Дали во потполност го следиш Јехова?
„ПРАВЕДНИОТ е смел како лав“ (Соломонови изреки 28:1). Таквиот покажува вера, со целосна доверба се ослонува на Божјата Реч и храбро оди напред во Јеховината служба наспроти каква и да е опасност.
Додека Израелците биле на Синај, откако Бог ги ослободил од египетското ропство во 16. век пр.н. е., двајца мажи покажале дека се особено смели, како лавови. Покажале верба во Јехова под неповолни околности. Еден од нив бил Ефремовецот Исус кој бил Мојсеев помошник, а подоцна наименуван за негов наследник (2. Мојсеева 33:11; 4. Мојсеева 13:9, 17; 5. Мојсеева 34:9; Исус Навин 1:1, 2). Другиот бил Халев, синот на Јефонија, од племето Јуда (4. Мојсеева 13:7; 32:12).
Халев лојално и ревно ја извршувал Јеховината волја. Со верната служба на Бог во текот на неговиот долг живот можел со право да рече дека ‚точно [потполно, NW] го следел Господа [Јехова NW]‘ (Исус Навин 14:8). „Јас сосем му бев лојален на ГОСПОД, мојот Бог“, вели преводот The New American Bible. Халев „сосем“ или „постојано се држел“ до Јехова Бог (Бакотиќ; Даничиќ-Караџиќ). Со други зборови, Халев изјавил: „Јас . . . го следев ГОСПОД, мојот Бог со цело срце“ (New International Version). Но што е со тебе? Дали ти во потполност го следиш Јехова?
Извидување на земјата
Замисли се меѓу Израелците веднаш откако Јехова ги ослободил од ропството на Египтјаните. Види како пророкот Мојсеј верно ги следи упатствата кои му ги дал Бог. Да, а забележи ја и Халевовата вера дека Јехова е со Својот народ.
Втора година е од Исходот од Египет, а Израелците логоруваат во Кадис-Варни, во пустината Фаран. Тие се на границата на Ветената земја. На заповед од Бог, Мојсеј треба да испрати 12 шпиони во Ханаан. Тој им вели: „Одете во онаа пустиња и качете се на гората, и погледајте ја земјата каква е, и народот, што живее таму: силен ли е или е слаб, малуброен ли е или е, многуброен; и каква е земјата, каде што живее тој, добра ли е или лоша; и какви се градовите, во кои живее, — оградени ли се или не. Каква е земјата, плодна ли е или не, има ли на неа дрвја или нема? Поткрепете се, па земете од плодовите на земјата“ (4. Мојсеева 13:17-20).
Дванаесеттемина мажи го започнале својот опасен пат. Нивното извидување траело 40 дена. Во Хеврон виделе луѓе со огромна висина. Во долината Ешол забележале колку е родна земјата и решиле да понесат малку од нејзините плодови. Една прачка со грозд била толку тешка што двајца морале да ја носат на стап! (4. Мојсеева 13:21-25).
Кога се вратиле во израелскиот камп, извидниците рапортирале: „Бевме во земјата, во која нѐ испрати; во земјата каде што тече мед и млеко, и еве ги плодовите нејзини; но народот, што живее во таа земја, е силен, и градовите се укрепени со големи огради; таму го видовме и родот Енахов. Амалик живее во јужниот дел на земјата, а Хетејците, Евејците, Јевусејците и Аморејците живеат по планината, Хананејците, пак, живеат крај морето и по брегот на Јордан“ (4. Мојсеева 13:26-29). Десет извидници не се спремни да ги прифатат Божјите наредби и да влезат во Ветената земја.
„Со нас е Господ“
Меѓутоа, со вера во Јехова Бог, бестрашниот извидник Халев поттикнал: „Да идеме и да ја преземеме, зашто можеме да ја завладееме!“ Но десет извидници одбиваат изјавувајќи дека хананејските жители се посилни од Израелците. Исплашените и маловерни извидници во споредба со нив се сметале за скакулци (4. Мојсеева 13:30-33).
„Со нас е Господ; не плашете се од нив“, ги храбрат Халев и Исус. Но нивните зборови наидуваат на глуви уши. Кога народот зборува меѓу себе да ги убијат со камења, Бог интервенира и изрекува казна над негодувачите: „Нема да влезете во земјата, во која Јас со крената рака решив да ве населам, освен Халев, Јефониевиот син, и Исус, Навиновиот син; децата ваши, . . . ќе ги воведам таму, и тие ќе ја познаат земјата, која вие ја презревте. . . . Синовите ваши, пак, ќе скитаат по пустињата четириесет години . . . додека не загинат телата ваши во пустињава. Според бројот на четириесет дена, во кои ја разгледувавте земјата, вие ќе страдате за гревовите ваши четириесет години, година за ден“ (4. Мојсеева 14:9, 30-34).
Верен и после многу години
Четириесетгодишната казна истекува, а смртта ја однесува целата генерација негодувачи. Но Халев и Исус сѐ уште му се верни на Бог. На рамнината Моав, Мојсеј и Првосвештеникот Елеазар ги пребројуваат мажите способни за војска од 20 години па нагоре. Бог именувал по еден маж од секое племе на Израел за делење на Ветената земја. Меѓу нив се Халев, Исус и Елеазар (4. Мојсеева 34:17-29). Иако Халев сега е стар 79 години, тој сѐ уште е силен, лојален и храбар.
Кога Мојсеј и Арон го изброиле народот непосредно пред тој страшливо да одбие да влезе во земјата Ханаан, бројот на израелските борци бил 603.550. После четири децении во пустината, војската се намалила на 601.730 (4. Мојсеева 1:44-46; 26:51). Сепак, на чело со Исус и верниот Халев во нивните редови, Израелците влегле во Ветената земја и извојувале една победа по друга. Како што Исус и Халев секогаш и очекувале, Јехова ги добивал битките за својот народ.
