ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w93 15/5 стр. 17-22
  • Пасете го Божјето стадо доброволно

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Пасете го Божјето стадо доброволно
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Управување со семејството
  • Управувај „со сета сериозност“
  • Доброволни пастири
  • Битна е благоста
  • Пастирење со претпазливост
  • „Пасете го Божјето стадо кое ви е доверено“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
  • Старешини, угледајте се на Најголемите Пастири
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2013
  • Како ти служат христијанските пастири
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • „Пасете го Божјето стадо“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
w93 15/5 стр. 17-22

Пасете го Божјето стадо доброволно

„Пасете го Божјото стадо, што го имате, надгледувајќи го не присилно, туку драговолно“ (1. ПЕТРОВО 5:2).

1. Зошто треба да очекуваме христијанските старешини доброволно да го пасат Божјето стадо?

ЈЕХОВА доброволно го пасе својот народ (Псалми 22:1-4). „Добриот пастир“, Исус Христос, доброволно го дал својот совршен човечки живот за луѓето кои се слични на овци (Јован 10:11-15). Затоа, апостолот Петар ги опоменал христијанските старешини ‚драговолно да го пасат Божјето стадо‘ (1. Петрово 5:2).

2. Кои прашања заслужуваат да се разгледаат во поглед на пастирските активности на христијанските старешини?

2 Доброволноста е ознака на Божјите слуги (Псалми 110:3, NW). Но потребно е повеќе од доброволноста на еден христијанин за да биде наименуван како надгледник, односно потпастир. Кој е квалифициран да биде таков пастир? Што вклучува нивното пастирење? Како може да се врши на најдобар начин?

Управување со семејството

3. Зошто може да се рече дека начинот на кој еден христијанин се грижи за неговото семејство влијае на тоа дали е способен да биде пастир во собранието?

3 Пред некој да може да биде наименуван за „епископство“ [служба на надгледник, NW], тој мора да ги исполнува библиските барања (1. Тимотеј 3:1-7; Тит 1:5-9). Како прво, апостолот Павле рекол дека надгледникот треба „својата куќа добро да ја управува и да има деца послушни со полно достоинство“. Постои добра причина за ова, бидејќи Павле рекол: „Кој не умее да ја управува својата куќа, како тогаш ќе се грижи за Црквата Божја?“ (1. Тимотеј 3:4, 5). Кога наименувал постари мажи во собранијата на островот Крит, на Тит му било речено да бара „[маж] кој е непорочен, маж на една жена и има деца верни, што не се укорувани за блудност или непокорност“ (Тит 1:6). Да, начинот на кој еден христијанин се грижи за своето семејство мора да се земе предвид кога се одредува дали е способен да ја преземе потешката одговорност да го пасе собранието.

4. Како христијанските родители покажуваат љубов спрема своите семејства, освен тоа што имаат редовна библиска студија и молитва?

4 Мажите кои управуваат со своите домаќинства на добар начин прават повеќе отколку само редовно да се молат и да ја проучуваат Библијата со своите семејства. Тие се секогаш готови да им помогнат на своите сакани. За оние кои стануваат родители ова започнува уште од денот кога детето ќе се роди. Христијанските родители знаат дека колку потесно се придржуваат на божествениот утврден ред, толку побргу нивниот младинец ќе се вклопи во нивниот план на христијански активности во секојдневниот живот. Начинот колку добро христијанскиот татко управува со таквите околности, ги одразува неговите способности како старешина (Ефесјаните 5:15, 16; Филипјаните 3:16, NW).

5. Како може еден христијански татко да ги воспитува своите деца ‚во науката и во Јеховиното мисловно насочување‘?

5 При управувањето со своето семејство совесниот христијански татко ќе внимава на Павловиот совет: „Не дразнете ги децата свои, туку воспитувајте ги во науката и стравот Господов [во Јеховино мисловно насочување, NW]!“ (Ефесјаните 6:4). Редовната библиска студија со семејството им нуди и на сопругата и на децата извонредна прилика за љубезна подука. Така децата добиваат „воспитување“ или поправна подука. „Јеховиното мисловно насочување“ кое потоа настапува, му помага на секое дете да го запознае Јеховиното гледиште за одредени работи (5. Мојсеева 4:9; 6:6, 7; Соломонови изреки 3:11; 22:6). Во опуштената атмосфера на таквиот духовен собир, грижливиот татко внимателно слуша додека неговите деца зборуваат. Се користат сугестивни прашања за да се извлечат искрени изјави од нив во врска со нивните интереси и ставови. Таткото не претпоставува дека тој знае сѐ што се одвива во нивните млади умови. Всушност, „кој дава одговор пред да ислуша, безумен е, тоа е срам за него“, велат Соломоновите изреки 18:14 [18:13, NW]. Денес, повеќето родители мислат дека ситуациите на кои наидуваат нивните деца многу се разликуваат од оние што тие самите ги доживувале кога биле млади. Како последица на тоа, таткото ќе настојува да ја запознае позадината и деталите на проблемот пред да каже како би требало да се реши. (Спореди Јаков 1:19.)

