Зошто добрите луѓе страдаат?
ТОА се случило во 1914, кога светот бил вовлечен во I Светска војна. Во еден воен затвор во Србија одеднаш избил тифус. Но тоа било само почеток. Ужасната болест се проширила кај цивилите и, за само шест месеци, предизвикала смрт кај 150.000 луѓе. Сред воените прилики и револуцијата што уследила во Русија, три милиони умреле од тифус. Со право би можел да заклучиш дека меѓу жртвите имало многумина добри луѓе, а членовите на нивните семејства останале ожалостени.
Тоа е само еден пример на човечка трагедија. Можеби и самиот си доживеал страдање како последица на тоа што некој сакан станал жртва на болест, несреќа или неволја од овој или оној вид. Веројатно си загрижен кога некој праведен човек е унесреќен со болка од некоја неизлечива болест. Сигурно си длабоко нажален кога некое добро лице — можеби некој работлив семеен човек — ќе загине во несреќа. Од болка по изгубениот може да ти се кине срцето.
Мнозина мислат дека оној кој прави добро, треба да биде награден така што ќе биде ослободен од страдање. Некои дури го сметаат страдањето како доказ дека жртвата е грешник. Таков бил аргументот на тројцата мажи кои живееле пред околу 3.600 години. Тие биле современици на еден добар човек по име Јов. Да се вратиме во нивното време пред да го почнеме нашето барање на одговор на прашањето: Зошто добрите луѓе страдаат?
Страдањата на Јов
Кога тројцата наводни пријатели го посетиле Јов, тој неописливо страдал од болка и болест. Ги загубил своите десет деца, како и сиот материјален имот. Луѓето кои високо го ценеле, сега се гнаселе од него. Дури и неговата жена се одвратила од него, терајќи го да го проколне Бог и да умре (Јов 1:1–2:13; 19:13-19).
Седум дена и седум ноќи Јововите посетители молкум го набљудувале неговото страдање. Тогаш, едниот од нив го обвинил за неправедно однесување заради кое наводно бил казнет. „Спомни си“, рекол Елифаз, „загинал ли некој невин, и кога праведните биле искоренувани? Како што сум гледал: оние што ораат нечесност и сеат зло, тоа и го жнеат; од здивот Божји загинуваат и од духот на гневот Негов исчезнуваат“ (Јов 4:7-9).
Така Елифаз тврдел дека Бог го казнил Јов заради неговите гревови. Денес исто така некои аргументираат дека несреќите се Божји дела наменети да ги казнат луѓето заради престапување. Но Јехова не го казнил Јов затоа што сторил неправедни дела. Тоа го знаеме, бидејќи Бог подоцна му рекол на Елифаз: „Се разгоре гневот Мој против тебе и против двајцата другари твои, затоа што не зборувавте за Мене вистина, како Мојот слуга Јов“ (Јов 42:7).
Бог не е одговорен
Денес милиони луѓе — вклучувајќи и мнозина добри — се погодени од сиромаштво и се наоѓаат на работ на изгладнетост. Некои поединци станале огорчени и вината за своето страдање му ја припишуваат на Бог. Но, за гладот не треба да го обвинуваме него. Всушност, тој е Оној кој обезбедува храна за човештвото (Псалми 64:9).
Себичноста, алчноста и други човечки фактори можат да го спречат доставувањето на храна до гладните. Војната е една од причините за глад. На пример, The World Book Encyclopedia вели: „Војната може да доведе до глад ако многу селани ги напуштат своите ниви и ѝ се придружат на војската. Во некои случаи војската намерно создавала глад за да го натера непријателот да се предаде. Армијата ја уништува складираната храна и посевите, и поставува блокада за да го отсече непријателот од снабдувањето со храна. За време на Нигериската граѓанска војна (1967-70), блокадите спречија товарите со храна да стигнат до регионот Бијафра. Тоа предизвика глад и, веројатно, над еден милион Бијафрани умреа од изгладнетост“.
Посебно за време на II Светска војна, кога настрадаа и умреа многу добри луѓе, некои погрешно го обвинуваа Бог. Меѓутоа, луѓето ги кршат Божјите закони со тоа што се мразат и војуваат едни против други. Кога бил запрашан која заповед е „прва од сите“, Исус одговорил: „Прва од сите заповеди е: ‚Чуј Израиле! Господ [Јехова, NW], Бог наш, е еден Господ. Затоа возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила!‘ . . . А втората е слична на неа: ‚Возљуби го својот ближен како себеси!‘ Друга заповед, поголема од овие, нема“ (Марко 12:28-31).
