Направи го својот брак трајна заедница
„Бог што составил, човек да не разделува“ (МАТЕЈ 19:6).
1. Кој е темелот за брачниот успех меѓу вистинските христијани денес?
ИЛЈАДНИЦИ меѓу Јеховиниот народ денес се радуваат на задоволувачки и долготрајни бракови. Меѓутоа, не би се рекло дека таквиот раширен успех е случајност. Христијанските бракови цутат кога обата партнера 1) го почитуваат Божјето гледиште за бракот и 2) настојуваат да живеат според начелата од неговата Реч. Најпосле, Бог бил тој кој го воспоставил брачното уредување. Тој е Оној ‚на кого секое семејство на земјата му го должи своето име‘ (Ефесјаните 3:14, 15, НС). Бидејќи Јехова знае што е потребно за успехот на еден брак, во наша корист ќе биде ако го следиме неговото водство (Исаија 48:17).
2. Кои се последиците од пропустот да се применат библиските начела во бракот?
2 И обратно, пропустот да се применуваат библиските начела може да доведе до проблеми во бракот. Некои стручњаци проценуваат дека во САД скоро две третини од оние кои денес се венчаваат на крајот ќе добијат развод. Дури ни христијаните не се имуни на стресовите и напнатостите во овие ‚тешки времиња‘ (2. Тимотеј 3:1). Економските напнатости и притисоците на работното место можат да го земат својот данок во секој брак. Исто така, некои христијани се горко разочарани од пропустот на нивните партнери да ги применуваат библиските начела. „Го сакам Јехова“, вели една христијанска сопруга, „но мојот брак веќе 20 години е упропастен. Маж ми е себичен и не сака да направи никакви промени. Се чувствувам како во замка“. Повеќе христијански сопрузи или сопруги изразиле слични чувства. Во што е грешката? И што може да го заштити бракот да не западне во ладна рамнодушност или отворено непријателство?
Трајноста на бракот
3, 4. а) Кое е Божјето мерило за бракот? б) Зошто е исправна и корисна трајноста на бракот?
3 Дури и под најдобрите околности, бракот е заедница на несовршени поединци (5. Мојсеева 32:5). Затоа апостол Павле рекол дека „таквите [кои стапуваат во брак] ќе имаат телесни неволји“ (1. Коринтјаните 7:28). Некои екстремни околности дури можат да доведат до разделување или развод (Матеј 19:9; 1. Коринтјаните 7:12-15). Сепак, во повеќето случаи христијаните го применуваат советот на апостол Павле: „Жената да не се разделува од мажот . . . и мажот да не ја остава жената своја“ (1. Коринтјаните 7:10, 11). Всушност, бракот бил предвиден да биде трајна врска, бидејќи Исус Христос изјавил: „Бог што составил, човек да не разделува“ (Матеј 19:6).
4 За некој кој се чувствува фатен во стапица на непријателски брак или брак без љубов, Јеховините мерила може да изгледаат груби и неразумни. Но тие не се такви. Трајноста на брачната врска ја поттикнува богобојазливата двојка да се бори и да се труди да ги реши своите проблеми, а не брзо да отстапува од своите обврски на првиот знак на неволја. Еден маж кој бил венчан повеќе од 20 години, вака се изразил: „Не можат да се избегнат времињата на неволја. Нема цело време да бидете среќни еден со друг. Тогаш навистина е важна оддаденоста“. Секако, христијанските брачни двојки чувствуваат првенствена обврска кон Јехова Бог, Основачот на бракот. (Спореди Проповедник 5:4.)
Поглаварството и подложноста
5. Кој е еден од Павловите совети за сопрузите и сопругите?
5 Затоа, кога ќе се појават проблеми, не е време да се бега, туку да се бара подобар начин на кој ќе се примени советот од Божјата Реч. На пример, размисли за овие Павлови зборови што се наоѓаат во Ефесјаните 5:22-25, 28, 29: „Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господа, зашто мажот е глава на жената, како што е и Христос глава на Црквата, и Он е Спасител на телото. Но, како што Црквата Му се покорува на Христа, така и жените да им се покоруваат на своите мажи во сѐ. Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што и Христос ја засака Црквата и се предаде Себеси за неа. И така, мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела; оти, кој ја сака жената своја, тој се сака и самиот себеси. Зашто никој никогаш не го намразил телото свое, туку го храни и го стоплува, како и Господ Црквата“.
