Оддавањето почит кон ликови — спорно прашање
НЕКАДЕ во Полска еден човек штотуку се спрема на пат. Но, мора да се погрижи уште за една поединост. Клекнува пред еден лик на Исус, принесува дар и моли за заштита за време на патувањата.
Илјадници километри подалеку, во Бангкок, Тајланд, можеш да го видиш првиот фестивал од будистичкиот годишен период, во времето на полна месечина во мај. За време на фестивалот луѓето во поворка дефилираат по улиците носејќи лик на Буда.
Сигурно си свесен дека почитувањето на ликови, како што е опишано овде, е доста распространето. Буквално милијарди луѓе се клањаат пред ликови. Веќе илјадници години ликовите се сметаат за важен начин за приближување кон Бог.
Што мислиш за употребата на ликови во обожавањето? Дали почитувањето на ликови е исправно или погрешно? Што мисли Бог за тоа? Дали постои доказ дека тој прифаќа такво богослужење? Можеби ти лично никогаш не си придавал големо значење на ваквите прашања. Сепак, ако го цениш односот со Бог, тогаш треба да ги знаеш одговорите на нив.
Се разбира, за многумина ова не е лесно да се одлучи. Всушност, веќе илјадници години тоа е тема на жешки и понекогаш насилни расправи. На пример, уште во 1513 пр.н.е., еврејскиот водач Мојсеј уништил златен лик на теле и погубил со меч околу 3 000 мажи кои му оддавале почит на тоа теле (2. Мојсеева, поглавје 32).
Јакиот отпор против употребата на религиозни ликови не била ограничена само на Евреите. Древните световни историчари ја сочувале легендата за Такмуруп, персиски владетел за кој се вели дека спровел обемен поход против почитувањето на ликови, стотини години пред Мојсеј. За еден легендарен кинески цар се известува дека покренал воен напад против статуите на различни богови. Откако ликовите биле уништени, почитувањето на богови од кал го прогласил за лудост. Подоцна, кога Мухамед сѐ уште бил дете, постоеле Арапи кои се противеле на употребата на ликови во обожавањето. Нивното влијание врз Мухамед придонело за неговиот став кон идолопоклонството во подоцнежните години. Мухамед во Коранот учи дека идолопоклонството е неопростив грев, дека за идолопоклониците не треба да се моли и дека женењето со идолопоклониците е забрането.
Дури и во христијанството, угледни верски личности од вториот, третиот, четвртиот и петтиот век н.е., како Иренеј, Ориген, Еузебиј од Цезареја, Епифаниј и Августин, се спротивставувале на употребата на ликови во обожавањето. Кон почетокот на четвртиот век н.е. во Елвира, Шпанија, група бискупи формулирала поголем број важни резолуции против почитувањето на ликови. На овој прочуен Концил во Елвира црквата издала забрана на ликови и биле воведени остри санкции против обожавателите на ликови.
Иконокласти
Овие развои го подготвиле патот за една од најголемите противречности во историјата: иконокластичката противречност од осмиот и деветтиот век. Еден историчар изјавува дека оваа „горка расправија траела век и половина, и придонела за невидени страдања“, и дека била „една од непосредните причини за делбата помеѓу Источното и Западното царство“.
Зборот „иконокласт“ доаѓа од грчкиот збор eikon, што значи „лик“, и klastes, т.е. „рушител“. Соодветно на своето име, ова движење против ликовите вклучувало отстранување и уништување на ликовите ширум Европа. На сила стапиле бројни закони против ликовите за да се укине нивната употребата во обожавањето. Почитувањето на ликови станало жешко политичко спорно прашање кое вовлекло цареви и папи, генерали и бискупи во вистинска теолошка војна.
А ова било повеќе отколку вербална војна. Cyclopedia of Biblical, Theological, and Ecclesiastical Literature (Циклопедијата на библиска, теолошка и црковна литература) од Меклинток и Стронг, изјавува дека откако царот Лео III издал едикт против употребата на ликови во црквите, ‚луѓето масовно се кренале против едиктот, а насилничките нереди, особено во Константинопол, станале секојдневна појава‘. Судирите помеѓу царските сили и народот завршувале со погубувања и масакри. Калуѓерите биле свирепо прогонувани. Стотици години подоцна, во текот на 16. век, во Цирих (Швајцарија), се одржале бројни јавни дебати во врска со спорното прашање за ликови во црквите. Како резултат на тоа, бил донесен декрет со кој се барало отстранување на сите ликови од црквите. Некои реформатори биле познати по своето жестоко и честопати насилно осудување на почитувањето на ликови.
Дури и денес постои голем раскол помеѓу модерните теолози во поглед на употребата на ликови во обожавањето. Следната статија ќе ти помогне да процениш дали ликовите навистина можат некому да му помогнат да се приближи кон Бог.