Господовата вечера — колку често треба да се слави?
БОЖИК, Велигден, ден на „свети тој и тој“. Црквите на т. н. христијанство слават многу празници и слави. Но, дали знаеш колку прослави им заповедал Исус Христос на своите следбеници да држат? Одговорот е — само една! Ниту една од останатите слави не била одобрена од страна на Основачот на христијанството.
Јасно, ако Исус вовел само една свеченост, тогаш таа е многу важна. Христијаните треба да ја слават токму како што заповедал Исус. Која била таа единствена прослава?
Единствената прослава
Оваа прослава ја вовел Исус дента кога умрел. Ја прославил еврејската слава Пасха со своите апостоли. Потоа им додал неколку бесквасни пасхални лепчиња со зборовите: „Ова е Моето тело, што се дава за вас“. Потоа, Исус проследил чаша вино, велејќи: „Оваа чаша е Новиот завет со Мојата крв, која се пролива за вас“. Тој исто така рекол: „Правете го ова за спомен Мој [како сеќавање на мене, НС]!“ (Лука 22:19, 20; 1. Коринтјаните 11:24-26). Оваа прослава е наречена Господова вечера или Спомен-свеченост. Тоа е единствената свеченост за која Исус им заповедал на своите следбеници да ја држат.
Многу цркви тврдат дека ја држат оваа прослава во поврзаност со останатите нивни слави, но повеќето не ја слават онака како што заповедал Исус. Веројатно, најзабележителната разлика е честотата на прославата. Некои цркви ја слават месечно, неделно, дури и секој ден. Дали тоа била намерата на Исус кога им рекол на своите следбеници: „Правете го ова за сеќавање на мене“? (НС). The New English Bible вели: „Правете го ова како спомен на мене“ (1. Коринтјаните 11:24, 25). Колку често се слави спомен или годишнина? Обично, само еднаш во годината.
Сети се дека Исус ја вовел оваа прослава, а потоа умрел на 14. низан според еврејскиот календар.a Тој ден била Пасха, празник кој ги потсетувал Евреите на големото ослободување кое им се случило во Египет во 16. век пр. н. е. Во тоа време жртвувањето на јагне довело до спасение на еврејските првороденци додека Јеховиниот ангел ги косел сите египетски првороденци (2. Мојсеева 12:21, 24-27).
Како можеме ова подобро да го разбереме? Всушност, христијанскиот апостол Павле напишал: „Христос, Пасхата наша, се закла за нас“ (1. Коринтјаните 5:7). Исусовата смрт била поголема пасхална жртва која на човештвото му пружила можност за далеку поголемо спасение. Според тоа, за христијаните, Споменот на Христовата смрт ја заменил еврејската Пасха (Јован 3:16).
Пасхата била годишна свеченост. Тогаш, логично е дека и Споменот ќе биде годишна свеченост. Пасхата — денот кога Исус умрел — секогаш паѓала на 14-иот ден од еврејскиот месец низан. Затоа, Христовата смрт треба да се споменува еднаш годишно на календарскиот ден кој одговара на 14. низан. Во 1994, тој ден е сабота, 26. март, после зајдисонце. Сепак, зошто не го зеле црквите на т. н. христијанство овој ден за посебната прослава? Еден краток преглед низ историјата ќе ни даде одговор на тоа прашање.
Апостолскиот обичај во опасност
Не постои сомневање дали во текот на првиот век н. е. оние кои биле водени од Христовите апостоли ја славеле Господовата вечера токму онака како што заповедал тој. Меѓутоа, во текот на вториот век, некои почнале да го менуваат времето на неговиот помен. Спомен-свеченоста ја држеле првиот ден од седмицата (денес познат како недела), а не на денот кој одговарал на 14. низан. Зошто било направено такво нешто?
За Евреите, денот започнувал околу шест часот навечер и траел до истото време наредниот ден. Исус умрел на 14. низан 33. н. е, кој почнал во четврток навечер и траел до петок навечер. Тој бил воскреснат на третиот ден, рано наутро во неделата. Некои сакале комеморацијата на Исусовата смрт да се одржува на одреден ден од неделата секоја година наместо на денот на кој би се паднал 14. низан. Освен тоа, таквите го сметале денот на Исусовото воскресение како далеку поважен ден отколку денот на неговата смрт. Затоа ја избрале неделата.