6. Како треба христијанските сопрузи да се разликуваат од мажите од светот?
6 Мажите честопати го злоупотребувале својот сопружнички авторитет и господареле над своите сопруги (1. Мојсеева 3:16). Меѓутоа, Павле ги поттикнал христијанските сопрузи да бидат поинакви од мажите од светот, да бидат како Христос, а не тирани кои го контролираат секој детаљ од животот на своите сопруги. Се разбира, човекот Исус Христос никогаш не бил груб или заповеднички. Со своите следбеници постапувал со достоинство и респект, велејќи: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце“ (Матеј 11:28, 29).
7. Како може еден маж да ѝ оддава чест на својата жена ако таа мора да работи световна работа?
7 Христијанскиот сопруг ѝ укажува чест на својата сопруга како на послаб сад (1. Петрово 3:7). На пример, да претпоставиме дека таа мора да работи световна работа. Тој ќе го земе тоа предвид и ќе биде колку што е можно поуслужлив и пообѕирен. Еден од главните фактори коишто жените ги навеле како причина за развод е занемарувањето на децата или домот од страна на сопругот. Затоа, христијанскиот сопруг ќе сака да ѝ биде од помош дома, на смисловни начини кои му користат на целото семејство.
8. Што бара подложноста од христијанските сопруги?
8 Ако со христијанските сопруги се постапува со почит, ќе им биде полесно да бидат подложни на своите сопрузи. Но, тоа не значи подмолно ропство. Бог не одлучил сопругата да биде роб, туку „помошник“ (дополнување, НС, фуснота), кое означува нешто соодветно на мажот (1. Мојсеева 2:18). Во Малахија 2:14, за жената се зборува како за „помошничка [партнерка, НС]“ на мажот. Како такви, сопругите во библиски времиња уживале значителна слобода. За ‚добродетелната жена‘ Библијата вели: „Срцето на мажот нејзин е убедено во неа“. Навистина, нејзе ѝ биле доверувани такви работи како што е водење на домаќинството, надгледување на набавката на храна, склучување на зделки околу недвижности и водење на мал занает (Изреки 31:10-31).
9. а) Како покажувале вистинска подложност богобојазливите жени во библиски времиња? б) Што може денес да ѝ помогне на христијанската сопруга да остане подложна?
9 Меѓутоа, богобојазливата сопруга го признавала авторитетот на својот сопруг. На пример, Сара ‚го слушала Авраама, нарекувајќи го господар‘, но не како учтива формалност, туку искрено ја одразувала својата подложност (1. Петрово 3:6; 1. Мојсеева 18:12). Исто така спремно го оставила зад себе својот удобен дом во градот Ур за да престојува во шатори со својот сопруг (Евреите 11:8, 9). Но подложноста не значела дека сопругата не смеела да преземе одговорна акција кога тоа било неопходно. Кога Мојсеј пропуштил да се потчини на Божјиот закон за обрежување, неговата сопруга, Сепфора, ја спречила несреќата така што дејствувала одлучно (2. Мојсеева 4:24-26). Се работи за нешто повеќе отколку да му се угоди на несовршен човек. Сопругите мораат ‚да им се покоруваат на мажите свои, како на Господа‘ (Ефесјаните 5:22). Кога една христијанка размислува за својот однос со Бог, тоа ѝ помага да ги превидува помалите грешки и недостатоци кај својот сопруг, исто како што треба и тој да постапува со неа.
Комуникацијата — животна крв на еден брак
10. Колку е важна комуникацијата за еден брак?
10 Кога бил запрашан која била најголемата причина поради која двојките се разделуваат, еден адвокат за разводи одговорил: „Неспособноста да зборуваат отворено еден со друг, да ги искажуваат чувствата и да постапуваат меѓусебно како со свој најдобар пријател“. Да, комуникацијата ја претставува животната крв на еден стабилен брак. Како што вели Библијата, „без советување намерите се растураат“ (Изреки 15:22). Сопрузите и сопругите треба да бидат ‚[доверливи, НС] пријатели‘, да уживаат срдечен, присен однос (Изреки 2:17). Па сепак, многу двојки се млитави кога станува збор за комуникацијата, а така се насобира огорченост сѐ додека не се случи да избувне ерупција на разорен гнев. Или пак, брачните партнери може да се кријат зад тенката глазура на учтивост, а емоционално да се дистанцираат еден од друг.
