Објавителите на Царството активни по целата Земја
„Ќе Ми бидете сведоци . . . дури до крајот на земјата“ (ДЕЛА 1:8).
1. Каква порака рекол Исус дека ќе објавуваат неговите следбеници во наше време?
КОГА го опишувал делото за кое Јехова го испратил својот Син на Земјата, Исус рекол: „Треба да . . . соопштам радосна вест за царството Божјо“ (Лука 4:43). На сличен начин, кога им кажувал за делото што неговите ученици требало да го вршат на Земјата кога тој ќе се врати со царска власт, рекол: „Ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14).
2. а) Зошто е толку важно пораката за Царството да добие широк публицитет? б) Кое прашање треба да си го постави секој од нас?
2 Зошто е толку важна веста за Божјето Царство? Зошто бара Царството толкав публицитет? Затоа што Месијанското Царство е тоа кое ќе го оправда Јеховиниот универзален суверенитет (1. Коринтјаните 15:24-28). Преку него, Јехова ќе изврши осуда над сегашниов сатански систем на ствари и ќе го исполни своето ветување дека ќе ги благослови сите семејства на Земјата (1. Мојсеева 22:17, 18; Даниил 2:44). Со тоа што Јехова дозволил да се даде сведоштво за Царството, Јехова ги пронашол оние кои потоа ги помазал да бидат сонаследници со неговиот Син. Преку објавувањето на Царството, денес се извршува и дело на делење (Матеј 25:31-33). Јехова сака луѓето од сите нации да бидат предупредени за неговата намера. Тој сака тие да имаат прилика да изберат живот како поданици на неговото Царство (Јован 3:16; Дела 13:47). Дали имаш ти полн удел во објавувањето на ова Царство?
Во очекување на крајот на времињата на народите
3. а) Која била соодветната тема што ја истакнувал Ч. Т. Расел на едно од првите патувања во врска со организирањето групи за проучување на Библијата? б) Што сфатиле тие рани Истражувачи на Библијата во поглед на местото коешто Божјето Царство треба да го зазема во нивниот живот?
3 Во 1880, Чарлс Тејз Расел, првиот издавач на списанието Стражарска кула, патувал по североисточниот дел на Соединетите Држави за да го поттикне формирањето групи за проучување на Библијата. Соодветно на тоа, темата на која зборувал била „Работи што се однесуваат на Божјето Царство“. Како што било прикажано во раните изданија на Стражарска кула, Истражувачите на Библијата (како што тогаш биле познати Јеховините сведоци), увиделе дека, ако сакаат да се покажат достојни да имаат удел, во Божјето Царство, првенствен интерес мора да им биде Царството и радо да ги користат своите животи, способности и средства во негова служба. Сѐ друго во животот мора да заземе второ место (Матеј 13:44-46). Нивната одговорност вклучувала да им се објавува на другите добрата вест за Божјето Царство (Исаија 61:1, 2). До кој обем го сториле тоа пред крајот на времињата на народите во 1914?
4. До кој обем дистрибуирала библиска литература малата група од Истражувачи на Библијата пред 1914?
4 Од 1870-тите па до 1914, Истражувачите на Библијата биле релативно малубројни. До 1914, само околу 5.100 активно учествувале во јавното сведочење. А какво извонредно сведоштво било тоа! Во 1881, само две години по првото излегување на Стражарска кула, тие се зафатиле со дистрибуирање на публикацијата од 162 страници, Food for Thinking Christians (Храна за христијани кои размислуваат). За неколку месеци дале 1.200.000 примероци. Во рок од неколку години, годишно биле разделувани десетици милиони трактати на многу јазици.
5. Кои биле колпортерите, и каков дух покажувале?
5 Исто така започнувајќи во 1881, некои ги понудиле своите услуги како колпортерски евангелизатори. Тие биле претходници на денешните пионери (полновремени евангелизатори). Некои од колпортерите, пеш или на велосипед, лично сведочеле во скоро секој дел од земјата каде што живееле. Други стигнале до странски подрачја и биле првите кои ја донеле добрата вест до такви места како Финска, Барбадос и Бурма (сега Мјанмар). Тие покажале мисионерска ревност како онаа на Исус Христос и неговите ученици (Лука 4:43; Римјаните 15:23-25).
6. а) До каде досегнале патувањата на брат Расел за ширење на библиската вистина? б) Што друго било сторено за унапредување на проповедањето на добрата вест на странски подрачја пред истекот на времињата на народите?
