Колку се веродостојни библиските пророштва?
ДЕНЕС, историски книги има во изобилство. Ваквите извештаи за она што се случило во минатото честопати изгледаат навистина фасцинантни. Додека ги читаме, можеме да се видиме себе си во древните настани. Нашата фантазија може да се зголеми додека луѓето, местата и настаните како да извираат од молчаливите страници.
Библијата е една таква книга — полна со возбудливи историски извештаи. Низ нејзините страници можеме да се запознаеме со мажи и жени како Авраам, неговата жена Сара, цар Давид, царица Естир и Големиот Учител Исус Христос. Всушност, можеме да патуваме со нив, да го слушнеме она што го рекле и да го видиме она што го виделе. Но многумина ја сметаат Библијата за нешто повеќе отколку само историска книга. Веруваат дека таа го содржи она што се нарекува однапред пишувана историја. Зошто? Бидејќи Библијата е полна со претскажувања или пророштва.
Сепак, колку се веродостојни библиските пророштва? Ако библиските пророштва биле исполнети со настаните во минатото, зарем не би требало да очекуваме да се остварат такви претскажувања за идните настани? Да разгледаме сега некои примери за да видиме дали библиските пророштва се веродостојни.
Израел и Асирија на светската сцена
Божјиот пророк Исаија, кој почнал да пророкува околу 778 пр. н. е., претскажал: „Со нозе се гази венецот, со кој се гордеат Ефремовци. И со свенатото цвеќе — неговиот гиздав украс — цвеќе среде наѓубрената долина, станува истото, како што станува со смоквата, рано узреана: штом некој ќе ја види, веднаш ја зема в рака и ја каснува“ (Исаија 28:3, 4). Како што овде е проречено, во средината на осмиот век пр. н. е. израелскиот главен град Самарија станал како зрела смоква готова да ја скинат и проголтаат воените сили на Асирија. Токму тоа се случило кога Самарија била освоена од страна на Асирците во 740 пр. н. е. (4. Царства 17:6, 13, 18).
Со текот на времето, дошло ред Асирија да стане империја на минатото. Нејзин главен град бил Ниневија, толку злогласен поради свирепите постапки на неговите жители што бил наречен „крвничкиот град“ (Наум 3:1). Самиот Јехова Бог одлучил да ја уништи Ниневија. На пример, преку пророкот Наум, Бог рекол: „Ете, Јас сум против тебе . . . ќе те направам презрена, и ќе те направам за приказ. И секој, штом ќе те види, ќе побегне од тебе и ќе рече: ‚Разурната е Ниневија!‘“ (Наум 3:5-7). Софонија исто така го прорекол уништувањето на Асирија и опустошувањето на Ниневија (Софонија 2:13-15). Овие пророштва се исполниле во 632 пр. н. е. кога одненадеж здружените сили на вавилонскиот цар Набопаласар и медискиот Кијаксар ја пљачкосале Ниневија и ја срамниле со земја толку темелно што местоположбата на градот не можела да се пронајде повеќе од 2.000 години. Следно на светската сцена било Вавилонското Царство.
Проречено уништувањето на Вавилон
Библијата прорекла дека вавилонското царство ќе биде соборено и претскажала како ќе падне неговиот главен град Вавилон. Речиси два века однапред пророкот Исаија предупредил дека реката Еуфрат ќе биде исушена. Таа течела низ Вавилон, па портите долж реката биле витален дел од одбраната на градот. Пророштвото го именува Кир како освојувач и забележува дека Вавилонските ‚порти‘ нема да бидат затворени за освојувачите (Исаија 44:27–45:7). Следствено, Бог се погрижил Вавилонските порти покрај Еуфрат да останат отворени за време на славата во ноќта кога силите на Кир Велики нападнале. На тој начин без потешкотии влегле во градот преку речното корито и го запоседнале Вавилон.
Историчарот Херодот пишувал: „Кир . . . стационирал дел од своите сили на местото каде Еуфрат влегува [во Вавилон], а друг дел на спротивниот крај каде што таа излегува, со наредби двете сили да влезат преку речното корито веднаш кога водата ќе биде доволно плитка . . . Со помош на ископан канал го свртил текот на реката во езерото (кое тогаш било мочуриште) и со тоа толку го намалил нивото на водата во првобитното речно коритониво што реката можела да се прегази, а персиската армија која стоела крај Вавилон, навлегла преку реката, сега длабока само до средината на човечко бедро, и одејќи долж неа, дошла до градот. . . . Таму се одвивала свеченост и дури и кога градот паѓал, тие продолжиле да танцуваат и да се забавуваат сѐ додека сувопарната вистина не ги отрезнила“ (Херодот — истории, преведена од Обри ди Селинкорт).
Истата таа вечер, Божјиот пророк Даниел го предупредил вавилонскиот владетел за пропаста која набргу требала да им се случи (Даниил, 5. поглавје). Вистина, Вавилон постоел уште неколку века после тоа, но со ослабена моќ. На пример, во првиот век н. е., апостолот Петар од таму го напишал своето прво вдахновено писмо (1. Петрово 5:13). Но пророштвото на Исаија навело: „И Вавилон, . . . ќе биде соборен од Бога, како Содом и Гомор, нема да се насели никогаш“. Бог исто така рекол: „Ќе го истребам името на Вавилон и целиот остаток — и син, и внук“ (Исаија 13:19-22; 14:22). Како што било проречено, на крајот Вавилон станал куп урнатини. Секакво можно реставрирање на овој древен град би можело да ги привлече туристите, но тој сепак ќе биде без „син, и внук“.
