Свет без грев — како?
ВО РАНИТЕ часови на едно зимско утро врескавите извици за помош ја нарушиле тишината во еден мирен кварт во Токио. Десетина луѓе ги чуле очајните повици на една жена која разнесувла весници; додека ја бркале пет до десет минути, повеќе пати била прободена со нож. Никој не се заинтересирал да види што се случува. Умрела од прекумерна загуба на крв. „Кога еден од овие луѓе би ја известил полицијата за инцидентот, веднаш откако го слушнале тој пискот“, рекол еден детектив, „нејзиниот живот би можел да се спаси.“
Иако оние кои ја слушнале жената која умирала не направиле ништо лошо со тоа што само ја игнорирале, дали можеле со право да тврдат дека биле слободни од вина? „Совеста ме измачуваше цел ден во петокот, откако дознав за убиството“, рекол еден човек кој ги слушнал нејзините извици. Ова нѐ тера да се запрашаме: Што е всушност гревот?
Што е грев?
Укажувајќи на свесноста за грев, Хидео Одагири, литературен критичар и почесен професор на универзитетот во Хосеи во Токио, Јапонија, рекол, како што е цитирано во весникот Asahi Shimbun: „Не можам да ги избришам живите спомени што ми ги донесува свесноста за гревови, како што се одвратниот егоизам кој постои кај детето, срамната љубомора и предавството од зад грб. Таа свесност беше втисната како жиг во мојот ум уште кога бев во основно училиште, и сѐ уште ме измачува“. Дали некогаш си доживеал такви чувства? Дали имаш внатрешен глас кој те осудува ако направиш нешто за кое си свесен дека не е во ред? Можеби не е извршено некакво злосторство, но останува едно непријатно чувство и ти тежи на мислите. Тоа е твојата совест, а Библијата зборува за неа во следниов пасус: „Незнабошците, немајќи Закон, сами од себе вршат сѐ по законот; тогаш тие, иако немаат Закон, сами во себеси се закон; поради тоа што делото на Законот е напишано во нивните срца, та затоа се управуваат според Законот, бидејќи нивната совест им сведочи за тоа, и нивните мисли помеѓу себе се обвинуваат или оправдуваат“ (Римјаните 2:14, 15). Да, повеќето луѓе по природа се вознемируваат од постапките како што се прељуба, крадење или лажење. Нивната совест сведочи за грев.
Меѓутоа, кога гласот на совеста постојано се игнорира, таа повеќе не служи како заштита. Таа може да стане неосетлива и извалкана (Тит 1:15). Се губи чувството за она што е лошо. Всушност, совеста на повеќето луѓе денес е мртва кога станува збор за гревот.
Дали совеста е единственото мерило за гревот, или постои нешто што може да служи како апсолутен стандард за тоа што е грев, а што не? Пред повеќе од 3.000 години, на својот избран народ Бог му дал законски зборник и, преку тој Закон, гревот бил ‚препознаен како грев‘ (Римјаните 7:13, New International Version). Дури и однесувањето кое порано било донекаде прифатливо, сега било откриено како нешто што е — грев. Припадниците на Божјиот избран народ, Израелците, биле разоткриени како грешници, и како такви биле под осуда.
Кои се тие гревови за кои нашата совест нѐ прави свесни, а кои Мозаитскиот Закон ги навел и наброил? Во библиската употреба на зборот, гревот значи да се промаши целта во поглед на Творецот. Сѐ што не е во согласност со неговата личност, начела, патишта и волја, е грев. Тој не може да ѝ подари постојано постоење на која и да била творба која ја промашува целта што тој ја поставил. Затоа, еден правен стручњак од првиот век ги предупредил еврејските христијани: „Браќа, гледајте, да не би во некого од вас, да има лошо срце за верата, та да отстапи од живиот Бог“ (Евреите 3:12). Да, недостигот на вера во Творецот претставува главен грев. Според тоа, спектарот на гревот како што е објаснет во Библијата, е многу поширок од она што обично се смета за грев. Библијата оди толку далеку што изјавува: „Сите згрешија и се лишени од славата Божја“ (Римјаните 3:23).
