Јеховиниот дух го води неговиот народ
„Твојот благ дух нека ме води по прав пат“ (ПСАЛМИ 142:10).
1, 2. Што може да предизвика жалост кај Јеховините лојални слуги?
,СЕ ЧУВСТВУВАМ толку потиштено! Каде можам да најдам малку утеха? Зарем Бог ме оставил?‘ Дали некогаш се чувствуваш така? Ако да, не си сам. Иако Јеховините лојални слуги живеат во расцутениот духовен рај, понекогаш се соочуваат со мачни проблеми, испити и искушенија што се вообичаени за човештвото (1. Коринтјаните 10:13).
2 Можеби си преокупиран со некое долготрајно искушение или причина за голем стрес. Можеби тагуваш поради смртта на некој драг и се чувствуваш мошне осамено. Или можеби ти е вознемирено срцето поради болеста на некој драг пријател. Таквите околности би можеле да те лишуваат од радоста и мирот и дури би можело да ѝ се закануваат на твојата вера. Што би требало да сториш?
Моли го Бог за неговиот дух
3. Што би било мудро да се стори ако нешто ти ги одзема особините како што се мир и радост?
3 Ако нешто ти го одзема мирот, радоста или некоја друга божествена особина, би било мудро да молиш за Божјиот свет дух, односно активна сила. Зошто? Затоа што Јеховиниот дух произведува добри плодови кои на христијанинот му помагаат да се соочува со проблеми, испити и искушенија. Откако предупредил на „делата на телото“, апостол Павле напишал: „А плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста. Против такви нема закон“ (Галатјаните 5:19-23).
4. Зошто би било прикладно да бидеме конкретни во молитвите кога сме соочени со некој испит или искушение?
4 Поради видот на искушението со кое се соочуваш, можеби сфаќаш дека се наоѓаш во опасност да ја изгубиш својата благост, или блага нарав. Тогаш моли го Јехова Бог конкретно за благост како плод на духот. Ако се соочуваш со некое искушение, особено ќе ти треба плодот самосовладување. Се разбира исто така ќе биде соодветно да молиш и за божествена помош да му се спротивставиш на искушението, за ослободување од Сатана, како и за мудроста што е потребна да се издржи тоа искушение (Матеј 6:13; Јаков 1:5, 6).
5. Што може да се стори ако околностите се толку вознемирувачки што не знаеш за кој плод на духот да молиш?
5 Меѓутоа, околностите понекогаш можат да бидат толку вознемирувачки или збунувачки што не знаеш точно кој плод на духот ти е потребен. Всушност, и радоста, мирот, благоста и сите други божествени особини можат да бидат доведени во опасност. Што тогаш? Зошто да не го молиш Бог за самиот свет дух, и не му допуштиш да ги развие плодовите што се потребни во твојот случај? Потребните плодови може да бидат љубов, или радост, или мир, или комбинација на плодовите на духот. Исто така моли го Бог да ти помогне да се подложиш на водството на неговиот дух, зашто тој го употребува за да го води својот народ.
Јехова е спремен да помогне
6. Како Исус им ја всадил на своите следбеници потребата да се молат без престан?
6 Кога учениците на Исус Христос барале упатства за молитвата, тој делумно ги поттикнал да молат за Божји дух. Исус прво употребил споредба за да ги поттикне да се молат без престан. Тој рекол: „Ако некој од вас има пријател и отиде при него на полноќ, па му каже: ‚Пријателе, дај ми назаем три леба; оти ми дојде еден пријател од пат и немам што да му принесам; а оној однатре да му одговори и рече: ‚Не ме обеспокојувај; портата е веќе затворена и децата се со мене во постела; не можам да станам да ти дадам‘. Но ви велам, макар и да не стане да му даде затоа што му е пријател, но ќе стане заради неговото настојување и ќе му даде, колку што му треба“ (Лука 11:5-8).
7. Која е суштината на Исусовите зборови од Лука 11:11-13, и каква гаранција ни даваат тие во врска со Бог и неговиот дух?
7 Јехова е спремен да му помогне на секој негов верен предаден слуга, и спремно ги слуша нивните молби. Но, ако таков човек ‚моли постојано‘ (NW), како што поттикнувал Исус, тоа покажува срдечна желба и тоа е израз на вера (Лука 11:9, 10). Исус додал: „И кој татко од вас, ако синот негов му побара леб, ќе му даде камен? Или ако побара риба, па да му даде змија место риба? Или, ако побара јајце, да му даде скорпија? И така, значи, ако вие, бидејќи лукави, умеете да давате добри дарови на чедата свои, колку повеќе небесниот Отец ќе им даде Дух Свети на оние, што Му бараат?“ (Лука 11:11-13). Ако еден земски родител, иако е повеќе или помалку лош поради наследената грешност, му дава добри работи на своето дете, секако дека нашиот небесен Татко ќе продолжи да му го дава својот свет дух на кој и да е од своите лојални слуги кој понизно моли за тоа.