6 Самиот брат Расел обемно патувал за да ја шири вистината. Често одел во Канада; држел говори во Панама, на Јамајка и Куба; десетина пати бил во Европа и го обиколил глобусот во текот на една евангелизаторска турнеја. Исто така, испратил други луѓе да го започнат и да преземат водство во проповедањето на добрата вест на странски подрачја. Кон средината на 1890-тите, во Европа бил испратен Адолф Вебер, а неговата служба се протегала од Швајцарија до Франција, Италија, Германија и Белгија. Е. Џ. Кауард бил испратен во Карипското подрачје. Во 1912, Роберт Холистер бил доделен на Ориентот. Таму биле подготвени посебни трактати на десет јазици, а домашните разделувачи во Индија, Кина, Јапонија и Кореја пуштиле во оптек милиони примероци од нив. Да си живеел тогаш, дали би те мотивирало срцето да направиш сериозен напор да ги достигнеш со добрата вест другите во твоето место, па и подалеку?
7. а) Како биле користени весниците за засилување на сведоштвото? б) Што била „Фото-драмата на создавањето“, и колку луѓе ја виделе за само една година?
7 Кога времињата на народите се приближиле кон својот крај, биле користени весници за објавување на библиски проповеди што ги изнесувал брат Расел. Нивната првенствена цел не била да се нагласи годината 1914, туку Божјата намера и сигурноста на нејзиното исполнување. Отприлика 2.000 весници во тоа време кои достигнувале 15.000.000 читатели, редовно ги објавувале овие проповеди. Потоа, кога зазорила 1914 година, Друштвото започнало со јавно прикажување на „Фото-драмата на создавањето“. Драмата во четири дела од по два часа прикажувала библиски вистини од создавањето па сѐ до Милениумот. За само една година, ја гледале над девет милиони луѓе во Северна Америка, Европа, Австралија и Нов Зеланд.
8. Колку земји имале достигнато Истражувачите на Библијата со добрата вест до 1914?
8 Според расположливите записи, до крајот на 1914, оваа ревносна група на евангелизатори ја раширила својата објава на Божјето Царство во 68 земји.a Но тоа било само почеток!
Ревносно објавување на воспоставеното Царство
9. Како му бил даден посебен потстрек на делото на сведочење за Царството на конгресите во Седар Поинт?
9 Кога Истражувачите на Библијата се собрале во 1919 во Седар Поинт (Охајо), Џ. Ф. Ратерфорд, кој тогаш бил претседател на Watch Tower Society, изјавил: „Нашиот позив беше и е да го објавуваме идното славно Царство на Месијата“. На вториот конгрес во Седар Поинт, во 1922, брат Ратерфорд го истакнал фактот дека на крајот од времињата на народите, во 1914, ‚Царот на славата ја презел својата голема моќ и почнал да владее‘. Потоа, отворено го упатил спорното прашање до своите слушатели, велејќи: „Верувате ли дека Царот на славата започнал да владее? Тогаш, вратете се на полињата, о вие синови на највишиот Бог! . . . Објавете ја пораката надалеку и нашироко. Светот мора да знае дека Јехова е Бог и дека Исус Христос е Цар над царевите и Господар над господарите. Ова е ден над сите денови. Гледајте, Царот владее! Вие сте негови јавни застапници“.
10, 11. Како биле користени делотворно радиото, автомобилите со звучници и плакатите за да се достигнат луѓето со вистината за Царството?
10 Од тие конгреси во Седар Поинт поминале преку 70 години — скоро 80 години откако Јехова почнал да ја изразува својата сувереност преку Месијанската влада на својот Син. До која мерка Јеховините сведоци всушност го извршиле делото што било поставено пред нив во Божјата Реч? Каков удел имаш ти лично во него?
11 На почетокот од 1920-тите, радиото станало достапно како средство кое можело да се употреби за да ѝ се даде широк публицитет на пораката за Царството. Во текот на 1930-тите, конгресните предавања кои го истакнувале Царството како надеж за светот биле пренесувани преку радиомрежи, радиопреноси или телефонски врски кои ја опфаќале Земјината топка. Биле користени и автомобили опремени со звучници за изнесување на снимени библиски предавања на јавни места. Потоа, во 1936, во Глазгов (Шкотска) нашите браќа започнале да носат плакати додека парадирале по деловните четврти за да рекламираат предавања за јавност. Сето ова биле делотворни средства за давање сведоштво на многу луѓе во време кога нѐ имаше малку.
12. Кој е еден од најделотворните начини ние лично да дадеме сведоштво, како што покажува Библијата?
