Зошто Јеховините сведоци бдеат
„Бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ“ (МАТЕЈ 24:42).
1. За кого важи опомената да се ‚бдее‘?
ЗА СЕКОЈ Божји слуга — било млад или стар по години, било новопредаден или со долгогодишна служба — важи библискиот совет: „Бидете будни [бдејте постојано, НС]“ (Матеј 24:42). Зошто е важно ова?
2, 3. а) Каков знак јасно опишал Исус, и што покажало исполнувањето на пророштвото? б) Која околност, на која се осврнува Матеј 24:42, ја испитува искреноста на нашата вера, и како?
2 Кон крајот на својата служба на Земјата, Исус го прорекол знакот на неговата невидлива присутност во моќ на Царството (Матеј, поглавја 24 и 25). Тој јасно го опишал тоа време на неговата кралска присутност — а настаните во исполнение на пророштвото покажуваат дека тој бил устоличен како Цар на небесата во 1914. Исто така укажал на една околност која потоа би ја испитала искреноста на нашата вера. Исус се осврнал на времето кога тој требало да стапи во акција како Извршител за да го уништи сегашниот зол систем на ствари за време на големата неволја, кога рекол: „А за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, [ниту Синот, НС] а само Мојот Отец“. Со тоа на ум, рекол: „Па така, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ“ (Матеј 24:36, 42).
3 Тоа што не го знаеме денот и часот кога ќе започне големата неволја, изискува од нас, ако тврдиме дека сме христијани, секојдневно и да живееме како вистински христијани. Дали начинот на кој го употребуваш твојот живот ќе донесе Господово одобрување кога ќе дојде големата неволја? Односно, ако пред тоа умреме, дали тој ќе се сети на тебе како на таков кој лојално му служел на Јехова сѐ до крајот на својот сегашен живот? (Матеј 24:13; Откровение 2:10).
Првите ученици настојувале да бдеат
4. Што можеме да научиме од Исусовиот пример за духовна будност?
4 Исус Христос самиот го дал најдобриот пример за духовна будност. Тој често и горливо му се молел на својот Татко (Лука 6:12; 22:42-44). Кога бил соочен со искушенија, потполно се потпирал на водството што го содржи Светото Писмо (Матеј 4:3-10; 26:52-54). Не дозволувал да биде одвратен од делото што му го доделил Јехова (Лука 4:40-44; Јован 6:15). Дали оние кои се сметаат себеси за Исусови следбеници ќе бидат исто така будни?
5. а) Зошто имале проблеми да одржат духовна рамнотежа Исусовите апостоли? б) Каква помош им дал Исус на своите апостоли по своето воскресение?
5 Повремено, дури и Исусовите апостоли се колебале. Како последица на претерана ревност и погрешни идеи, морале да се соочуваат со разочарувања (Лука 19:11; Дела 1:6). Пред да научат целосно да се потпираат на Јехова, ненадејни искушенија ги исфрлувале од рамнотежа. Така, кога Исус бил уапсен, неговите апостоли побегнале. Подоцна таа ноќ, Петар од страв повеќе пати негирал дека го познава Христа. Апостолите сѐ уште го немале земено при срце Исусовиот совет: „Бидете будни и молете се“ (Матеј 26:41, 55, 56, 69-75). По своето воскресение, Исус го користел Писмото за да ја зајакне нивната вера (Лука 24:44-48). А кога изгледало дека службата што им била доверена некои од нив ќе ја стават на второ место, Исус ја зајакнал нивната мотивација да се концентрираат на поважното дело (Јован 21:15-17).
6. На кои две замки порано ги предупредил Исус своите ученици?
6 Порано, Исус ги предупредил своите ученици дека не смеат да бидат дел од светот (Јован 15:19). Исто така ги советувал да не владеат еден над друг, туку да си служат како браќа (Матеј 20:25-27; 23:8-12). Дали го послушале неговиот совет? Дали го држеле на прво место делото што им го дал тој?
7, 8. а) Како покажува извештајот од христијаните од првиот век дека тие ја зеле при срце Исусовата опомена? б) Зошто била важна постојаната духовна будност?
7 Сѐ додека апостолите биле живи, тие го штителе собранието. Историјата сведочи дека раните христијани не биле вмешани во политичките работи на Римската Империја и дека не возвишувале некаква свештеничка класа. Од друга страна, биле ревносни објавители на Божјето Царство. До крајот на првиот век, имале сведочено низ Римската Империја, правејќи ученици во Азија, Европа и Северна Африка (Колосјаните 1:23).
