Прашања од читателите
Дали би требало од Јов 1:8 да разбереме дека, во периодот кога живеел, Јов бил единствениот човек кој му бил верен на Јехова?
Не. Таквиот заклучок не се оправдува во Јов 1:8, кој вели:
„И Господ [Јехова, NW] му рече на сатаната: ‚Обрна ли внимание на Мојот слуга Јов? Оти на земјата нема таков како него: човек непорочен, праведен, богобојазлив и кој го одбегнува злото‘.“ Бог дал слична процена во Јов 2:3, кога го прашал Сатана: „Обрна ли внимание на Мојот слуга Јов? Зашто на земјата нема таков како него: човек непорочен, праведен, богобојазлив и кој го одбегнува злото“.
Самата книга Јов укажува дека Јов не бил единствениот жив човек кого Бог го прифаќал како верен. Почнувајќи од 32. поглавје читаме за Елијуј. Иако бил помлад маж, Елијуј ја поправил грешката во Јововото гледиште и го величел вистинскиот Бог (Јов 32:6–33:6, 31-33; 35:1–36:2).
Според тоа, Божјиот коментар дека ‚на земјата нема таков како Јов‘ мора да значи дека Јов бил особено истакнат како човек од чесност. Јов веројатно живеел во периодот помеѓу смртта на Јосиф во Египет и почетокот на Мојсеевата служба како Божји пророк. Во тој период голем број Израелци живееле во Египет. Не постои причина да мислиме дека сите тие биле неверни и неприфатливи за Бог; веројатно имало мнозина кои имале доверба во Јехова (2. Мојсеева 2:1-10; Евреите 11:23). Сепак, ниеден од нив не играл истакната улога како Јосиф, ниту биле истакнати обожаватели во однос на правото обожавање, како што ќе биде Мојсеј при изведувањето на израелската нација од Египет.
Меѓутоа, каде и да живееле, постоеле луѓе со беспрекорност достојна за почит. „Имаше еден човек во земјата Уз, по име Јов; тој човек беше непорочен, праведен, богобојазлив и го одбегнуваше злото“ (Јов 1:1).
Оттаму Јехова можел да го спомене Јов како упадлив, или забележителен, пример на вера и оддаденост. Слично на тоа, библиските писатели Езекиел и Јаков го издвоиле Јов како таков кој поставил образец за праведност и истрајност (Језекиил 14:14; Јаков 5:11).