„Испитај ме, Боже“
„Испитај ме, Боже, и познај го срцето мое; . . . упати ме на вечен пат“ (ПСАЛМИ 138:23, 24).
1. Како постапува Јехова со своите слуги?
СИТЕ ние сакаме другиот да има разбирање за нас, да ги земе предвид нашите околности, да ни помогне кога ќе згрешиме, да не бара од нас повеќе отколку што можеме. Јехова Бог на таков начин постапува со своите слуги. Во Псалми 102:14 стои: „Он го знае нашиот состав, помни дека ние сме земја“. А Исус Христос, кој совршено го одразувал својот Татко, го упатува срдечниот повик: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе [или: „Дојдете со мене под мојот јарем”, NW со објаснувања, фуснота] и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Матеј 11:28-30).
2. Спореди го Јеховиното гледиште со гледиштето на луѓето во врска со а) Исус Христос и б) следбениците на Христос.
2 Јеховиното гледиште за неговите слуги често е многу поинакво од гледиштето на луѓето. Тој гледа на работите од друго стојалиште и зема предвид други аспекти за кои другите можеби ништо не знаат. Кога Исус Христос одел по Земјата, бил „презрен и понизен меѓу луѓето“. Оние кои не верувале во него како Месија ‚за ништо не Го сметале‘ (Исаија 53:3; Лука 23:18-21). Сепак, во Божји очи, тој бил „возљубен [Божји] Син“, на кого Таткото му рекол: „во Тебе е Мојата волја [јас те одобрив, NW]“ (Лука 3:22; 1. Петрово 2:4). Меѓу следбениците на Исус Христос има луѓе кои се презрени затоа што се материјално сиромашни и поднесуваат многу неволји. Сепак, во очите на Јехова и неговиот Син, таквите можат да бидат богати (Римјаните 8:35-39; Откровение 2:9). Зошто таква разлика во гледиштата?
3. а) Зошто Јеховиното гледиште за луѓето е често многу различно од човечкото? б) Зошто е животоважно за нас да испитаме какви луѓе сме одвнатре?
3 Јеремија 11:20 го дава одговорот: ‚Господ . . . ги испитува срцата и утробите‘. Тој гледа какви сме одвнатре, дури и оние аспекти на нашата личност кои се сокриени од очите на другите. При неговото испитување тој првенствено ги истакнува особините и условите кои се важни за еден добар однос со него, оние кои за нас се од најтрајна корист. Спознанието за тоа ни влева доверба, но и нѐ отрезнува. Бидејќи Јехова гледа на она што сме одвнатре, важно е ние да се испитаме какви сме одвнатре ако сакаме да се покажеме како личности какви што тој сака во неговиот нов свет. Неговата Реч ни помага да направиме такво испитување (Евреите 4:12, 13).
Колку се скапоцени Божјите мисли!
4. а) Што го мотивирало псалмистот да објави дека Божјите мисли му се скапоцени? б) Зошто треба да ни бидат и нам скапоцени?
4 Откако медитирал за ширината и длабината на Божјето спознание за неговите слуги, како и за Божјата извонредна способност да даде секаква помош која би им била потребна, псалмистот Давид напишал: „Колку се скапоцени за мене твоите мисли!“ (Псалми 139:17а, NW). Тие мисли, откриени во неговата пишана Реч, се далеку повозвишени од што и да е што е од луѓето, без разлика колку нивните идеи изгледаат сјајни (Исаија 55:8, 9). Божјите мисли ни помагаат да се сконцентрираме на навистина важните работи во животот и да бидеме ревносни во неговата служба (Филипјаните 1:9-11). Тие ни покажуваат како да гледаме на работите онака како што Бог гледа. Ни помагаат да бидеме чесни кон себе, искрено да признаеме какви личности навистина сме. Дали си ти спремен на тоа?
