Можеш ли да покажуваш стрпливост?
ЈЕХОВА му рекол на Аврам: „Излези од земјата своја, . . . па појди во земјата, што ќе ти ја покажам Јас! А од тебе ќе направам голем народ, и ќе те благословам, и името твое ќе го прославам“ (1. Мојсеева 12:1, 2). Во тоа време Аврам имал 75 години. Послушал, и понатаму во својот живот мудро покажувал стрпливост, чекајќи на Јехова.
На крајот, на стрпливиот Авраам (Аврам) Јехова му го дал следното ветување: „Навистина ќе те благословам и преблагословам, ќе те размножам и преумножам“. Апостол Павле додал: „И така, со долго трпение, тој [Авраам] го доби ветеното“ (Евреите 6:13-15).
Што е стрпливост? Речниците ја дефинираат оваа особина како способност „мирно да се чека нешто“ или да се биде „воздржан при провокација или под притисок“. Според тоа, кога мораш некого или нешто да чекаш, или, пак, кога те предизвикуваат или си под притисок, твојата стрпливост е ставена на испит. Во такви ситуации оној кој е стрплив ќе остане смирен; нестрпливиот избувнува и станува раздразлив.
Нашиов современ нестрплив свет
Особено во поголемиот број урбани средини важност ѝ се придава на брзината, а не на стрпливоста. За милиони луѓе кои живеат во пренаселените градови денот започнува со алармот на будилникот. Потоа започнува една луда трка — да се стигне некаде, да се види некој, да се постигне нешто. Дали е тогаш чудно што повеќето се напнати и нестрпливи?
Дали те вадат од такт туѓите недостатоци? „Воопшто не ми се допаѓа кога некој доцни“ — вели Алберт. Повеќето би се сложиле дека е напорно да се чека оној кој задоцнува, особено кога треба да се заврши нешто што е со рок. За војводата од Њукасл, британски политичар од 18. век, рекле: ‚Наутро губи пола саат, па после тоа цел ден мора да трча и постојано доцни‘. Дали би останал стрплив кога секој ден би морал да зависиш од некој ваков?
Кога возиш автомобил, дали се разлутуваш бргу и не сакаш да почекаш, па доаѓаш во искушение да возиш пребрзо? Под такви околности нетрпението често пати значи катастрофа. Во текот на 1989, во тогашна Западна Германија, последицата од преку 400.000-те несреќи на главните патишта била повреда или смрт. Од нив, секоја трета била предизвикана поради тоа што преблиску се возело до возилото напред или, пак, пребрзо. Според тоа, барем до некој степен нестрпливоста била причина за повредата или смртта на преку 137.000 лица. Колкава цена морала да биде платена поради нестрпливост!
„Многу ми е тешко да бидам стрплива кога некој постојано ме прекинува“ — се жали Ен — „или, пак, кога некој многу се фали“. Карл-Херман признава дека неговото трпение е ставено на испит кога „младите немаат почитување кон постарите“.
Овие и други ситуации можат да те направат нестрплив. Затоа, како можеш да развиеш поголема стрпливост?
Јехова може да ја зголеми твојата стрпливост
Многу луѓе мислат дека стрпливоста значи неодлучност, односно, слабост. Меѓутоа, за Јехова тоа значи цврстина. Тој самиот „трпи, бидејќи не сака да изгинат некои, туку сите да се обрнат кон покајание“ (2. Петрово 3:9). Затоа, за да ја зголемиш стрпливоста, остани близу до Јехова и потпри се на него со целото свое срце. Најважниот чекор за да ја развиеме стрпливоста е да го зацврстиме нашиот однос со Бог.
Што е уште поважно, суштествено е да се знаат Јеховините намери со Земјата и човештвото. Авраам „го очекуваше оној град, што има основи [Божјето Царство] и чиј градител и творец е Бог“ (Евреите 11:10). Добро ќе биде ако, како него, имаме јасна слика за божествените ветувања и бидеме спремни да чекаме на Јехова. Тогаш ќе сфатиме дека стрпливоста, не само што не значи неодлучност туку всушност ги придобива луѓето за вистинското обожавање. Затоа, „долготрпеливоста на вашиот Господ сметајте ја како спасение“ (2. Петрово 3:15).
Што ако твоите околности веќе неподносливо ја испитуваат твојата стрпливост? Дали неверниците те ставаат под еден мачен притисок? Дали си бил болен подолг временски период кој ти се чинел како вечност? Ако е така, земи го при срце она што го напишал ученикот Јаков. Откако се осврнал на образецот кој пророците го застапувале додека покажувале стрпливост, Јаков ја открил тајната како да се остане смирен под силен притисок. Тој рекол: „Ако некој од вас страда, нека Му се моли на Бога“ (Јаков 5:10, 13).
