Месијата — реална надеж?
Себеси се нарекувал Мојсеј. А неговото вистинско име се заборавило низ историјата. Во петтиот век н. е. патувал по островот Крит, убедувајќи ги тамошните Евреи дека тој е месијата што го очекуваат. Им рекол дека наскоро ќе заврши нивното угнетување, нивното изгнанство и ропство. Тие поверувале. Кога дошол денот на нивното ослободување, Евреите го следеле „Мојсеј“ до еден ’рт од кој се гледало Средоземното Море. Им рекол дека треба само да се фрлат во морето и тоа ќе се раздели пред нив. Многумина послушале и скокнале в морето кое не се разделило. Голем број се удавиле; а останатите биле спасени од морнарите и рибарите. Меѓутоа, Мојсеј никаде го немало. Тој месија исчезнал.
ШТО е месија? Можеби на ум ти доаѓаат зборовите „спасител“, „откупител“ и „водач“. Многумина мислат дека месија е личност која вдахнува надеж и побожност во своите следбеници, ветувајќи им дека ќе ги води од угнетување во слобода. Со оглед на тоа дека човечката историја во најголема мера е историја на угнетување, не е чудно што низ вековите се појавиле повеќе такви месии. (Спореди Проповедник 8:9.) Но, како самонаречениот Мојсеј од Крит, многу често овие месии наместо до ослободување, своите следбеници ги доведувале до разочарување и несреќа.
„Ова е Царот Месија!“ Така во 132. н. е., угледниот рабин Акиба бен Јосиф го поздравил Симеон Бар Кокба. Бар Кокба бил моќен човек кој заповедал со силна војска. Најпосле, еве го човекот кој ќе му стави крај на нашето долго угнетување од раката на Римската светска сила, си мислеле мнозина Евреи. Бар Кокба изневерил; за тој неуспех стотици илјади негови земјаци платиле со живот.
Во 12. век, се појавил еден друг еврејски месија, овојпат во Јемен. Кога калифот, односно владетелот, му побарал знак за неговото месијанство, овој месија предложил калифот да му ја отсече главата, па неговото брзо воскресение нека послужи како знак. Калифот се согласил со планот — и тоа било крај на јеменскиот месија. Во истиот век еден човек по име Дејвид Алрој, на Евреите на Блискиот Исток им рекол да се подготват и да го следат на ангелски крилја назад кон Светата Земја. Мнозина поверувале дека тоа бил месијата. Евреите од Багдад стрпливо го чекале на покривите, безгрижни и несвесни за крадците кои го пљачкале нивниот имот.
Во 17. век, во Смирна се појавил Сабати Зеви. Своето месијанство им го објавувал на Евреите ширум Европа. Го слушале и христијаните. На своите следбеници Зеви им нудел ослободување — очигледно дозволувајќи им да прават грев без ограничување. Неговите најблиски следбеници вршеле оргии, нудизам, блудство и инцест, а потоа се казнувале себеси со камшици, се тркалале голи во снегот и се закопувале до вратот во студената земја. На пат за Турција, Зеви бил фатен и му рекле дека или мора да се преобрати на Исламот, или ќе умре. Тој се преобратил. Многумина негови следбеници биле разбиени. И покрај тоа, следните два века, во некои кругови Зеви и понатаму бил нарекуван месија.
И христијанството од своја страна понудило месии. Во 12. век, еден човек по име Танхелм создал армија од приврзаници и владеел со градот Антверп. Овој месија себе се нарекувал бог; дури и водата во која се капел им ја продавал на своите следбеници да ја пијат како сакрамент! Друг „христијански“ месија од 16. век бил Томас Мунцер од Германија. Тој предводел едно востание против месните цивилни власти, велејќи им на своите следбеници дека тоа била битката на Армагедон. Ветил дека ќе ги фаќа непријателските топовски ѓулиња во своите ракави. Наместо тоа, неговите луѓе биле измасакрирани, а на Мунцер му била отсечена главата. Низ вековите во христијанството се јавиле многу други такви месии.
Останатите религии исто така имаат свои месијански личности. Исламот укажува на Махди, односно оној кој е праведно воден, кој ќе воведе ера на правда. Во хиндуизмот некои тврделе дека се аватари, или инкарнации на различни богови. А како што забележува The New Encyclopædia Britannica, „дури и една немесијанска религија, како што е будизмот, кај Махајана групите го создала верувањето во идниот Буда Митреја кој треба да слезе од своето небесно живеалиште и да ги однесе верните во рај“.
