„Надгледникот мора да (...) се самосовладува“
„Надгледникот мора да (...) се самосовладува“ (ТИТ 1:7, 8, NW).
1, 2. Каков пример на воздржување дал Вилијам Орански, и со какви добри резултати?
ИСТОРИЈАТА ни дава пример вреден за внимание, кој е во врска со воздржувањето на емоциите. Во средината на 16. век, младиот холандски принц Вилијам Орански бил на ловечки излет со кралот Хенри II од Франција. Кралот му го открил на Вилијам планот што го имале тој и кралот од Шпанија да ги истребат сите протестанти од Франција и од Холандија — всушност, во сето христијанство. Кралот Хенри имал впечаток дека младиот Вилијам бил оддаден католик како него и затоа му ги открил сите поединости на заверата. Вилијам многу се згрозил од тоа што го слушнал бидејќи многу негови најблиски пријатели биле протестанти, но не ги издал своите чувства; туку покажал голем интерес за сите поединости што му ги кажал кралот.
2 Меѓутоа, штом бил во можност, Вилијам покренал планови да ја оневозможи заверата, кое довело до конечно ослободување на Холандија од шпанската католичка доминација. Бидејќи Вилијам бил во состојба да покаже самосовладување кога првпат слушнал за заверата, станал познат како „Вилијам Молчеливиот“. Вилијам Орански бил толку успешен што се вели дека: „Тој бил вистинскиот основач на независноста и величината на холандската република“.
3. Кој има корист кога христијанските старешини покажуваат самосовладување?
3 Поради своето воздржување, Вилијам Молчеливиот извлекол голема корист и за себе и за својот народ. На сличен начин, плодот на светиот дух самосовладување денес треба да го покажуваат христијанските старешини или надгледници (Галатјаните 5:22, 23, NW). Од покажувањето на оваа особина имаат корист и тие и собранијата. Од друга страна, ако пропуштат да покажат самосовладување, може да настане непроценлива штета.
Самосовладување — услов за старешините
4. Кој совет од апостол Павле ја нагласува потребата од покажување на самосовладување?
4 Павле, кој и самиот бил старешина, ја ценел важноста на самосовладувањето. Кога ги советувал старешините од Ефес кои дошле кај него, тој им кажал: „Пазете, пак, на себе и на целото стадо“. Меѓу другото, внимавањето на себе ја вклучувало потребата да покажуваат самосовладување, да внимаваат на своето однесување. Кога му пишувал на Тимотеј, Павле ја истакнал истата мисла, велејќи: „Пази на себе и на учењето“. Таквите совети ја покажале Павловата свесност за човечката склоност кај некои повеќе да бидат заинтересирани за проповедање отколку за спроведување на она што го проповедаат. Затоа тој прво ја нагласил потребата да внимаваат на себеси (Дела на светите апостоли 20:28; 1. Тимотеј 4:16).
5. Како се наименувани христијанските старешини, и каде се запишани нивните предуслови во Библијата?
5 Низ годините, библиската улога на старешините постепено станувала појасна. Денес гледаме дека старешинството е положба која се добива преку наименување. Старешините се наименувани од Водечкото тело на Јеховините сведоци или од неговите директни застапници. Тоа тело, од друга страна, го претставува ‚верниот и разумен роб‘ (Матеј 24:45-47, NW). Условите за станување на христијански надгледник или старешина во основа се дадени од апостол Павле во 1. Тимотеј 3:1-7 и во Тит 1:5-9.
6, 7. За кои посебни квалификации на старешините е потребно самосовладување?
6 Во 1. Тимотеј 3:2, 3, (NW), Павле изјавува дека надгледникот мора да биде умерен во навиките. Ова, како и потребата на старешината да биде уреден, бара покажување на самосовладување. Лицето кое ги исполнува предусловите да биде старешина не е тепач и не е борбен. Тие услови исто така бараат старешината да се самосовладува. И повеќе од тоа, за да старешината не биде пијан кавгаџија, оддаден на вино, мора да покажува самосовладување. (Види ги исто така фуснотите во 1. Тимотеј 3:2, 3.)
7 Во Тит 1:7, 8 (NW), Павле посебно изјавил дека надгледникот мора да се самосовладува. Меѓутоа, забележи колку многу од другите услови, кои се наведени во овие стихови, вклучуваат самосовладување. На пример, надгледникот мора да биде слободен од обвинение, да, беспрекорен. Сигурно дека старешината не би можел да ги исполни тие барања ако не покажувал самосовладување.
Во односите со другите
8. Кои особини кои им се потребни на старешините ја нагласуваат потребата од самосовладување кога даваат совет?
8 Потоа, надгледникот мора да биде стрплив и долготрпелив во односите со другите верници, а тоа бара самосовладување. На пример, во Галатјаните 6:1, (NW) читаме: „Браќа, дури и ако некој човек направи погрешен чекор пред да биде свесен за тоа, вие кои имате духовна оспособеност [првенствено старешините], обидете се да го исправите таквиот човек во дух на благост, внимавајќи на себе и самиот да не бидеш искушан“. Покажувањето дух на благост бара самосовладување. Во врска со тоа, самосовладувањето е вклучено и во тоа да се внимава на себе. Исто така, кога некој кој е во неволја повикува старешина на помош, самосовладувањето е многу важно. Без разлика што старешината мисли за поединецот, мора да биде љубезен, стрплив и полн со разбирање. Наместо набрзина да даде совет, старешината мора да биде спремен да сослуша и да го извлече она што навистина го вознемирува поединецот.
