Имајте и изобилувајте во самосовладувањето
„Додајте ѝ на вашата вера . . . самосовладување“ (2. ПЕТРОВО 1:5, 6, NW).
1. Во каква необична ситуација би можел еден христијанин да даде сведоштво?
ИСУС рекол: „Ќе ве одведат пред управници и цареви заради Мене, за да сведочите пред нив“ (Матеј 10:18). Кога би бил одведен пред некој владетел, судија или претседател, за што би зборувал? Можеби прво за причината зошто си таму, за обвинението против тебе. Божјиот дух би ти помогнал да го сториш тоа (Лука 12:11, 12). Но можеш ли да си замислиш да зборуваш за самосовладување? Дали тоа го сметаш за важен дел од нашата христијанска порака?
2, 3. а) Како се случило Павле да им сведочи на Феликс и Друзила? б) Зошто самосовладувањето била прикладна тема за која Павле зборувал во таа ситуација?
2 Да разгледаме еден вистинит пример. Еден Јеховин сведок бил уапсен и изведен пред суд. Кога му била дадена прилика да зборува, тој сакал да ги објасни своите верувања како христијанин, како сведок. Можеш да го провериш извештајот и ќе најдеш дека дал судско сведоштво „за правда, за воздржување [самосовладување, NW] и идниот суд“. Се осврнуваме на едно искуство на апостолот Павле во Цезареја. Таму се одржало почетно сослушување. „По неколку дни дојде Феликс со жената своја Друзила која беше Јудејка, та го повика Павла и слушаше од него за верата во Христа Исуса“ (Дела на св. апостоли 24:24). Историјата известува дека Феликс „практицирал секаков вид свирепост и сладострасност, а со царската моќ ракувал со инстинкт на роб“. Бил женет двапати пред да ја наговори Друзила да се разведе од нејзиниот маж (со што го прекршил Божјиот закон) и да стане негова трета жена. Можеби таа била онаа која сакала да слушне за новата религија, христијанството.
3 Павле понатаму кажува за „правда, за воздржување и идниот суд“ (Дела на св. апостоли 24:25). Тоа требало да направи очигледен контраст помеѓу Божјите мерила на праведност и свирепоста и неправдата, од кои Феликс и Друзила биле дел. Можеби Павле се надевал дека ќе го натера Феликс да покаже правда во неговиот случај. Но зошто би се изнесувале на дневен ред ‚воздржувањето [самосовладувањето, NW] и идниот суд‘? Оваа неморална двојка се распрашувала што се барало со „верата во Христа“. Затоа требало да знаат дека следењето на Христа бара воздржување на мислите, говорот и постапките, што значи самосовладување. Сите луѓе се одговорни пред Бог за нивното размислување, зборови и дела. Значи, каква и да била осудата од Феликс, во Павловиот случај поважна била осудата со која управителот и неговата жена се соочувале пред Бог (Дела на св. апостоли 17:30, 31; Римјаните 14:10-12). Разбирливо е што откако ја чул Павловата порака, ‚Феликс се уплашил‘.
Важно е, ама не е лесно
4. Зошто самосовладувањето е важен дел од вистинското христијанство?
4 Апостолот Павле увидел дека самосовладувањето е битен дел од христијанството. Апостолот Петар, еден од Исусовите блиски помошници, го потврдил тоа. Кога им пишувал на оние кои требало ‚да станат учесници во Божјата природа‘ на небото, Петар поттикнал да се покажуваат извесни особини кои биле суштински, како што се вера, љубов и самосовладување. Затоа, самосовладувањето било вклучено во следново ветување: „Ако овие добродетели ги има во вас и се умножуваат, тие нема да ве остават празни, ниту бесплодни во познавањето на [точното спознание за, NW] нашиот Господ Исус Христос“ (2. Петрово 1:1, 4-8).
5. Зошто би требало да бидеме особено заинтересирани за самосовладувањето?
5 Но, ти знаеш дека е полесно да се каже дека треба да покажуваме самосовладување отколку навистина да се практикува во секојдневниот живот. Една причина е што самосовладувањето е релативно ретка особина. Во 2. Тимотеј 3:1-5 Павле ги опишал ставовите кои ќе преовладуваат во наше време, во „последните денови“. Едно обележје кое ќе го карактеризира нашиот период е тоа дека многумина ќе бидат „невоздржливи“ [без самосовладување, NW]. Гледаме дека ова се покажува точно насекаде околу нас, зар не?
6. Како се манифестира денес недостигот на самосовладување?