Кога луѓето ги кршат Божјите закони со тоа што се впуштаат во масовни колежи, може ли тој со право да биде обвинет ако тоа доведе до страдање? Ако родителот им рече на своите деца да не се тепаат, а тие не обрнат внимание на неговиот добар совет, дали е тој одговорен ако претрпат повреди? Родителот не е ништо поодговорен во однос на Бог за човечките страдања кога луѓето ги занемаруваат божествените закони.
Иако може да дојде до страдања кога се игнорираат Јеховините закони, Библијата не покажува дека несреќите воглавно се Божји дела наменети за казна на злобните. Кога првата грешна двојка згрешила, тогаш го проиграла својот посебен благослов и заштита. Освен во случаи на божествена интервенција за извршување на Јеховините намери, она што му се случувало на човештвото од ден на ден, било управувано од ова библиско начело: „Брзите не ја добиваат трката, ниту силните битката, ниту мудрите ја имаат храната, ни разумните го имаат богатството, дури ни оние кои имаат знаење не ја имаат милоста; бидејќи времето и непредвидениот настан ги погодуваат сите“ (Проповедник 9:11, New World Translation of the Holy Scriptures).
Страдаат и добрите и лошите
Всушност, и добрите и лошите страдаат поради наследениот грев и несовршеност (Римјаните 5:12). На пример, и праведните и злите луѓе еднакво доживуваат тешки болести. Верниот христијанин Тимотеј страдал од „честите боледувања“ (1. Тимотеј 5:23). Кога апостол Павле го спомнал својот сопствен ‚трн во телото‘, можеби алудирал на некоја физичка мана (2. Коринтјаните 12:7-9). Дури ни кај своите лојални слуги Бог не ги отстранува наследените слабости или подложности на болест.
Исто така и побожните луѓе може да страдаат поради тоа што лошо просудуваат или понекогаш не ги применуваат библиските совети. За илустрација: Оној кој го занемарува Бог и се ожени со неверничка, може да страда од брачни проблеми што можел да ги избегне (5. Мојсеева 7:3, 4; 1. Коринтјаните 7:39, Даничиќ–Караџиќ). Ако некој христијанин не јаде правилно и не се одмора доволно, може да страда од нарушено здравје.
Ако подлегнеме на слабост и се впуштиме во неисправно однесување може да се појави емоционално страдање. Прељубата на крал Давид со Вирсавија (Бат-шеба) му донела огромно страдање (Псалм 50). Додека се обидувал да го затаи престапот, страдал од голема болка. „Кога молчев“, рекол тој, „ми се изедоа коските од моето стенкање цел ден. . . . Мојот животен сок испарил како на сув летен припек“ (Псалми 32:3, 4, NW). Маката заради вината ја намалила Давидовата сила, како што дрвото го губи животодајниот сок за време на суша или при сув летен припек. Очигледно тој страдал и душевно и физички. Но, Псалм 32 покажува дека таквото страдање може да биде олеснето ако лицето покајнички го исповеда гревот и добие Божје простување (Соломонови изреки 28:13).
Лошите луѓе често страдаат поради разуздан начин на живот, а не заради божествена казна. Ирод Велики бил нападнат од болест заради злобни навики. Во своите последни денови Ирод „страдал од ужасни маки“, рекол еврејскиот историчар Јосиф. „Имал ужасен нагон да се чеша, утробата му била загноена, а неговите гениталии биле гангренозни и црвливи. Попусто се обидувал да ја ублажи својата задишаност и грчевите во топлите извори кај Калирое. . . . Ирод страдал од таква тешка агонија што се обидел да се заколе со нож, но бил спречен од неговиот братучед“ — Јосиф: Важните списи (Josephus: The Essential Writings, преведено и издадено од Паул Л. Маер).
Држењето на Божјите закони дава извесна заштита од такви работи како што се сексуално преносливите болести. Сепак, зошто добрите луѓе, кои ја бараат неговата милост, се чини дека страдаат повеќе отколку што е вообичаено?
Зошто страдаат побожните луѓе
Првенствената причина зошто страдаат побожните луѓе е таа што се праведни. Тоа е илустрирано во примерот на Јосиф, синот на патријархот Јаков. Иако Петефриевата жена постојано го терала Јосиф да има сексуални односи со неа, тој прашал: „Како . . . да направам толку големо зло и да грешам пред Бога?“ (1. Мојсеева 39:9). Тоа предизвикало Јосиф да биде затворен и така тој страдал поради тоа што бил праведен.
Но, зошто Бог дозволува неговите верни слуги да страдаат? Одговорот се наоѓа во едно спорно прашање што го двигнал бунтовничкиот ангел Сатана Ѓаволот. Тоа спорно прашање ја вклучува беспрекорноста спрема Бог. Како го знаеме тоа? Па, тоа беше покажано во случајот на праведниот човек Јов, споменат погоре.