Месии од 20. век
Во нашиов век, потребата од вистински месија станала поитна од кога и да е порано; затоа, не е за изненадување што многумина си ја присвојувале таа титула. Во африкански Конго во 1920-тите, ’30-тите и ’40-тите години, Симон Кимбангу и неговиот наследник Андре „Исус“ Мацва, биле поздравени како месии. Тие умреле, но нивните следбеници сѐ уште ги очекуваат да се вратат и да воведат африкански милениум.
Овој век, исто така, ја доживеал појавата на „карго-култови“ во Нова Гвинеја и Меланезија. Нивните членови очекуваат брод или авион со посада од бели луѓе, слични на месии, кои ќе ги збогатат и воведат во ера на среќа, кога дури и мртвите ќе станат.
И индустријализираните нации имале свои месии. Некои се религиозни водачи, како Сун Мјунг Мун, самопрогласен наследник на Исус Христос, кој тврди дека ќе го исчисти светот со помош на обединето семејство од негови поклоници. Политичките лидери исто така се обидувале да си присвојат месијански статус, а Адолф Хитлер бил најгрозниот пример на столетието со својот грандиозен говор за Илјадагодишен Рајх.
На сличен начин, политички филозофи и организации постигнале месијански статус. На пример, The Encyclopedia Americana забележува дека марксистичко-ленинистичката политичка теорија има месијански призвуци. А изгледа дека Организацијата на обединетите нации, нашироко поздравувана како единствена надеж за светски мир, во мислите на многумина станала еден вид месијанска замена.
Реална надеж?
Овој краток преглед доста добро објаснува дека историјата на месијанските движења воглавно е историја на измама, срушени надежи и нереални сништа. Затоа, тешко би нѐ изненадило тоа што многу луѓе денес станале цинични во поглед на надежта во месија.
Сепак, пред потполно да ја отфрлиме месијанската надеж, би требало да научиме откаде потекнува таа. Всушност, „месија“ е библиски збор. Хебрејскиот збор е маши́јах, односно „помазаник“. Во библиски времиња, царевите и свештениците понекогаш биле поставувани на своите положби со церемонија на помазание, при што врз главата им било истурано миризливо масло. Затоа, за нив исправно бил применуван терминот маши́јах. Постоеле и луѓе кои биле помазувани, или поставувани на посебна положба, без некаква церемонија на помазание. Во Евреите 11:24-26, Мојсеј е наречен „Христос“, или „помазаник“, затоа што бил избран за Божји пророк и застапник.
Оваа дефиниција за месија како „помазаник“, добро ги разликува библиските од лажните месии за кои стана збор. Библиските месии не биле самопоставени; ниту ги избирале масите од обожаватели. Не, нивното поставување потекнувало одозгора, од самиот Јехова Бог.
Иако Библијата зборува за многу месии, таа издигнува еден над сите останати (Псалми 44:7). Тој Месија е централна личност во библиските пророштва и клучот за исполнување на највдахновителните библиски ветувања. А тој Месија навистина се бори со проблемите со кои се соочуваме денес.
Спасител на човештвото
Библискиот Месија се зафаќа со проблемите на човештвото така што тргнува од нивните корени. Кога нашите прародители, Адам и Ева, на подбуда од бунтовното духовно суштество Сатана, се побуниле против Творецот, тие фактички си го присвоиле највисокото право на владеење. Сакале да бидат оние кои ќе одлучуваат што е исправно, а што погрешно. Со тоа се довеле себеси вон Јеховината доброљубива, заштитничка влада и го втурнале човечкото семејство во хаос и беда на самоуправа, несовршеност и смрт (Римјаните 5:12).
Затоа, колку е доброљубиво што Јехова Бог го избрал тој мрачен момент во човечката историја за на сето човештво да му пружи искра на надеж. Кога ја изрекол смртната казна над човечките бунтовници, Бог прорекол дека нивното потомство ќе има Спасител. Тој спасител, на кого се осврнува како на „семе“, ќе дојде за да го поништи ужасното дело кое Сатана го направил во Еден; Семето требало да ѝ ја згмечи главата на таа „змија“, Сатана, да го сотре од постоење (1. Мојсеева 3:14, 15).