6 Многу луѓе веруваат дека во основа е здраво да „се излиеш“ или да „избувнеш“. Нивното гледиште е закрепнато од популарни личности кои се чини дека игнорираат секакво самосовладување, кои едноставно им се предаваат на своите нагони. Да илустрираме: Многумина кои ги сакаат професионалните спортови, пораснале навикнати на диви изразувања на емоции, па дури и насилна жестина. Зарем не можеш да се сетиш, барем од печатот, за примери кога на спортските настани избивале брутални тепачки или сцени на насилни толпи? Сепак, нашава тема не бара да посветуваме многу време во прегледување на примери на недостиг на самосовладување. Би можел да наброиш многу подрачја на кои треба да покажуваме самосовладување — конзумирањето на храна и пијалок, однесувањето спрема спротивниот пол и времето и парите што се трошат за некое хоби. Но наместо да допреме само површно многу такви подрачја, да испитаме едно важно подрачје на кое мораме да покажуваме самосовладување.
Самосовладување во поглед на нашите емоции
7. Кој аспект на самосовладувањето заслужува посебно внимание?
7 Мнозина од нас биле успешни во разумна мерка во регулирањето или ограничувањето на нашите постапки. Ние не крадеме, не подлегнуваме на неморал или да извршиме убиство; знаеме што вели Божјиот закон за таквите зли дела. Но, колку сме успешни во контролирањето на своите емоции? Со текот на времето, оние кои не негуваат емоционално самосовладување, честопати го губат самосовладувањето во поглед на своите постапки. Затоа, да се сконцентрираме на нашите емоции.
8. Што очекува Јехова од нас во поглед на нашите емоции?
8 Јехова Бог не очекува да бидеме роботи, па ниту да имаме ниту да покажуваме некакви емоции. Кај Лазаровиот гроб Исус ‚се натажил и се возмутил‘. Потоа Исус ‚просолзил‘ (Јован 11:32-38). Покажал сосема поинаква емоција кога, совршено контролирајќи ги своите постапки, ги истерал менувачите на пари од храмот (Матеј 21:12, 13; Јован 2:14-17). Неговите лојални ученици исто така покажувале длабоки емоции (Лука 10:17; 24:41; Јован 16:20-22; Дела на св. апостоли 11:23; 12:12-14; 20:36-38; 3. Јованово 4). Сепак, тие ја увиделе потребата од самосовладување за емоциите да не ги наведат на грев. Ефесјаните 4:26 добро го објаснува ова: „Гневете се, но не грешете: сонцето да не зајде во гневот ваш [во вашата раздразнета состојба, NW]“.
9. Зошто е толку важно контролирањето на нашите емоции?
9 Постои опасност кога се чини дека некој христијанин покажува самосовладување, додека, всушност, неговите емоции бегаат од контрола. Сети се на реакцијата кога Бог ја одобрил Авеловата жртва: „Каин се огорчи многу, и лицето му потемне. Тогаш му рече Господ Бог на Каина: ‚Зошто се огорчи? Зошто се помрачи лицето твое? Зарем, кога правиш добро, не го креваш ли лицето? А ако не правиш добро, тогаш гревот е пред вратата: тој те влече кон себе‘“ (1. Мојсеева 4:5-7). Каин не ги контролирал своите емоции, што го довело до тоа да го убие Авел. Неконтролирани емоции довеле до неконтролирана постапка.
10. Што учиш од Амановиот пример?
10 Исто така, разгледај еден пример од деновите на Мардохеј и Естира. Службеникот по име Аман се налутил што Мардохеј не сакал да му се поклони. Подоцна Аман погрешно помислил дека ќе му биде укажана наклоност. „Тој ден Аман излезе весел и расположен. Но кога Аман го виде Мардохеја при царската порта, и тој не стана и не се помести од местото пред него, Аман се исполни со гнев против Мардохеја. Но Аман сепак се воздржа [и] дојде во домот свој“ (Естира 5:9, 10). Бил брз да почувствува емоција на радост. Но исто така бил брз да се разгневи само заради тоа што видел некој на кого бил огорчен. Дали мислиш дека кога Библијата вели дека Аман ‚се воздржал‘, значи дека тој бил примерен во самосовладувањето? Тешко. Во тоа време Аман ги контролирал своите постапки и не покажал никаква емоција, но пропуштил да го контролира својот љубоморен гнев. Емоциите го навеле да смисли убиство.
11. Кој проблем постоел во собранието во Филипи, и што можело да доведе до него?
11 На сличен начин, недостигот на контрола на емоциите денес може многу да им наштети на христијаните. ‚О‘ — би можел некој да помисли — ‚тоа нема да биде проблем во собранието.‘ Но тоа било проблем. Две помазани христијанки во Филипи имале сериозно разидување, кое Библијата не го опишува. Замисли си го ова како можност: Еводија поканила некои браќа и сестри на ручек или на угодно дружење. Синтихија не била поканета и тоа ја повредило. Можеби возвратила така што таа не ја поканила Еводија во друга прилика. Потоа обете почнале да бараат грешки една кај друга; со текот на времето, едвај зборувале една со друга. Во една такво сценарио, дали основниот проблем би бил во тоа што некој не бил поканет на ручек? Не. Тоа би било само искрата. Кога овие две помазани сестри пропуштиле да ги контролираат своите емоции, искрата станала запалена шума. Проблемот потрајал и растел сѐ додека еден апостол не интервенирал (Филипјаните 4:2, 3).