5. а) Што нѐ поттикнува Божјата Реч да чуваме повеќе „од сѐ“? б) Како библискиот извештај за Каин може да биде корисен за нас? в) Иако не сме под Мозаитскиот Закон, како тој ни помага да сфатиме што му е угодно на Јехова?
5 Луѓето се склони да му придаваат преголемо значење на надворешниот изглед, но Библијата нѐ советува: „Од сѐ, што е за пазење, најмногу чувај го срцето свое“ (Соломонови изреки 4:23). Библијата ни помага во тоа како преку правила, така и преку примери. Таа известува дека Каин површно му принесувал жртви на Бог, а во срцето вриел од огорченост, а потоа и од омраза спрема својот брат Авел. И таа нѐ поттикнува да не бидеме како него (1. Мојсеева 4:3-5; 1. Јованово 3:11, 12). Таа го содржи барањето на Мозаитскиот закон за послушност. Но исто така истакнува дека првенственото барање на Законот било оние кои го обожавале Јехова да го љубат со сето срце, ум, душа и сила; и наведува дека втора по важност била заповедта да го љубат својот ближен како самите себеси (5. Мојсеева 5:32, 33; Марко 12:28-31).
6. Кои прашања треба да си ги поставиме кога ги применуваме Соломонови изреки 3:1?
6 Во Соломонови изреки 3:1, поттикнати сме не само да ги држиме Божјите заповеди, туку да внимаваме послушноста да биде израз на она што навистина се наоѓа во нашето срце. Треба поединечно да се прашаме: ‚Дали е тоа случај со мојата послушност спрема Божјите барања?‘ Ако сфатиме дека нашата мотивација или размислување во некои работи се недостаточни — а никој не може да каже дека е без мана — тогаш треба да се запрашаме: ‚Што јас чинам за да ја подобрам состојбата?‘ (Соломонови изреки 20:9; 1. Јованово 1:8).
7. а) Како би можела Исусовата осуда на фарисеите во Матеј 15:3-9 да ни помогне да го чуваме срцето? б) Кои ситуации би можеле да бараат од нас да преземеме одлучни мерки за да го дисциплинираме нашиот ум и срце?
7 Кога еврејските фарисеи се правеле дека му оддаваат чест на Бог, а лукаво поддржувале обичај мотивиран од користољубие, Исус ги осудил како лицемери и покажал дека нивното обожавање било залудно (Матеј 15:3-9). Исус исто така предупредил дека за да му угодиме на Бог, кој го гледа срцето, не е доволно да водиме наизглед морален живот, додека истовремено, за да доживееме некакво телесно задоволство, упорно се препуштаме на мисли кои се неморални. Можеби ќе биде потребно да преземеме драстични мерки за да го дисциплинираме умот и срцето (Соломонови изреки 23:12; Матеј 5:27-29). Таквата дисциплина е исто така потребна ако поради нашата световна работа, нашите цели во образованието, или нашиот избор на разонода, стануваме имитатори на светот, дозволувајќи тој да нѐ стави во свој калап според неговите мерила. Никогаш да не заборавиме дека ученикот Јаков ги нарекува „прељубодејци“ оние кои тврдат дека му припаѓаат на Бог, а сакаат да бидат пријатели со светот. Зошто? Затоа што „целиот свет е во власта на Злобниот“ (Јаков 4:4; 1. Јованово 2:15-17; 5:19, Ст).
8. Што треба да правиме за потполно да извлечеме корист од Божјите скапоцени мисли?
8 За потполно да извлечеме корист од Божјите мисли за овие и за други работи, треба да одвоиме време да ги читаме и слушаме. Освен тоа, треба и да ги проучуваме, да разговараме и да медитираме за нив. Многу читатели на Стражарска кула редовно ги посетуваат собраниските состаноци на Јеховините сведоци, каде што се дискутира за Библијата. За да го сторат тоа, тие откупуваат време од други работи (Ефесјаните 5:15-17). А она што го добиваат за возврат е далеку повредно отколку материјално богатство. Зарем не мислиш така и ти?
