Решени да му служат на Јехова!
„НЕ СМЕЕШ да одиш да проповедаш!“ „Немој да ги викаш тие твоите да доаѓаат овде!“ Многу христијанки слушаат вакви и слични зборови од своите противнички настроени сопрузи. А кога ваквите мажи се воени лица, нивните жени се соочуваат со посебни предизвици за својата вера (Исаија 2:4; Јован 17:16). Како, тогаш, успеваат таквите христијански сопруги да останат духовно јаки и активни во службата за Царството?
Лојалноста кон Јехова Бог заедно со личната решеност им помагаат да истрајат. „Мислам дека тоа беше мојата крајна решителност“, објаснува Ивона, жена на војник. „Знаев дека мора да постојат начини да се заобиколи противењето на маж ми.“ И навистина постоеле.
Друга христијанка, омажена за воен офицер, раскажува како нејзиниот решителен став дури му го олеснил животот на сопругот. „Тој го знаеше мојот план како и својот, а воените лица го ценат тоа“, објаснува таа. Сепак, не ѝ било лесно да продолжи да му служи на Јехова.
Надминување на осаменоста
Сопругите на воените лица често се соочуваат со предизвик кога ќе им кажат дека за неколку дена мораат да се спакуваат ако сакаат да им се придружат на сопрузите на нивната прекоманда далеку од домот. Така сместени во непозната околина, лесно е да почувствуваат изолираност. Но тоа не мора да биде така. Оние кои му служат на Јехова имаат една предност. Каква? Според христијанскиот апостол Петар, тоа е „целото братство“. Сега, кога бројат на милиони, Јеховините сведоци во 231 земја делуваат како едно големо христијанско семејство, „братство“. Ќе ги најдеш буквално насекаде (1. Петрово 2:17, НС).
Сузана, ненадејно оттргната од нејзиниот роден крај, отишла да живее во воздухопловната воена база во која сопругот добил прекоманда. Како нова во верата и под притисок од сопругот кој не бил верник да престане да учествува во христијанската служба, таа раскажува: „Веднаш отидов на месните состаноци, а таму можев да седнам и да зборувам со други сестри. Можам со право да речам дека токму ова друштво ми помогна да продолжам“.
Понекогаш осаменоста предизвикува депресија. Дури и тогаш добрата вест пружа добредојдена закрепа. Гленис, една сестра од Англија која го придружувала сопругот кога добил прекоманда во странство, раскажува: „Кога бев навистина потиштена, како гром од ведро небо ми се јави со писмо една жена која ја познавав уште од времето кога и самата бев во армијата за да ми каже дека неодамна се крстила како Јеховин сведок. Тоа ме охрабри токму навреме“.
Џејн, која отпатувала со сопругот во Кенија, увидела дека христијанските состаноци се како појас за спасување, и покрај тоа што биле водени на јазик кој таа не го разбирала. „Знаев дека ова беше местото на кое Јехова сакаше да бидам“, објаснува таа. „Бев со своите браќа, а тие беа како тоникум. Ме пречекаа срдечно и јас чувствував дека бевме фамилија“.
Џејн е само една од многуте жени во вакви околности кои пронашле духовни роднини за кои ниту не знаеле дека ги имаат! (Марко 10:29, 30).
Цврсти и покрај противење
„Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата“, рекол Исус. „Не дојдов да донесам мир, туку меч“ (Матеј 10:34). Што сакал да каже? Дури и во семејството, каде би се очекувало да има мир, може „ненадејно да се замавне со мечот“, коментира А. Т. Робертсон во Word Pictures in the New Testament (Слики со зборови во Новиот завет). „И непријатели на човека“, забележал Исус, „ќе бидат неговите домашни“ (Матеј 10:36). Колку се обистинуваат овие зборови кога брачниот другар е непријателски настроен спрема вистината!
