Надежта го победува очајот!
ВО Новиот деветти Вебстеров универзитетски речник (Webster’s Ninth New Collegiate Dictionary) очајот се дефинира како „потполна загуба на надеж“. Јасно е дека за да се победи очајот, потребна ни е надеж!
Несреќното лице кое е препуштено да живее на улица нема да биде потполно очајно ако има надеж. Дури и на оние кои страдаат од клиничка депресија, надежта може да им даде храброст и сила да истрајат. Но надежта мора да биде сигурна! Што значи тоа?
Темелот за надеж
Разгледај што ѝ се случило на Сара, сопругата на патријархот Авраам. Кога се ближела кон 90-тата година од животот, сѐ уште била неротка и одамна била без надеж дека некогаш ќе роди дете. Сепак, кога нејзиниот маж имал 99 години, Јехова го повторил ветувањето кое го дал пред многу години — дека Авраам навистина ќе има „семе“, или наследник. Авраам знаел дека тоа било сигурно ветување. Замисли си колку била среќна Сара кога преку чудо се случил среќниот настан и го родила Исак! (1. Мојсеева 12:2, 3; 17:1-4, 19; 21:2). Авраамовата доверба во Бог не била изгубена, туку како што објаснил апостолот Павле: „Во ветувањето Божјо [Авраам] не се посомни со неверие, туку остана тврд во верата, и Го прослави Бога“ (Римјаните 4:20).
Пишувајќи им на Евреите од негово време кои станале христијани, Павле заклучил дека тие можат да имаат доверба во Божјето ветување за спасение преку Исус од две здрави причини. Цитирајќи го Божјето ветување на Авраам и Неговата придружна заклетва, апостолот аргументирал: „Луѓето . . . се колнат во погорно од себеси, и клетвата како потврда на секоја нивна препирка тура крај. Затоа Бог, кога на наследниците на ветувањето сакаше нарочно да им ја покаже Својата неизменлива волја, посведочи со клетва, та преку две неизменливи работи, во кои не е можно Бог да излаже, да имаме голема утеха и ние, кои што прибегнуваме да се прифатиме за надежта што ни е дадена“ (Евреите 6:16-18). Да, Божјите ветувања се вистинити и сигурни. Јехова е семоќен и ненадминливо способен да го гарантира исполнувањето на неговата сопствена реч.
Надежта — и ”цврста и сигурна“
Павле напишал дека христијанската надеж е и ‚цврста и сигурна‘ (Евреите 6:19). Павле знаел на што се темелела неговата вера. Тој објаснува: „Таа [надеж] влегува дури зад завесата“. Што значи тоа? Павле очигледно се осврнал на древниот храм во Ерусалим. Во него имало одделение за Светињата над светињите, одделено од останатата градба со завеса (2. Мојсеева 26:31, 33, NW; Матеј 27:51, NW). Се разбира, дословниот храм во Ерусалим веќе одамна бил уништен. Тогаш, со што може денес да се спореди оваа Светиња над светињите?
Со самото небо, кадешто е устоличен самиот Бог! Павле го објаснил тоа кога рекол дека Исус по своето вознесување „не стапи на свето место направено со раце [во храмот во Ерусалим], кое е копија на стварноста, туку во самото небо, за сега да се појави пред Божјата личност за нас“ (Евреите 9:24, NW). Така, христијанската вера, која ни помага да се бориме против очајот, не зависи од човечки политичари, туку од една небесна подготовка. Таа зависи од Оној кого Бог го наименувал, Исус Христос, кој го дал својот живот како откуп за нашите гревови и кој сега се појавува пред Бог во наша корист (1. Јованово 2:1, 2). Освен тоа, како што честопати е покажувано на страниците на ова списание, истиот тој Исус е оној кој е божествено наименуван да владее како Цар на Божјето небесно Царство и кој тоа го врши од 1914 година. Ова небесно Царство наскоро ќе ги отстрани работите кои многумина ги туркаат во очај.
Надежта — ‚ленгер за душата‘
За да ги увери своите читатели дека нивната надеж за спасение преку Исус има добар темел, Павле употребил една сличност. Оваа надеж, објаснил тој, „за нашата душа е цврст и сигурен ленгер“ (Евреите 6:19).
Ленгерите [котвите] им биле добро познати на патниците како Павле. Древните котви биле сосема слични на денешните, честопати изработени од челик, со два краја слични на заби за да се закачат на морското дно. На патот кон Рим, околу 58 н. е., Павловиот брод бил во опасност да заринка. Но кога бродот отишол во поплитка вода, морнарите ‚од страната на кормилото спуштиле четири ленгери‘. Благодарение на тие ленгери, бродот безбедно ја издржал бурата (Дела на св. апостоли 27:29, 39, 40, 44).
Тогаш, што треба да правиш за својата надеж да ја направиш така сигурна како ленгер за да можеш да издржиш економски тешкотии, психички или емоционални болести или какви и да било други „бури“ кои би можеле да ти се испречат на патот? Како прво, увери се дека библиските пророштва се веродостојни. „Уверете се во сите работи“ (1. Солунјаните 5:21, NW). На пример, кога следниот пат ќе ти се обратат Јеховините сведоци, сослушај што имаат да ти кажат. Ако во твоето место ретко доаѓаат, побарај ги во најблиската Царска сала. Нема да бидеш принуден да им се придружиш, туку ќе ти понудат бесплатна библиска студија која е подготвена така што може да се води на место и во време кое ти е најзгодно.
Таквата студија ќе те увери дека Бог „ги наградува оние, што Го бараат“ (Евреите 11:6). Ќе научиш дека наскоро Божјето Царство под Царот, Христос Исус, ќе ја отстрани корупцијата и нееднаквостите кои денес предизвикуваат многумина да запаѓаат во очај. Под тоа Царство, оваа Земја ќе биде обновена во рај, а Бог ќе им даде вечен живот на оние коишто го љубат (Псалми 37[36]:29; Откровение 21:4). Каква славна надеж!
Внимателно читај ја Библијата за да видиш дали оваа надеж е вистинита. Потоа работи на развивањето на блиско пријателство со Бог, и стани негов пријател исто како што бил Авраам (Јаков 2:23). Бидејќи Јехова е „Слушачот на молитвата“, кажи му ги своите грижи. Ако искрено му пристапиш, твојата молитва ќе ти помогне да ги растовариш своите бремиња и да го победиш очајот. Божјиот дух може дури да ти отвори пат за да се измени ситуацијата која те жалости (Псалми 55:22; 65:2; 1. Јованово 5:14, 15, сите NW).
„Држете се цврсто!“
Откако им препорачал на своите соученици ‚да се уверат во сите работи‘, Павле додал: „Држете се цврсто за она што е извонредно“ (1. Солунјаните 5:21, NW). Еден начин да го правиш тоа е да се дружиш со луѓето кои исто така цврсто се држат за христијанската надеж. Мудриот цар Соломон предупредил: „Кој оди со мудри, ќе биде мудар, но кој се впушта со неразумните, лошо ќе помине“ (Изреките 13:20, NW). Не дозволувај предрасудите или чувствата на неугодност да те спречат да побараш добро друштво. На пример, меѓу Јеховините сведоци има луѓе кои во минатото биле без надеж. Но со своето проучување на Библијата, како и со среќното дружење со соверниците, го продлабочиле своето пријателство со Јехова и тоа им пружа сигурна надеж слична на ленгер. Дали таа навистина го победува очајот? Сигурно.
Земи ја за пример Анмари која била принудена на очај затоа што страдала од бруталното постапување на нејзиниот сопруг. „Решив да го окончам својот живот“, објаснува таа, „но од некаква причина решив првин да му се помолам на Бог. Се сеќавам дека реков: ‚Зошто не можеш да ми помогнеш? Толку долго се надевав на тебе, но попусто‘. Ја завршив мојата молитва мислејќи дека нема смисла да се живее, па тогаш зошто да не умрам. Во тој момент некој почука на вратата. Решив да го игнорирам и се надевав дека кој и да беше, најпосле ќе си замине“.
„Чукањето траеше и понатаму и јас се вознемирив. Ги избришав солзите и отидов да видам кој е, надевајќи се дека набрзина ќе се ослободам од него за да завршам со она што го бев планирала. Но“, вели Анмари, „благодарение на Јехова, не испадна така, зашто кога ја отворив вратата, пред мене стоеја две жени. Вистина, бев многу збунета и не разбрав баш што зборуваа. Но ми понудија една книга која ќе ми ја објаснела дека животот имал смисла. Тоа беше токму она што ми требаше за повторно да се разгори мојот интерес за животот“. Нејзините посетителки се договориле за редовна библиска студија со неа. Анмари научила како да стане Божји пријател. Тоа, пак, му дало смисла на нејзиниот живот. Сега таа им помага на други да развијат доверба во Бог.
Можеби си имал намера да го окончаш очајот без да увидиш што сѐ било вклучено во тоа. Но, ако некогаш си се молел: „Да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата“, тогаш си молел за доаѓањето на Божјето Царство под Исус Христос кој ќе ги укине работите коишто ги тераат луѓето со искрено срце да очајуваат (Матеј 6:10). Твоето лично проучување на Библијата и редовното дружење со другите кои го имаат истото уверување, ќе те зајакне да се фатиш уште поцврсто за надежта дека ќе дојде Јеховиното Царство и ќе донесе Рај на нашата Земја (1. Тимотеј 6:12, 19). Тоа е славната надеж која ова списание ја објавува во секој број. Срдечно прегрни ја за да се бориш против очајот. Навистина, надежта „не води до разочарување“ (Римјаните 5:5, NW).
[Слика на страница 7]
Проучувањето на Библијата ни дава надеж која служи како ‚ленгер за душата‘