Какво значење имаат за тебе мрежата и рибите?
„Вам ви е дадено да ги разберете светите тајни на небесното царство“ (МАТЕЈ 13:11, NW).
1, 2. Зошто би можеле да бидеме заинтересирани за Исусовите споредби?
ДАЛИ се радуваш да дознаеш некоја тајна или да решиш некоја гатанка? Што ако таквото сознавање би ти помогнало појасно да ја видиш твојата улога во Божјата намера? За среќа, ти можеш да стекнеш таков предносен увид со помош на една споредба што ја дал Исус. Оттогаш таа вчудовидувала многумина кои ја слушнале и збунила безброј други, но ти можеш да ја разбереш.
2 Забележи што рекол Исус во Матеј 13. поглавје за својата употреба на споредби. Неговите ученици прашале: „Зошто им зборуваш со помош на споредби?“ (Матеј 13:10, NW). Да, зошто Исус употебувал споредби кои повеќето луѓе не би ги разбрале? Тој одговорил во 11. до 13. стих: „Вам ви е дадено да ги разберете светите тајни на небесното царство, но на оние луѓе не им е дадено. . . . Затоа им зборувам со помош на споредби, бидејќи, иако гледаат, гледаат напразно, и иако слушаат, слушаат напразно, а ниту ја сфаќаат смислата на тоа“ (NW).
3. Како може да користи разбирањето на Исусовите споредби?
3 Исус потоа го применил Исаија 6:9, 10 каде се опишува еден народ кој бил духовно глув и слеп. Но, ние не мора да бидеме такви. Ако ги разбираме и постапуваме по неговите споредби, можеме да бидеме многу среќни — сега и во бескрајната иднина. Исус ни го нуди ова срдечно уверување: „Вашите, пак, очи се блажени, оти гледаат, и ушите ваши — бидејќи слушаат“ (Матеј 13:16). Тоа уверување ги опфаќа сите Исусови споредби, но да се сосредоточиме на кратката парабола за мрежата, запишана во Матеј 13:47-50.
Споредба со длабоко значење
4. Што раскажал Исус со помош на споредба, како што е запишано во Матеј 13:47-50?
4 „Царството небесно прилега, исто така, и на мрежа, која се фрла во морето и уловува секакви риби: и кога ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот и седнуваат, па добрите риби ги собираат во садови, а лошите ги фрлаат. Така ќе биде и при свршетокот на светот: ќе излезат ангелите и ќе ги одделат лошите од праведните, и ќе ги фрлат во вжарена печка: таму ќе биде плач и крцкање со заби.“
5. Какви прашања се појавуваат во врска со значењето на параболата со мрежата?
5 Веројатно си видел како се ловат риби со мрежа, барем на филм или на телевизија, така што не е тешко да ја замислиш Исусовата парабола. Но што е со поединостите и значењето? На пример, Исус рекол дека во таа споредба се работи за „царството небесно“. Сепак, секако не мислел дека „секакви“ луѓе, добрите и непогодните, односно злобните ќе бидат во Царството. И кој го врши ловењето? Дали тоа ловење и одвојување се случило во времето на Исус, или може да се ограничи на нашето време, „свршетокот на светот“? Се гледаш ли ти во оваа парабола? Како можеш да избегнеш да не завршиш меѓу оние кои плачат и крцкаат со забите?
6. а) Зошто треба да бидеме сериозно заинтересирани да ја разбереме параболата со мрежата? б) Кој е клучот за нејзиното разбирање?
6 Таквите прашања покажуваат дека таа споредба сепак не е едноставна. Но немој да забораваш: „Вашите, пак, очи се блажени, оти гледаат, и ушите ваши — бидејќи слушаат“. Да видиме дали можеме да навлеземе во нејзиното значење, за нашите уши да не бидат глуви, а нашите очи слепи за нејзината важност. Всушност, веќе имаме важен клуч за отклучување на нејзиното значење. Претходната статија зборуваше како Исус ги повика галилејските рибари да го напуштат тоа занимање и да се зафатат со духовна работа како „рибари на луѓе“ (Марко 1:17, NW). Тој им рекол: „Отсега ќе ловите живи луѓе“ (Лука 5:10, NW).
7. Што споредувал Исус кога зборувал за риби?