Емоциите и твоите браќа
12. Зошто Бог ни го дава советот што се наоѓа во Проповедник 7:9?
12 Признаваме, не е лесно да се контролираат емоциите кога некој се чувствува омаловажен, повреден или дека со него се постапува со предрасуди. Јехова го знае тоа, бидејќи ги набљудувал меѓучовечките односи уште од човековиот почеток. Бог нѐ советува: „Не станувај со духот свој брз на гнев, зашто гневот почива во пазувите на безумните“ (Проповедник 7:9). Забележи дека Бог прво им обрнува внимание на емоциите, а не на постапките (Соломонови изреки 14:17, NW; 16:32; Јаков 1:19). Прашај се: „Дали би требало да му посветам повеќе внимание на контролирањето на моите емоции?“
13, 14. а) Обично, што се развива во светот поради пропустот да се контролираат емоциите? б) Кои работи би можеле да ги наведат христијаните да имаат замерки?
13 Многу луѓе во светот кои пропуштаат да ги контролираат своите емоции започнуваат одмазди — горки, дури и насилни конфликти заради некоја вистинска или замислена грешка против нив самите или против некој роднина. Штом емоциите еднаш ќе излезат од контрола, тие можат долго време штетно да влијаат. (Спореди 1. Мојсеева 34:1-7, 25-27; 49:5-7; 2. Царства 2:17-23; 3:23-30; Соломонови изреки 26:24-26.) Секако дека христијаните, без разлика од какво национално или културно потекло се, ваквите горки непријателства и замерки треба да ги сметаат за погрешни, лоши и да ги избегнуваат (3. Мојсијева 19:17, Даничиќ-Караџиќ). Дали избегнувањето на замерки го сметаш за дел од твоето самосовладување во поглед на емоциите?
14 Како и во случајот на Еводија и Синтихија, пропустот да се контролираат емоциите би можел да доведе до проблеми сега. Некоја сестра би можела да се чувствува омаловажена што не била поканета на свадбена свеченост. Или не било земено предвид нејзиното дете или роднина. Или можеби некој брат купил на старо автомобил од друг сохристијанин и кратко после тоа овој се расипал. Сеедно од која причина, тоа предизвикало повредени чувства, емоциите не биле контролирани и оние кои биле вклучени се вознемириле. Што тогаш?
15. а) Кои жални последици произлегле од замерките помеѓу христијани? б) Кој библиски совет се однесува на тенденцијата да се држи лутина?
15 Ако некое вознемирено лице не работи на тоа да ги котролира своите емоции и да гради мир со својот брат, може да се развие лутина. Имало случаи кога некој Сведок побарал да не биде доделен во извесна група за Собраниска студија на книга затоа што „не му се допаѓале“ некои христијани или семејства кои присуствувале таму. Колку жално! Библијата вели дека би било пораз за христијаните да се изведуваат едни со други пред световни судови, но зарем не би било рамно на пораз ако избегнуваме некој брат поради стари грешки спрема нас или спрема некои роднини? Дали нашите емоции откриваат дека крвните врски ни се поважни од мирот со браќата и сестрите? Дали велиме дека би биле спремни да умреме за нашата сестра, а нашите емоции нѐ тераат едвај да проговоруваме со неа? (Спореди Јован 15:13.) Бог одлучно ни вели: „Никому не враќајте зло за зло. . . . Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе. Не одмаздувајте се, возљубени, за себе, туку дајте му место на Божјиот гнев“ (Римјаните 12:17-19; 1. Коринтјаните 6:7).
16. Каков добар пример дал Авраам во врска со справувањето со емоциите?
16 Еден чекор кон повторното враќање на контрола над нашите емоции е да се помириме или да ја решиме причината за поплака, наместо да дозволиме непријателствата да траат. Сети се кога земјата не можела да ги издржува големите Авраамови стада заедно со стадата на Лот, а нивните наемници поради тоа почнале да се караат. Дали Авраам допуштил емоциите да го надвладеат? Или покажал самосовладување? Пофално е што предложил мирољубиво решение за деловниот конфликт; секој да има одделна територија. И му дал на Лот прв да избере. Откако докажал дека не негува огорченост и дека не му се лути, Авраам подоцна отишол да се бори во корист на Лот (1. Мојсеева 13:5-12; 14:13-16).
