Раав — прогласена за праведна преку делата на вера
ЗАМИСЛИ си само! Една блудница е прогласена за праведна од Божја гледна точка. „Никогаш“! — ќе речат многумина. Сепак, токму тоа се случило со блудницата Раав од Јерихон, древен хананејски град.
Библискиот писател Јаков забележува: „Гледате ли дека човекот се оправдува со дела, а не само со вера? А така не се оправда ли со дела и блудницата Раав, откако ги прими извидувачите и ги изведе по друг пат. Оти, како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва“ (Јаков 2:24-26). Зошто Раав била прогласена за праведна? Што сторила за да ѝ биде доделена таква привилегирана положба пред Бог?
Израелците доаѓаат!
Да се вратиме на годината 1473 пр. н. е. Претстави си ја сцената. Јерихон е цврсто утврден. Куќата на блудницата Раав поставена е на врвот од градските ѕидини. Од оваа поволна положба, таа веројатно може да посматра кон исток на бујните води на реката Јордан (Исус Навин 3:15). На источниот брег на реката можела да го забележи логорот на Израелците, со воена сила од преку 600.000 души. Па тие се на оддалеченост од само неколку километри!
Раав дознала за воените потфати на Израелците. Исто така дознала и за манифестирањето на Јеховината моќ, особено кога на Израелците им овозможил излез преку Црвеното Море. Сигурно, тогаш, обилните води на Јордан нема да претставуваат препрека. Ова е решителен момент! Што ќе стори Раав?
Раав зазема став
Набргу, Раав прима неочекувани посетители — двајца извидувачи од израелскиот логор. Бараат место за преноќевање и таа им го понудува својот дом. Но, гласот за нивното присуство доаѓа до ушите на царот на Ерихон. Тој веднаш испраќа свои слуги на законот за да ги одведат в затвор (Исус Навин 2:1, 2).
Додека царските слуги пристигнуваат, Раав веќе зазела став за Јехова Бог. „Изведи ги луѓето, што влегоа во твојот дом“, заповедаат царските пратеници. Раав ги сокрила во стеблата лен распростран за сушење на нејзиниот таван. Таа им вели: „Дојдоа, навистина, кај мене луѓе, но јас не знам од каде беа тие; кога, пак, на стемнување требаше да се затворат портите, тие излегоа; не знам каде отидоа; тргнете веднаш по нив, ќе ги стигнете“ (Исус Навин 2:3-5). Царските слуги тоа и го прават, но залудно.
Раав ги упатила непријателите на погрешен пат. Веднаш презема понатамошни чекори со кои ја покажува својата вера во Јехова преку дела. Оди на покривот и им вели на извидувачите: „Знам, дека Господ ви ја дал вам оваа земја“. Раав признава дека сите жители на земјата ги обзел ужас зашто чуле дека Бог пред 40 години ‚ја исушил водата во Црвеното Море‘ пред Израелците. Народот знаел и дека Израелците ги погубиле двајцата аморејски цареви. „Кога го чувме тоа“ — вели Раав — „срцето ни се стегна и во никого од нас не остана дух против вас; зашто Господ [Јехова, НС] вашиот Бог, е Бог на небото и на земјата долу“ (Исус Навин 2:8-11).
Раав моли: „Заколнете ми се во Господа [Јехова], вашиот Бог, дека, како што јас ви покажав милост, така и вие ќе бидете милостиви кон домот на мојот татко, и дајте ми верен знак: оставете ги живи во домот на татко ми и мајка ми, браќата мои и сестрите мои, и сите што се во него“ (Исус Навин 2:12, 13).
Мажите се согласуваат и ѝ велат на Раав што да направи. Од својот прозорец мора да го обеси црвеното јаже кое го употребила за да ги спушти извидувачите на земјата вон ѕидините на Јерихон. Мора да ги собере домашните во својот дом каде што мораат да останат за да бидат заштитени. Кога ги испраќа, Раав им дава на извидувачите корисни информации за конфигурацијата на земјата и им вели како да ги избегнат гонителите. Извидувачите така и постапуваат. Откако го обесила црвеното јаже и ги собрала членовите на својот дом, Раав чекала како работите понатаму ќе се одвиваат (Исус Навин 2:14-24).
Што сторила Раав? Па, таа докажала дека својата вера ја полага на Семоќниот Бог, Јехова! Ќе живее според неговите мерила, да, и ќе биде прогласена за праведна поради таквите дела на вера.
Ѕидините се рушат!
Поминале неколку недели. Придружени со свештениците — некои со овнешки рогови, а останатите носејќи го светиот ковчег на сојузот — израелските воини кружат околу Јерихон. Тоа го прават по еднаш шест дена едно по друго. Меѓутоа, седмиот ден веќе марширале околу градот шест пати. Сега одат уште еднаш!
