Да се гледа со ценење на ‚домот Божји‘
„САМО за едно Го молам Господа, само тоа го сакам: да останам во домот Господов преку сите денови на животот мој, да ја гледам Господовата убавина и да го посетувам Неговиот свет храм“ (Псалм 26:4).
Царот Давид, кој имал ценење, на Јеховиниот храм гледал со задоволство и радост. Дали и ти чувствуваш слично спрема центрите на вистинско обожавање денес? Преку 95-те бетелски домови при подружниците на Watch Tower Society се меѓу објектите кои се поврзани со обожавањето на Јехова во наше време.
„Кога ќе погледнам наназад на мојата долгогодишна бетелска служба, чувствувам длабока благодарност и огромно ценење, кое расте од година в година“, објаснува Хелга, која започнала да работи во Бетелскиот дом во Германија во 1948. Хелга е една од 13.828-те радосни бетелски работници ширум светот која во службената 1993 година ‚ја гледала Господовата убавина‘. Што значи точно името Бетел? Како може секој Јеховин сведок, без разлика дали му служи на Бог во Бетел или надвор од него, да гледа со ценење на ова уредување?
Име кое бара оддаденост
„Бетел“ е најприкладното име бидејќи хебрејскиот збор Бет-Ел значи „дом Божји“ (1. Мојсеева 28:19). Да, Бетелот личи на добро организиран дом, или ‚куќа изградена со мудрост‘, каде што Бог и неговата волја се во средиштето (Изреки 24:3). „Исто како да живееш во едно семејство. Имаме добро организирана дневна рутина“, со ценење вели Херта. Таа преку 45 години служи во истиот Бетел заедно со Хелга. Секој член на оваа голема фамилија има своја задача и свое место, што му овозможува да се чувствува среќен и сигурен. Согласно со името Бетел, доброто уредување и организираност ги карактеризираат сите одделенија. Тоа го унапредува мирот, овозможува делотворно проповедање на добрата вест, а на собранијата им дава добра причина да имаат големо ценење спрема ‚домот Божји‘ (1. Коринтјаните 14:33, 40).
Зошто се потребни таквите објекти? Ова списание, на пример, е произведено во бетелска печатница. За проповедањето на пораката за Царството и распределувањето на духовната храна, кои се проречени од Исус, неопходни се организациски подготовки како што е Бетелот — поддржани од доброволни работници кои се многу ценети од сите обожаватели на Јехова (Матеј 24:14, 45).
Дали би сакал да дознаеш повеќе за секојдневната рутина овде? Таму каде што живеат Хелга и Херта, во 6.30 во сите станбени згради се слуша мелодичен звук на ѕвонче, иако повеќето од над 800 редовни работници се будат уште порано за да се подготват за денот. Од 7.00, од понеделник до сабота, семејството се собира во трпезариите заради разгледување на дневниот стих, односно утринско обожавање. После тоа следи хранлив појадок. Секој работен ден започнува во 8.00 и трае осум часа, со пауза за ручек. (Во сабота семејството обично работи половина ден.) Без разлика каде — во кујната, печатницата, пералната, канцелариите, работилниците, книговезниците или другите одделенија — има многу работа.
Навечер и во викендите, членовите на семејството се дружат со месните собранија на состаноците и во јавното проповедање. Многу браќа од Бетелот служат како старешини и слуги помошници во тие собранија. Месните Сведоци навистина ја ценат оваа соработка, и двете групи хармонично работат заедно како едно тело, со взаемно почитување и разбирање (Колосјаните 2:19). Секој бетелски работник знае дека неговата задача во ‚домот Божји‘ има предност пред другите активности. Меѓутоа, ентузијазмот за сведочење и вклученоста во собранието, со урамнотежен став, ја зајакнуваат духовноста на бетелскиот работник, ја зголемуваат неговата радост и го прават попродуктивен член на семејството. Колку се важни овие особини кога се работи во „дом“ чие име е поврзано со предаденост со цела душа!