Потеклото на гревот
Дали тоа значи дека човекот бил создаден како грешник? Не, Јехова Бог, Зачетникот на човечкиот живот, го направил првиот човек како совршено суштество (1. Мојсеева 1:26, 27; 5. Мојсеева 32:4). Меѓутоа, првата човечка двојка ја промашила целта кога ја оспориле единствената забрана што Бог ја поставил, и јаделе од забранетото ‚дрво за познавање на доброто и на злото‘ (1. Мојсеева 2:17). Иако биле совршено создадени, тие ја промашиле целта на потполната послушност спрема нивниот Татко, станале грешници, и затоа биле осудени на смрт.
Каква врска има оваа древна историја со денешниот грев? Библијата објаснува: „Како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот — смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, оти сите згрешија“ (Римјаните 5:12). Без исклучоци, сите ние сме грешници преку наследство; затоа сме дошле под смртната пресуда (Проповедник 7:20).
Човековите напори да го избрише гревот
Адам го пренел гревот на своето потомство, но го пренел и од Бог дадениот дар на совест. Гревот може да предизвика непријатно чувство. Како што беше порано споменато, луѓето измислиле разновидни шеми за ублажување на таквите чувства. Но, дали се тие навистина делотворни?
На Исток и на Запад, луѓето се обидувале да се борат против последиците од гревот така што ги промениле своите мерила или го негираат самото постоење на гревот (1. Тимотеј 4:1, 2). Грешната состојба на човештвото може да се спореди со состојбара на еден пациент кој има треска. Гревот може да се спореди со вирусот кој ги предизвикува симптомите, а вознемирената совест може да се спореди со неугодната треска. Ако го скршиме термометарот, нема да го промениме фактот дека пациентот има голема треска. Ако ги отфрлиме високите морални начела, како што направиле многумина во т. н. христијанство, и ако го игнорираме сведоштвото на сопствената совест, тоа нема да помогне да го избришиме самиот грев.
Човек може да употребува вреќичка со мраз за да ја ублажи треската. Тоа е исто како да се обидуваш да ја ублажуваш грижата на совеста со површно извршување на шинтоистичките ритуали за прочистување. Вреќичката со мраз може привремено да ја разлади жртвата на треска, но не го отстранува причинителот на треската. Свештениците и пророците во времето на Еремија пробале на сличен начин да ги лекуваат Израелците во тоа време. Тие „лесно“ ги лекувале духовните и моралните рани на народот, со зборовите: „Сѐ е во ред, сѐ е во ред“ (Еремија 6:14; 8:11, An American Translation). Самото површно вршење на религиозни постапки и пеењето во стилот „сѐ е во ред“ не ја излечиле моралната криза на Божјиот народ, а ритуалите на прочистување, денес, не можат да ја променат етиката на луѓето.
Доколку се земаат антипиретици, треската на болниот може да се намали, но вирусот и понатаму е во системот на организмот. Истото важи за конфучијанскиот начин на соочување со злото преку образованието. На прв поглед, на луѓето може да им помогне да се одвратат од злото, но со извршувањето на ли само се потиснува грешното однесување, а не го ослободува човекот од неговата вродена грешна склоност, т.е. од основната причина за лошото однесување (1. Мојсеева 8:21).
А што е со будистичкото учење за влегувањето во нирвана со кое настапува ослободување од грешните склоности? За состојбата на нирвана, за која се вели дека значи „изгаснување“, се смета дека е неопислива — изгаснување на секаква страст и желба. Некои тврдат дека тоа е престанување на индивидуалното постоење. Зарем тоа не звучи како на некој човек болен од треска да му велиш да умре за да му олесни? А освен тоа, се смета дека постигнувањето на состојбата на нирвана е многу тешко, дури невозможно. Дали тоа учење би му користело на некој со вознемирена совест?
