Можно е да го сакаш ближниот
ИЛУСТРАЦИЈАТА на Исус Христос за Самарјанинот покажа што навистина значи искрената љубов кон ближниот (Лука 10:25-37). Исус исто така поучувал: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум; тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: Возљуби го својот ближен како себеси!“ (Матеј 22:37-39).
Како на многу луѓе, дали и тебе ти е тешко да го сакаш твојот ближен кој е од некоја друга етничка група? Можеби ова е случај затоа што си дознал или лично си искусил дискриминација и неправда. Ти или твоите сакани можеби дури сте биле малтретирани од луѓе од друга група.
Бидејќи Исус покажал дека една од Божјите заповеди е да го сакаме нашиот ближен, сигурно е можно да се надминат таквите силни чувства. Клучот за ова е на луѓето да гледаме онака како што гледаат Бог и Христос. Во овој поглед, да го разгледаме примерот на Исус и раните христијани.
Исусовиот извонреден пример
Евреите од првиот век имале силни чувства на одбојност кон Самарјаните, народ кој живеел во едно подрачје помеѓу Јудеја и Галилеја. Во една прилика, еврејските противници презриво го запрашале Исус: „Не зборуваме ли право, дека си Ти Самарјанин и дека бес има во Тебе?“ (Јован 8:48). Антисамарјанското чувство било толку силно што некои Евреи дури јавно ги колнеле Самарјаните во синагогите и секојдневно се молеле да не им биде даруван вечен живот на Самарјаните.
Спознанието за оваа длабоко вкоренета омраза, без сомнение, го поттикнало Исус да ја даде илустрацијата за Самарјанинот кој се покажал како вистински ближен со тоа што се погрижил за Евреинот кој бил претепан од разбојниците. Како можел да одговори Исус кога Евреинот кој бил упатен во Мојсеевиот закон запрашал: „А кој е мојот ближен?“ (Лука 10:29). Исус можел да одговори директно така што би рекол: ‚Твојот ближен не е само твојот сонародник Евреин, туку и другите луѓе, па дури и Самарјаните‘. Меѓутоа, на Евреите би им било тешко да го прифатат тоа. Затоа ја раскажал илустрацијата за еден Евреин на кој му била укажана милост од страна на еден Самарјанин. Така Исус им помогнал на своите еврејски слушатели да го извлечат заклучокот дека вистинската љубов спрема ближниот би се проширувала и на не-Евреите.
Исус немал антисамарјански чувства. Во една прилика кога патувал низ Самарија, тој се одморал крај еден бунар додека неговите ученици отишле во блискиот град по храна. Кога една Самарјанка дошла да нацрпе вода, тој рекол: „Дај ми да пијам!“ Бидејќи Евреите немале никаква работа со Самарјаните, таа прашала: „Како Ти, бидејќи Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш?“ Исус тогаш ѝ посведочил, и дури отворено изјавил дека тој бил Месијата. Таа реагирала така што отишла во градот и ги повикала другите да дојдат и да го слушнат. Со каков резултат? „Мнозина Самарјани од тој град поверуваа во Него.“ Каков извонреден исход затоа што Исус не бил спречен од доминантниот став на неговите еврејски современици! (Јован 4:4-42).
Бог не е пристрасен
Божјата намера била Исус да им проповеда првенствено на Евреите, „загубените овци на домот Израилев“ (Матеј 15:24). Затоа, неговите први следбеници биле од еврејско потекло. Но само три години по излевањето на светиот дух на Пентекост 33. н. е., Јехова објаснил дека сака еврејските верници да го прошират делото на правење ученици на луѓето од народите — на паганите.
За еврејски сфаќања, да се сака Самарјанинот како самиот себеси би било многу тешко. Би било уште потешко да се покажува љубов спрема ближниот од необрежаните пагани, луѓе кои имаат уште помалку заедничко со Евреите отколку Самарјаните. Коментирајќи за ставот на Евреите спрема паганите, The International Standard Bible Encyclopaedia изјавува: „Во [Н]овозаветни времиња ја среќаваме најекстремната аверзија, презир и омраза. Тие [паганите] биле сметани за нечисти, со кои било незаконски да се има било какво пријателско дружење. Тие биле непријатели на Бог и Неговиот народ, на кои им било ускратувано спознанието за Бог доколку не станат проселити, па дури и тогаш, како во старо време, не можело да им се дозволи целосно заедништво. На Евреите им било забрането да ги советуваат, а ако тие прашале за Божествените работи, требало да ги проколнат“.