8. Како Псалми 142:10 се однесува на Давид, Исус и на денешните Божји слуги?
8 За да имаме корист од Божјит дух, мораме да бидеме спремни да го следиме неговото водство, како Давид. Тој се молел: „Научи ме да ја исполнувам волјата Твоја, зашто Ти си мојот Бог. Твојот благ дух нека ме води по прав пат“ (Псалми 142:10). Давид, кого израелскиот цар Саул го направил одметник, барал Божјиот дух да го води за да биде сигурен дека неговиот начин на постапување е исправен. Со текот на времето дошол Авијатар, носејќи свештенички ефод што се употребувал за потврдување на Божјата волја. Како Божји свештенички претставник, Авијатар го поучил Давид за патот по кој треба да оди за да му угодува на Јехова (1. Царства 22:17–23:12; 30:6-8). Како Давид, така и Исус бил воден од Јеховиниот дух, а тоа било случај и со Христовите помазани следбеници како класа. Во 1918-19, тие се наоѓале во отуѓена положба пред човечкото општество и нивните релиогиозни непријатели мислеле дека можат да ги уништат. Помазаниците се молеле за излез од својата неактивна состојба и, во 1919, Бог одговорил на нивните молитви, ги ослободил, и повторно ги активирал во неговата служба (Псалми 142:7-9). Секако, Јеховиниот дух тогаш му помагал и го водел неговиот народ, како што прави и до ден денеска.
Како помага духот
9. а) Како светиот дух служи како „помошник“? б) Како знаеме дека светиот дух не е личност? (Види фуснота.)
9 Исус Христос го нарекол светиот дух „помошник“. На пример, на своите следбеници им рекол: „Јас ќе Го помолам Отецот, и Он ќе ви даде друг Утешител [помошник, NW], за да биде со вас довека, Духот на вистината, Кого светот не може да Го прими, оти не Го виде, ниту Го познава; а вие Го познавате, зашто во вас е и во вас ќе биде“. Меѓу другото, тој „помошник“ ќе биде учител, зашто Исус ветил: „Утешителот [помошникот, NW], пак, Духот Свети, Кого што Отецот ќе Го испрати во Мое име, Он ќе ве научи на сѐ и ќе ви напомни за сѐ што сум ви зборувал“. Исто така, духот требало да сведочи за Христос, а пак, тој, им дал гаранција на своите ученици велејќи: „Подобро е за вас Јас да си отидам, оти, ако не си отидам, Утешителот [помошникот, NW] нема да дојде при вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам“ (Јован 14:16, 17, 26; 15:26; 16:7).a
10. На кои начини светиот дух се покажал како помошник?
10 Од небото, Исус го излил ветениот свет дух над своите следбеници на денот Пентакост 33 н. е. (Дела на св. апостоли 1:4, 5; 2:1-11). Како помошник, духот им дал зголемено разбирање за Божјата волја и намера и им ја отворил неговата пророчка Реч (1. Коринтјаните 2:10-16; Колосјаните 1:9, 10; Евреите 9:8-10). Тој помошник исто така ги ополномоштил Исусовите ученици да бидат сведоци по целата Земја (Лука 24:49; Дела на св. апостоли 1:8; Ефесјаните 3:5, 6). Денес, светиот дух може да му помогне на предадниот христијанин да расте во спознанието ако ги користи духовните подготовки кои Бог ги направил преку „верниот и разумен роб“ (Матеј 24:45-47, NW). Божјиот дух може да пружа помош така што ќе ги обезбеди потребната храброст и сила за некој да даде сведоштво како еден од Јеховините слуги (Матеј 10:19, 20; Дела на св. апостоли 4:29-31). Меѓутоа, светиот дух му помага на Божјиот народ и на други начини.
„Со неискажливо воздивнување“
11. Што треба да прави христијанинот ако некое искушение изгледа претешко?
11 Што треба да прави христијанинот ако се наоѓа под искушение кое изгледа претешко? Па, да моли за свет дух и да дозволи тој да го направи своето! „И Духот нѐ поткрепува во нашите немоќи“, рекол Павле, „бидејќи не знаеме за што да се помолиме, како што треба, туку Духот Сам посредува за нас со неискажливо воздивнување. А Оној, Кој ги испитува срцата, знае каква е мислата на Духот, бидејќи Он по волјата на Бога посредува за светиите“ (Римјаните 8:26, 27).