11. Како може да се подобри комуникацијата помеѓу сопругот и сопругата?
11 Се чини дека проблемот е делумно во тоа што мажите и жените честопати имаат различни стилови на комуникација. Повеќето жени се задоволни кога дискутираат за чувства, додека мажите воглавно претпочитаат да дискутираат за факти. Жените се посклони да покажуваат сочувство и да даваат емоционална поддршка, додека мажите тежнеат да бараат и да нудат решенија. Сепак, можноста за добра комуникација постои кога обата партнера се одлучни да бидат ‚брзи во слушањето, а спори во зборувањето, и бавни на гнев‘ (Јаков 1:19). Воспостави контакт со очите и навистина посвети внимание. Со помош на обмислени прашања помогни му на другиот да се изјасни. (Спореди 1. Царства 1:8; Изреки 20:5.) Наместо да се обидуваш брзо да понудиш решение кога твојот брачен другар ќе ти открие некој проблем, слушај внимателно и работи на тоа да се решат работите. И понизно молете се заедно, барајќи божествено водство (Псалм 64:2; Римјаните 12:12).
12. Како можат брачните другари да си откупат време еден за друг?
12 Понекогаш се чини дека стресовите и напнатостите на животот им оставаат на брачните другари малку време и енергија за смисловен разговор. Меѓутоа, ако христијаните сакаат да го одржат својот брак чесен и да го заштитат од извалканост, мораат да останат блиски меѓу себе. Нивната заедница треба да ја сметаат за нешто скапоцено, вредно, и мораат да си одвојат време за тоа и еден за друг. (Спореди Колосјаните 4:5.) Во некои случаи, решението да се најде време за здрав разговор може да биде толку едноставно — треба само да се исклучи ТВ-то. Ако редовно седнуваат заедно да се напијат чај или кафе, тоа може да им помогне на брачните партнери емотивно да ја одржуваат комуникацијата. Во таквите прилики можат да ‚се советуваат‘ за разни семејни работи (Изреки 13:10). И колку е мудро да се развие навиката да се разговара за ситните раздразнетости и недоразбирања, пред тие да станат големи извори на напнатости! (Спореди Матеј 5:23, 24; Ефесјаните 4:26.)
13. а) Каков пример дал Исус во поглед на отвореноста и чесноста? б) Кои се некои од начините на кои брачните другари можат да се зближат?
13 Еден маж признал: „Честопати ми е тешко вистински да се отворам и навистина да ѝ кажам [на сопругата] како точно се чувствувам“. Сепак, самоотворањето е важен клуч за развивање на блискост. Забележи колку отворен и искрен бил Исус со идните членови на класата на неговата невеста. Тој рекол: „Не ве наречувам веќе слуги, зашто слугата не знае што работи господарот; туку ве нареков пријатели, оти ви кажав сѐ што сум чул од Мојот Отец“ (Јован 15:15). Затоа, сметај го својот брачен другар за пријател. Доверувај му ги своите чувства. Напрегај се да изразуваш едноставни, искрени „милувања [изрази на наклоност, НС]“ (Песна над песните 1:1). Отворената комуникација повремено може да изгледа непријатна, но кога обата брачни другари вложуваат соодветен напор, ќе се постигне многу за нивниот брак да се направи трајна заедница.
Решавање на неслагањата
14, 15. Како може да се избегне кавгата?
14 Одвреме навреме сигурно ќе се појавуваат вистински несогласици. Но, твојот дом не треба да се претвори во ‚куќа полна со раздор‘ (Изреки 17:1). Внимавај да не дискутираш за осетливи работи кога децата би можеле да слушнат, и покажувај обѕирност кон чувствата на брачниот другар. Кога Рахил изразила жалост поради својата јаловост и го замолила Јаков да ѝ даде деца, тој гневно одговорил: „Зар јас сум тој, а не Бог, што не ти дал плод на утробата?“ (1. Мојсеева 30:1, 2). Ако се појават домашни тешкотии, нафрли се врз проблемот, а не врз партнерот. За време на приватен разговор, избегнувај да ‚зборуваш празнословно [непромислено, НС]‘ или непотребно да се прекинувате еден со друг (Изреки 12:18).