Но Исус заповедал да се споменува неговата смрт, а не неговото воскресение. И бидејќи еврејската Пасха паѓа на различен ден секоја година, според грегоријанскиот календар кој ние денес го користиме, логично е дека истото ќе се случи и со Споменот. Затоа многумина го прифаќаат првобитното уредување и ја слават Господовата вечера секоја година на 14. низан. Со текот на времето, таквите биле наречени Квартодецимани што значи „четиринаесетници“.
Некои научници признаваат дека „четиринаесетниците“ го следеле првобитниот апостолски образец. Еден историчар рекол: „Што се однесува до денот за држење на Пасхата [Господовата вечера], обичајот на квартодециманските цркви на Мала Азија бил во непрекината врска со Ерусалимската црква. Во вториот век, овие цркви, на нивната Пасха на 14. низан, ја споменувале откупнината постигната со смртта на Христос“ (Studia Patristica, том V, 1962, стр. 8).
Расте расправија
Додека многумина во Мала Азија го следеле апостолскиот обичај, во Рим за прослава ја земале неделата. Околу 155. година н. е., Поликарп од Смирна, претставник на собранијата на Мала Азија, го посетил Рим за да разговара за овој и други проблеми. За жал, не била постигната никаква согласност по овој предмет.
Иренеј од Лион напишал во писмо: „Ниту Аницетиј [од Рим] не го убедил Поликарп да не го слави она што секогаш го славел со Јован, ученикот на нашиот Господ, и другите апостоли со кои тој бил поврзан; ниту пак, Поликарп го уверил Аницетиј да ја слави, бидејќи Аницетиј рекол дека би морал да го држи обичајот на старешините што биле пред него“ (Eusebius, книга 5, 24. поглавје). Забележи дека Поликарп наводно го темелел својот став врз авторитетот на апостолите, додека Аницетиј се повикувал на обичајот на поранешните старешини во Рим.
Оваа расправија се засилила кон крајот на вториот век н. е., кога, околу 190. н. е., некојси Виктор бил избран за бискуп на Рим. Тој верувал дека Господовата вечера треба да се слави во недела и од останатите водачи барал колку што е можно повеќе поддршка. Виктор вршел притисок на азиските собранија да го прифатат предлогот за недела.
Одговарајќи во корист на оние од Мала Азија, Поликрат од Ефес одбил да се потчини на овој притисок. Тој рекол: „Ние го држиме денот без да се мешаме во тоа, ниту да додаваме ниту да одземаме“. Потоа навел повеќе авторитети, вклучувајќи го и апостол Јован. „Сите овие“ — тврдел — „го држеле четиринаесеттиот ден за Пасха според Евангелието, никако не отстапувајќи од тоа.“ Поликрат додал: „Што се однесува до мене, браќа, . . . мене не ме застрашуваат закани. Затоа што оние кои се подобри од мене, рекоа: ‚Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето‘“ (Eusebius, книга 5, 24. поглавје).
Виктор не бил задоволен со овој одговор. Едно историско дело вели дека тој „ги екскомуницирал сите азиски цркви и испратил циркуларни писма до сите цркви кои биле под влијание на неговото мислење да немаат никакво заедништво со ескомуницираните цркви“. Меѓутоа, „ваквата брза и смела постапка не била поволно прифатена од сите мудри и трезвени мажи од неговите редови, а голем дел од нив и остро му пишале, советувајќи го . . . да ги зачува љубовта, единството и мирот“ (Bingham’s Antiquities of the Christian Church, книга 20, 5. поглавје).
Воведено е отпадништво
И покрај ваквите протести, христијаните во Мала Азија сѐ повеќе станувале изолирани по прашањето кога да се слави Господовата вечера. На други места постепено биле прифаќани различни предлози во голема мера. Некои го славеле целиот период од 14. низан до наредната недела, а други, пак, го славеле почесто — секоја недела во седмицата.
Во 314. н. е., Концилот во Арл (Франција) се обидел да го наметне римскиот предлог и да исфрли секаква алтернатива. Останатите квартодецимани не попуштале. Со намера да го среди ова и други прашања кои ги разделувале оние кои исповедале христијанство во неговото Царство, во 325. н. е. паганскиот цар Константин свикал екуменски синод, Концилот во Никеја, кој донел одлука со која на сите во Мала Азија им било наредено да се потчинат на римскиот обичај.
Интересно е да се забележи еден од главните аргументи приложени со цел да се отфрли славењето на Споменот на Христовата смрт според датумот од еврејскиот календар. A History of the Christian Councils од К. Џ. Хефеле, наведува: „Се сметало за особено недостојно овој најсвет од сите празници да го следи обичајот (пресметувањето) според Евреите кои ги натопиле своите раце во најстрашното од сите злосторства и чии умови биле заслепени“ (том I, стр. 322). Да се биде во таква ситуација се сметало за „,срамно подложување‘ на Синагогата што ја разлутувало Црквата“ — вели Џ. Џастер, како што е цитирано во Studia Patristica, том IV, 1961, стр. 412.
