Запознај го Јехова преку неговата Реч
„Ова значи вечен живот, постојано да примаат спознание за тебе, единствениот вистинит Бог, и за оној кого си го испратил, Исус Христос“ (ЈОВАН 17:3, NW).
1, 2. а) Кое е значењето на зборовите „познава“ и „спознание“ како што се употребени во Писмата? б) Кои примери го објаснуваат ова значење?
ДА СЕ познава некого, како обично познанство, или да се има површно спознание за нешто не одговара на значењето на зборовите „познава“ и „спознание“ како што се употребени во Писмата. Во Библијата тоа вклучува „чин на познавање преку искуство“, спознание кое изразува „доверлив однос помеѓу две лица“ (The New International Dictionary of New Testament Theology). Тоа вклучува да се запознае Јехова земајќи ги во обѕир неговите нарочни дела, како што се многуте случаи во книгата на Језекиил, каде што Бог извршил осуда против престапниците, објавувајќи: „И тие ќе познаат, дека јас сум Господ [Јехова, NW]“ (Језекиил 38:23).
2 Разновидните начини на кои можат да се употребат зборовите „познава“ и „спознание“ можат да се објаснат со неколку примери. На мнозина кои тврделе дека вршеле дела во негово име, Исус им рекол: ‚Никогаш не сум ве познавал‘; тој мислел дека никогаш немал ништо заедничко со нив (Матеј 7:23). Второто послание до Коринтјаните 5:21 вели дека Христос ‚не знаел грев‘. Тоа не значи дека тој не бил свесен за гревот, туку дека не бил лично вклучен во него. На сличен начин, кога Исус рекол: „Ова значи вечен живот, постојано да примаат спознание за тебе, единствениот вистинит Бог, и за оној кого си го испратил, Исус Христос“, било вклучено повеќе отколку само да се знае нешто за Бог и за Христос. (Спореди Матеј 7:21).
3. Што докажува дека Јехова покажува знак за препознавање на вистинскиот Бог?
3 Многу од Јеховините својства можат да се запознаат преку неговата Реч, Библијата. Едно од нив е неговата способност да прорекува со прецизност. Тоа е една ознака на вистинскиот Бог: „Нека дојдат и нека ни кажат што ќе биде; нека објават нешто, пред да стане, и ние ќе проникнеме со умот свој и ќе дознаеме, што ќе биде потоа, или нека ни претскажат за иднината. Кажете што ќе биде во иднина, и ние ќе познаеме дека сте богови“ (Исаија 41:22, 23). Во својата Реч, Јехова ги кажува првите работи што се однесуваат на творештвото на Земјата и животот на неа. Тој многу одамна прорекол работи кои требало да се случат подоцна и кои требало да поминат. Дури и сега ни дава да чуеме „што ќе биде потоа“, особено работи коишто треба да се случат во овие „последни денови“ (2. Тимотеј 3:1-5, 13; 1. Мојсеева 1:1-30; Исаија 53:1-12; Даниил 8:3-12, 20-25; Матеј 24:3-21; Откровение 6:1-8; 11:18).
4. Како Јехова го употребил своето својство на моќ, и како уште ќе го употреби?
4 Друго Јеховино својство е моќта. Тоа се гледа по небесата, каде што ѕвездите, кои делуваат како огромни топилничарски печки, излеваат светлина и топлина. Кога бунтовните луѓе или ангели го предизвикуваат Јеховиниот суверенитет, тој ја користи својата моќ како „воин“ за да го одбрани своето добро име и праведни мерила. Во таквите прилики тој не се колеба да ослободи опустошувачка моќ, како во Потопот во времето на Ное, во уништувањето на Содом и Гомора и при ослободувањето на Израел преку Црвеното Море (2. Мојсијева 15:3-7, ДК; 1. Мојсеева 7:11, 12, 24; 19:24, 25). Наскоро, Бог ќе ја употреби својата моќ за да го ‚сотре сатаната под нозете наши‘ (Римјаните 16:20).
5. Освен неговата моќ, која особина Јехова исто така ја поседува?
5 Сепак, дури и покрај сета таа неограничена моќ, постои понизност. Псалми 18:35, 36 (NW) велат: „Твојата понизност ќе ме направи голем. Ти ќе направиш место, доволно широко за моите чекори под мене“. Божјата понизност му допушта „да се наведнува да види што има на небесата и на земјата; Кој од правта го подига бедниот, и од калта го возвишува сиромашниот“ (Псалми 113:6, 7, ДК).
6. Која Јеховина особина е животоспасувачка?