Преминувајќи ја реката Јордан со израелските борци, остарените Исус и Халев го носеле својот товар во битките што следеле. Меѓутоа, и после шест години војување, требало да се освои уште многу земја. Јехова ќе ги истера жителите, а сега одлучува земјата да биде поделена меѓу израелските племиња со жреб (Исус Навин 13:1-7).
Тој во потполност го следел Јехова
Како искусен борец од многуте битки, Халев стои пред Исус и вели: „Јас бев на четириесет години, кога Мојсеј, слугата Господов, ме прати од Кадис-Варни да ја разгледам земјата и му донесов одговор, она што ми беше на срцето; браќата мои, кои одеа со мене, го обесхрабрија срцето на народот, но јас точно [потполно, NW] го следев Господа, мојот Бог“ (Исус Навин 14:6-8). Да, Халев го следел Јехова потполно, лојално извршувајќи ја Божјата волја.
„И“, додава Халев, „се заколна Мојсеј во оној ден, велејќи: ‚земјата, по која одеше, ќе биде наследство за тебе и за децата твои за навек, бидејќи ти одеше точно по Господа, мојот Бог‘. И така, ете, Господ ме запази жив, како што говореше; четириесет и пет години веќе изминаа, откога Господ му ги беше кажал тие зборови на Мојсеја, и Израилот одеше по пустиња; сега, еве, јас сум на осумдесет и пет години; но и сега сум толку цврст, како и тогаш, кога ме прати Мојсеј: колку што имав сила тогаш, толку имам и сега, да влегувам, да излегувам и да војувам. Затоа, дај ми ја таа гора, за која говореше Господ во оној ден; бидејќи ти чу во тој ден, дека таму живеат Енаковите синови, и тие имаат градови големи и утврдени; можеби, Господ ќе биде со мене, и јас ќе ги истерам, како што ми рече Господ“. Халев го добива Хеврон како наследство (Исус Навин 14:9-15).
Остарениот Халев ја примил најтешката доделба — предел преполн со луѓе од необичен раст. Но тоа не е претешко за овој 85-годишен воин. Со текот на времето насилничните жители на Хеврон се совладани. Готониил, синот на Халевовиот помлад брат и судија во Израел го освојува Давир. И двата града подоцна се преземени од Левитите, а Хеврон станува град прибежиште за ненамерните убијци (Исус Навин 15:13-19; 21:3, 11-16; Судии Израилеви 1:9-15, 20).
Секогаш следи го целосно Јехова
Халев и Исус биле несовршени луѓе. Сепак, тие верно ја извршувале Јеховината волја. Нивната вера не ослабела во текот на 40 годишната неволја во пустината која настанала поради пропустот на Израел да го слуша Бог. Слично, денешните Јеховини слуги не дозволуваат ништо да ги спречи во нивната служба за фалба на Бог. Свесни дека се одвива борба помеѓу Божјата организација и организацијата на Сатана, Ѓаволот, тие се цврсти, постојано барајќи начин во потполност да му угодат на својот небесен Татко.
На пример, многумина од Јеховиниот народ ризикувале свирепо малтретирање и дури и смрт за да ја слават Господовата Спомен-вечера, односно Споменот на смртта на Исус Христос (1. Коринтјаните 11:23-26). За ова известува една христијанка која била затвореничка во еден нацистички концентрационен логор за време на Втората светска војна:
„На секого му беше речено да биде во пералната во 11 часот вечерта. Се собравме точно во 11 часот, 105-мина на број. Стоевме блиску еден до друг во круг, а на средината беше столче со бело платно на кое стоеја симболите. Една свеќа ја осветлуваше просторијата, бидејќи електричната светилка можеше да нѐ издаде. Се чувствувавме како и првобитните христијани во катакомбите. Тоа беше достоинствена свеченост. Уште еднаш ги изразивме нашите горливи ветувања до нашиот Татко да ја употреби сета наша сила за оправдување на Неговото свето име, да стоиме верно за Теокрацијата“.
Наспроти искушенијата како прогонувани Јеховини слуги, можеме да се ослониме на силата која ни ја дава Бог да му служиме храбро и да му донесуваме чест на неговото свето име (Филипјаните 4:13). Додека се трудиме да му угодиме на Јехова, ќе биде добро да се сетиме на Халев. Неговиот пример во потполното следење на Јехова оставил длабок впечаток на еден млад човек кој влегол во полновремената служба на проповедање во далечната 1921. Тој напишал:
„Иако да се биде пионер значеше да го напуштам моето удобно работно место во една современа печатница во Ковентри (Англија), не се покајав. Мојата предаденост веќе ја реши работата; мојот живот му беше предаден на Бог. Си приспомнав на Халев кој влегол во Ветената земја со Исус и за кого било речено ‚Тој точно го следел Господ‘ (Исус Навин 14:8). Тоа мене ми изгледаше како пожелен став. Знаев дека целосното служење на Бог ќе го направи мојот предаден живот уште повитален; ќе ми даде поголема можност да ги донесувам плодовите кои го обележуваат христијанинот“.
Халев секако бил благословен затоа што лојално и целосно го следел Јехова, секогаш барајќи начин да ја извршува божествената волја. Слично на него, и другите имаат голема радост и богати благослови во Божјата служба. Нека тоа биде и твое искуство како некој кој постојано и во потполност го следи Јехова.
[Слика на страница 26]
Халев и Исус му биле верни на Јехова под искушенија. Дали си и ти?