Зборување на јазици — сѐ поголем феномен
„НЕКАКВА моќ ми го обзеде јазикот и зборовите течеа како вода. Колкава радост беше тоа! Имав чувство на натприродна чистота. Оттогаш повеќе не сум истиот“, воскликнало едно лице кое го имало невообичаеното доживување да зборува на „непознат јазик“.
Ете така ова лице го опишува своето прво доживување да зборува на „непознат јазик“. ‚Но, што е тоа?‘, со право би се прашале некои. Тоа се однесува на обичајот или верувањето во некои цркви, при што мажи и жени тврдат дека биле понесени од Божјиот дух да зборуваат на странски или туѓи јазици кои не ги знаат.
Тоа е сѐ поголем религиозен феномен. Иако некогаш се сметаше за настан исклучиво својствен за пентекосталните верници, зборувањето на јазици сега ги надминува традиционалните верски граници и ги вклучува баптистите, епископалците, лутеранците, методистите, презбитеријанците и римокатолиците. Состојбата на лицето кога е во таква положба се опишува како екстаза, лудило, транс и хипноза. Некои ја нарекуваат дури и хистерично доживување. Зборувањето на јазици е придружено со мистика и привлечна каризма.
Откаде желбата за дарови на јазици во денешно време?
Во својата книга Јазици на духот (Tongues of the Spirit), Сирил Г. Вилијамс предлага дека можеби постои „поврзаност меѓу чувството за неуспех и желбата за ‚јазици‘“. Зборувањето на јазици го опишува како откочувачки механизам кој има „терапевтска вредност како смалувач на напнатоста“ и „како отстранувач на внатрешниот конфликт“. Разочарувањето од црквата, емоционалниот стрес, неуспех во кариерата, жалоста, домашната напнатост или болеста во семејството се наведуваат како фактори кои придонесуваат за такво занесено говорење.
На сличен начин во делото Психологијата на зборувањето на јазици (The Psychology of Speaking in Tongues), Џон П. Килдал вели дека „вознемиреноста е предуслов да се развие способноста за зборување на јазици“. Преку лични истражувања и внимателно интервјуирање утврдено е дека над 85 отсто од ‚јазичарите‘ доживеале јасно утврдена криза поради загриженост која претходела на нивното зборување на јазици“. На пример, една мајка сакала да зборува на јазици за да може да се моли за својот син кој бил болен од рак. Еден човек почнал да зборува на јазици во време кога бил неодлучен околу една понуда за унапредување на работното место. Една жена почнала да зборува на јазици за една седмица, откако нејзиниот сопруг пристапил кон Анонимните алкохоличари.
Какво е тоа доживување?
Едно лице кое за првпат зборувало на јазици, известило: „Се чувствував како да горам одвнатре, со трпки и крупни капки пот, треперење и некаква слабост во рацете и нозете“. Доживувањето на зборување на јазици честопати е поврзано со необично однесување кое некои ги вознемирува. На пример, „една девојка скоро се задушила од својата плунка кога се испружила на фотелјата, со главата зафрлена наназад, петиците на подот и вкочанети нозе“. За време на еден црквен состанок „некој човек постојано се преметнувал од едниот крај на црквата до другиот“.
“За некои луѓе“, пишува професор Вилијам Џ. Самарин, „зборувањето на јазици е услов да бидат крстени со Свет Дух“. Без тоа, тие се „присилени да се чувствуваат некако непотполни“. Тоа се смета и „како одговор на молитвата, како гаранција за божествената љубов и прифаќање“. Други рекле дека тоа им дава чувство на внатрешна хармонија, радост и мир, и добиваат „поголемо чувство за моќ“ и со „посилно чувство за идентитет“.
Дали екстатичниот говор навистина е доказ за дејствувањето на светиот дух? Дали доживувањето го обележува лицето како вистински христијанин? Дали зборувањето на јазици е дел од прифатливото обожавање денес? Овие прашања заслужуваат повеќе отколку само површен одговор. Зошто? Затоа што сакаме нашето обожавање да има Божје одобрение и благослов.