Уште од стари времиња, Евреите ова пророштво го сметале за месијанско. Повеќе Таргуми, еврејски парафрази на Светото писмо кои обично се употребувале во првиот век, објаснувале дека ова пророштво ќе биде исполнето „на денот на Царот Месија“.
Тогаш, не е ни чудо што од самиот почеток верните луѓе се воодушевувале од ова ветување за идно Семе, или Спасител. Замисли си само како се чувствувал Авраам кога Јехова му рекол дека Семето треба да дојде преку неговата лоза, и дека „сите народи на земјата“ — не само неговите потомци — „ќе се благословат“ преку тоа Семе (1. Мојсеева 22:17, 18, NW).
Месијата и владата
Подоцнежните пророштва ја поврзале оваа надеж со изгледот за добра влада. Во 1. Мојсеева 49:10, на Авраамовиот правнук Јуда, му било речено: „Палката владетелска нема да се одвои од Јуда ниту од нозете негови оној кој поставува закон, додека не дојде оној кому му припаѓа [Шило, NW], и нему ќе му се покоруваат народите“ (ДК). Јасно е дека овој „Шило“ требало да владее — и тоа не само над Евреите, туку над „народите“. (Спореди Даниил 7:13, 14). Старите Евреи го идентифицирале Шило со Месијата; всушност, некои од еврејските Таргуми зборот „Шило“ едноставно го замениле со „Месија“ или „царот Месија“.
Додека светлината на инспирираното пророштво станувала сѐ посветла, сѐ повеќе било откривано за владата на овој Месија (Соломонови изреки 4:18). Во 2. Царства 7:12-16, на цар Давид, потомок на Јуда, му било речено дека Семето ќе дојде од неговата лоза. Освен тоа, ова Семе требало да биде необичен Цар. Неговиот престол, или владетелство, требало да трае засекогаш! Исаија 9:6, 7 го поткрепува ова гледиште: „Младенец ни се роди — Син ни се даде; власта [владата, King James Version] е на рамењата Негови . . . Неговата власт и мирот бескраен ќе растат врз престолот на Давида и во царството негово, за да го утврди Он и да го зацврсти преку суд и правда отсега па довека. Тоа ќе го направи ревноста на Господа Саваота“.
Можеш ли да си замислиш таква влада со праведен, правичен владетел кој воспоставува мир и кој владее засекогаш? Колку се разликува од историската патетична парада од лажни месии! Далеку од тоа да биде измамнички, самопоставен водач, библискиот Месија е светски владетел со сета моќ и власт кои се потребни за да ги измени светските услови.
Овој изглед има длабоко значење во нашиве немирни времиња. Човештвото никогаш немало толку очајна потреба од таква надеж. Но, бидејќи е многу лесно да бидеш измамен од лажни надежи, животоважно е секој од нас грижливо да го проучи следново прашање: Дали Исус од Назарет бил проречениот Месија како што веруваат многумина? Ова прашање го обработува следната статија.
[Рамка на страница 6]
Месија во Бруклин?
Неодамна во Израел, со постери, рекламни паноа и неонски реклами, беше објавено „Подготви се за доаѓањето на Месијата“. Оваа јавна кампања чинеше 400.000 долари, а ја покренаа Лубавичерите, една ултраортодоксна секта на хасидските Евреи. Во оваа група од 250.000 членови е раширено верувањето дека нивниот велик рабин, Менахем Мендел Шнеерсон од Бруклин, Њујорк, е Месијата. Зошто? Шнеерсон учи дека Месијата ќе дојде во оваа генерација. А според списанието Newsweek, службениците на Лубавичер тврдат дека 90-годишниот рабин нема да умре пред да дојде Месијата. Со векови оваа секта учи дека секоја генерација дава барем еден човек кој се нарекува Месија. Таков им се чини Шнеерсон на неговите следбеници, а тој сѐ уште нема поставено наследник. Сепак, повеќето Евреи не го признаваат за Месија, вели Newsweek. Според весникот Newsday, 96-годишниот сопернички рабин Елиезер Шах, го нарекол „лажен месија“.
[Слика на страница 7]
Верувањето дека Мојсеј од Крит бил месијата, многу луѓе го платиле со живот