9. Зошто некои кои ги посетуваат христијанските состаноци напредуваат побрзо од другите?
9 Меѓутоа, некои кои ги посетуваат тие состаноци побрзо напредуваат духовно отколку другите. Попотполно ја применуваат вистината во својот живот. На што се должи тоа? Честопати, главен фактор е нивната марливост во личното проучување. Тие сфаќаат дека не живееме само од леб; секојдневната духовна храна е исто толку важна колку и редовното јадење на физичка храна (Матеј 4:4; Евреите 5:14). Така настојуваат секој ден барем малку време да ја читаат Библијата или публикациите кои ја објаснуваат. Се подготвуваат за собраниските состаноци, однапред го проучуваат градивото и ги бараат библиските стихови. Не само што го читаат материјалот, туку и медитираат за него. Нивниот образец на проучување вклучува сериозно размислување за влијанието кое треба да го има врз нивниот живот она што го учат. Додека расте нивната духовност, почнуваат да се чувствуваат како псалмистот кој напишал: „Колку го љубам твојот закон! . . . Твоите опомени се прекрасни“ (Псалми 1:1-3; 119:97, 129, NW).
10. а) За колку долго време е корисно да се продолжи со проучување на Божјата Реч? б) Како Писмото го покажува тоа?
10 Без разлика дали Божјата Реч ја проучуваме една, 5 или 50 години, тоа никогаш не станува само обично повторување — не, ако Божјите мисли ни се скапоцени. Без разлика колку сме научиле од Писмото, има уште работи кои не ги знаеме. „О Боже, колку достигнува нивниот голем збир!“ (NW) рекол Давид. „Ќе ги пребројам — но тие се побројни и од песокта“. Божјите мисли се надвор од нашата способност да ги броиме. Кога Божјите мисли би ги броеле цел ден и би заспале со тоа, кога би се разбудиле изутрината, би имало уште многу за размислување. Затоа Давид напишал: „Се разбудив и сѐ уште сум со Тебе“ (Псалми 138:17, 18). За сета вечност за нас ќе има уште да учиме за Јехова и неговите патишта. Никогаш нема да стигнеме до степенот кога ќе знаеме сѐ (Римјаните 11:33).
Да се мрази она што Јехова го мрази
11. Зошто е важно не само да се знаат Божјите мисли туку и да се делат неговите чувства?
11 Божјата Реч не ја проучуваме само со цел да ја наполниме главата со факти. Како што дозволуваме Божјите мисли да ни продрат во срцето, така почнуваме да ги споделуваме и Божјите чувства. Колку е тоа важно! Која може да биде последицата ако не развиваме такви чувства? Иако би можеле да го повториме она што го вели Библијата, сепак можеби го сметаме за пожелно она што е забрането, или можеби мислиме дека она што се бара е товар. Вистина е дека дури и ако го мразиме она што е неисправно, можеби имаме борба поради човечката несовршеност (Римјаните 7:15). Но ако искрено не се трудиме она што сме одвнатре да го доведеме во согласност со она што е исправно, можеме ли да очекуваме да го радуваме Јехова кој ‚ги испитува срцата‘? (Соломонови изреки 17:3).
12. Колку се важни побожната љубов и побожната омраза?
12 Побожната омраза е моќна заштита од погрешното постапување, како што и побожната љубов предизвикува она што е исправно да ни биде задоволство (1. Јованово 5:3). Повеќе пати Писмото нѐ поттикнува да развиваме и љубов и омраза. „Вие, кои Го сакате Господа, мразете го злото!“ (Псалми 96:10). „Отстранувајте се од злото, прилепувајте се кон доброто“ (Римјаните 12:9). Дали го правиме тоа?
