„Добро утро! Дали знаете кое е Божјето име?“
ПИСМОВО кое следи стигнало во подружницата на Јеховините сведоци во Бразил, испратено од две 12-годишни сестри близначки од градот Форталеза:
„Во 1990, кога одевме во петто одделение, нашето училиште организира научен, уметнички и културен саем. Ние ѝ објаснивме на нашата наставничка дека сакаме нашата понуда да биде поинаква од она што другите ученици го имаат планирано. Бидејќи претходно имаше слушнато од нас за Јехова и за Библијата, таа предложи: ‚Тогаш можете да пишувате за вашиот Бог!’
Видовме дека тоа е една можност да се даде сведоштво и решивме да поставиме еден експонат со библиска литература која се сосредоточуваше на Јеховиното име. Употребивме една зголемена слика од зборовите од Псалми 83:18 [82:18, Свето писмо на современ македонски јазик] и прилепивме слика од една отворена Библија. Освен тоа, на една маса ставивме различни библиски преводи кои го содржат Јеховиното име. На истата маса изложивме разновидна библиска литература. На крајот од масата поставивме видеорекордер и ТВ приемник за да им покажеме на посетителите еден пример во еден мошне популарен филм каде е употребено Јеховиното име.
За време на саемот, кога некој посетител ќе дојдеше до нашата маса, ние ќе кажевме: ‚Добро утро! Дали знаете кое е Божјето име?’ Откако ќе му дадевме можност да одговори, ние продолжувавме: ‚Погледнете! Неколку библиски преводи покажуваат дека неговото име е Јехова‘, и при тоа укажувавме на името во различни Библии, како што е преводот на Жао Фереира де Алмеида, The Jerusalem Bible и New World Translation. Потоа ја пуштавме сцената каде што главната личност во филмот нагласува дека Божјето име е Јехова. Кога луѓето ќе покажеа интерес, им дававме списанија или трактати каде што има повеќе информации.
Еден млад човек дојде до нашата маса и се интересираше за книгата Прашања од младите — Делотворни одговори. Нашиот наставник ја разгледуваше книгата Направи го семејниот живот успешен и извикна: ‚Каква интересна книга!‘ На крајот на саемот имавме раздадено 7 книги, 18 трактати и 67 списанија. Ние го освоивме третото место на саемот. Но, најмногу од сѐ, бевме среќни што ја имавме можноста да го објавиме Божественото име, Јехова“.