Известување
Помош за Одборите на Водечкото тело
Членовите на Водечкото тело на Јеховините сведоци, моментално 12 на број, продолжуваат верно да служат на своите задачи. Тие секогаш им се благодарни на лојалните членови на растечкото „големно мноштво“ за нивната ревносна поддршка (Откровение 7:9, 15, NW). Со оглед на силниот пораст во светот, во ова време се чини прикладно на Водечкото тело да му се пружи некаква дополнителна помош. Затоа е одлучено да се повикаат неколкумина помошници, воглавно од големото мноштво, да учествуваат на состаноците на сите Одбори на Водечкото тело, т. е. Одборот за персонал, издавачкиот Одбор, служениот Одбор, Одборот за поучување и Одборот за пишување. Така, бројот на присутните на состаноците на секој од овие одбори ќе се зголеми на седум или осум. Под водството на членовите на одборите на Водечкото тело, овие помошници ќе учествуваат во дискусиите и ќе извршуваат различни задолженија што ќе им бидат дадени преку одборите. Оваа нова подготовка стапува во сила на 1 мај 1992.
Многу години досега, бројот на остатокот од помазани Сведоци се намалуваше, додека бројот на големото мноштво порасна над нашите најголеми очекувања (Исаија 60:22, NW). Колку сме му благодарни на Јехова за ова извонредно ширење! Кога во 1931 благодарно беше прифатено новото име, Јеховини сведоци, најголемиот број на објавители на Царството беше 39 372, а најголемиот дел од нив се изјаснуваа дека се Христови помазани браќа (Исаија 43:10-12; Евреите 2:11). Шеесет години подоцна, во 1991, најголемиот број на објавители во целиот свет беше 4.278.820, од кои само 8.850 се изјаснија дека се од помазаниот остаток. Како што и се очекуваше во светлината на Писмото, „големото мноштво“ сега бројно го надминува остатокот од „малото стадо“ со преку 480 спрема 1 (Лука 12:32; Откровение 7:4-9). Додека се грижи за проширените интереси на Царството, на остатокот сигурно му е потребна и ја цени соработката и поддршката од големото мноштво.
Како што е објаснето во ова издание на Стражарска кула, денес постои група која служи со духовниот Израел и која може да се спореди со Нетинејците и синовите на Соломоновите слуги кои заедно со еврејскиот остаток се вратиле од вавилонското заточеништво; овие не-Израелци дури бројно ги надминувале вратените Левити (Езра 2:40-58, NW; 8:15-20). „Дадените“ од денешното големо мноштво се зрели христијански мажи кои имаат значително искуство како резултат на грижата за надгледувањето на подружниците, во патувачкото дело и во 66.000-те собранија кои сега се основани по целата Земја.
Неодамна, ширум светот беше одржана Школата за служба на Царството, за поучување на надгледници и слуги пмомошници кои ќе им помагаат. Само во САД присуствуваа 59.420 надгледници. Овие „постари мажи“ со тоа беа опремени уште поделотворно да ги извршуваат своите одговорности (1. Петрово 5:1-3; спореди Ефесјаните 4:8, 11, NW).
Некои од „дадените“ мошне многу години служат во бруклинската централа на Јеховините сведоци. Меѓу нив има зрели надгледници од големото мноштво кои постигнале изобилство од способности и искуство. Така, Водечкото тело избра неколку такви надгледници да помагаат на состаноците на одборите на Водечкото тело. Тоа не мора да бидат мажи со најдолг стаж на служба. Наместо тоа, тие се зрели, искусни мажи со способности кои им овозможуваат да даваат помош на одредени подрачја. Тоа што се поставени да работат со некој одбор, не им дава посебен статус. Како што рекол Исус во врска со неговите ученици, ‚сите вие сте браќа‘ (Матеј 23:8). Меѓутоа, на овие мажи ќе им се даде многу, и според тоа ‚многу и ќе се бара од нив‘ (Лука 12:48).
Радосни сме што Јеховината организација маршира напред. За последните десет години имаше скоро 100-постотен пораст на бројот на оние кои служат на подрачјата, во склад со пророштвото за Поголемиот Давид, Исус Христос: „На растот на неговата влада и мир нема да има крај“ (Исаија 9:7, King James Version). На ист начин како што Нетинејците работеле заедно со свештениците на поправањето на ерусалимските ѕидови, така и денес се исполнило пророштвото во врска со Јеховината организација: „И странци навистина ќе ги градат твоите ѕидови“ (Исаија 60:10, NW; Неемија 3:22, 26). Современите Нетинејци се препорачуваат со ревноста што ја покажуваат во изградбата на вистинското обожавање, помагајќи им на „Јеховините свештеници“ во која и да е работа или служба за која се поставени во Јеховината организација ширум светот (Исаија 61:5, 6).