На еден состанок на Божјите ангелски синови, Јехова го прашал Сатана: „Обрна ли внимание на Мојот слуга Јов? Оти на земјата нема таков како него: човек непорочен, праведен, богобојазлив и кој го одбегнува злото“. Одговорот на Ѓаволот докажува дека постоел спор околу тоа дали луѓето ќе ја задржат беспрекорноста спрема Јехова кога се на испит. Сатана тврдел дека Јов му служи на Бог поради материјалните благослови што ги уживал, а не од љубов. Сатана тогаш рекол: „Но пружи ја раката Своја и допри се до сѐ што е негово [Јовово], ќе Те благослови ли тогаш [дали нема да те проколне в лице, NW]“. Јехова одговорил: „Еве, сѐ што е негово, е во твоја рака; само врз него не кревај рака!“ (Јов 1:6-12).
И покрај сѐ што можел Сатана да му стори, Јов задржал праведен начин на постапување и докажал дека му служел на Јехова од љубов. Затоа, Јов им рекол на своите обвинители: „Далеку од мене да ве признаам за справедливи; додека не умрам, нема да отстапам од својата справедливост!“ (Јов 27:5). Да, таквите чувари на беспрекорноста секогаш биле спремни да страдаат заради праведноста (1. Петрово 4:14–16). Библијата зборува за многумина кои имале непопустлива љубов спрема Бог и кои воделе праведен живот за да му оддадат чест и да докажат дека е лажно Сатановото тврдење дека може сите луѓе да ги одврати од Јехова Бог. Секој поединец кој страдал заради зачувување на беспрекорноста спрема Бог, може да биде среќен што докажува дека Ѓаволот е лажливец и што со тоа го радува Јеховиното срце (Соломонови изреки 27:11).
Бог не е рамнодушен спрема страдањето на неговите верни слуги. Псалмистот Давид рекол: „Господ [Јехова, NW] ги придржува сите што паѓаат и ги подига наведнатите“ (Псалми 144:14). На оние кои му се предале на Јехова, може да им недостига доволно лична сила да ги поднесат животните страдања и прогонствата што ги доживуваат како негов народ. Но, Бог ги јакне, им потпомага и им ја дава потребната мудрост за да ги издржат сите нивни искушенија (Псалми 120:1-3; Јаков 1:5, 6). Ако прогонителите и убијат некој од Јеховините лојални слуги, тие ја имаат од Бог дадената надеж во воскресение (Јован 5:28, 29; Дела на св. апостоли 24:15). Бог може дури и да ги укине последиците од какво и да било страдање што го доживуваат оние кои го љубат. Тој го окончал страдањето на Јов и изобилно го благословил тој праведен човек. А ние можеме да бидеме уверени дека Јехова ни денес нема да се одрече од својот народ (Јов 42:12-16; Псалми 93:14).
Наскоро — нема повеќе страдање!
Потоа, секој доживува страдање поради наследената несовршеност и животот сред овој зол систем на ствари. Побожните поединци исто така може да очекуваат страдање поради одржувањето на беспрекорноста спрема Јехова (2. Тимотеј 3:12). Но можат да се радуваат, бидејќи наскоро Бог ќе им стави крај на солзите, смртта, тагувањето, пискотот и болката. Во врска со тоа, апостол Јован рекол:
„Видов ново небо и нова земја, зашто [поранешното небо и, NW] поранешната земја помина, и морето го немаше веќе. Тогаш . . . го видов светиот град Ерусалим, нов, како слегува од Бога, од небото, стокмен како невеста, променета за својот маж. И чув висок глас од небото како зборува: ‚Ете ја скинијата на Бога меѓу луѓето, и Он ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив — нивни Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина.‘ И Седнатиот на престолот рече: ‚Напиши, зашто овие зборови се вистинити и верни‘“ (Откровение 21:1-5).
Слично изјавил и апостолот Петар: „Но ние, според Неговото [Јеховиното] ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се настани правда“ (2. Петрово 3:13). Колку величествени изгледи лежат пред нас! И ти можеш да ја имаш предноста да живееш на рајската Земја (Лука 23:43, NW). Затоа, нека денешните страдања не те огорчат. Наместо тоа, гледај на иднината со оптимизам. Положи ја твојата надеж и доверба во Божјиот нов свет кој е на дофат. Постапувај на начин кој е прифатлив за Јехова Бог, и ќе можеш засекогаш да живееш во свет кој е слободен од секакво страдање.
[Слика на страница 4]
Иако страдал, Јов постапувал на начин што бил прифатлив за Бог
[Слика на страница 7]
Ти можеш да живееш во свет што е слободен од секакво страдање
[Извор на слика на страница 3]
Collier’s Photographic History of the European War