8 Меѓутоа, тие успеси во проповедањето не значеле дека повеќе немало потреба духовно да се бдее. Исусовото проречено доаѓање сѐ уште било далеку. А кога собранието навлегло во вториот век н. е., настанале ситуации кои ја загрозиле духовноста на христијаните. Како?
Некои престанале да бдеат
9, 10. а) Кои настани по смртта на апостолите покажале дека многу номинални христијани не бдееле? б) Кои стихови, цитирани во овој пасус, можеби им помогнале на номиналните христијани да останат духовно јаки?
9 Некои кои дошле во собранието почнале да ги изразуваат своите верувања со термините на грчката филозофија со цел она што го проповедале да го направат поприфатливо за луѓето од светот. Постепено, паганските доктрини, како што е тројството и наследената бесмртност на душата, станале дел од извалканиот облик на христијанство. Тоа довело до отфрлање на милениумската надеж. Зошто? Оние кои го прифатиле верувањето во бесмртноста на душата заклучиле дека душата која ќе го преживее човечкото тело, во духовното подрачје ќе ги постигне сите благослови на Христовата влада. Затоа не увидувале потреба да бдеат во поглед на Христовата присутност во моќта на Царството. (Спореди Галатјаните 5:7-9; Колосјаните 2:8; 1. Солунјаните 5:20.)
10 Оваа ситуација била нагласена и преку други настани. Некои кои тврделе дека се христијански надгледници, почнале да ги користат своите собранија како средство за постигнување личен углед. На нивните сопствени сфаќања и учења подмолно им припишувале вредност еднаква или дури и поголема од онаа на Библијата. Кога ќе се укажела прилика, оваа отпадничка црква дури се ставала на располагање да им служи на интересите на политичката држава (Дела 20:30; 2. Петрово 2:1, 3).
Резултати од зголемената будност
11, 12. Зошто протестантската реформација не претставувала враќање кон вистинско обожавање?
11 После векови на злоупотреба од страна на Римокатоличката црква, во 16. век проговориле некои реформатори. Но тоа не означило враќање кон вистинското обожавање. Зошто не?
12 Иако различни протестантски групи се ослободиле од моќта на Рим, тие понеле со себе многу од темелните учења и обичаи на отпадништвото — концептот свештенство–лаици, исто така верувањето во тројство, бесмртност на душата и вечно мачење по смртта. И, како и Римокатоличката црква, продолжиле да бидат дел од светот со тоа што биле тесно поврзани со политичките елементи. Затоа биле склони да отфрлат какви и да било очекувања за Христовото доаѓање како Цар.
13. а) Што покажува дека некои луѓе навистина ја ценеле Божјата Реч? б) Кој настан од 19. век се покажал од посебен интерес за некои номинални христијани? в) Зошто мнозина доживеале разочарување?
13 Сепак, Исус прорекол дека по смртта на апостолите, вистинските наследници на Царството (коишто ги споредил со жито) ќе продолжат да растат заедно со фалсификат–христијаните (односно каколот) сѐ до времето на жетвата (Матеј 13:29, 30). Ние не можеме денес со сигурност да ги наброиме сите оние коишто Господарот ги сметал за жито. Но вредно е да се забележи дека во текот на 14-ти, 15-ти и 16-ти век постоеле луѓе кои го ризикувале својот живот и слободата за да ја преведат Библијата на јазикот на обичниот човек. Други не само што ја прифатиле Библијата како Божја Реч туку и го отфрлиле тројството како небиблиско. Некои го отфрлиле верувањето во бесмртност на душата и мачењето во пеколен оган како такво кое воопшто не е во склад со Божјата Реч. Исто така, во текот на 19. век, како резултат на зголеменото проучување на Библијата, групи во Соединетите Држави, Германија, Англија и Русија почнале да го изразуваат своето уверување дека претстоело времето за Христовото враќање. Но, повеќето од нивните очекувања довеле до разочарување. Зошто? Во значителна мерка, затоа што премногу се потпирале на луѓе а недоволно на Библијата.
Како се покажале будни
14. Опиши го пристапот кон проучувањето на Библијата што го користеле Ч. Т. Расел и неговите придружници.