Бетелската служба да се направи успешна
Што им помогнало на безброј Јеховини сведоци да ја направат успешна бетелската служба? Членовите на бетелската фамилија во Франција кои имаат долгогодишно искуство се изразуваат на следниов начин: „Љубовта спрема Јехова. Одлучноста да се истрае таму каде што тој ќе нѐ постави; понизност, подложност и послушност на водството кое ни го дава Заедницата“ (Денис). „Сум забележал колку е важно да се почитува начелото кое го споменува Павле во Римјаните 12:10: ‚Натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг‘. Овој библиски стих ни покажува колку е важно да не инсистираме да се прифаќа нашето лично мислење, туку напротив, да ги земаме предвид мислењата на другите. Со други зборови, да не се истакнуваме“ (Жан-Жак). „Нашето почитување спрема бетелската служба може да се разори ако гледаме на работите од телесна, човечка гледна точка“, вели Барбара, „бидејќи тоа може да предизвика да заборавиме дека Јехова ја води организацијата. Таквото почитување може да се изгуби ако се спрепнуваме на несовршеноста на другите“.
Секој во Бетелот е несовршен, затоа треба внимателно да се бира друштвото. Добро е ако младите или новодојдените не го ограничат своето друштво само на врсниците. Оние кои покажуваат склоност да се жалат или негативно да размислуваат не се изградувачко друштво во Бетелот, па и во собранието. Од друга страна, имитирањето на „мудроста, што иде одозгора“, објаснета во Јаков 3:17, донесува благослови. Таа „е најнапред чиста, а потоа мирна, кротка, покорна, полна со милост и добри плодови, непристрасна и нелицемерна“. Таквите особини, заедно со долготрпеливоста и љубезноста, се видливи во ‚домот Божји‘, а престојот во него го прават пријатен и стимулирачки. Дури и посетителите кои не се Сведоци често пати се одушевени од доброто однесување, пријателскиот став и радосниот дух на работниците.
Ани, која има повеќе од 70 години и е член на бетелската фамилија во Германија од 1956, објаснува како таа ја задржува својата спремност да служи: „За одржување на моето духовно здравје, многу се трудам да бидам во чекор со читањето на публикациите на Заедницата, редовно да ги посетувам состаноците и редовно да учествувам во проповедањето. Се трудам да бидам во добра физичка кондиција така што секое утро правам гимнастички вежби, честопати не го користам лифтот, колку што можам пешачам, посебно во службата на проповедање“.
Многумина кои имаат искуство во бетелскиот живот би се согласиле со Ани. Тие никогаш не престануваат да учат, никогаш не престануваат да работат. Физичкото здравје бара од нив доволно да спијат и по малку да вежбаат и да бидат умерени во јадењето и пиењето. Што е најважно, не ја занемаруваат личната молитва и проучувањето на Библијата.
Големо ценење спрема светата служба во Бетел
„Каде работиш?“, е вообичаено прашање што им се поставува на членовите на Бетелот. Работните задачи се разновидни, но секоја заслужува високо да се цени од страна на секого. Зошто? Затоа што секоја задача — било работа на машина за печатење на духовна храна, перење алишта, готвење и чистење за семејството, било канцелариска работа — претставува света служба. Како што беше погоре споменато, христијаните не прават пристрасни разлики. Запомни дека сите неопходни должности кои ги вршеле свештениците и Левитите во храмот, во неговите предворја и трпезариите, биле сметани како света служба за Јехова. Тоа вклучувало колење и подготвување на животните за жртвување, полнење на лампите со масло, па дури и чистење и чување стража. Исто така, секоја задача во Бетел е задоволувачка и вредна активност „во делото Господово“, и затоа претставува исклучителна предност (1. Коринтјаните 15:58).
Разгледај накратко една особина која може да предизвика да немаме ценење спрема ‚домот Божји‘. Христијаните во Бетел и надвор од него треба да се чуваат од завист и љубомора, кои се „гнилеж за коските“ (Изреки 14:30). Никој нема причина да биде завидлив на службените предности на бетелските работници. Освен тоа, во бетелската фамилија нема место за љубомора, која е едно од делата на телото. Понизно чекај — тоа е здрав совет за некој кој мисли дека е заборавен додека на другите им се дадени поголеми предности. Уште повеќе, во Бетел заедно живеат луѓе со многу различна финансиска позадина. Колку е разочарувачки кога некој ги гледа своите околности ‚споредувајќи се со другиот‘ (НС)! Да се биде задоволен со „храна и облекло“ на многумина им помогнало верно да продолжат со децении во ‚домот Божји‘ (Галатјаните 5:20, 26; 6:4; 1. Тимотеј 6:8).