12 Се разбира, Писмото јасно покажува дека, како христијани, ние поединечно ја имаме одговорноста да даваме сведоштво. Не можеме едноставно да оставиме весниците или радиото да ја вршат работата. Илјадници лојални христијани — мажи, жени и млади — ја прифатиле таа одговорност. Како резултат на тоа, проповедањето од куќа до куќа станало знак на препознавање на Јеховините сведоци (Дела 5:42; 20:20).
Да се достигне целата населена Земја
13, 14. а) Зошто се селат некои Сведоци во други градови, па дури и во други земји за да ја извршуваат својата служба? б) Како помогнала љубезната грижа за луѓето од родната земја да се прошири добрата вест?
13 Знаејќи дека пораката за Царството треба да се проповеда по целата населена Земја, некои Јеховини сведоци сериозно размислиле што можеле тие лично да сторат за да достигнат подрачја надвор од нивното место.
14 Многу луѓе ја запознале вистината откако се отселиле од својот роден крај. Иако се отселиле поради материјални причини, нашле нешто поскапоцено, и некои се чувствувале поттикнати да се вратат во земјата, односно во својот роден крај за да ја споделат вистината. Така, на почетокот од ова столетие, проповедањето на добрата вест се раширило до Скандинавија, Грција, Италија, земји на Источна Европа и многу други подрачја. Дури и сега, во 1990-тите, пораката за Царството се шири на истиот начин.
15. Што направиле во текот на 1920-тите и 1930-тите, некои чијшто став бил како оној изразен во Исаија 6:8?
15 Применувајќи го советот од Божјата Реч во својот живот, некои се ставиле на располагање да служат на места каде што никогаш порано не живееле. Еден од тие бил В. Р. Браун (често наречен „Библија Браун“). За да го унапреди евангелизаторското дело, во 1923 од Тринидад се преселил во Западна Африка. Во текот на 1930-тите, Френк и Греј Смит, Роберт Низбет и Дејвид Норман биле меѓу оние кои ја однеле добрата вест дури до источниот брег на Африка. Други помогнале да се обработи јужноамериканското подрачје. Во почетокот на 1920-тите, Џорџ Јанг, Канаѓанец, учествувал во делото во Аргентина, Боливија, Бразил, Перу и Чиле. Хуан Муњиз, кој служел во Шпанија, отишол до Аргентина, Парагвај, Уругвај и Чиле. Сите овие покажале дух како оној што е изразен во Исаија 6:8: „Еве ме мене, испрати ме мене!“
16. Освен во главните центри на популација, каде уште се сведочело во предвоените години?
16 Проповедањето на добрата вест допрело дури до оддалечени подрачја. Чамци со Сведоци ги посетувале сите пристаништа на Њуфаундленд, на норвешкиот брег во Арктикот, пацифичките острови и пристаништата на југоисточна Азија.
17. а) Колку земји достигнале Сведоците до 1935? б) Зошто не било завршено делото до тоа време?
17 Зачудувачки е што до 1935, Јеховините сведоци биле зафатени со проповедање во 115 земји, а имале достигнато уште 34 други земји, било преку експедиции на сведочење или преку литература испратена по пошта. Сепак, делото не било завршено. Во таа година Јехова им ги отворил очите во врска со неговата намера да собере „големо мноштво“ кое ќе преживее во неговиот нов свет (Откровение 7:9, 10, 14). Требало уште многу да се сведочи!
18. Какви улоги одиграле Школата Гилеад и Школата за оспособување на слуги во делото на објавување на Царството?
18 Дури и тогаш кога II Светска војна ја зафаќала Земјата и се забранувала литературата или активноста на Јеховините сведоци во голем број земји, Библиската школа Гилеад на Watchtower ги отворила своите врати за да оспособува идни мисионери кои ќе извршуваат уште поголемо дело на меѓународно објавување на Царството. Досега, дипломците на Гилеад служеле во над 200 земји. Тие правеле повеќе отколку само да остават литература а потоа да заминат на друго подрачје. Воделе библиски студии, организирале собранија и оспособувале луѓе да преземаат теократски одговорности. Неодамна, старешини и слуги помошници кои дипломираа на Школата за оспособување на слуги, исто така помогнаа да се задоволат виталните потреби во врска со ова дело на шест континенти. Положен е солиден темел за натамошен раст. (Спореди 2. Тимотеј 2:2.)
19. До која мерка се оѕвале Јеховините слуги на поканата да служат на подрачја со поголема потреба?