6. Зошто христијанскиот татко треба да се консултира со Божјата Реч кога му помага на своето семејство?

6 Што се случува откако се познати проблемите, грижите и ставовите на детето? Таткото кој управува на добар начин се консултира со Писмото, кое е „полезно за поука, за изобличување, поправање и поучување во правдата“. Тој ги поучува своите деца како да ги применуваат инспирираните упатства од Библијата. На тој начин, овие млади по години стануваат ‚совршени [потполно способни, NW] и годни за секое добро дело‘ (2. Тимотеј 3:16, 17; Псалми 77:1-4).

7. Каков пример треба да дадат христијанските татковци во поглед на молитвата?

7 Побожните младинци се соочуваат со тешки ситуации во поглед на светските школски другари. Па, како можат христијанските татковци да ги ублажат стравувањата на нивните деца? Еден од начините е редовно да се молат со нив и за нив. Кога овие млади луѓе ќе се соочат со искушувачки ситуации, тие веројатно ќе ги имитираат своите родители и ќе се потпрат на Бог. Едно 13-годишно девојче кое било интервјуирано пред да биде крстено како симбол на нејзиното предание на Бог, раскажало дека доживеало исмејување и малтретирање од страна на школските другари. Кога го бранела своето библиско верување за светоста на крвта, останатите девојчиња ја тепале и ја плукале (Дела на св. апостоли 15:28, 29). Дали тоа вратило мило за драго? Не. „Продолжив да му се молам на Јехова да ми помогне да останам смирена“, објаснило тоа. „Исто така се сетив на она што моите родители ме беа научиле на нашата семејна студија дека треба да се совладуваме под зли околности“ (2. Тимотеј 2:24).

8. Како може еден старешина без деца да управува со своето семејство на добар начин?

8 И старешината кој нема деца може да направи адекватни духовни и материјални подготовки за членовите на неговото домаќинство. Тоа ја вклучува неговата сопруга и можеби зависните христијански роднини кои живеат во неговиот дом (1. Тимотеј 5:8). Ваквото управување на добар начин е едно од условите коишто мора да ги исполни мажот којшто е наименуван да носи одговорност како собраниски старешина. Тогаш, како би требало наименуваните постари мажи да гледаат на своите предносни одговорности во собранието?

Управувај „со сета сериозност“

9. Каков став треба да имаат христијанските старешини спрема своите службени задолженија?

9 Во првиот век од нашата ера, апостолот Павле служел како управник во Божјето домаќинство, христијанското собрание под Христовото поглаварство (Ефесјаните 3:2, 7, NW; 4:15). Одвреме-навреме Павле ги опоменувал своите соверници во Рим: „Според дадената благодат имаме разни дарови: ако е до пророштво, тогаш нека биде според верата; служба ли, нека служи; учител ли е — нека учи; наставник ли е — нека утешува; дарител ли е, нека дарува; управител ли е, нека управува; кој што прави, нека го врши тоа со добра волја“ (Римјаните 12:6-8).

10. Каков пример оставил Павле за денешните старешини во поглед на грижата за Божјето стадо?

10 Павле ги потсетил Солунјаните: „Како татко децата свои, ние ве молевме и утешувавме и сведочевме да живеете достојно за Бога, Кој ве призвал во Своето царство и слава“ (1. Солунјаните 1:1; 2:11, 12). Опомената била дадена на таков нежен, љубезен начин што Павле можел да напише: „Бевме среде вас благи, онака како што нежно се однесува доилката кон своите деца. Така ве бевме засакале, што бевме готови да ви го предадеме не само Благовестието Божјо, туку и душите свои, зашто ни станавте драги“ (1. Солунјаните 2:7, 8). Во склад со Павловиот татковски пример, лојалните постари мажи покажуваат длабока грижа за сите во собранието.

11. Како можат наименуваните старешини да покажуваат ревност?