12, 13. а) Како Римјаните 8:26, 27 се однесува на молитвите изговорени во особено искушувачки ситуации? б) Што направиле Павле и неговите придружници кога биле под голем притисок во областа на Азија?
12 Тие свети, за кои моли Божјиот дух, се Исусовите помазани следбеници со небесна надеж. Но без разлика дали имаш небесен повик или земска надеж, како христијанин ти можеш да ја добиеш помошта од Божјиот свет дух. Јехова понекогаш дава директен одговор на некоја конкретна молитва. Меѓутоа, понекогаш, можеби си толку вознемирен што своите чувства не можеш да ги изразиш со зборови, па можеш само да го преколнуваш Јехова со неискажливи воздивнувања. Всушност, можеби не знаеш што е најдобро за тебе, па би можел дури да молиш за нешто погрешно ако не бараш свет дух. Бог знае дека сакаш да се извршува неговата волја, и тој е свесен за она што навистина ти е потребно. Освен тоа, преку неговиот свет дух тој предизвикал во неговата Реч да бидат запишани многу молитви, што се однесуваат на искушувачки ситуации (2. Тимотеј 3:16, 17; 2. Петрово 1:21). Затоа, Јехова може да погледне на одредени чувства изразени во таквите инспирирани молитви како тоа да се изрази кои би сакал да ги искажеш ти како еден од неговите слуги, и тогаш може да одговори на нив во твоја полза.
13 Павле и неговите придружници можеби не знаеле за што да молат кога доживувале неволја во областа на Азија. Бидејќи ‚биле оптоварени многу, дури и преку нивните сили, во себеси ја носеле смртната пресуда‘. Но барале другите да се молат за нив, и имале доверба во Бог кој може да ги подигне мртвите, и навистина ги спасил (2. Коринтјаните 1:8-11). Колку е утешно што Јехова Бог ги слуша и постапува според молитвите на неговите верни слуги!
14. Какво добро може да произлезе ако Јехова дозволи едно искушение да трае некое време?
14 Божјиот народ како организација, често е нападнат од искушенија. Како што претходно беше споменато, за време на I Светска војна бил прогонуван. Иако тогаш немал јасно сфаќање на својата положба, и затоа не знаел точно за што да моли, Јеховината Реч содржела пророчки молитви на кои Јехова одговорил во нивна корист (Псалми 68, 101, 125; Исаија 12. поглавје). Но, што ако Јехова дозволи некое искушение да трае некое време? Тоа може да доведе до сведоштво, може да поттикне некои да ја прифатат вистината, а на христијаните им дава прилика да покажат братска љубов така што ќе се молат за или на друг начин ќе им помагаат на соверниците кои страдаат (Јован 13:34, 35; 2. Коринтјаните 1:11). Запомни дека Јехова го води својот народ со помош на својот свет дух, го прави она што е најдобро за нив и секогаш ги решава работите така да му донесат чест и да го светат неговото свето име (2. Мојсеева 9:16; Матеј 6:9).
Никогаш не жалости го духот
15. На што можат да се надеваат христијаните дека Јеховиниот дух ќе стори во нивна корист?
15 Затоа, ако си Јеховин слуга, моли се за свет дух во време на неволја и во други прилики. Потоа, сигурно следи го неговото водство, затоа Павле напишал: „Не Го оскрбувајте [жалостете, NW] Светиот Дух Божји, со Кој сте запечатени за денот на избавувањето [преку откупнина, NW]“ (Ефесјаните 4:30). Божјиот дух бил и е печат, или ‚залог за она што треба да дојде‘ (NW), за верните помазани христијани — односно, бесмртен небесен живот (2. Коринтјаните 1:22; Римјаните 8:15; 1. Коринтјаните 15:50-57; Откровение 2:10). И помазаните христијани и оние со земска надеж можат да имаат доверба дека Јеховиниот дух ќе стори многу во нивна корист. Тој може да ги води во живот на верност и да им помогне да избегнуваат грешни дела што водат до Божје неодобрување, губиток на неговиот свет дух и да не постигнат вечен живот (Галатјаните 5:19-21).
16, 17. Како христијанинот би можел да го жалости духот?