14 Тогаш, во 1870, во Алегени (Пенсилванија), Чарлс Тејз Расел и некои негови придружници формирале група за проучување на Библијата. Тие не биле првите кои распознале многу од библиските вистини коишто ги прифатиле, но кога проучувале имале обичај внимателно да ги проверуваат сите библиски стихови на дадено прашање.a Нивна цел било не да најдат стихови како доказ за некоја однапред создадена идеја, туку внимателно да извлекуваат заклучоци што се во склад со сето она што Библијата го кажува за таа работа.
15. а) Што сфатиле и други освен братот Расел? б) По што се разликувале Истражувачите на Библијата од нив?
15 Неколкумина други пред нив сфатиле дека Христос ќе се врати невидлив, како дух. Некои разбрале дека целта на Христовото враќање не е да ја изгори Земјата и да го избрише сиот човечки живот, туку да ги благослови сите семејства на Земјата. Имало дури и неколкумина кои сфатиле дека 1914 ќе го означи крајот на времињата на народите. Но за Истражувачите на Библијата кои биле здружени со брат Расел, ова биле повеќе од обични теми за теолошка дискусија. Тие ги граделе своите животи на овие вистини и им дале интернационален публицитет што бил невиден за тоа време.
16. Зошто напишал брат Расел во 1914: „[Се наоѓаме] во време на испит“?
16 Сепак, тие требало да продолжат да бдеат. Зошто? На пример, иако знаеле дека 1914 била означена со библиско пророштво, тие не знаеле што сигурно ќе се случи во таа година. За нив ова претставувало тест. Во Стражарска кула од 1. ноември 1914, брат Расел напишал: „Да запомниме дека сме во време на испит. . . . Ако некој од било каква причина го напушти верувањето во Господ и Неговата Вистина и престане да се жртвува за Господовото Дело, тогаш тоа не е самата Божја љубов во срцето која поттикнувала интерес за Господ туку нешто друго; можеби надевањето дека времето е кратко и дека неговото посветување било само за одредено време“.
17. Како задржале духовна рамнотежа А. Х. Мекмилан и други како него?
17 Некои ја напуштиле службата за Јехова уште тогаш. Но брат А. Х. Мекмилан бил еден од оние кои не го сториле тоа. Со години подоцна, отворено признал: „Понекогаш нашите очекувања за одреден датум беа поголеми од она што го оправдуваше Писмото“. Што му помогнало да задржи духовна рамнотежа? Како што рекол, увидел дека, „кога тие очекувања не се исполнија, тоа не ги промени Божјите намери“. Додал: „Научив дека би требало да ги признаваме нашите грешки и да продолжиме да бараме повеќе просветлување од Божјата Реч“.b Понизно, тие рани Истражувачи на Библијата ѝ дозволувале на Божјата Реч да го исправа нивниот видик (2. Тимотеј 3:16, 17).
18. Како донела христијанската будност прогресивна корист во врска со одделеноста од светот?
18 Во текот на годините што следеле, нивната потреба да бдеат не се намалила. Се разбира, знаеле дека христијаните не требало да бидат дел од светот (Јован 17:14; Јаков 4:4). Во склад со тоа, не ѝ се придружиле заедно со т. н. христијанство на Лигата на народите како политички израз на Божјето Царство. Но, дури во 1939 јасно го сфатиле спорното прашање за христијанска неутралност. (Види Стражарска кула од 1. ноември 1939.)
19. Како му користело на собраниското надгледување тоа што организацијата бдеела?
19 Тие никогаш немале свештеничка класа, иако некои изборни старешини мислеле дека проповедањето во собранието било сѐ што треба да се очекува од нив. Меѓутоа, со горлива желба да се прилагоди на Библијата, организацијата ја прегледала улогата на старешините во светлина на Светото Писмо, правејќи го тоа одново и одново на страниците на Стражарска кула. Биле направени организациски промени во склад со она што го покажувала Библијата.
20-22. Како прогресивно се подготвувала целата организација да го изврши прореченото дело на глобално објавување на Царството?
20 Целата организација се подготвувала потполно да го изврши делото што го истакнувала Божјата Реч за нашето време (Исаија 61:1, 2). До кој обем требало да се проповеда добрата вест во наше време? Исус рекол: „Кај сите народи најнапред треба да се проповеда Евангелието“ (Марко 13:10). Од човечко гледиште, таа задача честопати изгледала невозможна.