Седмото марширање завршува и долг звук од роговите го исполнува воздухот. Израелците сега гласно извикуваат. На тоа, Јехова причинува заштитните ѕидини на Јерихон да се срушат со заглушувачки татнеж. Само делот кој ја потпира куќата на Раав останува неоштетен. Останатиот дел од градот, заедно со неговите жители, е уништен. Докажувајќи ја својата вера со дела, блудницата која се покајала е заштитена заедно со своето домаќинство и сега почнува да живее меѓу Јеховиниот народ (Исус Навин 6:1-25).
Осврт на Раавините особини
Раав не била разгалена, мрзелива жена, бидејќи на нејзиниот кров имало стебленца лен кои се сушеле на сонцето. Конците на ленот требало да се употребат за изработка на ленено платно. Во домот на Раав имало и снопови црвен конец (Исус Навин 2:6, 18). Така, можеби била вработена во изработка на ленено платно, а веројатно ја знаела и вештината на бојадисување. Да, Раав била вредна жена. Над сѐ, развила стравопочитување кон Јехова. (Спореди Изреки 31:13, 19, 21, 22, 30.)
Но, што е со другата професија на Раав? Таа не била едноставно крчмарка во крчма. Не, Библијата ја идентификува со употреба на хебрејските и грчките зборови кои означуваат блудница. На пример, хебрејскиот збор зона секогаш означува противзаконски однос. Патем речено, проституцијата кај Кананејците не била срамна професија.
Со тоа што Јехова употребил една блудница, ја покажува неговата голема милосрдност. Надворешниот изглед може да нѐ измами, но Бог „гледа на срцето“ (1. Царства 16:7). Така, блудниците со искрени срца кои се кајат за своето блудство можат да добијат простување од Јехова Бог. (Спореди Матеј 21:23, 31, 32.) Раав се повратила од правењето грев на еден праведен начин на живот и имала Божје одобрување.
Израелските извидувачи живееле според Божјиот закон, и затоа не преноќевале во Раавиниот дом од неморални причини. Нивната причина можеби била, ако отидат во куќата на една блудница, веројатно би предизвикале помалку сомнеж за нивното доаѓање. Местоположбата над градските ѕидини исто така би овозможувала лесен бег. Јехова очигледно ги водел во домот на грешничката чие срце било толку наклонето од трогнатост со извештаите за Божјето постапување со Израелците што се покајала и го променила начинот на живот. Дека Израелците не извршиле неморал очигледно е од Божјата изјава дека Израел требало да ги уништи Хананејците заради нивните неморални обичаи, а и од неговиот благослов врз домот на Раав и победата над Јерихон (3. Мојсеева 18:24-30).
Но, што е со лажните изјави на Раав со кои ги измамила гонителите? Бог го одобрил нејзиниот начин на постапување. (Спореди Римјаните 14:4.) Таа врз себе го презела ризикот со цел да ги заштити неговите слуги, на тој начин докажувајќи ја својата вера. Наспроти злобното лажење кое е неисправно во Јеховини очи, едно лице не е должно да им открива веродостојни информации на луѓе кои не се овластени за тоа. И Исус Христос не ги давал сите детали или директни одговори кога со тоа би можело да предизвика непотребна штета (Матеј 7:6; 15:1-6; 21:23-27; Јован 7:3-10). Во вакво светло мора да се посматра Раавината одлука да ги измами непријателските службеници.
Наградата за Раав
Како Раав била наградена за покажувањето вера? Тоа што била заштитена додека траело разорувањето на Јерихон секако дека било благослов од Јехова. Подоцна се омажила за Салмон (Салма), синот на пустинскиот кнез Наасон од племето Јуда. Како родители на богобојазливиот Вооз, Салмон и Раав формирале алка во линијата на потомци која водела до израелскиот цар Давид (1. Летописи 2:3-15; Рут 4:20-22). Што е уште позначајно, поранешната блудница Раав е една од само четирите жени кои се споменати во родословието на Исус Христос според Матеј (Матеј 1:5, 6). Каков благослов од Јехова!
Иако не била Израелка, а некогаш била и блудница, Раав е еден извонреден пример на жена која преку дела докажала дека има целосна вера во Јехова (Евреите 11:30, 31). Како и другите кои го напуштиле животот на блудница ќе прими уште една награда — воскресение од мртвите во живот на рајска Земја (Лука 23:43, НС). Поради својата вера поткрепена со дела, Раав добила одобрение од нашиот љубезен и милосрден небесен Татко (Псалм 130:3, 4). И секако, нејзиниот прекрасен пример е охрабрување за сите љубители на праведноста да имаат доверба во Јехова Бог за вечен живот.
[Слика на страница 23]
Раав била прогласена за праведна бидејќи нејзините дела докажале дека има вера
[Слики на страница 24]
Археолозите пронашле остатоци од древниот Јерихон, вклучувајќи го и малиот дел од еден првобитен ѕид
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.