13. а) Со која Давидова молитва во врска со уништувањето на злобните потполно се согласуваме? б) Кои биле злобните за кои Давид се молел Бог да ги уништи, како што се гледа од неговата молитва?
13 Јехова јасно ја изнел својата намера да ги искорени злите од Земјата и да воведе нова Земја на која ќе живее праведноста (Псалми 36:10, 11; 2. Петрово 3:13). Љубителите на праведноста копнеат да дојде тоа време. Тие во потполност се согласуваат со псалмистот Давид кој се молел: „Кога би сакал да ги убиеш, Боже, грешниците; иставете се од мене, крвопијци! Ревниви се во помислите свои, суетно се креваат Твоите непријатели“ (Псалми 138:19, 20). Давид не посакувал лично да ги убие злобните. Тој молел одмаздата да дојде од Јеховината рака (5. Мојсеева 32:35; Евреите 10:30). Тоа не биле луѓе кои на некој начин лично го навредиле Давид. Тие погрешно го претставиле Бог и неговото име го користеле на недостоен начин (2. Мојсеева 20:7). На нечесен начин, тврделе дека му служат, а го користеле неговото име за унапредување на сопствените замисли. Давид немал љубов спрема оние кои избрале да бидат Божји непријатели.
14. Дали има зли луѓе на кои може да им се помогне? Ако да, како?
14 Има милијарди луѓе кои не го познаваат Јехова. Повеќето од нив во незнаење вршат работи за кои Божјата Реч покажува дека се зли. Ако продолжат со таквото постапување, ќе бидат меѓу оние кои ќе погинат за време на големата неволја. Сепак, Јехова не се радува на смртта на злите, а не треба ниту ние (Језекиил 33:11). Колку што времето дозволува, ние се трудиме да им помогнеме на таквите луѓе да ги учат и да ги применуваат Јеховините патишта. Но што ако некои луѓе покажуваат силна омраза спрема Јехова?
15. а) Кои се тие кои псалмистот ги сметал за „непријатели“? б) Како денес можеме да покажеме дека ги „мразиме“ оние кои се бунат против Јехова?
15 Во врска со нив, псалмистот навел: „Зар не ги намразив оние. Господи, кои Тебе те мразат, и зар не се изедов [зар не чувствувам одвратност, NW] поради непријателите Твои? Со полна омраза ги замразив; тие ми станаа непријатели“ (Псалми 138:21, 22). Давид гледал на нив со гадење затоа што силно го мразеле Јехова. Меѓу нив се вклучени отпадниците кои својата омраза ја покажуваат спрема Јехова со тоа што се бунат против него. Отпадништвото, всушност, е побуна против Јехова. Некои отпадници тврдат дека го познаваат и му служат на Бог, но одбиваат учења или барања поставени во неговата Реч. Други тврдат дека веруваат во Библијата, но ја одбиваат Јеховината организација и активно се обидуваат да го спречат нејзиното дело. Кога намерно избрале таква злоба откако спознале што е исправно, кога злото толку се вкоренува што станува неразделен дел од нивниот карактер, тогаш христијанинот, мора да ги мрази (во библиска смисла на зборот) оние кои неразделно се приврзале за злото. Вистинските христијани ги делат Јеховините чувства спрема таквите отпадници; тие не се љубопитни за отпаднички идеи. Напротив, ‚чувствуваат одвратност‘ спрема оние кои станале Божји непријатели, но му препуштаат на Јехова да изврши одмазда (Јов 13:16; Римјаните 12:19; 2. Јованово 9, 10).
Кога Бог нѐ испитува
16. а) Зошто Давид сакал Јехова да го испита? б) Што треба да го замолиме Бог да ни помогне да препознаеме во врска со нашето срце?