7 Во согласност со тоа, рибите во оваа парабола означуваат луѓе. Затоа, кога 49. стих зборува за одвојувањето на злите од праведните, не се мисли на праведни или злобни морски животни, туку на праведни или зли луѓе. Слично на тоа, 50. стих не треба да нѐ потсетува на морски животни кои плачат или крцкаат со забите. Не. Оваа парабола е за собирањето на луѓето, а потоа на нивното понатамошно одвојување кое, како што покажува исходот, е многу сериозно.
8. а) Што можеме да научиме од исходот на непогодните риби? б) Што можеме да заклучиме за Царството со оглед на она што било речено за непогодните риби?
8 Забележи дека непогодните риби, односно, злобните, ќе бидат фрлени во огнена печка, кадешто ќе мораат да плачат и да крцкаат со забите. На други места, таквото плачење и крцкање Исус го поврзал со тоа да се биде надвор од Царството (Матеј 8:12; 13:41, 42). Во Матеј 5:22, (NW) и 18:9, тој дури споменал ‚огнена Гехена‘, која се однесува на трајно уништување. Зарем тоа не покажува колку е важно да се сфати значењето на оваа споредба и да се постапува според неа? Сите ние знаеме дека нема, ниту ќе има злобни во Божјето Царство. Според тоа, кога Исус рекол дека „Царството небесно прилега, исто така, и на мрежа“, сигурно мислел дека во однос на Божјето Царство, постои едно обележје како мрежа која се спушта за да собере разни видови на риби.
9. Како ангелите се вклучени во споредбата со мрежата?
9 Откако мрежата била спуштена и рибите биле собрани, требало да настапи работа на одвојување. За кого Исус рекол дека е вклучен во тоа? Матеј 13:49 ги открива тие рибари-одвојувачи како ангели. Значи Исус ни кажал дека ангелите надгледуваат на Земјата еден инструмент кој се употребува за да ги идентификува луѓето — некои како добри и кои одговараат за небесното Царство, а другите како оние кои се покажале непогодни за тој повик.
Ловењето — Кога?
10. Со какви заклучоци можеме да утврдиме дека ловот се проширил низ значителен период?
10 Контекстот ни помага да дознаеме кога ова се применува. Непосредно пред тоа, Исус дал споредба за сеењето на доброто семе, но потоа преку тоа семе во полето, кое го претставува светот, била посадена плева. Во Матеј 13:38 тој објаснил дека доброто семе ги претставува „синовите на царството, а каколот — синовите на лукавиот“. Тие растеле едни покрај други многу столетија, сѐ до жетвата во завршетокот на светскиот поредок. Тогаш плевата била одвоена, а потоа изгорена. Ако го споредиме тоа со споредбата за мрежата, гледаме дека повлекувањето на животните во мрежата требало да се протега низ долг временски период (Матеј 13:36-43).
11. Како се одвивало едно дело на меѓународно рибарење во I век?
11 Според Исусовата парабола, рибите требало да се собираат без дискриминација, то ест, мрежата носела и добри и непогодни риби. Додека биле живи апостолите, ангелите кои го воделе делото на рибарење, ја користеле Божјата христијанска организација за да ловат „риби“ кои станале помазани христијани. Може да се каже дека пред Пентакост 33 н. е., Исусовиот лов на луѓе донел околу 120 ученици (Дела на св. апостоли 1:15, 16). Но штом еднаш било воспоставено собранието на помазани христијани, започнало ловењето на луѓе со мрежата како инструмент, и биле уловени илјадници добри риби. Од 36 н. е., ловењето нашироко се раширило во меѓународни води, така што Паганите биле доведени во христијанството и станале членови на Христовото помазано собрание (Дела на св. апостоли 10:1, 2, 23-48).
12. Што се развило по смртта на апостолите?
12 Во столетијата откако апостолите ја напуштиле сцената, и понатаму имало некои христијани кои се стремеле да ја најдат и да се држат за божествената вистина. Барем некои од нив имале Божје одобрување, и тој ги помазал со свет дух. Сепак, со смртта на апостолите било отстрането едно задржувачко влијание, кое дозволило да се развие раширено отпадништво (2. Солунјаните 2:7, 8). Израснала една организација која недостојно се изјаснувала како Божје собрание. Лажно тврдела дека таа е светата нација помазана со Божјиот дух за да владее со Исус.
13. Зошто може да се каже дека т.н. христијанство имало улога во делото со мрежата?