Даниел, Јеховиниот пророк кој бил присутен во Вавилон кога тој паднал, добил визија за победничките Медија и Персија. Видел еден овен со два рога и јарец кој имал голем рог меѓу очите. Јарецот го нападнал овенот и го соборил, кршејќи му ги двата рога. Потоа се скршил големиот рог на јарецот, а на тоа место се појавиле четири рога (Даниил 8:1-8). Како што Библијата прорекла, а историјата потврдила, овенот со двата рога ја претставувал Медо-Персија. Јарецот ја претставувал Грција. А што е со неговиот „знаменит рог“? Се покажало дека тоа е Александар Велики. Кога овој симболичен голем рог бил скршен, го замениле четири симболични рога (или царства). Како потврда на ова пророштво, по смртта на Александар, четворица од неговите генерали се зацврстиле во власта — Птоломеј I во Египет и Палестина, Селеукид Никатор во Месопотамија и Сирија, Касандер во Македонија и Грција и Лизимах во Тракија и Мала Азија (Даниил 8:20-22).
Пророштва за светла иднина
Библиските прорштва за овие настани, како што било уништувањето на Вавилон и симнувањето на Медо-Персија, се само примери од многуте библиски пророштва кои се обистиниле во минатото. Библијата исто така содржи пророштва за светла иднина кои ќе се остварат заради Месијата, Божјиот Помазаник.
Писателите на Христијанските Грчки списи примениле на Исус Христос некои Месијански пророштва од Хебрејските списи. На пример, писателите на Евангелијата означиле дека Исус бил роден во Витлеем, како што прорекол пророкот Михеј (Михеј 5:2; Лука 2:4-11; Јован 7:42). Во исполнување на Еремииното пророштво, по раѓањето на Исус биле убиени деца (Јеремија 31:15; Матеј 2:16-18). Зборовите на Захарија (9:9) се исполниле кога Христос влегол во Ерусалим јавајќи на осле (Јован 12:12-15). Кога војниците ја разделувале Исусовата облека после неговото прибивање на столб, тоа се исполниле зборовите на псалмистот: „Ги разделија меѓу себе алиштата мои и за облеката моја фрлија жреб“ (Псалам 21:18).
Други Месијански пророштва укажуваат на едно среќно време за човечкиот род. Во визија Даниел здогледал „како да идеше Синот Човечки“ кој примал „власт, слава и царство“ од Јехова, „Старецот“ (Даниил 7:13, 14). Што се однесува до Месијанската влада на овој небесен Цар, Исус Христос, Исаија објавил: „Ќе го наречат: Советник, Чудесни, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот. Неговата власт и мирот бескраен ќе растат врз престолот на Давида и во царството негово, за да го утврди Он и да го зацврсти преку суд и правда отсега па довека. Тоа ќе го направи ревноста на Господа Саваота“ (Исаија 9:6, 7).
Пред Месијанската праведна влада да добие потполна власт, мора да се случи нешто од животоважно значење. Тоа исто така е проречено во Библијата. За Месијанскиот Цар, псалмистот пеел: „Препаши го на бедрото мечот Свој, о силнику . . . И така украсен, поитај и царствувај заради вистината, кротоста и правдата“ (Псалми 44:3, 4). За нашите денови, Писмата исто така прорекле: „И во деновите на тие царства небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема да се разруши никогаш, и тоа царство нема да биде предадено на друг народ; тоа ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно“ (Даниил 2:44).
Псалам 71 пружа претсјај на условите под Месијанската влада. На пример, „во Негово време ќе зацари правда, и ќе има изобилен мир сѐ додека не се одземе месечината“ (стих 7). Нема да има угнетување и насилство (стих 14). Никој нема да гладува бидејќи „ќе има тврдина на земја, по врвовите на горите“ (стих 16). И само замисли си! Ти можеш да се радуваш на овие и други благослови во земскиот рај кога сегашниот систем на ствари ќе биде заменет со Божјиот ветен нов свет (Лука 23:43, New World Translation of the Holy Scriptures; 2. Петрово 3:11-13; Откровение 21:1-5).
Тогаш се разбира дека библиските пророштва го заслужуваат твоето истражување. Затоа, зошто не ги прашаш Јеховините сведоци за повеќе информации? Едно истражување на библиските пророштва може да ти помогне да увидиш каде сме во струјата на времето. Тоа може исто така во твоето срце да развие длабоко ценење за Јехова Бог и неговото прекрасно уредување на вечен благослов за сите оние кои го љубат и му се послушни.
[Слика на страница 5]
Дали го знаеш значењето на Даниеловата визија за јарецот и овенот?
[Слика на страница 7]
Дали и ти ќе бидеш таму за да се радуваш кога ќе се исполнат библиските пророштва за среќен живот на рајска земја?