Искрено замоли го Бог во молитва да го зголеми твоето трпение и да ти помогне да го контролираш духот кога си под испит. Постојано обраќај му се на Јехова и тој ќе ти помогне да ги препознаеш околностите или навиките на другите кои можат да претставуваат особена опасност за твојот мир. За да останеш смирен, може да ти помогне и ако се молиш пред да се случи некаква ситуација која би можела да те доведе во искушение.
Исправно посматрај се себеси и другите
За да останеш спокоен, мораш себеси и останатите да ги посматраш во исправно светло. Тоа е можно само преку истражување на Библијата затоа што таа ни покажува дека секој од нас си наследил несовршеност и затоа има свои слабости. Не само тоа, библиското спознание ќе ти помогне да растеш во љубовта. Оваа особина е неопходна за да можеш да бидеш стрплив со другите (Јован 13:34, 35; Римјаните 5:12; Филипјаните 1:9).
Љубовта и желбата да се прости можат да те смират кога некој ќе те вознемири. Ако некој има навики кои те нервираат, љубовта ќе те потсети дека она што те нервира е навиката, а не личноста. Имај на ум колку често твоите слабости мора да ја испитуваат Божјата стрпливост, а веројатно ги разлутуваат и другите луѓе.
Исправното посматрање на самиот себеси ќе ти помогне стрпливо да чекаш. На пример, дали си посегнал по предности во Јеховината служба, па си се разочарал? Си почувствувал ли како трпението ти испарува? Ако е така, тогаш знај дека поголемиот дел од твојата нестрпливост има корен во горделивоста. „Трпеливиот е подобар од горделивиот“ — рекол Соломон (Проповедник 7:8). Да, горделивоста е главната препрека за негување на стрпливоста. Зарем не е вистина дека на понизниот му е полесно смирено да чека? Затоа, негувај понизност и полесно ќе можеш мирно да прифатиш одложување (Изреки 15:33).
Стрпливоста носи богати награди
Авраам првенствено е познат по својата вера (Римјаните 4:11). Сепак, стрпливоста ја направила неговата вера постојана. Како бил награден поради тоа што чекал на Јехова?
Јехова имал доверба во Авраам која растела. По таков начин, Авраамовото име станало големо, а неговите потомци моќна нација. Сите народи на земјата можат да бидат благословени со посредство на неговото семе. Авраам служел како Божји говорник и дури како претслика на Творецот. Може ли да постои некаква поголема награда за верата и стрпливоста на Авраам?
„Господ е многумилостив“ спрема христијаните кои трпеливо ги поднесуваат неволјите (Јаков 5:10, 11). Таквите поединци имаат чиста совест затоа што ја вршат неговата волја. Според тоа, што се однесува до тебе, ако чекаш на Јехова и стрпливо ги поднесуваш искушенијата, твојата стрпливост ќе придонесе за Јеховиното одобрување и благослов.
Стрпливоста многу му користи на Божјиот народ и тоа во секој аспект од животот. Двајца Јеховини слуги, Кристијан и Агнес го откриле тоа кога одлучиле да се свршат. Ја одолжиле свршувачката од почитување кон родителите на Кристијан на кои им требало време да ја запознаат Агнес. Каков ефект имал ваквиот гест?
„Само подоцна дознавме колку нашата стрпливост им значела на моите родители“ — објаснува Кристијан. „Нашето стрпливо чекање не го уништи односот помеѓу мене и мојата сопруга. Но тоа беше првиот изградувачки чекор во нашиот однос со моите родители“. Да, стрпливоста донесува богати награди.
Стрпливоста исто така го унапредува мирот. Семејството и пријателите ќе бидат благодарни што не правиш спор од секоја нивна грешка. Твојата смиреност и разбирање кога другите прават грешки ќе заштедат незгодни сцени. Една кинеска поговорка вели: „Стрпливост во момент на гнев ќе те поштеди од стотици денови болка“.
Стрпливоста ја возвишува твојата личност, помагајќи ти и останатите твои прекрасни особини да ги задржиш на високо ниво. Ја прави твојата вера постојана, мирот долготраен, а љубовта непоколеблива. Стрпливоста ќе ти помогне да бидеш радосен додека покажуваш љубезност, доброљубивост и благост. Со тоа што си стрплив добиваш цврстина која е неопходна за да се негува долготрпеливоста и самосовладувањето.
Затоа, стрпливо чекај да се исполнат Јеховините ветувања и осигурена ти е една прекрасна иднина. Нека и ти, како Авраам, ‚преку вера и трпение би ги добил ветувањата‘ (Евреите 6:12).
[Слика на страница 23]
Присниот однос со Јехова ќе ти помогне да покажуваш стрпливост токму како што направил и Авраам