13 Дали мислиш дека оние неверни кои се изјаснувале како христијани, имале некаква улога во споредбата со мрежата? Па, има причина да се одговори дека имале. Симблочината мрежа го вклучувала т.н. христијанство. Точно, католичката црква со векови се обидувала да ја сокрие Библијата од обичниот народ. Сепак, низ вековите членовите на т.н. христијанство одиграле клучна улога во преведувањето, препишувањето и распространувањето на Божјата Реч. Црквите подоцна оформиле или поддржувале библиски друштва кои ја преведувале Библијата на јазиците на далечните земји. Исто така испратиле медицински мисионери и учители кои правеле христијани ‚за стомак и џеп‘ (луѓе кои станале христијани затоа што добивале храна или материјални средства). Тоа собрало огромно мноштво од непогодни риби кои го немале Божјето одобрување. Но со тоа барем милиони нехристијани биле изложени на Библијата и на некаков облик на христијанство, иако расипано.
14. Како ловењето на добри риби било потпомогнато со некоја работа што ја извршиле црквите на т.н. христијанство?
14 За сето тоа време, раштрканите верни кои се придржувале кон Божјата Реч, се напрегале колку што можеле. Во кое и да е дадено време, тие го сочинувале Божјето вистинско помазано собрание на Земјата. И можеме да бидеме сигурни дека и тие ловеле риби, или луѓе, од кои многумина Бог ги сметал за добри и кои требало да ги помаже со својот дух (Римјаните 8:14-17). Тие добри застапници на христијанството биле во можност да ја донесат библиската вистина до мнозина кои станале христијани за стомак и џеп или кои стекнале ограничено библиско спознание од Писмото кое на нивните јазици ги превеле библиските друштва на т.н. христијанство. Точно, собирањето на добрите риби се одвивало, иако повеќето коишто т.н. христијанство ги собрало биле непогодни од Божја гледна точка.
15. Што е јасно претставено со мрежата во параболата?
15 Значи мрежата претставува земско средство кое се изјаснува дека е Божје собрание и дека собира риби. Таа го вклучувала и т.н. христијанство и собранието на помазани христијани, од кои второво продолжило да собира добри риби под невидливото водство на ангелите, во согласност со Матеј 13:49, (NW).
Нашето време е посебно
16, 17. Зошто времето во кое живееме е толку важно во врска со исходот на Исусовата споредба за мрежата?
16 Да го разгледаме сега временскиот фактор. Со векови, инструментот на мрежата се собирале добри риби како и многу непогодни, односно злобни. Тогаш дошло времето кога ангелите биле вклучени во вршењето на пресудното дело на одвојување. Кога? Па, 49. стих јасно кажува дека тоа е во текот на „завршетокот на системот на ствари“. Тоа е во склад со она што Исус го рекол во споредбата со овците и козите: „А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, и ќе се соберат пред Него сите народи; па ќе ги оддели едни од други, како што овчарот ги одделува овците од козите“ (Матеј 25:31, 32).
17 Оттука, во согласност со Матеј 13:47-50, во 1914 започнало едно важно дело на одвојување под ангелско водство кое е во тек во „завршетокот на системот на ствари“. Тоа станало особено видливо по 1919, кога остатокот од помазаници бил ослободен од привремено духовно ропство, или заробеништво, и станал поделотворно средство за исполнување на делото на риболов.
18. Како добрите риби се собираат во садови?
18 Што требало да се случи со одвоените добри риби? Стих 48. вели дека ангелските риболовци-одвојувачи „добрите риби ги собираат во садови, а лошите ги фрлаат“. Садовите се заштитни садови во кои се ставаат добрите риби. Дали тоа се случило во наше време? Сигурно. Бидејќи симболичните добри риби се живи уловени, тие се собираат во собранија на вистински христијани. Зарем не се согласуваш дека тие собранија слични на садови помогнале да се заштитуваат и зачуваат за божествена служба? Сепак, некој би можел да помисли: ‚Сето тоа е одлично и добро, но каква врска има тоа со мојот сегашен и иден живот?‘
19, 20. а) Зошто е важно денес да се сфати смислата на ова парабола? б) Кое важно дело на ловење се извршило од 1919?