6 Јеховината милост во постапувањето со човекот е животоспасувачка. Колкава милост му била покажана на Манасија кога му било простено, иако извршил ужасни свирепости! Јехова вели: „Кога ќе му кажам на грешникот: ‚бездруго ќе умреш‘, и тој се откаже од гревовите свои, па врши суд и правда, ниеден од неговите гревови, што ги извршил нема да му се спомнат; тој почнал да врши суд и правда, тој ќе биде жив“ (Језекиил 33:14, 16; 2. Летописи 33:1-6, 10-13). Исус го одразил Јехова кога поттикнал да се прости 77 пати, па дури и 7 пати на ден! (Псалми 102:8-14; Матеј 18:21, 22, Стварност; Лука 17:4).
Бог со чувства
7. Како Јехова е поинаков од грчките богови, и која скапоцена предност ни е отворена?
7 Грчките филозофи, како епикурејците, верувале во богови, но сметале дека се предалечни од Земјата за да имаат било каков интерес за човекот или да бидат засегнати од неговите чувства. Колку е поинаков односот меѓу Јехова и неговите верни Сведоци! „Господ [Јехова, NW] го сака Својот народ“ (Псалми 149:4). Злобните луѓе пред Потопот го натерале да чувствува жалење и го ‚заболело во срцето‘. Израел со неговата неверност му нанел на Јехова болка и навреда. Христијаните можат со својата непослушност да го ожалостат Јеховиниот дух; меѓутоа, со својата верност можат да му донесат радост. Колку е зачудувачки што малечкиот човек на Земјата може на Творецот на универзумот да му донесе навреда или радост! Со оглед на сето она што тој го прави за нас, колку е прекрасно што ја имаме скапоцената предност да му угодуваме! (1. Мојсеева 6:6, NW; Псалми 78:40, 41, NW; Соломонови изреки 27:11; Исаија 63:10; Ефесјаните 4:30).
8. Како Авраам ја употребил својата слобода на говор пред Јехова?
8 Божјата Реч покажува дека Јеховината љубов ни дозволува голема „слобода на говор“ (1. Јованово 4:17, NW). Забележи го случајот на Авраам кога Јехова дошол да го уништи Содом. Авраам му рекол на Јехова: „Сакаш ли да го уништиш и праведниот со неправедниот . . .? Можеби во градот има педесетмина праведници; зарем ќе ги погубиш и нив, а да не му простиш на тоа место заради оние педесет праведници, што се во него? . . . Не, тоа од Тебе не; зарем Судијата на целата земја нема да суди право?“ Какви зборови до Бог! Сепак Јехова се согласил да го поштеди Содом ако таму се најдат 50 праведници. Авраам продолжил и ја намалил бројката од 50 на 20. Се уплашил дека можеби премногу навалува. Рекол: „Нека не се налути Господ, ако уште еднаш проговорам — можеби ќе се најдат десет?“ Повторно Јехова се согласил: „Нема да ги искоренам ни заради оние десет“ (1. Мојсеева 18:23-33).
9. Зошто Јехова му дозволил на Авраам да зборува на таков начин, и што можеме да научиме од тоа?
9 Зошто Јехова му дозволил на Авраам толкава слобода на говор за да зборува на ваков начин? Како прво, Јехова бил свесен за Авраамовите чувства на загриженост. Тој знаел дека Авраамовиот внук Лот живее во Содом, и Авраам бил загрижен за неговата безбедност. Исто така, Авраам бил Божји пријател (Јаков 2:23). Кога некој ни зборува грубо, дали се обидуваме да ги распознаваме чувствата зад неговите зборови и да покажеме обѕирност, особено ако ни е пријател кој е под некаков емоционален притисок? Зарем не е утеха да видиме дека Јехова ќе биле полн со разбирање што ја користиме нашата слобода на говор, како што бил со Авраам?
10. Како слободата на говор ни помага во молитвата?
10 Особено кога го бараме како наш „Слушач на молитви“, копнееме по оваа слобода на говор за да му ја излиеме својата душа кога сме крајно загрижени и емоционално вознемирени (Псалми 51:17, ДК; 65:2, 3, ДК). Дури и тогаш кога зборовите може да ни недостигаат, „Духот Сам посредува за нас со неискажливо воздивнување“ и Јехова слуша. Тој може да ги знае нашите мисли: „Ти оддалеку ги разбираш мислите мои. Уште зборовите не ми дошле до јазикот мој, Ти, Господи, веќе ги знаеш“. Па дури и тогаш би требало да продолжиме да молиме, бараме и чукаме (Римјаните 8:26; Псалми 138:2, 4; Матеј 7:7, 8).
11. Како е покажано дека Јехова навистина води грижа за нас?
