Јеховините сведоци ширум светот — Бахами
КОМОНВЕЛТОТ Бахами — архипелаг од 3.000 острови и островчиња — се простира како корален ѓердан на преку 900 квадратини километри тиркизна морска површина помеѓу Флорида и Куба. Меѓу 267.000-те жители на овие острови се наоѓа и еден растечки хор објавители на Царството. Нивната песна на фалба нѐ потсетува на Исаија 42:10-12: „Пејте Му на Господа нова песна, похвална за Него од земните краишта, вие што пловите по море, и сѐ, што го полни, островите и оние што живеат на нив . . . нека воскликнуваат од врвовите горски. Нека Му воздадат слава на Господа, похвалата Негова нека ја возвестат на островите“.
Новата вера пред искушение
Во јули 1992, еден општ пионер (полновремен објавител на Царството) на својот колега му ја дал книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата како помошно средство за проучување на Библијата. Откако човекот ја прочитал книгата, си рекол: „Оваа религија морам да ја истражам“. Во две недели едно по друго отишол на состанок во две различни Сали на Царството на Јеховините сведоци. Потоа со него започнале библиска студија. Меѓутоа, само после шест седмици откако почнал да ја проучува Библијата, се појавило искушение како испит на неговата нова вера — роденденските прослави.
Семејството на овој деловен човек во голема мера учествувало во ваквите свечености, но неговата љубов за Божјата Реч го поттикнала да продолжи со проучувањето на Библијата. Како што неговото спознание за библиската вистина растело така растело и неговото разбирање за роденденските прослави и световни празници и Јеховиното гледиште за нив.
Кога неговата сопруга организирала прослава по повод Денот на татковците, тој учтиво одбил да присуствува. Меѓутоа, таа помислила дека тој повеќе не ја сака и дека неговата религија му е поважна од неа и семејството. Љубезно ѝ објаснил дека применувањето на она што го дознал од Библијата му помогнало да стане подобар сопруг и татко. На крајот, нејзиното ценење за неговата љубов кон библиската вистина пораснало и се согласила да ја проучува Библијата. Денес тој води библиска студија со своето семејство. И колкава само радост доживеал на Обласниот конгрес „Божествена поука“ минатата година! Неговата сопруга и ќерка му биле присутни додека тој се крстел.
Имигранти ја слушаат новата песна
Илјадници имигранти од Хаитите се смешани во бахамското општество. И тие треба да ја чујат новата песна на вистината за Царството. Сведоците кои живеат на Бахамите се благодарни што две хаитско-американски двојки пристигнаа таму. Овие поединци им помагаат да се зајакнат новоформираните хаитски групи на островите Голема Бахама и Голем Абако.
Како понатамошна помош на заинтересираните од Хаити за пораката на Царството, се одржа првиот креолски обласен конгрес на Бахамите од 31. јули до 1. август 1993. Присутни беа 214 од кои тројца новопредадени се крстија. Многу Хаитјани кои ја запознале вистината на Бахамите се вратија на своите огништа или се преселија на други места за да ги придружат своите гласови заедно со месните Сведоци во песната на фалба на Јехова.
[Рамка на страница 8]
ПРОФИЛ НА ЗЕМЈАТА
за 1993 службена годинаa
НАЈВИСОК БРОЈ НА АКТИВНИ ОБЈАВИТЕЛИ: 1.294
ОДНОС: 1 Сведок на 197 жители
ПОСЕТА НА СПОМЕНОТ: 3.794
ПРОСЕЧЕН БРОЈ НА ПИОНЕРИ: 186
ПРОСЕК НА БИБЛИСКИ СТУДИИ: 1.715
БРОЈ НА КРСТЕНИ: 79
БРОЈ НА СОБРАНИЈА: 22
КАНЦЕЛАРИЈА НА ДРУШТВОТО: НАСАУ
[Фуснота]
a За подетални информации погледни во Календарот на Јеховините сведоци за 1994
[Слика на страница 9]
Првата Сала на Царството со канцеларија на подружницата и мисионерски дом
[Слика на страница 9]
Сведоците ревно ја објавуваат добрата вест
[Слика на страница 9]
Милтон Џ. Хеншел и Натан Х. Нор со мисионерите во Насау пред 45 години
[Слика на страница 9]
Новата канцеларија на подружницата, предадена во употреба на 8. февруари 1992