15 Вистина, можеби имаш силни чувства во врска со твоето гледиште, но може да се изразиш без „огорчение и јарост, гнев, викање и хулење“ (Ефесјаните 4:31). „Разговарајте за вашите проблеми со нормален глас“, вели еден сопруг. „Ако едниот од вас го крене гласот, прекинете. Вратете се по некое време. Почнете одново.“ Изреки 17:14 го дава овој добар совет: „Отстапи од караницата пред да се разгори“. Обидете се повторно да дискутирате за работите откако обајцата сте се оладиле.
Останете верни еден на друг
16. Зошто прељубата е толку сериозна работа?
16 Во Евреите 13:4 стои: „Бракот на сите треба да е чесен, и брачното легло — чисто; а блудниците и прељубниците ќе ги суди Бог“. Прељубата е грев против Бог. Таа исто така го уништува бракот (1. Мојсеева 39:9). Еден брачен советник пишува: „Штом еднаш е откриена, прељубата го погодува семејството како некој огромен оркан, ги уништува домовите, ги разбива довербата и самопочитувањето, им наштетува на младите“. Исто така, тоа може да доведе до бременост или сексуално преносливи болести.
17. Како можат да се избегнат или отфрлат склоностите кон прељуба?
17 Некои луѓе негуваат прељубнички склоности така што го впиваат световното расипано гледиште за сексот како што е опишано во книгите, на телевизија и во филмовите (Галатјаните 6:8). Сепак, истражувачите велат дека до прељуба обично доаѓа не само од желбата за секс туку и од наводната потреба некој да се докаже дека сѐ уште е привлечен, или од желбата да се чувствува сакан. (Спореди Изреки 7:18.) Без разлика која е причината, христијанинот мора да ги отфрла неморалните фантазии. Искрено разговарај за твоите чувства со брачниот другар. Ако е неопходно, барај помош од собраниските старешини. На тој начин ќе можеш многу добро да се заштитиш да не западнеш во грев. Освен тоа, христијаните треба да бидат претпазливи кога имаат работа со припадници од спротивниот пол. Би било спротивно на библиските начела да бидеш венчан со едно лице, а да гледаш со страст на друго (Јов 31:1; Матеј 5:28). Христијаните треба особено да внимаваат да не развиваат емоционални врски со колегите на работното место. Одржувај ги таквите односи срдечни, но деловни.
18. Што е честопати коренот на сексуалните проблеми во бракот, и како можат тие да се решат?
18 Една уште поголема заштита е срдечниот, отворен однос со својот брачен другар. Многу истражувачи велат дека сексуалните проблеми во бракот ретко се од физичка природа, туку обично се нуспродукти на скудната комуникација. Проблемите во таа смисла се ретки кога двојката отворено комуницира и ја врши брачната должност како израз на љубов, а не од обврска.a Под вакви исправни околности, интимните односи можат да служат за зајакнување на брачната врска (1. Коринтјаните 7:2-5; 10:24).
19. Што е „совршена врска на единство“, и какво влијание може да има врз бракот?
19 Љубовта е „совршена врска на единство“ (НС) во христијанското собрание. Ако негува љубов, побожната брачна двојка може да ‚се трпат еден со друг и да си проштаваат‘ (Колосјаните 3:13, 14). Начелната љубов е заинтересирана за доброто на другите (1. Коринтјаните 13:4-8). Негувајте таква љубов. Тоа ќе ви помогне да ја зајакнете брачната врска. Применувајте ги библиските начела во својот брачен живот. Ако го правите тоа, вашиот брак ќе се покаже како трајна заедница и ќе му донесе фалба и чест на Јехова Бог.
[Фуснота]
a Статијата „Комуникацијата — повеќе отколку само да се зборува“, што излезе во Стражарска кула од 1. август 1993, покажа како можат двојките да ги надминат проблемите на ова подрачје.
Како би одговорил?
◻ Зошто бракот треба да биде трајна врска?
◻ Кое е библиското гледиште за поглаварството и подложноста?
◻ Како можат брачните двојки да ја подобрат комуникацијата?
◻ Како можат двојките да ги решаваат несогласиците на христијански начин?
◻ Што ќе помогне да се зајакне брачната врска?
[Слика на страница 12]
Ако неговата сопруга мора да работи световна работа, христијанскиот сопруг нема да ѝ дозволи да биде преоптоварена