11 Јехова води грижа. Тој се грижи за животот што го создал. „Очите на сите се управени кон Тебе; и Ти им ја даваш нивната храна навреме; Ти ја отвори раката Твоја и исполнуваш сѐ што е живо со сите негови потреби“ (Псалми 144:15, 16). Повикани сме да видиме како тој ги храни птиците во грмушките. Погледни ги лилјаните во полето, колку прекрасно ги облекува. Исус додал дека Бог ќе стори толку и уште повеќе за нас отколку што прави за нив. Тогаш, зошто би требало да сме загрижени? (5. Мојсеева 32:10; Матеј 6:26-32; 10:29-31). Првото Петрово послание 5:7 те повикува ‚сите свои грижи да ги оставиш на Него, зашто Он се грижи за тебе‘.
‚Точен отпечаток на неговото битие‘
12, 13. Освен што го гледаме Јехова преку неговите творби и неговите дела што се запишани во Библијата, како уште можеме да го гледаме и слушаме?
12 Можеме да го видиме Јехова Бог преку неговите творби; можеме да го видиме читајќи од Библијата за неговите дела; можеме да го видиме и преку зборовите и делата што се запишани во врска со Исус Христос. Исус самиот го рекол тоа во Јован 12:45: „Кој ме гледа Мене, Го гледа Оној, што Ме пратил“. Повторно, во Јован 14:9 рекол: „Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот“. Колосјаните 1:15 наведува: „[Исус] е образ [ликот, NW] на невидливиот Бог“. Евреите 1:3 (NW) изјавува: „[Исус] е отсјајот на неговата [Божјата] слава и точниот отпечаток на самото негово битие“.
13 Јехова го испратил својот Син не само да обезбеди откупнина туку и да даде пример што требало да се имитира и со зборови и со дела. Исус зборувал Божји зборови. Во Јован 12:50 рекол: „Она што зборувам Јас, го зборувам така, како што Ми рече Отецот“. Тој не правел по свое, туку ги правел работите коишто Бог му рекол да ги прави. Во Јован 5:30 рекол: „Јас ништо не можам да правам Сам од Себе“ (Јован 6:38).
14. а) Кои глетки предизвикале Исус да биде трогнат од милост? б) Зошто Исусовиот начин на зборување предизвикувал луѓето да се собираат за да го слушаат?
14 Исус видел луѓе кои биле лепрозни, осакатени, глуви, слепи и демонизирани и такви кои ги оплакувале своите умрени. Трогнат од сожалување, ги оздравувал болните и ги подигал мртвите. Ги видел мноштвата кои биле духовно измачени и расеани, и почнал да ги учи за многу работи. Тој поучувал не само со исправни туку и со допадливи зборови кои од неговото срце продирале директно до срцата на другите кои биле привлечени од нив, зборови кои предизвикувале да доаѓаат рано во храмот за да го слушаат, кои придонесувале да се прилепуваат за него, да го слушаат со задоволство. Се собирале да го слушнат, изјавувајќи дека ‚никогаш човек не говорел така како Овој Човек‘. Биле зачудени од неговиот начин на поучување (Јован 7:46; Матеј 7:28, 29; Марко 11:18; 12:37; Лука 4:22; 19:48; 21:38). А кога неговите непријатели настојувале да го фатат со прашања, тој преминувал во противнапад и ги замолчувал (Матеј 22:41-46; Марко 12:34; Лука 20:40).
15. Која била централната тема на Исусовото проповедање, и до кој обем тој ги вклучил другите во нејзиното ширење?
15 Тој објавувал дека ‚царството небесно се приближило‘ и ги поттикнувал слушателите да го ‚бараат најнапред царството‘. Испратил и други да проповедаат дека ‚царството небесно се приближило‘, да ‚прават ученици од луѓето од сите народи‘, да бидат Христови сведоци „дури до крајот на земјата“. Денес скоро четири и пол милиони Сведоци на Јехова одат по неговите стапки и ги прават тие работи (Матеј 4:17; 6:33; 10:7; 28:19, NW; Дела на св. апостоли 1:8).
16. Како Јеховиното својство на љубов било ставено на тежок испит, но што тоа постигнало за човештвото?
16 „Бог е љубов“, кажано ни е во 1. Јованово 4:8. Ова негово истакнато својство било ставено на најмачен испит што може да се замисли кога го испратил својот единороден Син на Земјата за да умре. Агонијата што ја поднел овој сакан Син и молбите што ги изговорил до својот небесен Татко сигурно скапо го чинеле Јехова, иако Исус докажал дека е лажен Сатановиот предизвик дека Јехова не би можел да има луѓе на Земјата кои цврсто би се држеле за својата беспрекорност спрема Него под тежок испит. Исто така треба да ја цениме величината на Исусовата жртва, бидејќи Бог го испратил овде да умре за нас (Јован 3:16). Тоа не било лесна, брза смрт. За да го цениме губитокот и за Бог и за Исус и така да ја сфатиме величината на нивната жртва за нас, да го испитаме библискиот извештај за постапката.
