„Барајте го Јехова, сите кротки на земјата“
„БАРАЈТЕ го Јехова, сите кротки на земјата, сите вие кои ја извршувате Неговата судска одлука. Барајте ја праведноста, барајте ја кроткоста. Можеби ќе бидете сокриени на денот на Јеховиниот гнев“ (Цефанија 2:3, НС).
Пророкот Софонија ги упатил овие зборови до ‚кротките на земјата‘ и ги поттикнал да ‚ја бараат праведноста‘ за да бидат заштитени „на денот на Јеховиниот гнев“. Тоа скоро не остава место да се сомневаме дали кроткоста е предуслов за преживување. А зошто?
Зошто да се бара кроткоста?
Кроткоста е особина на благ карактер, без ароганција и вообразеност. Таа е тесно поврзана со други доблести, како што се понизноста и благоста. Бидејќи е така, кротките луѓе дозволуваат да бидат поучени и спремни се да прифатат стега од Божја рака, дури и ако во тој момент тоа изгледа жалосно (Псалм 24:9; Евреите 12:4-11).
Сама по себе, кроткоста нема голема врска со нечие образование или статус во животот. Меѓутоа, оние кои се високо образовани или успешни на световен начин, склони се да мислат дека се способни да донесуваат одлуки за себе во сѐ, па дури и кога е во прашање обожавањето. Ова може да ги спречи да му дозволат на некој друг да ги поучува или да прифатат совет и да ги направат неопходните промени во својот живот. Други кои се материјално богати може да западнат во погрешното размислување дека сигурноста им лежи во материјалните поседи. Затоа, не чувствуваат потреба од духовните богатства од Божјата Реч, Библијата (Матеј 4:4; 5:3; 1. Тимотеј 6:17).
Земи ги за пример книжниците, фарисеите и првосвештениците од Исусовите денови. Во една прилика, кога слугите што ги испратиле да го уапсат Исус се вратиле без него, фарисеите рекле: „Да не се прелагавте и вие? Поверувал ли некој од началниците и фарисеите во Него? Но овој народ, што не го знае Законот, е проклет“ (Јован 7:45-49). Со други зборови, за нив само неуките и необразовани луѓе биле доволно наивни да веруваат во Исус.
Па сепак, некои фарисеи биле привлечени кон вистината и дури го бранеле Исус и христијаните. Меѓу нив биле Никодим и Гамалиил (Јован 7:50-52; Дела на св. апостоли 5:34-40). По Исусовата смрт ‚големо мнозинство на свештеници се покориле на верата‘ (Дела 6:7). Несомнено, најистакнат пример бил апостолот Павле. Тој бил воспитуван при нозете Гамалиилови и станал високо образован и почитуван бранител на јудаизмот. Меѓутоа, со текот на времето понизно одговорил на повикот на Исус Христос и станал негов ревен следбеник (Дела 22:3; 26:4, 5; Галатјаните 1:14-24; 1. Тимотеј 1:12-16).
Сево ова разјаснува дека, без оглед какво било нечие минато или што мисли некој сега за пораката од Библијата, зборовите на Софонија сѐ уште важат. Ако некој сака да биде признат од Бог и воден од неговата Реч, неопходна е кроткост.
Оние кои ‚ја бараат кроткоста‘ денес
Милиони луѓе ширум светот одговараат на добрата вест за Царството. Јеховините сведоци водат преку четири милиони библиски студии седмично во домовите на таквите луѓе. Тие имаат различно минато и доаѓаат од различни економски и социјални средини. Сепак, заедничко им е тоа што се доволно понизни да ја прифатат библиската порака која некој им ја изнел на нивна врата или на друго место. Многумина од нив одлично напредуваат бидејќи се спремни да вложат напори да ги совладаат препреките што им се на патот. Да, денес тие се наоѓаат меѓу ‚кротките на земјата‘.
Земи ја, на пример, Марија од Мексико. Таа студирала право и била финансиски обезбедена со наследство. Поради тоа, развила доста слободни сфаќања кои ја претвориле, како што вели, во „бунтовна, груба, дрска и атеистички настроена“ личност. „Почнав да мислам дека сѐ може да се реши со пари и дека Бог не е важен. Всушност, сметав дека тој дури не постои“, се сеќава Марија и додава: „За мене религијата беше нешто бесмислено и само потреба на општеството.“
Подоцна, Марија забележала дека нејзиниот братучед се променил откако станал Јеховин сведок. „Тој беше толку ужасен, а станал мошне мирољубив и чесен човек“, објаснува Марија. „Роднините рекоа дека е проповедник и дека ја чита Библијата, па поради тоа веќе не пие и не трча по жени. Затоа го викнав да дојде и да ми ја чита Библијата бидејќи мислев дека на тој начин ќе најдам мир и спокојство кои ги посакував толку многу“. Резултатот бил тоа што Марија прифатила библиска студија со брачна двојка Сведоци.