16 Како би можело еден христијанин, свесно или несвесно, да го жалости духот? Па, Јехова го употребува својот дух за да го унапредува единството и да поставува одговорни мажи во собранието. Затоа, кога еден член од собранието би зборувал против поставените старешини, би ширел клеветничко озборување и слично, не би го следел водството на Божјиот дух кон мир и единство. Во општа смисла тој би го жалостел духот (1. Коринтјаните 1:10; 3:1-4, 16, 17; 1. Солунјаните 5:12, 13; Јуда 16).
17 Кога им пишувал на христијаните во Ефес, Павле ги предупредил на склоноста кон лага, долготрајна лутина, крадење, неприкладен говор, сладострасен интерес за блуд, срамно однесување и непристојно шегување. Кога христијанин би си дозволил да се впушти во такви нешта, би постапувал спротивно на библискиот совет што е инспириран со дух (Ефесјаните 4:17-29; 5:1-5). Да, со тоа до одреден степен би го жалостел Божјиот дух.
18. Што може да му се случи на секој христијанин кој почнува да го игнорира советот од Божјата со дух инспирирана Реч?
18 Всушност, секој христијанин кој почнува да го игнорира советот од Јеховината со дух инспирирана Реч, би можел да почне да развива ставови или особини што би можеле да доведат до намерен грев и до губење на Божјата милост. Иако можеби моментално не прави грев, можеби оди во таа насока. Таквиот христијанин кој оди спротивно на водството на духот, би го жалостел. Така би му се спротивставувал и би го жалостел и Јехова, Изворот на светиот дух. Еден љубител на Бог никогаш не би сакал да го направи тоа!
Постојано моли се за свет дух
19. Зошто на Јеховиниот народ особено денес му е потребен неговиот дух?
19 Ако си Јеховин слуга, продолжи да се молиш за неговиот свет дух. Особено во овие ‚последни денови‘, со нивните критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај, на христијаните им е потребна помошта од Божјиот дух (2. Тимотеј 3:1-5). Ѓаволот и неговите демони, исфрлени од небото и сега во близината на Земјата, беснеат против Јеховината организација. Затоа, повеќе од било кога порано, на Божјиот народ му треба неговиот свет дух за да ги предводи, или води, и да ги оспособува да поднесуваат потешкотии и прогонства (Откровение 12:7-12).
20, 21. Зошто да го следиме водството на Јеховината Реч, дух и организација?
20 Секогаш покажувај ценење за помошта што Јехова Бог ја дава преку неговиот свет дух. Следи го водството на неговата со дух инспирирана Реч, Библијата. Потполно соработувај со Божјата земска организација предводена од духот. Никогаш немој да дозволиш да скршнеш кон небиблиско однесување што би значело жалостење на светиот дух, зашто тоа на крајот би можело да доведе до негово повлекување и така до духовна катастрофа (Псалми 50:11).
21 Да се биде воден од Јеховиниот дух е единствен начин да му се угоди, но и да се има мирен и радосен живот. И запомни дека Исус го нарекол светиот дух „помошник“ или „утешител“ (Јован 14:16, NW фуснота). Со негова помош, Бог ги утешува христијаните и ги зајакнува да се соочуваат со своите искушенија (2. Коринтјаните 1:3, 4). Духот му дава сила на Јеховиниот народ да ја проповеда добрата вест и му помага да се присети на библиски мисли потребни за да се даде добро сведоштво (Лука 12:11, 12; Јован 14:25, 26; Дела на св. апостоли 1:4-8; 5:32). Преку молитва и преку водството на духот, христијаните можат со небесна мудрост да се соочуваат со испити на вера. Според тоа, во сите животни ситуации, постојано молат за Божјиот свет дух. Како резултат на тоа, Јеховиниот дух го води неговиот народ.
[Фуснота]
a Иако е персонифициран како „помошник“, светиот дух не е личност, зашто за духот е употребена грчка заменка од среден род (преведена со „тоа“). Еврејските заменки во женски род на сличен начин се употребени за персонифицирана мудрост (Соломонови изреки 1:20-33; 8:1-36). Освен тоа, светиот дух бил ‚излиен‘, што не може да биде направено со некоја личност (Дела на св. апостоли 2:33).
Како би одговорил?
◻ Зошто да молиме за Јеховиниот свет дух?
◻ Како светиот дух е помошник?
◻ Што значи да се жалости светиот дух, и како можеме да избегнуваме да го правиме тоа?
◻ Зошто постојано да молиме за свет дух и да го следиме неговото водство?
[Слика на страница 15]
Како што еден љубезен татко му дава добри работи на својот син, така Јехова им дава свет дух на своите слуги кои се молат за него
[Слика на страница 17]
Дали знаеш како Божјиот дух се зазема за христијаните кои се молат?