Јеховините сведоци ширум светот — Тајланд
„ЗЕМЈА на слободните.“ Тоа значи името Тајланд. Љубезните, вредни, преку 57 милиони жители на оваа земја, застапуваат различни религиозни идеи. Иако преовладува будизмот, во оваа југоисточна азиска земја се практикуваат и религиите на т. н. христијанство. Сите овие луѓе треба да ја чујат добрата вест за Божјето Царство (Матеј 24:14)a.
Бегалци ја слушаат добрата вест
Во логорите раштркани по ридиштата на Тајланд, долж границата со Мјанмар, библиската вистина фаќа корен кај повеќе од 10.000-те каренски бегалци. Членовите на една каренска фамилија што живее на тоа подрачје се Јеховини сведоци. Тие ја шират добрата вест меѓу бегалците. Како започнале со нивното дело?
Пред повеќе години, еден млад човек ги прекинал врските со Англиканската црква и станал Јеховин сведок. Подбуцнати од англиканскиот свештеник, неговите роднини почнале да му се противат. Но, тој стрпливо истрајал, а противењето од страна на неговото семејство постепено се намалило. Свештениците на Англиканската црква и понатаму се исмејувале сѐ додека пред околу две години не биле отпуштени од службата поради неморално однесување. Со оглед на тоа што црквата тогаш останала без пастир, семејството, како и останатите роднини на Сведокот, биле потресени и беспомошни. Единаесетмина од нив отстапиле од црквата и ги замолиле Сведоците да ја студираат Библијата со нив.
Студирањето одлично напредувало, а се придружиле и други бегалци. Вистината брзо се ширела и како резултат на тоа се крстиле 17 нови Сведоци во реката која тече низ логорот. Колку радосна била глетката кога и една 88-годишна бабичка била крстена заедно со другите!
Видеофилмот поттикнува интерес
Потенцијалот за раст меѓу бегалците е голем. Во 1993, на Споменот биле присутни 57-мина. За време на посетата на покраинскиот надгледник во мај истата година се собрале 67 души за едно од неговите предавања, а околу 250-мина за да го видат видеофилмот што го сними Watchtower Society: Jehovah’s Witnesses—The Organization Behind the Name (Јеховини сведоци — организација зад името).
Сопругата на еден баптистички пастор во логорот за бегалци отишла на едно јавно библиско предавање кое го подготвиле Сведоците и си направила белешки на библиските стихови од предавањето. Му рекла на сопругот колку е незадоволна од повторуваните проповеди што ги слуша во нивната црква. Тој ѝ приговорил, велејќи ѝ дека, ако таа почне да оди на состаноците на Јеховините сведоци, ќе почнат да ја следат сите нивни верници. Кога повторно отишла на состанок, маж ѝ ја бркал со нож и ѝ ги изгорел белешките од состаноците и библиската литература. И покрај тоа, кога бил прикажуван видеофилмот, повторно дошла. Подоцна оваа жена му рекла на својот сопруг што видела. Со сменет став, побарал да го види видеофилмот и му било жал што ѝ ги изгорел белешките и библиската литература.
Така народот во Тајланд ја слуша добрата вест. На тој начин, тие стекнуваат духовна слобода во „земјата на слободните“ (Јован 8:32).
[Фуснота]
a За понатамошни информации, види 1994 Calendar of Jehovah’s Witnesses (Календарот на Јеховините сведоци за 1994).
[Рамка на страница 24]
ПРОФИЛ НА ЗЕМЈАТА 1993 службена година
НАЈГОЛЕМ БРОЈ АКТИВНИ СВЕДОЦИ: 1.434
ОДНОС: 1 Сведок на 40.299
ПРИСУТНИ НА СПОМЕНОТ: 3.342
ПРОСЕЧЕН БРОЈ НА ПИОНЕРИ: 232
ПРОСЕК НА БИБЛИСКИ СТУДИИ: 1.489
БРОЈ НА КРСТЕНИ: 92
БРОЈ НА СОБРАНИЈА: 39
ПОДРУЖНИЦА: БАНГКОК
[Слика на страница 25]
Објавителите на Царството ревно ја проповедаат добрата вест
[Слика на страница 25]
Првата подружница во 1947
[Слика на страница 25]
Бетелската фамилија пред новата подружница во Бангкок предадена во употреба на 8. февруари 1992