Јеховините сведоци и милиони други извлекуваат голема корист од неплатените услуги што се извршуваат во Бетелот — несебично извршена работа од љубов спрема Бог и ближниот. Бетелските домови и печатниците на Watch Tower Society, како и другите теократски објекти, се финансираат со доброволни прилози (2. Коринтјаните 9:7). Слично на цар Давид и кнезовите и поглаварите на Израел, можеме и ние да покажеме почитување и ценење спрема ‚домот Божји‘ така што морално и финансиски ќе ја поддржуваме Заедницата (1. Летописи 29:3-7). Да видиме сега како е можно ‚да се гледа Господовата убавина‘ во Бетел.
Благослови во ‚домот Божји‘
Кога присуствуваш на конгрес, дали чувствуваш длабоко задоволство поради тоа што си опкружен со весели обожаватели на Јехова? Замисли, еден бетелски работник ја има предноста да му служи на Јехова заедно со група браќа секој ден! (Псалм 25:12). Какви извонредни изгледи за духовен раст овозможува тоа! Еден брат коментирал дека за една година во Бетел научил многу повеќе работи што му помогнале да ја обликува својата личност отколку за три години на кое било друго место. Зошто? Затоа што никаде немал прилика да ја набљудува и имитира верата на толку многу зрели христијански личности (Изреки 13:21).
Така да се каже, во Бетел сме опкружени со искусни советници. Освен тоа, може да се извлече корист од слушањето на добро подготвените коментари за време на утринското обожавање и на студијата на Стражарска кула на бетелската фамилија, како и од предавањата што ги слушаат во понеделник навечер. Новодојдените добиваат поука во Школата за нови бетелски работници и им се дава за задача да ја прочитаат целата Библија во текот на првите 12 месеци.
Извештаите и искуствата на посетителите од други земји даваат понатамошно охрабрување. Освен тоа, членовите на Водечкото тело или нивните претставници ги посетуваат канцелариите на подружниците. „Иако имаат многу работа“, раскажува Хелга, „браќата секогаш наоѓаат време за пријателски збор или насмевка“. Колку е охрабрувачки лично да се види освежувачкото и скромно однесување на таквите лојални мажи!
Посебно во Бетел може одблиску да се види како функционира Божјата организација и како неговиот свет дух покренува на дело спремни срца и раце. „Во Бетел се чувствуваш поблиску до ‚центарот на активности‘“, објаснува еден брат, кој служи во Бетелот во Франција од 1949. Тој продолжува: „Можам навистина да кажам дека за мене Бетел е оној облик на полновремена служба која ми овозможува да посветам максимално време и сила за Јеховината служба и да им служам на најголем број браќа“. А зарем не е тоа нашата вистинска смисла во животот — да ја вршиме Божјата волја? Во Бетел можеме ‚на Бог да му принесуваме фалби по цел ден‘. Каков благослов! (Псалм 44:8, НС).
Како што видовме, оној кој работи во бетелски дом може да ја гледа Јеховината убавина и да наоѓа широк спектар на благослови (Евреите 6:10). Може ли службата во ‚домот Божји‘ да биде од вредност за тебе? Оние Јеховини сведоци кои имаат најмалку 19 години, кои се со добро духовно и физичко здравје и кои, како Тимотеј, се ‚посведочени како добри меѓу браќата‘, можат да поднесат молба да служат во Бетел (Дела 16:2). Многумина, како горецитираните, ја направиле бетелската служба своја животна кариера. За нив длабокиот копнеж на псалмистот — да ‚остане во домот Господов преку сите денови на животот свој‘ — станал реалност.
Јеховините сведоци имаат длабоко почитување спрема самопожртвуваниот дух што го покажуваат браќата и сестрите во Бетел, кои спремно и радосно ги извршуваат задачите. Без разлика дали му служиме на Јехова во Бетел или на друго место, секој од нас има добра причина да се чувствува како цар Давид — да гледа со ценење или одушевеност на ‚домот Божји‘.
[Слика на страница 31]
Овие христијани со децении се радуваат на светата служба во Бетелот во Германија