Морала да надмине многу работи, а ѝ било и мошне тешко да го прифати библиското начело на поглаварство и да му биде подложна на својот сопруг. Но, направила радикални промени во својот живот и ставови. Таа признава: „Мислам дека откога браќата го пречекорија мојот праг и донесоа со себе помош од Јехова, над мојот дом почива среќа, спокојство и Божји благослов“. Денес Марија е предаден, крстен Сведок на Јехова.
Во делото на вистинско обожавање има уште едно подрачје на кое кроткоста, или недостигот на истата, игра важна улога. Многу често, жената во семејството ја прифаќа вистината и сака да му служи на Бог, а сопругот се воздржува. Можеби е тешко за некои сопрузи да ја прифатат мислата дека сега постои некој друг — Јехова Бог — на кого нивните сопруги сега мораат да му бидат подложни (1. Коринтјаните 11:3). Една жена од Чихуахуа (Мексико) побарала библиска студија и со текот на времето таа самата и нејзините седум деца дошле во вистината. Отпрво, нејзиниот сопруг се противел. Зошто? Затоа што не сакал неговото семејство да оди да проповеда од куќа до куќа и да нуди библиска литература. Очигледно сметал дека тоа му е под чест. Неговото семејство, меѓутоа, останало цврсто во својата одлука да му служи на Бог. Со време, сопругот почнал да увидува дека вреди да се прифати Божјето уредување. Но, поминале 15 години пред да му се предаде на Јехова.
Низ Мексико сѐ уште има многу изолирани заедници во кои месните жители го имаат својот домороден индијански јазик и обичаи. Библиската порака ги достигнува овие луѓе и им помага да го подобрат своето културно ниво, бидејќи некои учат да читаат и пишуваат додека ја запознаваат вистината. Меѓутоа, тоа што луѓето имаат мала наобразба или мали материјални приходи не мора да значи дека ќе бидат поприемливи. Расната гордост и цврстата приврзаност кон прадедовските традиции понекогаш им отежнуваат на некои да ја прифатат вистината. Ова исто така објаснува зошто во некои индијански села, оние кои ја прифаќаат вистината се често напаѓани од страна на другите селани. Така кроткоста се пројавува во многу облици.
Да се реагира со кроткост
А како е со тебе лично? Дали реагираш на вистината од Божјата Реч или ти е тешко да прифатиш некои библиски вистини? Можеби ќе сакаш да се преиспиташ себеси за да видиш што те спречува. Дали се вознемируваш бидејќи повеќето луѓе што се привлечени кон вистината се со скромно потекло? Може ли личната гордост да е вмешана во твоето размислување? Добро е да размислиш за зборовите на апостол Павле: „Бог го избра она, што е безумно во овој свет, за да ги посрами мудрите; Бог го избра она, што е слабо во овој свет, за да ги посрами силните; Бог го избра она, што е од долно потекло и унизено во овој свет, и она, што не претставува ништо, за да го сосипе она, што е нешто, та ниедно тело да не се пофали пред Бога“ (1. Коринтјаните 1:27-29).
Дали ќе оставиш богатство само затоа што си го нашол во скромен земјен сад? Се разбира дека не! Сепак, тоа е начинот кој Бог го бира за да ни ја изнесе својата животоспасувачка Реч на вистината, како што објаснува апостол Павле: „Таа ризница ја носиме во глинени садови, та преизобилната сила да Му се оддава на Бога, а не нам“ (2. Коринтјаните 4:7). Кроткоста и понизноста ќе нѐ оспособат да ја видиме вистинската вредност на богатството, а не само ‚глинените садови‘, или човечките посредници, што ни го пренесуваат. Ако постапуваме така, ќе ја зголемиме и веројатноста да бидеме „сокриени на денот на Јеховиниот гнев“ (НС) и ќе бидеме меѓу кротките кои „ќе ја наследат земјата“ (Софонија 2:3; Матеј 5:5).