ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w94 15/7 стр. 28-30
  • Колку е точен еврејскиот календар?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Колку е точен еврејскиот календар?
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Утврдување на почетната точка
  • „Ера на создавањето“
  • Темел за хронологијата
  • Традиции и толкувања
  • Религиозни остатоци
  • Јудаизам — потрага по Бог преку Писмо и традиција
    Потрагата на човештвото по Бог
  • Како пророштвото на Даниел го претскажува доаѓањето на Месијата
    Што навистина учи Библијата?
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
w94 15/7 стр. 28-30

Колку е точен еврејскиот календар?

СПОРЕД еврејскиот календар, четврток, 16. септември 1993 беше празникот на Рош Хашанах. Според традицијата тогаш се огласувал шофарот, односно трубата од овнешки рог, за да го објави доаѓањето на новата година. Таа година е 5754 (еврејски каклендар), и се протега од 16. септември 1993 до 5. септември 1994.

Веднаш забележуваме дека помеѓу еврејското сметање на времето и Западниот, односно Грегоријански, календар кој сега е во општа употреба, постои разлика од 3.760 години. Зошто постои оваа разлика? И, колку е точен еврејскиот календар?

Утврдување на почетната точка

Било кој систем на сметање на времето мора да има една специфична појдовна или конвенционална точка. На пример, христијанството го смета времето од годината во која се мисли дека бил роден Исус Христос. За датумите од тоа време наваму се вели дека припаѓаат на христијанската ера. Тие често се означени со ознаката A.D., од латинското Anno Domini, што значи „лето Господово“. Датумите пред тоа време се означуваат со пр. Хр., „Пред Христос“.a Традиционалните Кинези слично го сметаат времето, од 2698 пр. н. е, почетокот на владеењето на легендарниот Хуанг-Ти, Жолтиот Император. Така, 10. февруари 1994, го означил почетокот на кинеската лунарна година 4692. Но, што е со еврејскиот календар?

The Jewish Encyclopedia наведува: „Кај Евреите, сегашната вообичаена метода за бележење на датумот на некој настан, е да се наведе бројот на годините кои поминале од создавањето на светот“. Овој систем, познат меѓу Евреите како Ера на создавањето, влегол во општа употреба околу деветиот век н. е.. Така, датумите во еврејскиот календар обично се означени со ознаката А.М. Тоа значи anno mundi, кое е скратена форма од ab creatione mundi, со значење „од создавањето на светот“. Бидејќи, според овој систем на сметање на времето, сегашнава година е A.M. 5754 „создавањето на светот“ се одвивало пред 5.753 години. Да видиме како е одредено тоа време.

„Ера на создавањето“

Encyclopaedia Judaica (1971) го дава ова објаснување: „Во различни рабински пресметувања ‚Ерата на создавањето‘ започнала во есен, во една од годините помеѓу 3762 и 3758 пр. н. е. Меѓутоа, од XII век н. е. почнало да се прифаќа дека ‚Ерата на создавањето‘ започнала во 3761 пр. н. е. (поточно, на 7. октомври истата година). Ова пресметување се темели на складноста помеѓу хронолошките елементи прикажани во Библијата и пресметувањата кои се најдени во раната еврејска постбиблиска книжевност“.

Системот на датирање од „создавањето на светот“ воглавно се темели на рабинските интерпретации на библискиот запис. Поради нивното верување дека светот, и сѐ што е на него, бил создаден за шест дословни дена од по 24 часа, рабинските научници, како и оние на т. н. христијанство, претпоставуваат дека создавањето на првиот човек, Адам, се случило во истата година како и создавањето на светот. Меѓутоа, ова воопшто не е точно.

Првото поглавје на 1. Мојсеева почнува со зборовите: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“. Потоа продолжува да објаснува што создал Бог во шест последователни „дена“, за Земјата да ја претвори од „безоблична и празна“ во прикладно живеалиште за луѓето (1. Мојсеева 1:1, 2). Помеѓу овие две етапи можеби поминале милиони години. Освен тоа, деновите на создавање не биле периоди од по 24 часа, како делувањата на Творецот да биле ограничени со такви граници. Дека изразот „ден“ во овој контекст може да биде подолг од 24 часа, се гледа од 1. Мојсеева 2:4 [НС], каде за сите периоди на создавање зборува како за еден „ден“. Поминале многу илјадници години помеѓу првиот и шестиот ден на создавање, кога бил создаден Адам. Ставањето на датумот на создавање на Адам во исто време со создавањето на материјалното небо и Земја не е ниту библиско, ниту научно. Сепак, како било одредено дека „Ерата на создавање“ почнала во 3761 пр. н. е.?

Темел за хронологијата

За жал, поголемиот дел од еврејската литература, на која се темелеле пресметувањата врз база на кои се вршело разгледување, повеќе не постои. Она што останало е хронолошкото дело, првобитно наречено Седер олам (Поредокот на светот). Тоа му се припишува на талмудскиот научник Јосе бен Халафта од вториот век н. е. Ова дело (подоцна наречено Седер олам раба, не е исто што и средновековната хроника насловена Седер олам зута) дава хронолошка историја од Адам до Еврејската побуна против Рим во вториот век н. е., под водство на лажниот месија — Бар Кокба. Како дошол писателот до вакви информации?