17-19. Како Исус го опишал тешкиот испит што му претстоел?
17 Најмалку четирипати Исус им опишал на своите апостоли што претстои. Само неколку дена пред тоа да се случи, рекол: „Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт и ќе Го предадат на незнабошците. И ќе Го исмеат, и ќе Го бијат, и ќе Го плукаат, [и ќе го камшикуваат, NW] и ќе го убијат“ (Марко 10:33, 34).
18 Исус го чувствувал притисокот на она што му претстоело, сфаќајќи го ужасот на римското камшикување. На кожените јазици на бичот што се употребувал за удирање биле прицврстени парчиња од метал и овчи коски; така, додека траело камшикувањето, грбот и нозете станувале избраздени од крваво месо. Со месеци пред тоа Исус го покажал емоционалниот стрес што му го создавало претстојното тешко искушение, како што читаме во Лука 12:50: „Со крштавање треба да се крстам и колку Ми е мачно дури не се сврши тоа“.
19 Притисокот се зголемувал додека времето се приближувало. Во врска со тоа, на својот небесен Татко му рекол: „Душата сега Ми се нажали, и што да кажам? Оче, избави Ме од овој час! Но, заради тоа и дојдов на овој час“ (Јован 12:27). Колку ли Јехова бил погоден од оваа молба на својот единороден Син! Во Гетсиманија, само неколку часа пред својата смрт, Исус станал многу вознемирен и им рекол на Петар, Јаков и Јован: „Смртно е нажалена Мојата душа“. Неколку минути потоа ја изговорил својата последна молитва за таа работа до Јехова: „,Оче, кога би сакал да Ме одмине оваа чаша! Но нека не биде Мојата волја, туку Твојата!‘ Па, бидејќи се наоѓаше во внатрешна борба, поусрдно се молеше, а потта Му беше како капки крв, што паѓаа на земјата“ (Матеј 26:38; Лука 22:42, 44). Ова би можело да биде она што во медицината е познато како хематидросис. Тоа е ретка појава, но може да се случи при силни емоционални состојби.
20. Што му помогнало на Исус да го издржи испитот?
20 За ова време во Гетсиманија, Евреите 5:7 вели: „Во деновите на Својот земен живот, Он со силен вик и солзи упати молби и молитви кон Оној, Кој можеше да Го спаси од смртта, и, поради Својата побожност [божествен страв, NW] беше чуен“. Бидејќи не го спасил од смртта ‚Оној, кој можел да Го спаси од смртта‘, во која смисла неговата молитва била поволно сослушана? Лука 22:43 одговара: „Му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше“. Молитвата била сослушана така што ангелот, кого Бог го испратил, го поткрепувал Исуса храбро да го издржи тешкиот испит.
21. а) Што покажува дека Исус триумфално го поднел тешкиот испит? б) Како сакаме да бидеме во состојба да зборуваме кога ќе се засилат нашите искушенија?
21 Тоа било очигледно од исходот. Кога неговата внатрешна борба завршила, Исус станал, се вратил кај Петар, Јаков и Јован и рекол: „Станете да одиме!“ (Марко 14:42). Всушност, тој велел: ‚Да одам да ме предадат со бакнеж, да ме затвори толпата, да ми судат илегално, да ме осудат погрешно. Да бидам исмејуван, плукан, камшикуван и прикован на маченички столб‘. После шест часа тој висел во грозна болка, трпејќи до крај. Кога умирал, извикал во триумф: „Довршено е!“ (Јован 19:30, NW). Тој останал постојан и ја докажал својата беспрекорност во поддржување на Јеховиниот суверенитет. Сѐ за што Јехова го испратил на Земјата да направи, тој довршил. Кога ќе умреме или кога ќе почне Армагедон, дали ќе можеме за нашиот налог од Јехова да кажеме: „Довршено е“?
22. По што се гледа обемот на ширењето на спознанието за Јехова?
22 Во секој случај, можеме да бидеме сигурни дека во Јеховино одредено време што брзо се приближува, сета ‚земја ќе биде полна со познавање на Господа [Јехова, NW] ‚како што водите го полнат морето‘ (Исаија 11:9).
Дали се сеќаваш?
◻ Што значи да се познава и да се има спознание?
◻ Како ни се покажани Јеховината милост и простување во неговата Реч?
◻ Како Авраам употребил слобода на говор пред Јехова?
◻ Зошто можеме да гледаме на Исус и во него да ги видиме Јеховините особини?