Дојди на Обласниот конгрес „Божествен страв“
ВО СТАРО време, од Јеховините слуги кои биле под Мојсеевиот закон се барало три пати во годината да се собираат на одредени празници. Тоа биле радосни прилики за духовно изградување (5. Мојсеева 16:16).
Како тогаш, и во денешно време Јеховините слуги се собираат три пати во годината: на денот на посебен состанок, на дводневниот покраински состанок и на три, или четиридневниот обласен конгрес. Во текот на 1994 службена година Јеховините сведоци ќе се соберат на Обласниот конгрес „Божествен страв“.
Што се однесува до важноста на божествениот страв, Божјата Реч не остава место за сомневање. Во неа овој страв се споменува околу 200 пати. Божествениот страв е заштита, како што е видливо од Изреки 16:6: „Со страв Господов зло се отстранува“. Токму божествениот страв е почеток на мудроста, како што ни е објаснето во Псалм 110:10!
Може да се каже дека постојат два аспекта на божествениот страв. Како прво, таквиот страв доаѓа од љубов. Нашата огромна љубов спрема Бог е причината зошто имаме страв дека нема да му се допаднеме (Изреки 27:11). Како второ, мудроста од наша страна ќе ни помогне во себе да всадиме божествен страв знаејќи дека, за оние што вршат злодела, Бог е „оган што изгорува“ (Евреите 12:29).
На нашиот Обласен конгрес „Божествен страв“ ќе добиеме многу поуки и охрабрување да го зголемиме божествениот страв. Таквите поуки ќе бидат во облик на предавања, прикази и драма, како и со раскажување на искуства.
Исто како што на Израелците од старо време им било заповедано на тие собири да не доаѓаат со празни раце, така и ние би сакале да придонесеме од наша страна за радоста и успехот на нашите конгреси (5. Мојсеева 16:17). Можеме тоа да го сториме покажувајќи ценење за Јеховината трпеза. На кој начин? Така што ќе дојдеме на време и ќе посветиме грижливо внимание на она што ќе биде кажано од подиумот, ќе се придружиме од сѐ срце во пеењето на песните. Нема да разговараме или шетаме за време на програмата. Ќе сакаме да придонесеме колку што можеме повеќе и со доброволната служба. Организацијата на конгресот вклучува многу оддели за кои се потребни луѓе. Ќе сакаме и парично да придонесеме со онолку колку што Јехова нѐ благословил.
Нека секој Јеховин слуга уште сега испланира да биде присутен на сите три дена од Обласниот конгрес „Божествен страв“, од почетната песна во петок претпладне до заклучната молитва во недела попладне.