Иако мнозина имале вакви гледишта, Јехова направил апостолот Петар да доживее една визија во која му било речено да ‚не го смета за нечисто она што Бог го очистил‘. Потоа Бог го упатил во домот на паганинот Корнилиј. Петар дал сведоштво за Христос пред Корнилиј, неговото семејство и други пагани. „Навистина признавам“ — рекол Петар — „дека Бог не гледа на лице [не е пристрасен, NW]; туку, кај секој народ оној, кој се бои од Него, и постапува правично, мил Му е“. Додека Петар уште проповедал, светиот дух слегол на новите верници, кои потоа биле крстени и станале први пагански следбеници на Христос (Дела на св. апостоли, поглавје 10).
Еврејските следбеници го прифатиле овој настан, увидувајќи дека Исусовата заповед да ‚прават ученици од луѓето од сите народи‘ не била ограничена на Евреите во сите земји, туку ги вклучувала и паганите (Матеј 28:19, 20, NW; Дела на св. апостоли 11:18). Надминувајќи секакви антипагански чувства коишто можеби ги имале, тие ревносно организирале проповедничка кампања за да прават ученици меѓу народите. За помалку од 30 години, можело да се рече дека добрата вест му била проповедана „на секое поднебесно создание“ (Колосјаните 1:23).
Во ова дело на проповедање предводел апостолот Павле, кој лично бил христијанин од еврејско потекло. Пред да стане Христов следбеник, бил ревносен член на религиозната секта на фарисеите. Тие гледале од висина не само на паганите туку дури и на обичните луѓе од нивната сопствена националност (Лука 18:11, 12). Но Павле не дозволил овие гледишта да го спречат да покажува љубов кон другите како кон ближни. Наместо тоа, станал „апостол на незнабошците [паганите]“ и го посветил сиот свој живот на делото на правење ученици низ медитеранските земји (Римјаните 11:13).
Во текот на својата служба Павле бил каменуван, тепан и затворан (Дела на св. апостоли 14:19; 16:22, 23). Дали таквите сурови искуства го натерале да се огорчи и да заклучи дека попусто си го губи времето меѓу некои си народи и етнички групи? Никако. Тој знаел дека имало поединци со искрено срце, раштркани низ многу етнички групи од негово време.
Кога Павле нашол пагани кои биле спремни да се поучат за Божјите патишта, тој ги засакал. На пример, на Солунјаните им напишал: „Бевме среде вас благи, онака како што нежно се однесува доилката кон своите деца. Така ве бевме засакале, што бевме готови да ви го предадеме не само Благовестието Божјо, туку и душите свои, зашто ни станавте драги“ (1. Солунјаните 2:7, 8). Овие искрени зборови покажуваат дека Павле навистина ги сакал паганските Солунјани и не дозволил ништо да ја расипе радоста на добриот однос со нив.
Љубовта спрема ближниот на дело
Денеска, како и во првиот век, оние кои му се приклучуваат на христијанското собрание негуваат љубов кон луѓето од сите етнички групи како спрема ближни. Со тоа што развиваат божествен став спрема другите и ја споделуваат добрата вест за Царството со нив, вистинските христијани го рашириле своето разбирање за луѓето кои инаку никогаш не би ги познавале ако не се поврзале со собранието. Тие имаат дури братска љубов кон нив (Јован 13:34, 35). Ова можеш и ти да го доживееш.
Ваква љубов постои меѓу Јеховините сведоци иако се наоѓаат во 229 земји и ги претставуваат „сите племиња и колена, народи и јазици“ (Откровение 7:9). Како светско братство, тие се обединети во обожавањето на Јехова, во тоа што одбиваат да застанат на нечија страна во етничките конфликти и соперништва и во тоа што ги отфрлаат предрасудите коишто ги лишуваат луѓето од срдечни односи со другите луѓе.
Дружи се со Сведоците и ќе забележиш како луѓе од секакво етничко потекло ја вршат Божјата волја. Ќе ја видиш љубовта спрема ближниот на дело додека се објавува добрата вест за Божјето Царство. Да, а во нивните собранија ќе запознаеш љубезни, искрени луѓе кои со своите животи покажуваат дека навистина научиле да го сакаат својот ближен.
[Слика на страница 6]
Во собранијата на Јеховините сведоци ќе најдеш среќни луѓе од сите раси
[Извор на слика на страница 4]
Пристигнувањето на Добриот Самарјанин во конакот/The Doré Bible Illustrations/Dover Publications, Inc.