Кога Дијана почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци, мажот ѝ, воздухопловен офицер, бил многу незадоволен. Како се одразило тоа на нивниот брак? „Меѓу нас како да се подигаше студен ѕид“, објаснува Дијана. „Бевме среќна двојка. Наеднаш, само живеевме под ист покрив“. Тогаш, како излегла на крај? „Личната увереност и одлучност е она што вреди, како и помошта од Јехова и неговиот дух“. Дијана го зела при срце библискиот пример на пророкот Даниил.
Кога бил протеран во Вавилон и му била понудена храна неприфатлива за еден Божји слуга, Даниил „науми [одлучи во срцето, НС] да не се осквернува со јадењето од царската трпеза“. Да, Даниил свесно донел одлука. Во своето срце одлучил никогаш да не се оскверни со таа храна. Каква смелост покажал кога ‚го замолил [постојано го молел, НС] началникот на дворјаните да не го принудува да се осквернува‘! Со какви резултати? Јехова го благословил неговиот решителен став (Даниил 1:8, 9, 17).
Така и денес, еден противнички настроен сопруг може да бара сопругата да престане да ги посетува собраниските состаноци. Како треба да реагира таа? Џејн се нашла во таква ситуација. Таа објаснува: „Никогаш не попуштив под притисокот. Знаев дека нема компромис. Морав да покажам колку многу ми значат состаноците“. Јехова ја благословил нејзината решеност додека таа и понатаму ги посетувала.
„Маж ми се обиде да ме спречи да не одам на состаноците, но тоа не траеше многу долго“, раскажува Гленис. „Јас и понатаму одев. Кога се враќав дома, некојпат ме тепаше, а другпат ме пречекуваше со молчење.“ Сепак, се борела, молејќи се одново и одново. Исто така, двајца старешини од собранието редовно се молеле со неа, а тоа во голема мера ја охрабрило да продолжи да ги посетува состаноците (Јаков 5:13-15; 1. Петрово 2:23).
Понекогаш претпоставените на сопругот може да вршат притисок врз него да ја одврати жена си од проповедање на добрата вест. Дијана увидела дека мора да му разјасни на сопругот што има приоритет кај неа. „Бев подготвена“, вели таа, „да ги прифатам последиците од моето непрекинато проповедање“. Колку овој став личи на ставот на апостолите! (Дела 4:29, 31). Сепак, била внимателна кога проповедала. Таа раскажува: „Имав обичај да викам луѓе на кафе и на секој од нив му ја подарував книгата Вистина“ (Матеј 10:16; 24:14).
Покорност без компромис
Иако потресени поради напнатост во бракот, христијанските сопруги гледаат на иднината и се потпираат на Јехова. Ова им помага да одржат урамнотежено гледиште. Тие ги поддржуваат своите сопрузи на секој можен начин, а без да ја компромитираат својата вера. Со такво постапување го следат Петровиот инспириран совет: „И вие, жените, бидете им покорни на своите мажи“ (1. Петрово 3:1). Во The Amplified New Testament, ова апостолско упатство гласи: „Потчинете им се како второстепени и зависни од нив, и приспособете им се“. Забележи како Џејн го следела овој совет. „Мојот сопруг ми рече дека она што сакам да го правам не смее да се меша со неговата кариера“, објаснува таа. „Затоа се обидов да најдам начини да му помогнам.“
Некои христијански сопруги се согласиле да присуствуваат на друштвени приеми на кои биле поканети нивните сопрузи. Но тие и понатаму останале решени никогаш да не ја искомпромитираат својата вера. Џејн одвоила време да разговара со својот сопруг за ова. Љубезно му објаснила дека сака да присуствува, но дека не сака со своето присуство да го посрами. „Знаев дека понекогаш од сите присутни се очекува да станат и да наздрават. Имам научено дека приврзаност му припаѓа само на Јехова, а наздравувањето не е само обично искажување на почит. Мојот сопруг сфати колку незгодна може да биде ситуацијата, па затоа едноставно рече: ‚Не доаѓај!‘ И јас го послушав.“
Гленис, од друга страна пак, го придружила сопругот на таков прием, но ги посматрала офицерите кои седеле на чело на масата. Кога видела дека се подготвуваат за здравица, дискретно отишла во тоалетот! Да, овие жени се приспособуваат, но никогаш не прават компромис.