11 Нежноста, заедно со ревноста, мораат да го карактеризираат љубезното надгледување што го вршат нашите верни христијански пастири. Нивното држење кажува многу. Петар ги советува старешините да го пасат Божјето стадо „не присилно“ или заради „неправедна корист“ (1. Петрово 5:2). Во врска со таа мисла, научникот Вилијам Баркли изразил едно предупредување кога напишал: „Некој прифаќа положба и вршење на служба како да е тоа некоја грозна и неугодна должност, како да е тоа нешто заморно, како да е тоа бреме на кое треба да се биде лут. Сосема е можно некој да биде замолен да направи нешто и тој тоа да го направи, но да го направи на таков нељубезен начин што сѐ би расипал. . . . Меѓутоа, [Петар] вели дека секој христијанин би морал со трепет и горливо да ја врши таквата служба колку што може подобро, иако е наполно свесен колку е недостоен да ја врши.“

Доброволни пастири

12. Како можат христијанските старешини да покажат драговолност?

12 „Пасете го Божјото стадо . . . драговолно“, поттикнува Петар. Христијанскиот надгледник кој се грижи за овците го прави тоа драговолно, од своја слободна волја, под водството на Добриот Пастир, Исус Христос. Да се служи „драговолно“ исто така значи дека христијанскиот пастир се подложува на авторитетот на Јехова, ‚Пастирот и Владиката [надгледникот, NW] на нашите души‘ (1. Петрово 2:25). Христијанскиот потпастир драговолно покажува почитување спрема теократското уредување. Тоа го прави кога оние коишто бараат совет ги усмерува на Божјата Реч, Библијата. Иако искуството ќе му помогне на старешината да изгради складиште на совети темелени на Библијата, тоа не значи дека тој ќе има библиско решение за секој проблем како да го тресе од ракав. Дури и кога го знае одговорот на некое прашање, може да заклучи дека е мудро заедно со оној којшто се распрашува да се консултираат со Watch Tower Publications Index или некои слични индекси. Така тој поучува на двократен начин: Покажува како да се пронајдат корисни информации и понизно покажува почит кон Јехова така што вниманието го свртува кон она што го објавила Божјата организација.

13. Кои чекори можат да се преземат за да им се помогне на старешините да дадат здрав совет?

13 Што може да стори старешината ако во врска со тој специфичен проблем ништо не било објавено во литературата на Друштвото? Без сомнение, ќе моли за увид и ќе истражува да најде некои библиски начела кои се однесуваат на таа работа. Може исто така да смета дека е корисно да му предложи на лицето коешто бара помош да го земе предвид Исусовиот пример. Старешината би можел да праша: „Кога Исус, Големиот Учител, би бил во твојата ситуација, што мислиш, што би сторил тој?“ (1. Коринтјаните 2:16). Таквото резонирање може да му помогне на оној што бара помош да донесе мудра одлука. Но колку би било немудро за еден старешина да понуди некое чисто лично мислење како да е тоа здрав библиски совет! Наместо тоа, старешините можат за тешките проблеми да дискутираат меѓусебно. Важните работи можат да ги предложат за дискусија дури и на некој состанок на старешинството (Соломонови изреки 11:14). Конечните одлуки ќе им овозможат на сите нив да зборуваат согласно (1. Коринтјаните 1:10).

Битна е благоста

14, 15. Што се бара од старешините кога исправаат некој христијанин кој ‚паднал во грев‘?

14 Христијанскиот старешина треба да покажува благост кога ги поучува другите, особено кога ги советува. „Браќа“, советува Павле, „и да падне човек во некаков грев, вие духовните поправајте [исправајте, NW] го таков со духот на кротоста [благост, NW]“ (Галатјаните 6:1). Интересно е дека грчкиот збор што тука е преведен со „исправа“ се однесува на хируршки термин што бил користен за да се опише местењето на некоја коска за да се спречи доживотен хендикеп. Лексикографот В. Е. Вајн ова го поврзува со поправањето „на оној којшто направил грев од страна на оние кои се духовни. Таквиот е исчанчен член на духовното тело“. Алтернативни преводи се: „повторно да врати во исправна позиција; исправно да израмни“.

15 Да исправиш нечие мислење не е лесно, и може да биде многу тешко исправно да се израмнат мислите на некое лице кое греши. Но, помошта што е понудена во дух на благост веројатно ќе биде примена со благодарност. Како последица, христијанските старешини треба да внимаваат на Павловиот совет: „Облечете се во милосрдност, доброта, смиреност, кротост [благост, NW] и долготрпеливост“ (Колосјаните 3:12). Што би требало да направат старешините ако поединецот на којшто му треба исправање има лош став? Треба да ‚тежнеат кон . . . благост“ (1. Тимотеј 6:11).

Пастирење со претпазливост

16, 17. Од кои опасности треба да се чуваат старешините кога ги советуваат другите?

16 Павловиот совет од Галатјаните 6:1 содржи многу повеќе. Тој ги поттикнува духовно оспособените мажи: „Поправајте го таков [лицето кое греши] со духот на кротоста [благост, NW], пазејќи се и вие да не бидете искушани“. Колку сериозни последици би имало ако се занемари таквиот совет! Мотивиран од извештаите за некојси англикански свештеник кој бил обвинет заради тоа што извршил прељуба со две припаднички на неговата црква, лондонски The Times рекол дека тоа е „вонвременска ситуација: човекот кој пружа совети, очигледно татковски или братски настроено лице, станал жртва на искушението затоа што имале доверба во него“. Новинската колумнистка потоа се осврнала на тврдењето на д-р Питер Ратер дека „експлоататорските афери помеѓу пациентите и нивните машки ментори — доктори, адвокати, свештеници и работодавачи — во нашево сексуално попустливо општество станале непризната, штетна и срамна епидемија“.

17 Не треба да си вообразуваме дека Јеховиниот народ е имун на таквите искушенија. Еден угледен старешина кој верно служел долги години, бил вовлечен во неморал затоа што вршел пастирски посети кај една омажена сестра кога таа била сама. Иако се покајал, братот ги изгубил сите службени предности (1. Коринтјаните 10:12). Тогаш, како можат наименуваните постари мажи да прават пастирски посети, а да не паднат во искушение? Како можат да обезбедат мерка на приватност, за молитва и за прилика за консултирање со Божјата Реч и христијанските публикации?

18. а) Како може примената на начелото на поглаварство да им помогне на старешините да избегнуваат ситуации кои би можеле да донесат лош глас? б) Кои подготовки можат да се направат кога се прави пастирска посета кај некоја сестра?

18 Еден фактор којшто старешините треба да го земат во обѕир е начелото на поглаварството (1. Коринтјаните 11:3). Ако некое младо лице бара водство, настојувај да ги вклучиш неговите родители во дискусијата ако е прикладно. Кога некоја омажена сестра бара духовна помош, дали можеш да уредиш нејзиниот сопруг да биде присутен за време на посетата? Што ако тоа е невозможно или ако тој не е верник и на некој начин е навредлив спрема неа? Тогаш направи ги истите подготовки како кога би направил пастирска посета кај неомажена сестра. Би било мудро двајца духовно оспособени браќа заедно да ја посетат сестрата. Ако тоа не е прикладно, можеби може да се избере некое соодветно време за двајца браќа да разговараат со неа во Царската сала, и тоа најдобро во просторија која овозможува приватност. Ако и други браќа или сестри се присутни во салата, но не можат ни случајно да го чујат разговорот, веројатно ќе се избегне било каква причина за препнување (Филипјаните 1:9, 10).

19. Какви добри резултати донесува доброволното пасење на Божјите овци, и на кого му изразуваме благодарност за доброволните пастири?

19 Доброволното пасење на Божјето стадо донесува добри резултати — духовно јако, добро управувано стадо. Како апостолот Павле, денешните христијански старешини многу се заинтересирани за соверниците (2. Коринтјаните 11:28). Особено е тешка одговорноста да се пасе Божјиот народ во овие критични времиња. Затоа, навистина сме благодарни за извонредната работа што ја вршат нашите браќа кои служат како старешини (1. Тимотеј 5:17). Бидејќи нѐ благословува со „дарови во облик на луѓе“, ние му принесуваме фалба на Дарителот на „секој добар дар и секој совршен подарок“, на нашиот љубезен небесен Пастир, Јехова (Ефесјаните 4:8, NW; Јаков 1:17).

Како би одговорил?

◻ Како може еден маж да управува со своето семејство на добар начин?

◻ Кои особини треба да го карактеризираат надгледувањето од страна на христијанските старешини?

◻ Како можат старешините да покажат понизост и благост кога даваат совет?

◻ Што помага за духовното исправање да биде делотворно?

◻ Како можат старешините да избегнат компромитирачки ситуации кога го пасат стадото?

[Слика на страница 18]

Христијанскиот старешина мора да управува со своето семејство на добар начин

[Слика на страница 21]

Христијанското пастирење треба да се врши со благост и добро просудување

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели