Собирање на обожавателите
АПОСТОЛ Јован добил визија за настани кои ќе го потресат светот, а кои требало да се случат во „Господовиот ден“. Тој го видел небесниот Господ Исус Христос како јава напред за праведно војување, претставен со бел коњ — ‚победувајќи и да ја доврши својата победа‘. Првото што го прави е да го исфрли Божјиот најголем непријател, Сатана, од небесата долу во близината на Земјава. Сатана реагира на тоа со измачување на човештвото преку невидено крвопролевање, глад и болести кои се сликовито претставени со симболичните јавачи и нивните коњи — лисест, црн и блед по боја (Откровение 1:10; 6:1-8; 12:9-12, сите NW). Тие зла прво избувнале во 1914 година и оттогаш па наваму стануваат сѐ поинтензивни. Набргу ќе достигнат кулминација преку она кое Исус го опишал како „голема неволја каква што не била од постоењето на светот досега ниту ќе биде“ (Матеј 24:3-8, 21, ДК).
Како ќе поминат Јеховините обожаватели во тоа време? Откровение 7. поглавје, 1. до 10. стих, зборува за ангелски сили кои ‚цврсто ги држат‘ ветровите на уништувањето додека не се соберат овие обожаватели. Во текот на периодот од 1914, се собираат последните од духовниот Израел на Земјата, кои бројат 144 000. А потоа „гледај! големо мноштво, кое ниеден човек не можеше да го изброи, од сите нации и племиња и народи и јазици“ (NW). Тоа големо мноштво веќе брои на милиони. Тие стојат оправдани пред Божјиот престол затоа што покажуваат вера во откупната крв на Исус, кој бил заклан како невино јагне. „И постојано викаат со силен глас, велејќи: ‚Спасението му го должиме на нашиот Бог, кој седи на престолот, и на Јагнето.‘“ Тие ревносни обожаватели постојано им велат „Дојди!“ и на другите, кои потоа се собираат за спасение од „големата неволја“ (Откровение 7:14-17, NW; 22:17).
„По целата земја“
За тие оддадени обожаватели може да се каже: „По целата земја се раширил нивниот глас, а нивните зборови до крајот на целиот свет“ (Римјаните 10:18, Распудиќ). Нивната марлива работа е благословена со извонредни плодови. На пример:
Мексико сега известува 335 965 активни обожаватели на Јехова, пораст од скоро сто илјади за само три години! Зошто толку голем пораст? Следниов извештај може да помогне да го објасни тоа. Еден млад човек по име Аурелио бил ѕвонар во една католичка црква. Секој пат кога Јеховините сведоци доаѓале во тоа село, тој удирал во црковните ѕвона за да ги обесхрабри луѓето да ги слушаат. Со текот на времето, купил католичка Ерусалимска Библија и почнал да ја чита, но не ја разбирал. Тогаш, еден ден видел еден свој пријател со примерок на преводот Нов свет (New World Translation) под рака. Аурелио го искарал пријателот и му рекол дека неговата Библија била лажна, и го однел кај себе дома за да ја му ја покаже „вистинската“ Библија. Пријателот му рекол: „Прочитај ја 2. Мојсеева 20. поглавје“, а потоа си заминал.
Почнувајќи од 1. поглавје, ѕвонарот ја прочитал 2. Мојсеева и дошол до 20. поглавје, 4. и 5. стих. Бил шокиран од она што неговата католичка Библија го пишувала за ликовите. Следната недела после мисата, отишол кај свештеникот со стиховите за ликовите. Отпрвин свештеникот му рекол дека и тој само ги почитувал ликовите, а не дека ги обожавал. Кога видел дека тоа не го задоволило Аурелио, свештеникот го обвинил дека проучува со Јеховините сведоци. Аурелио рекол дека тоа не е точно, но додал: „Е, сега ќе проучувам!“
Следниот пат кога Сведоците дошле во селото, Аурелио ги пронашол и почнал да ја проучува Библијата со нив. Престанал да работи во црквата и за три месеца се оспособил да учествува во јавната служба со Јеховините сведоци. Првиот дом што го посетил бил на свештеникот, кој не можел да им поверува на своите очи кога го видел поранешниот ѕвонар во улога на проповедник за Царството. Свештеникот му се заканил со исклучување, но Аурелио му кажал дека тоа не е потребно бидејќи веќе ја напуштил црквата. Неговата храбра постапка охрабрила многу од селаните кои веќе проучувале со Јеховините сведоци. Аурелио и уште 21 други од тоа село се крстиле на следниот обласен конгрес. Во таа област порастот е толку брз што имало само еден старешина за разгледување на прашањата со кандидатите за крштение со таа група.
„Нивниот глас се раширил“
Не може да се побегне од проповедањето за Царството. Еден италијански католик се нервирал секој пат кога го посетувале Јеховини сведоци. Затоа кога неговата фирма го преместила во Сингапур, мислел дека конечно нема да му додеваат. Но на негово изненадување, и таму ги имало Сведоците. Затоа купил две жестоки кучиња за да ги нападнат следните Сведоци кои ќе дојдат. Кога двајца Сведоци го посетиле, кучињата скокнале врз нив. Жените се преплашиле и трчале да си ги спасат животите, и отишле во различни правци кај една раскрсница. Кога едно од кучињата ја стигнало, една од Сведоците во очај грабнала две брошури од ташната и му ги втурнала во отворената уста на кучето. Тогаш кучето престанало да ја брка, се свртило и отрчало дома.
Следната седмица, истите двајца Сведоци биле на повторна посета во една куќа преку улицата. Сопственикот на кучињата бил во градината, и на изненадување, ги поздравил жените и ги поканил дома. Им рекол дека никогаш не разговарал со Јеховини сведоци ниту читал нивни публикации. Но се зачудил кога ги нашол брошурите во устата на едното куче. Ги прочитал брошурите истата вечер и многу бил импресиониран од нив. Иако цел живот бил католик, тој изразил желба да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци.
Бидејќи човекот бил преместен назад во Италија, се договориле тамошните Јеховини сведоци да проучуваат со него. Кога тој и неговата сопруга почнале да ги посетуваат состаноците, парохискиот свештеник бесно им се спротивставил со закани. Кога некој подметнал оган во нивната градина, двојката прекинала секакви врски со црквата. Тој човек сега вели: „Веќе им сведочев на многу членови од моето семејство бидејќи сакам да дознаат дека Јехова е единствениот вистински Бог.“
„До крајот на целиот свет“
Уште едно искуство од еден крај на Земјата покажува како пораката за Царството се цени и помага да се променат животите. Додека посетувала предпородилна настава, една жена Сведок од Австралија се запознала со една жена која имала многу лоши навики, дури не сакала да се откаже од пушењето за време на бременоста. Жената Сведок многу се вознемирила поради нејзиниот став. Се случило бебињата да ги родат во исто време и во истото одделение од болницата, така што имале можност да разговараат. Се покажало дека жената имала многу проблеми во детството, а сега бракот ѝ бил пред распаѓање. Затоа, откако излегла од болница, жената Сведок ја посетила жената и почнала да ја проучува Библијата со неа, употребувајќи ја книгата Породични живот учинити срећним.
Сопругот на оваа жена се молел на Бог да ја најде вистинската религија, под услов: „Само да не се Јеховини сведоци!“ Сепак, кога дознал дека жена му проучува со Сведоците, почнал да поставува прашања и бил поканет да се придружи во студијата. Тоа и го направил и наскоро почнал да ги посетува на собраниските состаноци. Сега, и мажот и жената се крстени и очигледно дека нивната брачна состојба неизмерно се подобрила.
Домашните библиски студии на темел на таква литература довеле до собирање на многу нови обожаватели. Во земји кадешто Јеховините сведоци морале да се борат со револуции, граѓански војни или забрани од владите, активноста со домашни библиски студии се зголемила. Во Ангола со години беснеела граѓанска војна и Сведоците поднеле многу прогонства и неволји. На почетокот од минатата година извештаите покажале дека според просекот, секој објавител водел скоро три домашни библиски студии, но објавителите имале малку библиска литература. Патувачките надгледници секој ден посетувале една мала група и организирале служба на проповедање во текот на денот, а состаноци секоја вечер. Каква радост кога непријателствата прекинале и кога од Јужна Африка пристигнале 42 тона многу потребна библиска литература! Секако дека љубовта на тие браќа ќе „изобилува сѐ повеќе и повеќе со точно спознание и потполна способност за разликување“, бидејќи сега можат ‚да се уверат во поважните работи‘ (Филипјаните 1:9, 10, NW). Каква подбуда за оние кои имаат на располагање многу помагала за библиска студија потполно да ја користат подготовката која Јехова толку великодушно ја прави! (1. Тимотеј 4:15, 16).
Среќата на тие верни обожаватели нѐ потсетува на Исусовите зборови во Проповедта на Гората: „Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби, бидејќи ним им припаѓа Царството небеско. (...) Среќни се оние кои се прогонувани заради праведноста, бидејќи Царството небесно им припаѓа ним. (...) Радувајте се и скокајте од радост, зашто вашата награда е голема на небесите“ (Матеј 5:3-12, NW). Каква жетва веќе се собира во Ангола!
Во другите краеви на светот, забраните на активноста на Јеховините сведоци се исто така намалени или укинати. Исус во своето време рекол: „Жетвата е голема, а работници малку“ (Матеј 9:37). Колку е вистинито тоа денес! Постојано се потребни повеќе работници. Се радуваме што нашето обожавање значи собирање на жетвата. Денес на Земјата не може да се најде поголема радост од нашата плодна оддадена служба на Јехова Бог.
Но, што е тоа што ги мотивира Јеховините обожаватели да покажуваат таква радост и ревност? Да видиме.