16 Давид не сакал никако да биде како злобните. Многу луѓе се обидуваат да скријат што се одвнатре, но Давид понизно се молел: „Испитај ме, Боже, и познај го срцето мое; испитај ме и запознај ги патеките мои; и види дали сум на пат на беззаконија, и упати ме на вечен пат“ (Псалми 138:23, 24). Кога Давид зборувал за своето срце, не мислел на физичкиот орган. Во согласност со симболичното значење на тој израз, мислел на она што тој бил одвнатре, на внатрешниот човек. И ние би требало да сакаме Бог да го испита нашето срце и да види дали имаме некакви неисправни желби, склоности, емоции, намери, мисли или мотиви (Псалми 25:2). Јехова нѐ повикува: „Синко, дај ми го мене срцето, и очите твои да ги гледаат патиштата мои“ (Соломонови изреки 23:26).
17. а) Што треба да правиме наместо да ги криеме вознемирувачките мисли? б) Дали треба да нѐ изненади ако најдеме грешни склоности во нашето срце, и што треба да правиме со нив?
17 Ако внатре во нас се скриени некакви болни, вознемирувачки мисли поради погрешни желби или погрешни мотиви или поради некакво погрешно постапување од наша страна, тогаш секако сакаме Јехова да ни помогне да ја расчистиме работата. Наместо изразот „пат на беззаконија“, преводот Даничиќ-Караџиќ го користи изразот „зол пат“; преводот The New English Bible вели: „Секаков пат што те жалости [т.е. Бог]“. Можеби и самите јасно не ги разбираме нашите вознемирувачки мисли и затоа не знаеме како нашиот проблем да му го изразиме на Бог, но тој ја разбира нашата ситуација (Римјаните 8:26, 27). Не треба да нѐ изненадува ако во нашето срце има лоши склоности; сепак, не треба да ги оправдуваме (1. Мојсеева 8:21). Треба да бараме Божја помош за да ги искорениме. Ако вистински го љубиме Јехова и неговите патишта, можеме да му пристапиме за таква помош со доверба дека „Бог . . . е поголем од нашето срце и знае сѐ“ (1. Јованово 3:19-21).
18. а) Како нѐ води Јехова по вечен пат? б) Каква срдечна пофалба може да очекуваме да добиеме ако продолжиме да го следиме Јеховиното водство?
18 Во согласност со молитвата на псалмистот Јехова да го води на вечен пат, Јехова навистина ги води своите понизни, послушни слуги. Не само што ги води на пат кој може да значи долг живот затоа што не се предвреме отсечени поради погрешно постапување, туку и на пат кој води во вечен живот. Тој ја втиснува во нас потребата од вредноста на Исусовата жртва за простување на гревовите. Преку неговата Реч и организацијата, ни дава животоважно упатство за да можеме да ја вршиме неговата волја. Тој ја истакнува важноста да одговориме на неговата помош за одвнатре да постанеме личности какви што тврдиме дека сме однадвор (Псалми 85:11). И нѐ охрабрува со изгледот за совршено здравје во еден праведен нов свет, со вечен живот кој ќе го користиме за да му служиме нему, единствениот вистинит Бог. Ако продолжиме лојално да се одгласуваме на неговото водство, тој всушност ќе ни рече како што му рекол на неговиот Син: „Јас те одобрив“ (Лука 3:22, NW; Јован 6:27; Јаков 1:12).
Како ќе одговориш?
◻ Зошто Јеховиното гледиште за неговите слуги често е различно од она на луѓето?
◻ Што може да ни помогне да препознаеме на што Бог гледа кога го испитува нашето срце?
◻ Кој вид проучување ни помага да научиме факти и да го чуваме срцето?
◻ Зошто е важно да знаеме не само што Бог вели, туку и да ги делиме неговите чувства?
◻ Зошто треба лично да молиме: „Испитај ме, Боже, и познај го срцето мое“?
[Слика на страница 16]
Кога проучуваш, настојувај да ги присвојуваш Божјите мисли и чувства
[Слика на страница 18]
Јеховините мисли се „побројни и од песокта“
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.