‚Придобиени без зборови‘
„Ако ги подобрам своите способности како сопруга, маж ми ќе види дека вистината ме менува“, резонирала Ивона. Затоа од книгата Семеен живот го читала и препрочитувала поглавјето „Жена која се љуби од срце“.a „Посветив посебно внимание на материјалот под поднасловот ‚Плачење и приговарање‘! Увидов дека, колку повеќе се обидував да зборувам со мојот сопруг, толку стануваше полошо.“ Сепак, на крајот успеала да му помогне на сопругот да му служи на Јехова. Како? Со применување на начелото изнесено во 1. Петрово 3:1, според кое сопрузите можат ‚да се придобијат без услови [зборови, НС]‘.
Начинот на кој христијанските сопруги се грижат за семејствата во голема мера им го препорачува христијанството на другите. „Се трудев да ја направам вистината колку што беше можно попривлечна“, раскажува Дијана. „Кога заминував на состанок, маж ми се чувствуваше многу изолирано, затоа си поставив за задача да ги поучам децата посебно добро да се однесуваат со него кога ќе стигнеме дома. И самата се обидував да му посветам посебно внимание кога ќе се вратевме.“ Постепено ставот на нејзиниот сопруг се променил бидејќи реагирал на доброљубивото внимание од страна на неговото семејство.
И другите Јеховини слуги можат да помогнат. Џејн раскажува дека нејзиниот сопруг уживал во друштвото на Сведоци што се мисионери, а што ги сретнал во Кенија. „Тие му станаа пријатели и зборуваа за фудбал, а беа и мошне гостољубиви. Во повеќе прилики бевме поканети во различни мисионерски домови на оброк.“ Нејзиниот сопруг подоцна објасни: „Почнав да ја гледам верата на Џејн од сосем поинаква гледна точка. Нејзините пријатели беа мошне интелигентни луѓе кои можеа да зборуваат на различни теми“. Слично на него, и сопругот на Дијана го променил гледиштето за вистината. Кога колата што ја возел била во дефект, еден млад Сведок му помогнал. „Тоа навистина ми остави впечаток“, вели тој.
Се разбира, нема сите брачни другари да бидат придобиени за вистината. Што тогаш? Јехова дава помош за да им овозможи на верните да истрајат (1. Коринтјаните 10:13). Размисли за охрабрувањето од Гленис до сите кои се во околности слични на нејзините: „Никогаш, никогаш не заборавајте дека Јехова е Оној кој го основал бракот и дека тој сака двојките да останат заедно. Затоа, без оглед што ќе направи сопругот или на какво противење од оние што се околу вас може да наидете, Јехова никогаш нема да дозволи да се поколебате.“ Иако нејзиниот сопруг сѐ уште не го обожава Јехова, неговиот став кон неа и вистината омекнал.
‚Сеат со солзи; жнеат со радост‘
Навистина, овие христијански сопруги се решени да му служат на Јехова. Ако си во слични околности, одлучи се и ти на тоа. Запомни го советот: „Бој се од Господа, твојот Бог, и само Нему служи Му“ (5. Мојсеева 10:20).
„Одеа и плачеа оние што носеа свое семе; но со радост ќе се вратат, носејќи ги своите снопја“, изјавува псалмистот (Псалм 125:6). „Ќе пролееш многу солзи додека се обидуваш да му ја покажеш вистината на својот партнер, било без или со зборови“, признава една жена Сведок. „Но на крајот ќе извикуваш радосно затоа што дури и ако не ја прифати вистината, Јехова ќе те благослови поради напорите што си ги направила“.
Сите кои верно му служат на Јехова и покрај противењето дома заслужуваат вистинска пофалба. Тие заслужуваат поддршка и љубов. Нека го одржат својот бескомпромисен став, решени да му служат на Јехова!
[Фуснота]
a Making Your Family Life Happy (Направи го среќен семејниот живот) издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc. (1978).
[Слика на страница 28]
Проучувањето со молитва ја зајакнува христијанската решеност