Ослободување од грев
Јасно е дека човечките филозофии за животот и грешната состојба можат, под најдобри околности, само да ја смират совеста. Но, тие не ја отстрануваат грешната состојба (1. Тимотеј 6:20). Постои ли некаков начин за тоа да се постигне? Во Библијата, древна книга напишана на Блискиот исток, го наоѓаме клучот за ослободување од гревот. „Гревовите ваши да се како бакам, — како снег ќе ги побелам . . . Ако Го барате и послушате, ќе ги јадете добрата земни“ (Исаија 1:18, 19). Овде Јехова им зборувал на Израелците кои, иако биле негов избран народ, ја промашиле целта на беспрекорноста спрема него. Меѓутоа, истото начело се применува на целото човештво. Спремноста да се слушаат зборовите на Творецот го претставува клучот за гревовите да бидат исчистени, или така да се каже, испрани.
Што ни зборува Божјата Реч за перењето на гревовите на човештвото? Како што преку гревот на еден човек целото човештво станало грешно, така преку совршената послушност на друг човек спрема Бог, послушното човештво ќе биде ослободено од својата беда, вели Библијата (Римјаните 5:18, 19). Како? „Бог ја докажа љубовта Своја кон нас со тоа, што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни“ (Римјаните 5:8). Исус Христос, роден како совршен и безгрешен човек, еквивалент на првобитниот Адам пред тој да згреши, бил во состојба да ги отстрани гревовите на човештвото (Исаија 53:12; Јован 1:14; 1. Петрово 2:24). Со тоа што бил осуден на смрт на маченички столб како злосторник, Исус го ослободил човештвото од ропството на гревот и смртта. „Оти уште кога бевме немоќни,“ им објаснил Павле на христијаните во Рим, „Христос во определеното време умре за безбожниците. . . . Како што гревот царува, предизвикувајќи смрт, така и благодатта да се зацари со правда за живот вечен, преку Исуса Христа, нашиот Господ“ (Римјаните 5:6, 21).
Тоа што Христос умрел за целото човештво и што ја урамнотежил вагата чија рамнотежа ја нарушил Адам, се нарекува подготовка на ‚откупнината‘ (Матеј 20:28). Тоа може да се спореди со лек што делува против вирусот кој ја предизвикува треската. Со применување на вредноста на Исусовата откупнина на човештвото, може да се излечи неговата болна состојба што ја предизвикал гревот — вклучувајќи ја и самата смрт. Тој процес на оздравување симболично е објаснет во последната книга на Библијата: „Од двете страни на реката — дрвото на животот, што раѓа плодови дванаесетпати, давајќи плод секој месец; а лисјата на дрвото служат за исцелување на народите“ (Откровение 22:2). Замисли! Симболична река со водата на животот која тече помеѓу дрвја на животот со нивните лисја, и сето тоа наменето за лекување на човештвото. Тие божествено инспирирани симболи ја преставуваат Божјата подготовка за повторно враќање на човештвото во совршенство, на темел на Исусовата откупна жртва.
Пророчките визии од книгата Откровение наскоро ќе бидат реалност (Откровение 22:6, 7). Потоа, со потполната примена на вредноста на Исусовата откупна жртва за човештвото, сите оние со исправно наклонети срца ќе бидат совршени и „ќе се ослободат од ропството на распаѓањето при славното ослободување на синовите Божји“ (Римјаните 8:21). Исполнувањето на библиските пророштва покажува дека тоа славно ослободување е близу (Откровение 6:1-8). Наскоро Бог ќе ја ослободи Земјината топка од зло и луѓето ќе се радуваат на вечен живот на рајска Земја (Јован 3:16). Тоа навистина ќе биде свет без грев!
[Слика на страница 7]
Исусовата откупна жртва ќе им овозможи на семејствата како што е ова да се радуваат на бескрајна среќа