19 Дали можеле и други да се грижат за некои од необработуваните подрачја? Во 1957, на конгресите ширум светот, поединци и семејства — зрели Сведоци на Јехова — биле охрабрувани да размислат за тоа да се преселат во подрачја каде што потребата била поголема и таму да се населат и продолжат со својата служба. Поканата била многу слична на онаа којашто Бог му ја изнел на апостол Павле, кој во визија видел човек кој го преколнувал: „Премини во Македонија и помогни ни!“ (Дела 16:9, 10). Некои се преселиле во текот на 1950-тите, а други подоцна. Скоро илјада Сведоци се преселиле во Ирска и Колумбија; стотици се преселиле во многу други места. Десетици илјади се преселиле во подрачја со поголема потреба во нивната матична земја (Псалм 110:3, НС).
20. а) Што било извршено во исполнение на Исусовото пророштво од Матеј 24:14 од 1935 наваму? б) Какво забрзување на делото се случува во последниве неколку години?
20 Бидејќи Јеховиниот благослов почива врз неговиот народ, делото на објавување на Царството продолжува да напредува со извонредна брзина. Од 1935 досега, бројот на објавителите пораснал скоро осумдесеткратно, а стапката на пораст во пионерските редови била за 60 отсто поголема отколку стапката на порастот на бројот на објавители. Во текот на 1930-тите била воведена подготовката за домашни библиски студии. Сега секој месец се водат во просек по повеќе од четири и пол милиони. Од 1935 наваму, биле посветени над 15 милијарди часови за делото на објавување на Царството. Сега редовно се проповеда во 231 земја. Кога се отворија подрачјата во Источна Европа и во Африка за послободно проповедање на добрата вест, делотворно се користат меѓународни конгреси за пораката за Царството да се прикаже на истакнат начин пред јавноста. Како што Јехова одамна ветил во Исаија 60:22 (НС), тој секако ‚го забрзува делото во свое време‘. Колку огромна предност е за нас што имаме удел во него!
Да се достигне секој можен со добрата вест
21, 22. Што можеме ние лично да сториме за да бидеме поделотворни Сведоци, без оглед каде служиме?
21 Господ сѐ уште не рекол дека делото е завршено. Илјадници поединци сѐ уште го прифаќаат вистинското обожавање. Затоа се поставува прашањето: Дали правиме сѐ што можеме за добро да го искористиме времето коешто Јехова трпеливо го остава за ова дело? (2. Петрово 3:15).
22 Секој не може да се пресели на ретко обработувано подрачје. Но, дали во целост ги користиш приликите што ти се укажуваат? Дали им сведочиш на колегите на работа? На наставниците и на школските другари? Дали си се прилагодил на променливите ситуации на твоето подрачје? Ако поради различните смени многу малку луѓе се дома во текот на денот, дали си го променил твојот план за да ги посетуваш навечер? Ако зградите се непристапни за непоканети посетители, дали сведочиш по телефон или преку пошта? Го следиш ли покажаниот интерес и нудиш ли домашни библиски студии? Дали темелно ја извршуваш својата служба? (Спореди Дела 20:21; 2. Тимотеј 4:5.)
23. Што треба да биде очигледно во нашиот случај додека Јехова набљудува што правиме во неговата служба?
23 Нека сите ние ја извршуваме нашата служба на начин којшто јасно му покажува на Јехова дека навистина ја цениме големата предност што сме негови Сведоци во овие значајни времиња. И да ја искористиме предноста да бидеме очевидци кога Јехова ќе изврши суд врз корумпираниот стар систем и кога ќе ја воведе славната Милениумска влада на Исус Христос!
[Фуснота]
a Ако се смета според тоа како бил поделен светот во почетокот на 1990-тите.
Да повториме
◻ Зошто е толку важно проповедањето на пораката за Царството?
◻ До кој обем била проповедана добрата вест до 1914?
◻ Колку силно сведоштво било дадено по воспоставувањето на Царството?
◻ Што би можело да го направи нашиот удел во службата уште попродуктивен?
[Рамка на страници 16 и 17]
ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ — објавители на Божјето Царство
На стотици конгреси ширум светот во 1993/94 беше најавено излегувањето на нова книга со наслов Jehovah’s Witnesses—Proclaimers of God’s Kingdom (Јеховините сведоци — објавители на Божјето Царство). Тоа е најинформативната, обемна историја на Јеховините сведоци. Тоа е книга од 752 страници, прекрасно илустрирана, со над илјада слики собрани од 96 различни земји. До крајот на 1993, веќе беше објавена на 25 јазици а се преведува и на други.