9. Кој совет треба да го имаат на ум старешините кога постапуваат со многу вознемирените браќа?
9 Особено во постапувањето со оние кои се многу загрижени одговара следниот совет во Јаков 1:19: „И така, мои возљубени браќа, секој човек нека биде брз во слушањето, а спор во зборувањето, и бавен на гнев“. Да, особено кога наидува на лути или емоционални реакции, старешината мора да внимава да не одговори на ист начин. Потребно е самосовладување на зборови полни со емоции да не се одговори со емотивни зборови, да не се ‚врати зло за зло‘ (Римјаните 12:17). Ако се возврати на ист начин состојбата само ќе се влоши. Значи и во овој поглед, Божјата Реч им дава на старешините добар совет, потсетувајќи ги дека ‚кроткиот одговор го ублажува гневот‘ (Соломонови изреки 15:1).
Самосовладување на состаноците на старешинството и при правните расправи
10, 11. Што се случило на некои состаноци на старешинството, кое ја покажува потребата од самосовладување во такви прилики?
10 Друго подрачје кадешто христијанските надгледници треба да внимаваат да покажуваат самосовладување за време на состаноците на старешинството. Смирениот говор во интерес на вистината и правдата понекогаш бара големо самосовладување. Исто така е потребно самосовладување за да се избегне обидот да се доминира при дискусијата. Ако некој старешина има таква склоност, би било доброљубиво од друг старешина да го посоветува. (Спореди 3. Јованово 9, Ст.)
11 Потоа, на состаноците на старешинството, претерано ревносниот старешина може да падне во искушение да се возбуди, па дури и да го подигне гласот. Таквите постапки откриваат голем недостаток на самосовладување! Тие се всушност двојно штетни за поединецот. Од една страна, до онаа мерка колку што некој го губи самосовладувањето, дотолку ја ослабува својата положба со тоа што дозволува емоциите да ја засенат логиката. Од друга страна, доколку поединецот се возбудува, тој тежнее да ги вознемири или дури да им противречи на другите старешини. Освен тоа, ако старешините не се внимателни, острите разлики во мислењата можат да создадат поделба во нивните редови. Тоа им донесува штета на нив и на собранието. (Спореди Дела на св. апостоли 15:36-40.)
12. Во кои ситуации старешините мораат да бидат внимателни да покажуваат самосовладување?
12 Самосовладувањето е исто така многу потребно за да старешините избегнат да бидат пристрасни или да ја злоупотребуваат својата моќ. Толку е лесно да му се подлегне на искушението и да им се дозволи на несовршените човечки размислувања да влијаат на она што некој ќе каже или направи! Многу често старешините не успеале да постапат одлучно кога некое од нивните деца или некој друг роднина бил виновен за неисправно однесување. Во таквите ситуации е потребно самосовладување за да не се дозволи крвните врски да го спречат праведното постапување (Поновљени закон 10:17, Ст).
13. Зошто самосовладувањето им е особено потребно на старешините при правните расправи?
13 Друга ситуација во која самосовладувањето е многу важно е кога се води правна расправа. Старешините мораат да покажуваат големо самосовладување за да не бидат прекумерено под влијание на емоциите. Не треба да бидат лесно понесени од солзи. Истовремено, старешината мора да внимава да не ја изгуби својата присебност кога паѓаат обвиненија и кога можеби врз него се фрлаат клевети, како што може да биде случај кога се работи за отпадници. Овде се многу прикладни Павловите зборови: „Робот Господов нема потреба да се кара, туку мора да биде кроток спрема сите“. Потребно е самосовладување за да се покаже благост под притисок. Павле продолжува да покажува дека „робот Господов“ мора да се ‚воздржува под зли околности, поучувајќи ги со благост оние кои не се поволно наклонети‘. Покажувањето на благост и воздржувањето кога некој ќе наиде на противење бара големо самосовладување (2. Тимотеј 2:24, 25, NW).
Самосовладување спрема спротивниот пол
14. На кој добар совет треба да внимаваат старешините во постапувањето со спротивниот пол?
14 Старешините мора да бидат многу внимателни да покажуваат самосовладување кога постапуваат со лица од спротивниот пол. Не е препорачливо еден старешина сам да прави пастирска посета кај некоја сестра. Старешината треба да го придружува друг старешина или слуга помошник. Веројатно сфаќајќи го овој проблем, Павле го советувал старешината Тимотеј: ‚Почитувај ги (...) старите жени — како мајки, младите — како сестри, со секаква чистота‘ (1. Тимотеј 5:1, 2). Забележано е како некои старешини ги ставаат рацете на сестрата како да прават некаков татковски гест. Но би можеле да се залажуваат, зашто таквиот гест би можел да биде мотивиран од романтичен импулс наместо чиста христијанска братска наклоност. (Спореди 1. Коринтјаните 7:1.)