17. Што пропуштиле Павле и Варнава во една прилика, но што уследило потоа?
17 Можеме исто така да научиме за самосовладувањето од еден настан во кој биле вклучени Павле и Варнава. Откако биле партнери со години, тие не се согласиле околу тоа дали да го земат Марко на едно патување. „Поради тоа се појави расправија, така што тие се разделија еден од друг, и Варнава, откако го зеде Марка, отплови за Кипар“ (Дела на св. апостоли 15:39). Тоа што овие зрели мажи пропуштиле во таа прилика да ги контролираат своите емоции би требало да послужи како предупредување за нас. Ако можело да им се случи ним, може да ни се случи и нам. Но, тие не дозволиле да се развие траен прекин или да се развие одмазда. Извештајот покажува дека браќата кои биле вклучени постигнале контрола над своите емоции и подоцна соработувале во мир (Колосјаните 4:10; 2. Тимотеј 4:11).
18. Што може да стори зрелиот христијанин ако се повредени чувствата?
18 Можеме да очекуваме меѓу Божјиот народ да има повредени чувства, па дури и огорчености. Тие постоеле во времето на Евреите и во деновите на апостолите. Тие се случувале и меѓу Јеховините слуги во наше време, зашто сите ние сме несовршени (Јаков 3:2). Исус ги поттикнувал своите ученици да дејствуваат брзо за да ги решаваат таквите проблеми помеѓу браќата (Матеј 5:23-25). Но уште подобро е да се спречат најнапред со подобрување на нашето самосовладување. Ако се чувствуваш омаловажен или навреден од некоја релативно мала работа што ти ја рекол братот или сестрата, зошто не би ги контролирал своите емоции и едноставно го заборавиш тоа? Дали е навистина потребно да се конфронтираш со другиот, како божем нема да бидеш задоволен додека другиот не признае дека згрешил? Во колкава мера всушност ги контролираш своите емоции?
Можно е!
19. Зошто е прикладно што нашава дискусија се сосредоточи на контролирањето на емоциите?
19 Дискутиравме првенствено за еден аспект на самосовладувањето, контролирањето на нашите емоции. А тоа е клучното подрачје, затоа што пропустот да ги контролираме емоциите може да доведе да ја изгубиме контролата над јазикот, сексуалните нагони, навиките за јадење и многу други аспекти на животот каде што мораме да покажуваме самосовладување (1. Коринтјаните 7:8, 9; Јаков 3:5-10). Но, биди храбар, зашто ти можеш да се подобриш во задржувањето на самосовладување.
20. Како можеме да бидеме сигурни дека е можно подобрување?
20 Јехова е спремен да ни помогне. Како можеме да бидеме сигурни во тоа? Па, самосовладувањето е еден од плодовите на неговиот дух (Галатјаните 5:22, 23). Затоа, онолку колку што работиме да се оспособиме и го добиеме светиот дух од Јехова и ги покажуваме неговите плодови толку можеме да очекуваме да покажуваме повеќе самосовладување. Никогаш не заборавај го Исусовото ветување: „Небесниот Отец ќе им даде Дух Свети на оние, што Му бараат“ (Лука 11:13; 1. Јованово 5:14, 15).
21. Што си решен да правиш во иднина во врска со самосовладувањето и твоите емоции?
21 Немој да мислиш дека тоа ќе биде лесно. А може да биде потешко за оние кои пораснале меѓу луѓе кои неконтролирано ги изразувале чувствата, за оние со пораздразлив темперамент или за оние кои едноставно никогаш не се труделе да покажуваат самосовладување. За таквите христијани може да биде вистински предизвик да имаат и да изобилуваат во самосовладувањето. Но, тоа е можно (1. Коринтјаните 9:24-27). Колку што повеќе и повеќе се приближуваме кон крајот на сегашниот систем на ствари, стресовите и притисоците ќе растат. Не помало, туку ќе ни треба многу, многу поголемо самосовладување! Испитај се во поглед на твоето самосовладување. Ако видиш подрачја на кои треба да се подобриш, работи на тоа (Псалми 139:23, 24, NW). Моли го Бог за повеќе негов дух. Тој ќе те сослуша и ќе ти помогне така што ќе имаш самосовладување и тоа ќе изобилува (2. Петрово 1:5-8, NW).
Точки за размислување
◻ Зошто е толку важна контролата на твоите мисли?
◻ Што научи од примерите на Аман и на Еводија и Синтихија?
◻ Што ќе се потрудиш чесно да направиш ако се појави причина за навреда?
◻ Како може самосовладувањето да ти помогне да избегнуваш да држиш каква и да е лутина?
[Слика на страница 18]
Кога бил пред Феликс и Друзила, Павле зборувал за праведност и самосовладување