19 Исходот на она што овде било илустрирано не бил ограничен на вековите помеѓу времето на апостолите и 1914. Во текот на тој период, инструментот на мрежата дошол да ги собере и оние кои лажно и оние кои вистински се изјаснуваат како христијани. Да, во неа се собирале и непогодни и добри риби. Освен тоа, делото на одвојување што го вршеле ангелите не завршило околу 1919. Навистина не. Од некои аспекти оваа споредба за мрежата се применува до денешен ден. Ние сме вклучени во тоа, а и нашата непосредна иднина. За нас е неопходно да сфатиме како и зошто е тоа така ако сакаме на нас да се однесува описот: „Вашите, пак, очи се блажени, оти гледаат, и ушите ваши — бидејќи слушаат“ со разбирање (Матеј 13:16).
20 Најверојатно знаеш дека по 1919 помазаниот остаток се вработил во делото на проповедање во соработка со ангелите, кои продолжиле да ја употребуваат симболичната мрежа за да извлекуваат риби на брегот, за да ги одвојат добрите од неприкладните. Статистиката од тој период покажува дека уловот на добри риби за помазување со Божјиот дух продолжил додека последните од 144.000 не биле собрани со симболичната мрежа (Откровение 7:1-4). Но, до средината на 1930-те години, собирањето на добри риби за помазување со свет дух воглавно завршило. Дали тогаш собранието на помазаниот остаток требало да ја отфрли мрежата, така да се каже, и само безкорисно да седи и да ја чека својата небесна награда? Никако не!
Твојата вклученост во риболовот
21. Каков друг лов се случил во наше време? (Лука 23:43).
21 Исусовата споредба со мрежата се сосредоточува на добрите риби кои требало да бидат наградени со место во небесното Царство. Сепак, покрај таа споредба, постои и друго симболично ловење кое се случува во огромна мера, како што беше илустрирано во претходната статија. Тој лов не е за добрите помазани риби споменати во Исусовата споредба, туку за симболични риби кои треба да бидат уловени живи и да им се даде прекрасната надеж за живот на рајска Земја (Откровение 7:9, 10; спореди Матеј 25:31-46, NW).
22. Каков среќен исход можеме да искусиме, и кој е другиот избор?
22 Ако ја негуваш таа надеж, тогаш можеш да се радуваш што Јехова дозволил едно дело на животоспасувачко ловење да трае сѐ досега. Тоа ти овозможило да стекнеш еден прекрасен изглед. Изглед? Да, тоа е токму соодветен збор, бидејќи исходот ќе биде во согласност со нашата продолжена верност спрема Оној кој ги води напорите околу ловот кој е во тек (Софонија 2:3). Сети се од споредбата дека не доживуваат поволен исход сите риби кои се извлечени со мрежата. Исус рекол дека неприкладните, односно злобните, ќе бидат одвоени од праведните. Со каква цел? Во Матеј 13:50, Исус ја опишал сериозната последица за неприкладните, или злобните риби. Тие ќе бидат фрлени во огнената печка која значи вечно уништување (Откровение 21:8).
23. Што го прави делото на рибарење денес толку важно?
23 За добрите помазани риби, како и за симболичните риби кои можат засекогаш да живеат на Земјата, постои славна иднина. Тогаш, со добра причина ангелите токму сега се грижат да се спроведува успешно дело на риболов по целата Земјина топка. И каков улов е направен! Со право може да се каже дека на свој начин, тоа е толку чудесен улов како што бил уловот на дословните риби на кои апостолите им се радувале кога ги спуштиле своите мрежи на Исусово упатство.
24. Што би требало да сакаме да правиме со оглед на духовното рибарење?
24 Дали и ти учествуваш колку што можеш во ова животоспасувачко дело на духовно рибарење? Без разлика колкав бил досега нашиот поединечен удел, секој од нас може да извлече корист ако погледне на она што е постигнато ширум светот во величественото ловење и животоспасувачкото дело кое сега е во тек. Тоа треба да нѐ поттикне на уште поголема ревност во спуштањето на мрежите за улов во деновите што се непосредно пред нас! (Спореди Матеј 13:23; 1. Солунјаните 4:1).
Се сеќаваш ли на овие мисли?
◻ Што е претставено со двата вида риби во Исусовата парабола со мрежата?
◻ Во која смисла црквите на т.н. христијанство биле вклучени во делото со мрежата?
◻ Зошто риболовот кој се случува во наше време, е толку значаен?
◻ На каков вид самоиспитување треба да го наведе секој од нас параболата со мрежата?
[Слика на страница 18]
Со векови на Галилејското Море се одвивале рибарски работи
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.