Антисемитизам!? Оние кои го славеле Споменот на Исусовата смрт истиот ден кога тој умрел биле сметани за јудаисти. Заборавиле дека самиот Исус бил Евреин и дека токму тој му го дал на тој ден тоа значење кога го понудил својот живот во корист на човештвото. Оттогаш па наваму квартодециманите биле осудени како еретици и шизматици и биле прогонувани. Концилот во Антиохија во 341. н. е. одлучил да бидат екскомуницирани. Сепак, во 400. н. е. сѐ уште постоеле многу од нив, а во помал број истрајале уште долго после тоа.
Оттогаш, христијанството не успеало да се врати на Исусовото првобитно уредување. Професор Вилијам Брајт признал: „Кога на празникот Св. Страданија Христови како таков му бил посветен посебен ден, Велики петок, било предоцна ‚пасхалните‘ спомени, коишто Св. Павле ги поврзал со жртвена смрт, да се ограничат само на Велики петок: ‚пасхалните‘ спомени слободно се применувале на самиот празник Воскресение, а во ритуалниот јазик на грчкото и латинското христијанство навлегла збрканост на идеи“ (The Age of the Fathers, том I, стр. 102).
Како е денес?
„После сите овие години“ — можеби ќе прашаш — „зарем воопшто е важно кога се слави Споменот?“ Да, важно е. Промените биле направени од страна на енергични мажи кои се бореле за моќ. Луѓето ги следеле своите сопствени идеи наместо да го слушаат Исус Христос. Јасно се исполнило предупредувањето од апостол Павле: „Знам дека по моето заминување ќе се втурнат помеѓу вас [христијаните] лути волци, кои нема да го штедат стадото; а и од вас самите ќе станат луѓе, што ќе зборуваат изопачено, за да ги одвратуваат учениците заедно со себеси“ (Дела 20:29, 30).
Во прашање е послушност. Исус воспоставил само една свеченост која христијаните треба да ја држат. Библијата јасно објаснува кога и на кој начин треба да се слави. Тогаш, кој има право тоа да го промени? Раните Квартодецимани поспремно претрпеле прогонства и екскомуникација отколку да направат компромис по ова прашање.
Можеби ќе те интересира да дознаеш дека на Земјата сѐ уште постојат христијани кои ги почитуваат Исусовите желби и го слават Споменот на неговата смрт на датумот кој тој го воспоставил. Оваа година, по целата Земја, Јеховините сведоци ќе се соберат во своите Сали на Царството после 6 часот попладне в сабота на 26. март — кога започнува 14-иот ден од низан. Тогаш ќе го направат токму она што Исус рекол дека треба да се направи во ова многу значајно време. Зошто да не ја прославиш Господовата вечера со нив? Со твоето присуство ќе можеш и ти да покажеш почитување спрема желбите на Исус Христос.
[Фуснота]
a Низан, првиот месец на еврејскиот календар започнувал со првата појава на младата месечина. Според тоа, 14. низан секогаш паѓал на полна месечина.
[Рамка на страница 6]
„ТАА СКАПОЦЕНА ОТКУПНИНА“
Откупната жртва на Исус Христос е нешто далеку повеќе од доктрина. Исус за себе рекол: „Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (Марко 10:45). Тој исто така објаснил: „Зашто Бог толку го возљуби светот [на човештвото], што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3:16). За мртвите, откупнината отвора пат за воскресение и изглед за вечен живот (Јован 5:28, 29).
Смртта на Исус Христос е од животна важност кога се споменува на прославата на Господовата вечера. Неговата жртва толку многу исполнува! Една жена која била воспитувана од побожни родители и живеела според Божјата вистина со децении, ја искажала својата благодарност со следните зборови:
„Со радост го исчекуваме Споменот. Тој секоја година станува сѐ поособен. Се присетувам како стоев во мртовечницата пред 20 години, го гледав мојот мртов предраг татко и почувствував вистинско, искрено ценење за откупнината. Пред тој момент, тоа го поимав само разумски. О, да, јас ги знаев сите тие стихови и знаев како да ги протолкувам! Но тогаш, кога ја почувствував студената реалност на смртта, моето срце потскокна од радост поради она што со посредство на таа скапоцена откупнина ќе биде исполнето за нас.“