15. Како еден случај го истакнува срамот кој може да му се нанесе на Јеховиното име ако некој старешина не покажува самосовладување?
15 Колку многу била оштетена вистината затоа што некои старешини не покажале самосовладување во постапувањето со сестрите во собранието! Пред неколку години, еден старешина бил исклучен бидејќи извршил прељуба со христијанска сестра чиј маж не бил Сведок. Истата вечер кога било известено исклучувањето на поранешниот старешина, разжалостениот сопруг влегол во Царската сала со пушка и пукал во двајцата виновници. Никој не бил убиен, а тој веднаш бил разоружан, но следниот ден еден познат весник на насловната страница ја објавил веста за ‚пукањето в црква‘. Каков срам му нанел на собранието и на Јеховиното име недостатокот на самосовладување кај тој старешина!
Самосовладување на други подрачја
16. Зошто старешините мораат да внимаваат да покажуваат самосовладување кога држат јавно предавање?
16 Самосовладувањето е исто така многу потребно кога старешината држи јавно предавање. Јавниот говорник треба да биде пример на доверливост и трезвеност. Некои се трудат да ги забавуваат слушателите со чести досетливи забелешки што ги прават само со цел да ги насмеат присутните. Тоа може да открива подлегнување на искушението да ѝ угоди на публиката. Се разбира, секое подлегнување на искушение е недостиг на самосовладување. Може дури да се каже дека кога ќе го пречекори времето со своето предавање, тоа открива недостаток на самосовладување, како и недоволна подготовка.
17, 18. Каква улога игра самосовладувањето во тоа старешината да ги урамнотежува своите различни одговорности?
17 Секој марлив старешина мора да се соочи со предизвикот да ги урамнотежи разновидните барања на времето и енергијата. Потребно е самосовладување за да не се оди од една крајност во друга. Некои старешини биле толку преокупирани со барањата на собранието што ги запоставиле своите семејства. Така, кога една сестра ѝ кажала на сопругата на еден старешина за прекрасната пастирска посета што тој ја направил кај неа, жената на старешината извикала: „Би сакала и мене да ме посети некогаш!“ (1. Тимотеј 3:2, 4, 5).
18 Старешината исто така треба да се самосовладува за да го урамнотежи времето кое го поминува за лично проучување со она кое го поминува во службата на проповедање или во пастирските посети. Со оглед на измамливоста на човечкото срце, многу е лесно старешината да троши повеќе време отколку што треба во она во кое наоѓа поголемо задоволство. Ако сака книги, би можел да троши повеќе време за личното проучување отколку што би требало. Ако службата од куќа до куќа му се чини тешка, може да наоѓа изговори да ја занемарува во корист на пастирските посети.
19. Каква обврска имаат старешините која ја нагласува потребата од самосовладување?
19 Обврската да биде доверлив исто така бара старешината да биде буден цврсто да се самосовладува. Овде е соодветен советот: „Туѓи тајни не откривај“ (Соломонови изреки 25:9). Искуството кажува дека ова можеби е едно од најчестите барања коешто старешините го прекршуваат. Ако старешината има мудра и љубезна жена со која добро комуницира, можеби е склон самиот да дискутира или само да спомене работи од доверлива природа. Но тоа не е исправно и воопшто не е мудро. Како прво, тоа е предавство на довербата. Духовните браќа и сестри доаѓаат кај старешините и им се доверуваат бидејќи имаат доверба дека работата ќе се држи строго доверливо. Да се пренесуваат доверливи работи на својата жена е погрешно, немудро и исто така без љубов, бидејќи тоа значи непотребен товар за неа (Изреките 10:19; 11:13).
20. Зошто е толку важно старешините да покажуваат самосовладување?
20 Без сомнение, самосовладувањето е толку важно, особено за старешините! Поради тоа што им е доверена предноста да го преземаат водството меѓу Јеховиниот народ, тие имаат поголема одговорност. Бидејќи многу им е дадено, многу и ќе се бара од нив (Лука 12:48; 16:10; спореди Јаков 3:1). Старешините имаат предност и должност да им дадат добар пример на другите. И повеќе од тоа, наименуваните старешини се во состојба да направат повеќе добро или поголема штета отколку другите, што често во зависност од тоа дали покажуваат самосовладување или не. Не е чудно што Павле рекол: „Надгледникот мора да (...) се самосовладува“.
Дали се сеќаваш?
◻ Кои библиски барања за старешините покажуваат дека мораат да покажуваат самосовладување?
◻ Зошто на старешините им е потребно самосовладувањето кога постапуваат со другите верници?
◻ Како треба да се покажува самосовладување на состаноците за старешинството?
◻ Каков предизвик претставува потребата старешините да бидат доверливи?
[Слика на страница 20]
Покажувањето на самосовладување е битно на состаноците на старешинството
[Слика на страница 23]
Христијанските старешини мораат да покажуваат самосовладување и да останат доверливи