците (Јаков 1:27). Една друга христијанка не попуштила на самосожалувањето кога умрел нејзиниот сопруг. Таа ја прифатила поддршката од пријателите и покажала поголемо интересирање за другите. ”Се молев многу почесто и развив поблизок однос со Јехова“, вели таа. А колкав благослов е да се има поддршка од Божјите вечни раце!
Помош кога грешиме
15. Која е суштината на Давидовите зборови од Псалми 19:7-13?
15 Иако го љубиме Јеховиниот закон, понекогаш грешиме. Тоа секако нѐ разжалостува, како што било со Давид, за кого Божјите закони, опомени, наредби и судски одлуки биле подрагоцени отколку злато. Тој рекол: ”Твојот слуга го предупредуваат; да се држат тие донесува голема награда. Грешките — кој може да ги препознае? Од сокриените гревови прогласи ме за невин. И од вообразените постапки задржи го својот слуга; Не дозволувај да ме надвладеат. Тогаш ќе бидам потполн, И ќе останам невин од многу престапи“ (Псалми 19:7-13, NW). Да ги разгледаме овие зборови.
16. Зошто треба да ја избегнуваме вообразеноста?
16 Вообразените постапки се многу посериозен грев од грешките. Саул бил отфрлен како крал затоа што вообразено принел жртва и му го поштедил животот на амаликискиот крал Агаг и најдобриот плен, и покрај тоа што Бог му заповедал Амаликијците да бидат пердадени на уништување (1. Самоилова 13:8-14; 15:8-19). Кралот Озија бил погоден со лепра затоа што дрско посегнал по свештеничките должности (2. Дневници 26:16-21). Кога ковчегот на сојузот бил носен во Ерусалим и кога воловите кои ја влечеле запрежната кола скоро ја превртеле, Бог на место го убил Оза затоа што без почит го приграбил ковчегот да го намести (2. Самоилова 6:6, 7). Така, ако не знаеме што да правиме или не сме овластени нешто да правиме, треба да покажеме скромност и да се посоветуваме со оние кои имаат способност на расудување (Изреките 11:2; 13:10). Се разбира, ако некогаш сме биле вообразени, треба да молиме за простување и да го молиме Бог да нѐ чува од вообразеноста во иднина.
17. Како може прикриениот грев да влијае на некого, но сепак како може да се постигне простување и олеснување?
17 Скриените гревови можат да создадат потешкотии. Според Псалми 32:1-5, (ДК), Давид се обидел да го прикрие својот грев, но рекол: ”Кога молчев, ми се исушија коските од моето воздивнување по цел ден. Зашто ден и ноќ ме притискаше раката твоја; исчезна сокот во мене како на летен припек.“ Давид бил изморен од обидот да ја придуши нечистата совест, а маката му ја намалила животната сила како што дрвото ја губи животодајната влага во време на суша или на летната жега. Тој веројатно страдал душевно и физички и ја изгубил радоста затоа што пропуштил да се исповеда. Само исповедувањето пред Бог можело да донесе простување и олеснување. Давид рекол: ”Блазе си му на оној, на кого му е простена вината, на кого му е покриен гревот. (...) Гревот свој ти го кажав тебе, и вината своја не ја затаив; реков: на Господ му ги исповедувам своите престапи; и ти ја тргна од мене вината на мојот грев.“ Љубезната помош од христијанските старешини може да помогне во унапредувањето на духовното заздравување (Изреките 28:13; Јаков 5:13-20).
18. Кој доказ постои дека гревот има долготрајни последици, но што може да биде извор на утеха во такви околности?
18 Гревот може да има долготрајни последици. Така било во случајот со Давид, кој извршил прељуба со Вирсавија, наместил нејзиниот сопруг да загине и се оженил со бремената вдовица (2. Царства 11:1-27). Иако Бог му покажал милосрдие поради сојузот за Царство, покајанието на Давид и неговото милосрдно постапување со другите, Давид доживеал ’зло во својот дом‘ (2. Царства 12:1-12). Вонбрачното дете умрело. Давидовиот син Амнон ја силувал својата полусестра Тамар и бил убиен по наредба на нејзиниот брат Авесалом (2. Царства 12:15-23; 13:1-33). Авесалом го осрамотил Давид со тоа што имал односи со неговите конкубини. Тој се обидел да дојде на престолот, но бил убиен (2. Царства 15:1–18:33). Гревот сепак има последици. На пример, исклучениот престапник можеби се покајал и е повторно примен во собранието, но можеби ќе треба да минат години за да се заборави лошиот глас и емоционалната траума која настанала поради гревот. Во меѓувреме, колку е само утешно да се има Јеховиното простување и поткрепата од неговите вечни раце!
Ослободени од своите неволји
19. Како може Божјиот дух да биде од помош кога се наоѓаме под тешки искушенија?
19 Кога сме во тешко искушение, можеби ни недостига доволно мудрост и сила да донесиме одлука и да ја спроведеме. Во тој случај, Божјиот дух ”нѐ поткрепува во нашите немоќи; бидејќи не знаеме за што да се помолиме, како што треба, туку Духот сам посредува за нас со неискажливо воздивнување“ (Римјаните 8:26). Ако Јехова ги промени околностите, треба да бидеме благодарни. Сепак, неговата рака може да нѐ спаси и на друг начин. Ако молиме за мудрост, Јехова може преку својот дух да ни покаже што треба да сториме и да ни ја даде потребната сила да го направиме тоа (Јаков 1:5-8). Со негова помош можеме да истраеме кога сме ’ожалостени од разни искушенија‘ и од нив да излеземе со испитана и зајакната вера (1. Петрово 1:6-8, Ст).
20. На што ќе се радуваме ако Јеховините вечни раце навистина ги направиме своја поткрепа?
20 Никогаш да не бидеме уморни да му се обраќаме на Бог во молитва. ”Кон Јахве моите очи се секогаш насочени, зашто ногата ми ја извлекува од замка“, рекол Давид. ”Погледни на мене и смилувај ми се, зашто сум сам и неволен. Отстрани ги тешкотиите од моето срце, избави ме од моите стравови! Види ја мојата неволја и мака и прости ми за сите гревови!“ (Псалми 25:15-18, Ст). Како Давид, и ние се радуваме на божественото ослободување, наклоност и простување ако Јеховините вечни раце навистина ги направиме своја поткрепа.
[Фуснота]
a Види ги статиите во врска со душевните депресии во Пробудите се! (англ.) од 22. октомври 1987, стр. 2-16 и 8. април 1988, стр. 15-19.
Како би одговорил?
◻ Како Јехова им помага на своите слуги кои можеби се болни?
◻ Што може да биде од помош кога се трудиме да излеземе на крај со душевната депресија?
◻ Што може да помогне да се ублажи болката поради смртта на некој близок?
◻ Како можат оние кои ги прикриваат своите гревови да добијат олеснување?
◻ Каква помош е достапна кога Јеховиниот народ се наоѓа под тешки искушенија?
[Слика на страници 16 и 17]
Можеме да извлечиме утеха од надежта во воскресение, како што извлекол богобојазливиот Јов