Зошто оваа книга одговара на денешните прилики? Во последниве години, милиони луѓе ширум светот станаа Јеховини сведоци. Сите тие треба да бидат добро информирани за историјата на организацијата со која се поврзани. Понатаму, нивното проповедање и начин на обожавање опфатиле национални и расни групи по целиот свет и се прифатени и од млади и од стари, на секое економско и образовно ниво. Како резултат на тоа, многумина кои набљудуваат што се случува, имаат прашања во врска со Сведоците — не само за нивните верувања туку и за нивното потекло, историја, организација, нивните цели. Други пишувале за нив, иако не секогаш непристрасно. Меѓутоа, никој не ја знае современата историја на Јеховините сведоци подобро од самите Сведоци. Издавачите на оваа книга настојуваа да ја презентираат таа историја на еден објективен и непристрасен начин. На тој начин, тие го документирале досегашното исполнување на многу значајниот аспект од знакот за Христовата присутност што е забележан во Матеј 24:14, и тоа го сториле во детали коишто можат да ги пружат само оние кои се активно вклучени во делото што било проречено таму.
Книгата е поделена на седум главни делови:
Дел 1: Ги истражува историските корени на Јеховините сведоци. Вклучен е концизен, информативен преглед на нивната современа историја од 1870 па сѐ до 1992.
Дел 2: Ова е богат преглед на прогресивниот развој на верувањата по кои Јеховините сведоци се разликуваат од останатите религиозни групи.
Дел 3: Овој дел од книгата го истражува развојот на нивната организациска структура. Открива интересни факти за нивните собраниски состаноци и конгреси, како и за начинот на кој градат Сали на Царството, поголеми конгресни сали и објекти за издавање на библиска литература. Ја прикажува ревноста со која Јеховините сведоци го објавуваат Божјето Царство и љубовта која се покажува додека се грижат едни за други во кризни времиња.
Дел 4: Овде ќе најдеш фасцинантни детали за тоа како објавувањето на Божјето Царство се проширило до повеќето земји и оддалечени острови ширум светот. Само замисли си — во 1914 се проповедало во 43, а до 1992 во 229 земји! Искуствата од оние кои имале учество во ова глобално ширење навистина се охрабрувачки.
Дел 5: Извршувањето на ова дело на објавување на Царството изискувало развивање на меѓународни објекти за издавање Библии и библиска литература на преку двесте јазици. Овде ќе дознаеш за тој аспект од нивната работа.
Дел 6: Сведоците се соочувале и со искушенија — некои поради човечка несовршеност, други поради лажни браќа, па дури и поради отворено прогонство. Божјата Реч предупредила дека ова ќе биде така (Лука 17:1; 2. Тимотеј 3:12; 1. Петрово 4:12; 2. Петрово 2:1, 2). Овој дел од книгата живо раскажува што навистина се случувало и како верата им помогнала на Јеховините сведоци да излезат како победници.
Дел 7: Во завршетокот книгата разгледува зошто Јеховините сведоци се цврсто уверени дека организацијата чијшто дел се тие е навистина водена од Бог. Таа исто така разгледува зошто тие ја чувствуваат потребата организациски и поединечно да бдеат.
Освен тоа, оваа атрактивно дизајнирана книга вклучува прекрасен и многу информативен дел од 50 страници со слики во боја кои ја прикажуваат светската централа, како и објекти на подружници коишто Јеховините сведоци ги користат ширум светот.
Ако веќе не си го сторил тоа, сигурно ќе извлечеш корист ако набавиш и прочиташ еден примерок од оваа воодушевувачка публикација.
Коментари од некои кои ја прочитале
Какви се реакциите на оние кои веќе ја прочитале оваа книга? Еве неколку:
„Штотуку го довршив читањето на фасцинантниот, живописен документарец Јеховините сведоци — објавители на Божјето Царство. Само една организација која лојално и понизно ѝ е предадена на вистината би можела да пишува толку отворено, смело и сензитивно“.
„Со својата чесност и непристрасност личи на книгата Дела апостолски.“
„Каква интересна нова публикација! . . . Историско ремек-дело.“
Откако прочитал отприлика половина од книгата, еден човек напишал: „Бев обземен со стравопочитување, занемен и ми навреа солзи. . . . За сиве мои години, ниедна друга публикација олку не ме трогнала емоционално“.
„Срцево ми пее од радост секојпат кога ќе помислам колку оваа книга ќе ја зајакне верата на младите, како и на новите кои доаѓаат во организацијата денес.“
„Отсекогаш сум ја ценел вистината, но читањето на оваа книга ми ги отвори очите и ми помогна да сфатам повеќе од било кога порано дека зад сето тоа стои Јеховиниот свет дух.“
[Слики на страница 18]
Со пораката за Царството биле достигнати многу луѓе, дури и кога Сведоците биле малубројни