21 Но, со доверба во Христос како Поглавар на собранието, класата на верниот и разумен роб напредувала (Матеј 24:45, НС). Верно и цврсто му укажувала на Јеховиниот народ на делото што требало да се изврши. Од 1919 наваму, на службата на проповедање бил ставан сѐ поголем нагласок. За мнозина, не било лесно да одат од куќа до куќа и да зборуваат со непознати (Дела 20:20). Но, студиските статии како што се „Благословени се бестрашните“ (во 1919) и „Бидете храбри“ (во 1921) им помогнале на некои да започнат со делото, со доверба во Јехова.
22 Апелот во 1922 да го ‚објавуваат, објавуваат, објавуваат Царот и неговото Царство‘ го дал потребниот стимул да му се придаде заслужена важност на ова дело. Од 1927 наваму, старешините кои не ја прифатиле таа библиска одговорност, биле разрешени. Отприлика во тоа време, патувачките претставници на Друштвото, ходочасниците, биле наименувани за регионални управници на службата, и им давале лична подука на објавителите во службата на проповедање. Не можел секој да биде пионер, но во викендите многумина ѝ посветувале цел ден на службата, така што почнувале рано наутро, застанувале накратко за да изедат некој сендвич, а потоа продолжувале со службата до доцна попладне. Тоа биле значајни времиња од теократскиот развој, и извлекуваме голема корист ако го разгледаме начинот на којшто Јехова го водел својот народ. Тој и понатаму го прави тоа. Со негов благослов, делото на проповедање на добрата вест за воспоставеното Божје Царство ќе биде доведено до успешен завршеток.
Дали бдееш ти?
23. Како можеме да покажеме дека ние лично бдееме во поглед на христијанската љубов и одделеноста од светот?
23 Одѕивајќи се на Јеховиното водство, неговата организација продолжува да нѐ држи будни на обичаите и ставовите коишто би нѐ идентификувале како дел од овој свет, со што би биле во опасност да исчезнеме со него (1. Јованово 2:17). За возврат, како поединци треба да бдееме така што ќе се оѕвиеме на Јеховиното водство. Јехова исто така ни дава подука како да живееме и работиме заедно. Неговата организација ни помогнала сѐ повеќе да сфаќаме што навистина значи христијанската љубов (1. Петрово 4:7, 8). Нашето бдеење изискува сериозно да настојуваме да го применуваме овој совет, наспроти човечките несовршености.
24, 25. Во кои животоважни погледи треба да бдееме, и кој изглед треба да го имаме на ум?
24 Доследно на тоа, верниот и разумен роб нѐ потсетува: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на својот сопствен разум“ (Изреки 3:5, НС). „Молете се постојано!“ (1. Солунјаните 5:17). Советувани сме да научиме нашите одлуки да ги темелиме на Божјата Реч, да дозволиме оваа реч да биде ‚светилник на нашите нозе и светлина за нашата патека‘ (Псалм 118:105). Со љубов, охрабрени сме на прво место во нашиот живот да го ставаме проповедањето на добрата вест за Божјето Царство, делото што го прорекол Исус за нашето време (Матеј 24:14).
25 Да, класата на верниот и разумен роб навистина бдее. Како поединци, и ние исто така треба да бдееме. Како резултат на тоа, нека се најдеме помеѓу оние кои стојат признати пред Синот човечки кога ќе дојде да изврши суд (Матеј 24:30; Лука 21:34-36).
[Фусноти]
a Faith on the March (Маршот на верата) од А. Х. Мекмилан, Prentice-Hall, Inc., 1957, страници 19-22.
b Види Стражарска кула од 15. август 1966, страници 504-510 (англ.).
За повторување
◻ Зошто е потребно да бдееме, како што е покажано во Матеј 24:42?
◻ Како ја одржале духовната будност Исус и неговите следбеници од првиот век?
◻ Што се случувало од 1870 наваму како резултат на будноста на Јеховините слуги?
◻ Што ќе биде доказ дека ние како поединци бдееме?
[Слики на страница 23]
Исус бил богато вработен во делото што му го доделил Татко му. Исто така се молел горливо
[Слика на страница 24]
Чарлс Тејз Расел во поодминати години
[Слика на страница 25]
Преку 4.700.000 објавители на Царството се активни по целата Земја