Додека Јосе бен Халафта се трудел да го следи библискиот извештај, тој придодал некои свои толкувања, каде што текстот не бил јасен во однос на датумите кои се спомнувале. „Во многу случаи, . . . тој ги дал датумите според традицијата, и ги вметнал, и покрај изреките и халакот [обичаите] на претходните рабини и неговите современици“, вели The Jewish Encyclopedia. Другите се помалку внимателни во своите проценки. The Book of Jewish Knowledge (Книгата на еврејското спознание) тврди: „Тој сметал од Ерата на создавањето, па според тоа, препишал нереални датуми за различни еврејски случки, за кои се претпоставува дека се одиграле од Адам, првиот човек, до Александар Велики“. Но, како всушност влијаеле ваквите интерпретации и вметнувања врз точноста и автентичноста на еврејската хронологија? Да видиме.

Традиции и толкувања

Во склад со рабинската традиција, Јосе бен Халафта пресметал дека вториот храм во Ерусалим постоел вкупно 420 години. Ова се темелело на рабинското толкување на Данииловото пророштво за „седумдесет недели“, или 490 години (Даниил 9:24). Овој временски период се однесува на времето помеѓу уништувањето на првиот храм и опустошувањето на вториот. Земајќи ги предвид 70-те години на Вавилонското прогонство, Јосе бен Халафта дошол до заклучок дека вториот храм постоел 420 години.

Меѓутоа, ова толкување запаѓа во сериозен проблем. И двете години, и годината на падот на Вавилон (539 пр. н. е.) и онаа на уништувањето на вториот храм (70 н. е.), се познати историски датуми. Оттука, периодот на постоењето на вториот храм попрво би изнесувал 606 години отколку 420. Определувајќи му на овој период само 420 години, еврејската хронологија промашува во пресметките за 186 години.

Данииловото пророштво не се однесува на тоа колку долго ќе постои храмот во Ерусалим, туку го претскажува времето кога ќе се појави Месијата. Пророштвото јасно покажува дека „од времето кога излезе законот за обновувањето на Ерусалим, до Христа Владиката [Месијата Водачот НС] се седум седмици и шеесет и две седмици“ (Даниил 9:25, 26). Бидејќи темелот на храмот бил поставен во втората година по враќањето на Евреите од прогонство (536 пр. н. е.), „законот“ за обновување на градот Ерусалим не излегол, сѐ до „дваесеттата година од царувањето на Артаксеркса“ (Неемија 2:1-8). Точната световна историја ја утврдува 455 пр. н. е. како таа година. Ако додадеме 69 „недели“ или 483 години, доаѓаме до 29 н. е.. Тоа било времето кога, со крштевањето на Исус, се појавил Месијата.b

Друг пример на рабинско толкување, кое резултирало со големо несогласување во еврејската хронологија, се однесува на времето на Авраамовото раѓање. Рабините ги собрале годините на последователните генерации забележани во 1. Мојсеева 11:10-26, и на периодот од потопот до раѓањето на Авраам (Аврам) му одредиле 292 години. Меѓутоа, проблемот лежи во рабинското толкување на 26 стих, кој вели: „Тара поживе седумдесет години и го роди Авраама, Нахора и Арана“. Еврејското предание заклучува од ова дека Тара имал 70 години кога се родил Аврам. Сепак, стихот не прецизира дека Тара му станал татко на Авраам на 70 години. Наместо тоа, овој стих едноставно вели дека тој станал татко на три сина после 70 годишна возраст.

За да ја најдеме точната старост на Тара кога му се родил Авраам, потребно е само да читаме понатаму во библискиот извештај. Од 1. Мојсеева 11:32–12:4, дознаваме дека по смртта на Тара, на старост од 205 години, Авраам и неговото семејство го напуштиле Харан, по наредба на Јехова. Во тоа време Авраам имал 75 години. Оттука произлегува дека Авраам бил роден кога Тара бил стар 130 години, а не 70. Според тоа, периодот од потопот до раѓањето на Авраам изнесувал 352 години, а не 292. Овде еврејската хронологија греши за 60 години.

Религиозни остатоци

Ваквите грешки и несогласувања во Седер олам раба и другите талмудски хронолошки дела предизвикале голема збунетост и многу дискусии помеѓу еврејските научници. Иако биле направени бројни обиди оваа хронологија да се усклади со познатите историски факти, тие не успеале во потполност. Зошто не? „Нивниот интерес не бил толку многу академски колку што бил религиозен“, забележува Encyclopaedia Judaica. „По секоја цена требало да се поддржува традицијата, особено против отпадничките секташи.“ Наместо да ја отстранат збрката што била предизвикана поради нивните традиции, некои еврејски научници се обидувале да ги отфрлат библиските извештаи. Други се обиделе да најдат поткрепа во вавилонските, египетските и хиндуистичките легенди и традиции.

Како последица на тоа, историчарите повеќе не ја сметаат „Ерата на создавањето“ за доверливо хронолошко дело. Малкумина еврејски научници би се обиделе да ја бранат, а дури такви авторитетни научни дела како што се The Jewish Encyclopedia и Encyclopaedia Judaica имаат воглавно негативен став во врска со неа. Оттука, традиционалната еврејска метода за сметање на времето од создавањето на светот, не може да се гледа како прецизна од аспект на библиската хронологија — откриениот пророчки временски план на Јехова Бог.

[Фусноти]

a И библиските и историските докази укажуваат на раѓањето на Исус Христос во 2 пр. н. е.. Заради точност, многумина претпочитаат да ги користат ознаките н. е. (наша ера) и пр. н. е. (пред нашата ера), и, ова е начинот на кој се означуваат датумите во изданијата на Watch Tower Society.

b За поподробни информации види во Insight on the Scriptures, (Увид во Писмото) том 2, страници 614-616, 900-902, издадена од Watchtower Bible and Tract Society, Њујорк, или All Scripture Is Inspired of God and Beneficial, (Сето Писмо е од Бог инспирирано и корисно) Студија број 3, пасус 18; исто и wMC 1.10.1992, стр. 11, пас. 8-11.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели