Зошто Јеховините сведоци продолжуваат да ме посетуваат?
‚ЕВЕ ги пак! Ама беа овде пред неколку недели!‘ Дали ти поминуваат низ главата вакви мисли кога ќе те посети некој Јеховин сведок? Милиони луѓе денес се редовно посетувани од страна на Јеховините сведоци. Можеби се прашуваш, зошто се толку упорни кога знаат дека повеќето луѓе имаат своја религија или, пак, не се заинтересирани? Тоа прашање заслужува одговор.
Одговорност пред Бог
Јеховините сведоци научиле од Светото писмо дека од 1914, кога започнала I Светска војна, светските настани ги исполнуваат библиските пророштва во врска со крајот на сегашниов светски систем и со претстојното владеење на Божјето Царство над Земјата. По скоро еден век насилство, крвопролевање и омраза, се чини дека човештвото, како никогаш досега, е далеку од политичко решавање на неговите проблеми. Војните и тероризмот, кои сѐ уште го измачуваат човечкото семејство, се доказ дека човечките влади не успеале да ги променат срцата, умовите и ставовите на луѓето. Вкоренетата огорченост од настаните што се случиле во минатото сѐ уште ги расипува односите меѓу некои етнички, расни и религиозни групи. Тоа е случај во места што се оддалечени едно од друго како Авганистан, Блискиот Исток, Индија, поранешна Југославија, Јужна Африка и Северна Ирска. Тогаш, кое е единственото трајно решение?
Што ги мотивира Сведоците?
Јеховините сведоци сфаќаат дека Божјето решение — а тоа е ветената влада на Царството под Исус Христос — е единствениот траен одговор. Дури и во својата позната пример––молитва, Исус го вклучил барањето за тоа Царство: „Туку молете се вака: Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата“. Сведоците веруваат дека оваа молитва навистина бара Бог да се вмеша во работите на човештвото (Матеј 6:9, 10).
Тогаш, зошто Јеховините сведоци сметаат дека е потребно постојано да се оди од куќа до куќа во обид да се пренесе таа порака? Поради двете заповеди што Исус ги нагласил: „,Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум; тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: Возљуби го својот ближен како себеси!‘“ (Матеј 22:37-39).
Сведоците го посакуваат Божјиот благослов за себе, а, бидејќи ги љубат своите ближни, им го посакуваат и ним. Така, следејќи го Исусовиот пример, тие се чувствуваат поттикнати од несебична љубов да ги посетуваат. Сакаат барем да им ја дадат приликата да се запознаат со она што „среќниот Бог“ му го ветил на послушното човештво на исчистената Земја (1. Тимотеј 1:11, НС; 2. Петрово 3:13).
Христијанскиот мисионер Павле верувал во Божјите ветувања, па затоа можел да напише: „Павле, слуга Божји и апостол на Исуса Христа за верата на Божјите избраници и за познавање на вистината во побожноста, со надеж за вечен живот, што го вети вечниот Бог, Кој не лаже — пред вечни времиња“. Да, Бог, „Кој не лаже“, ‚ветил‘ вечен живот за оние кои понизно сакаат да го запознаат и да му служат (Тит 1:1, 2; Софонија 2:3).
Дали се Сведоците платени?
Понекогаш некои тврдат дека Сведоците се платени за нивната служба. Ова тврдење е далеку од вистината! Сведоците ги сфатиле сериозно Павловите зборови до собранието во Коринт: „Ние не го изопачуваме [не сме праматари со, НС] словото Божјо, како мнозина, а го проповедаме искрено, како од Бога, пред Бога, во Христа“ (2. Коринтјаните 2:17).
Некои религиозни водачи проповедаат за пари, било да е тоа плата за религиозните служби или приход од рекламирање на комерцијални потфати при своите ТВ-проповеди. Повеќето религии имаат свое платено свештенство.
За разлика од нив, Сведоците немаат платено свештенство, а честопати нивната библиска литература им се нуди бесплатно на искрените трагачи по вистината, иако многумина од нив се мотивирани да дадат доброволни донации. Тие донации се користат за надоместување на трошоците на ова светско проповедничко дело. Во согласност со Исусовиот совет: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте!“, Сведоците доброволно ги трошат своите парични средства, како и времето и енергијата, за секоја година да посветат милиони часови во Божјата служба. Така, тие ги поучуваат заинтересираните луѓе преку проповедање од куќа до куќа, како и преку водење на домашни библиски студии (Матеј 10:8; 28:19, 20; Дела 20:19, 20).
Фактите покажуваат дека парите не се мотив ни за Јеховините сведоци како поединци, ни за нивните локални собранија, ниту за Watch Tower Society. Никому не му е платено за да оди од куќа до куќа. Тогаш, како се финансира делото? Со доброволни прилози од страна на луѓето кои го ценат делото ширум светот. Никогаш не биле собирани прилози.
Влијанието на нивното сведочење
Дали службата од куќа до куќа и неформалното проповедање на Сведоците ѝ се познати на јавноста? Доказите во медиумите на тоа прашање одговараат со гласно „да“. Јеховините сведоци се спомнуваат во ТВ програми и филмови кога има сцени како некој чука на врата. Сведоците се споменати и во стрипови. Нивната ревна активност е толку добро позната што цртачите на стрипови ширум светот напати ги споменуваат Јеховините сведоци. Овие стрипови можеби изгледаат сатирично, но обично се темелат на позитивниот фундаментален факт, а тоа е дека Сведоците се познати по нивното истрајно проповедање од куќа до куќа (Дела 20:20).
Во еден неодамнешен стрип, еден човек се качува на планина за да се консултира со некој „гуру“. Тој вели: „Кажи ми за чудесните работи што треба да дојдат!“ Како му одговара тој „гуру“? „Да видиме . . . Ќе има глад, болести и земјотреси. Сонцето ќе премине во темнина, а месечината во крв“. Посетителот прашува: „А што е добра вест?“ „Гуру“ на тоа одговара: „Бог ќе ја избрише секоја солза . . . и повеќе нема да има смрт, ниту жалост, ниту болка!“ Посетителот пак прашува: „Од каде ги знаеш овие работи?“ Одговорот? „Никој не може да им се провлече на Јеховините сведоци!“ А тоа мора да било случај и со самиот цртач на стрипот!
Значењето на овој стрип, како и на другите слични на него, е во тоа што ја открива не само постојаноста на посетите на Сведоците туку и содржината на нивната порака. Само со неколку збора, уметникот го изнел главниот дел од нивното сведочење од куќа до куќа, како и стиховите што тие ги цитираат. (Спореди Матеј 24:7, 29; Откровение 21:3, 4.)
Фактот што повеќето луѓе ја одбиваат нивната порака не ги обесхрабрува Сведоците, ниту ја намалува нивната ревност. Апостол Петар предупредил: „Знајте го тоа дека во последните дни ќе се јават подигрувачи, кои ќе живеат според своите желби и ќе велат: ‚Каде е ветувањето на Неговото доаѓање? Оти, откако татковците наши изумреа, сѐ си стои така, како од созданието на светот‘“. И покрај тоа, мотивирани од љубов, Сведоците продолжуваат да ги посетуваат своите ближни и ќе го прават тоа сѐ додека Бог не му стави крај на сегашниов расипан систем (2. Петрово 3:3, 4).
Исус рекол дека во последните денови, прво ќе мора да се проповеда добрата вест. За натамошни објаснувања, зошто и како, види ги следните две статии (Марко 13:10).
[Слики на страница 9]
Јеховините сведоци немаат платена свештеничка класа — сите тие се доброволни слуги