Земете ги како пример Божјите пророци
„Браќа, како пример на страдања и долготрпенија земете ги пророците, што зборуваа во името Господово“ (ЈАКОВ 5:10).
1. Што им помага на Јеховините слуги да бидат радосни дури и кога се прогонувани?
ЈЕХОВИНИТЕ слуги зрачат од радост и покрај темнината што во овие последни денови го опфаќа светот. Тоа е така затоа што тие знаат дека му угодуваат на Бога. Сведоците на Јехова исто така истрајуваат и покрај прогонството и противењето на нивната служба, затоа што сфаќаат дека страдаат заради праведноста. Исус Христос им рекол на своите следбеници: „Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонат и кога ќе говорат против вас секакви лоши зборови лажно — заради Мене! Радујте се и веселете се зашто голема е вашата награда на небесата! Така ги гонеа и пророците што беа пред вас“ (Матеј 5:10-12). Навистина, кога и да се соочувале со испити на верата, Божјите слуги тоа го сметале за радост (Јаков 1:2, 3).
2. Според Јаков 5:10, што може да ни помогне да покажуваме стрпливост?
2 Ученикот Јаков напишал: „Браќа, како пример на страдања и долготрпенија земете ги пророците, што зборуваа во името Господово“ (Јаков 5:10). Грчкиот збор што овде е преведен со „пример“ (хипо́деигма), В. Ф. Арнт (W. F. Arndt) и Ф. В. Гингрич (F. W. Gingrich) го дефинираат како „пример, модел, мостра, во позитивна смисла како нешто што го поттикнува или што треба да го поттикне човека да имитира“. Како што е покажано во Јован 13:15, „тоа е повеќе од пример. Тоа е јасен прототип“ (Theological Dictionary of the New Testament — Теолошкиот речник на Новиот завет). Затоа, денешните Јеховини слуги можат да ги земат неговите верни пророци како пример во поглед на ‚долготрпението‘ и ‚страдањето‘. Што уште можеме да откриеме кога ги проучуваме нивните животи? И како може тоа да ни помогне во нашата проповедничка активност?
Тие страдале
3, 4. Како реагирал пророкот Амос на противењето од Амасиј?
3 Јеховините пророци често трпеле зло или малтретирање. На пример, во деветтиот век пр. н. е., свештеникот Амасиј, обожавател на теле, злобно му се спротивставил на пророкот Амос. Амасиј лажно тврдел дека Амос, со тоа што пророкувал дека царот ќе умре од меч и дека Израел ќе отиде во изгнанство, кове завера против Јеровоам II. Амасиј презриво му рекол на Амос: „Јасновидецу, оди и насели се во земјата Јудина; таму јади леб и таму пророкувај, а во Ветил не пророкувај веќе, оти тој е светиња царева и е царски дом“. Без да се уплаши од овој вербален напад, Амос одговорил: „Јас не сум пророк и не сум син на пророк; бев пастир и собирав диви смокви. Но Господ ме зеде од овците и ми рече: оди, пророкувај при мојот народ Израилот“ (Амос 7:10-15).
4 Јеховиниот дух го овластил Амоса да пророкува храбро. Замисли си ја реакцијата на Амасиј кога Амос рекол: „А сега ислушај го словото Господово. Ти велиш: не пророкувај против Израилот и не кажувај зборови против домот Исаков. Затоа, еве, што вели Господ: жената твоја ќе биде обесчестена во градот, синовите твои и ќерките твои ќе паднат од меч, земјата твоја ќе биде разделена со мерна врвка, ти ќе умреш во нечиста земја, а Израилот ќе биде одведен од земјата своја“. Пророштвото навистина се исполнило (Амос 7:16, 17). Колку мора да бил шокиран отпадникот Амасиј!
5. Каква паралела може да се повлече помеѓу ситуацијата на Јеховините современи слуги и онаа на пророкот Амос?
5 Слична е ситуацијата и со денешниот Јеховин народ. Ние трпиме зло како оние кои објавуваат Божји пораки, а многу луѓе презриво зборуваат за нашата проповедничка активност. Вистина, нашето овластување да проповедаме не потекнува од некаков теолошки семинар. Напротив, Јеховиниот свет дух нѐ поттикнува да ја објавуваме добрата вест за Царството. Ние ниту ја менуваме ниту ја разводнуваме Божјата порака. Напротив, како Амос, послушно ја објавуваме без разлика како ќе реагираат нашите слушатели (2. Коринтјаните 2:15-17).
Покажувале стрпливост
6, 7. а) Што го карактеризирало пророкувањето на Исаија? б) На кој начин денешните Јеховини слуги постапуваат како Исаија?
6 Божјите пророци покажувале стрпливост. На пример, стрпливост покажал Исаија, кој служел како Јеховин пророк во осмиот век пр. н. е. Бог му рекол: „Оди и кажи му на тој народ: ‚[секогаш одново, НС] со ушите ќе чуете и нема да разберете, и со очи ќе гледате — и нема да видите.‘ Зашто срцето на тој народ е закоравено, и со ушите тешко слушаат и ги затвориле очите свои за да не гледаат со очи, со уши да чујат и со срце да разберат, та да се обрнат да ги излекувам“ (Исаија 6:9, 10). Луѓето навистина реагирале така. Но, дали ова го натерало Исаија да замолкне? Не. Напротив, тој стрпливо и ревносно ги објавувал Јеховините пораки на предупредување. Хебрејската структура на штотуку наведените Божји зборови ја поддржува мислата за „долготрајност“ на објавите на пророкот, коишто луѓето ги слушале „секогаш одново“ (Gesenius’ Hebrew Grammar — Гезениусова хебрејска граматика).
7 Денес многумина реагираат на добрата вест исто онака како што реагирале луѓето на Јеховините зборови соопштени преку Исаија. Меѓутоа, како тој верен пророк, и ние ја повторуваме пораката за Царството „секогаш одново“. Тоа го правиме со ревност и стрплива истрајност, бидејќи тоа е Јеховина волја.
„Направија така“
8, 9. На кои начини Јеховиниот пророк Мојсеј претставува извонреден пример?
8 Пророкот Мојсеј бил примерен во стрпливоста и послушноста. Решил да заземе став за поробените Израелци, но морал стрпливо да го чека времето на нивното ослободување. Потоа, 40 години живеел во Мадијам, сѐ додека Бог не го употребил да го изведе Израелскиот народ од ропство. Кога Мојсеј и неговиот брат Арон биле пред египетскиот владетел, тие послушно кажале и направиле онака како што Бог им заповедал. Навистина ‚направиле така‘ (2. Мојсеева 7:1-6; Евреите 11:24-29).
9 Мојсеј стрпливо ги поднел 40-те сурови години што Израел ги поминал во пустината. Послушно го следел божественото водство и при градењето на Израеловиот шатор за обожавање и при правењето на други работи што се користеле во Јеховиното обожавање. Пророкот толку тесно ги следел Божјите упатства, што читаме: „И направи Мојсеј сѐ, како што му заповеда Господ, така направи“ (2. Мојсеева 40:16). Додека ја извршуваме нашата служба во заедница со Јеховината организација, да се потсетуваме на Мојсеевата послушност и да го применуваме советот на апостол Павле — да ‚им бидеме послушни на оние кои го преземаат водството меѓу нас‘ (Евреите 13:17, НС).
Имале позитивен став
10, 11. а) Што покажува дека пророкот Осија имал позитивен став? б) Како можеме да задржиме позитивен став кога им приоѓаме на луѓето на нашите подрачја?
10 Пророците требало да имаат позитивен став додека ги пренесувале пораките на осуда, како и пророштвата кои ја одразувале Божјата љубезна грижа спрема оние кои биле распрснати низ Израел. Тоа важело и за Осија, кој бил пророк најмалку 59 години. На позитивен начин, тој продолжил да ги објавува Јеховините пораки и ја завршил својата пророчка книга со зборовите: „Кој е мудар, нека го разбере ова; кој е разумен нека го познае тоа. Оти патиштата Господови се прави, и праведниците ќе одат по нив, а беззакониците ќе паѓаат на нив“ (Осија 14:9). Сѐ додека Јехова ни дозволува да даваме сведоштво, нека имаме позитивен став и нека продолжиме да ги бараме оние кои мудро ја прифаќаат Божјата незаслужена доброљубивост.
11 За да ги пронајдеме ‚достојните‘, треба да истраеме и позитивно да гледаме на работите (Матеј 10:11). На пример, ако сме ги затуриле клучевите, можеме да се вратиме по истите стапки и да бараме на сите места каде што сме биле. Ќе можеме да ги најдеме само ако тоа го сториме повеќе пати. На сличен начин, да истраеме кога ги бараме лицата слични на овци. Колку се радуваме кога тие ќе одговорат на добрата вест на подрачје кое е често обработувано! И колку само се радуваме што Бог го благословува нашето дело во земјите каде што ограничувањата порано ја отежнуваа нашата јавна служба! (Галатјаните 6:10).
Извори на охрабрување
12. Кое Јоилово пророштво се исполнува во 20-от век, и како?
12 Зборовите на Јеховините пророци можат да ни бидат големо охрабрување во нашата служба. На пример, размисли за пророштвото на Јоил. Тоа содржи пораки на осуда кои биле насочени против отпадничките Израелци и другите во деветтиот век пр. н. е. Сепак, и Јоил бил инспириран да напише: „И, ете, по тоа [јас Јехова] ќе излеам од Мојот Дух врз секоја плот, и синовите ваши и ќерките ваши ќе пророкуваат; старците ваши ќе сонуваат соништа и младите ваши ќе гледаат виденија. А и врз слугите и слугинките во оние денови ќе излеам од Мојот Дух“ (Јоил 2:28, 29). Тоа се исполнило кај Исусовите следбеници од Пентакост 33. н. е. па наваму. А какво величествено исполнување на ова пророштво гледаме во овој 20. век! Денес имаме милиони кои „пророкуваат“, односно ја објавуваат Јеховината порака — од кои преку 600.000 во полновремена пионерска служба.
13, 14. Што може да им помогне на младите христијани да се радуваат во службата на подрачјето?
13 Многу објавители на Царството се млади луѓе. Ним не им е секогаш лесно да им зборуваат на постарите за Библијата. Понекогаш, на младите Јеховини слуги им велат: ‚Си го трошите времето во проповедање; подобро да се бавите со нешто друго‘. Младите Сведоци на Јехова можат тактично да одговорат дека им е жал што лицето мисли така. Еден млад проповедник на добрата вест смета дека е корисно да додаде: „Мислам дека навистина имам корист од разговарањето со постари како Вас, и навистина уживам во тоа“. Се разбира, проповедањето на добрата вест воопшто не е губење време. Во прашање се животи. Преку Јоил, Бог понатаму објавил: „Тогаш секој, што ќе го призове името Господово, ќе се спаси“ (Јоил 2:32).
14 Децата кои ги придружуваат своите родители во активноста на проповедање на Царството, радо ја примаат родителската помош при поставувањето лични цели. Чекор по чекор, таквите младинци напредуваат од читање на некој библиски стих па до објаснување на нивната библиски темелена надеж и нудење на соодветна литература на заинтересираните. Додека го гледаат својот сопствен напредок и Јеховиниот благослов, младите објавители на Царството наоѓаат голема радост во проповедањето на добрата вест (Псалм 110:3, НС; 148:12, 13).
Ревност и став на чекање
15. Како може примерот на Језекиил да ни помогне да ја разгориме нашата ревност за делото на проповедање на Царството?
15 Божјите пророци биле исто така примерни во покажувањето како ревност така и став на чекање — обележја кои ни се потребни во нашата денешна служба. Кога најпрво сме ја научиле вистината од Божјата Реч, веројатно сме гореле од ревност која нѐ терала да зборуваме храбро. Но, можеби оттогаш поминале години, и можеби често сме го обработувале нашето подрачје за сведочење. Можеби сега помалку луѓе ја прифаќаат пораката за Царството. Дали тоа ја намалило нашата ревност? Ако да, размисли за пророкот Језекиил, чиешто име значи „Бог зајакнува“. Иако во древниот Израел Језекиил се соочувал со тврдоглави луѓе, Бог го зајакнал и на симболичен начин му го направил челото потврдо од кремен. Така, Језекиил бил во состојба да ја врши својата служба многу, многу години, сеедно дали луѓето слушале или не. Неговиот пример покажува дека и ние можеме да го сториме истото, а тоа може да ни помогне да ја разгориме нашата ревност за делото на проповедање (Језекиил 3:8, 9; 2. Тимотеј 4:5).
16. Кој став на Михеј треба да го негуваме?
16 Истакнат по својата стрпливост бил Михеј, кој пророкувал во осмиот век пр. н. е. „Јас, пак,“, пишувал тој, „гледам кон Господа, и за моето спасение ќе се надевам на Бога [ќе покажам став на чекање за Богот на моето спасение, НС]; мојот Бог ќе ме чуе“ (Михеј 7:7). Коренот на довербата на Михеј бил во неговата силна вера. Како пророкот Исаија, и Михеј знаел дека она што Јехова го наумил, Тој сигурно и ќе го изврши. Тоа го знаеме и ние (Исаија 55:11). Затоа, да негуваме став на чекање во поглед на исполнувањето на Божјите ветувања и да ја проповедаме добрата вест со ревност, дури и на подрачја каде што луѓето покажуваат мал интерес кон пораката за Царството (Тит 2:14; Јаков 5:7-10).
Да се покажува стрпливост денес
17, 18. Кои древни и современи примери можат да ни помогнат во покажувањето на стрпливост?
17 Некои од Јеховините пророци истрајале со години на своите задачи, но не го виделе исполнувањето на своите пророштва. Сепак, нивната стрплива постојаност, честопати додека поднесувале малтретирање, ни помага да сфатиме дека можеме да ја исполниме нашата служба. Можеме да извлечеме корист и од примерот на верните помазаници од првите децении на 20. век. Иако нивната небесна надеж не се исполнила толку брзо како што очекувале, тие не дозволиле разочарувањето поради наводното одолговлекување да ја намали нивната ревност во вршењето на Божјата волја онака каква што тој им ја покажал.
18 Со години, мнозина од овие христијани редовно ги разделувале Стражарска кула и нејзиното придружно списание Разбудете се! (порано наречено Златен век, а потоа Утеха). На улиците и во нивните домови, практикувајќи го она што денес го викаме обиколка со списанија, ревносно им ги доставувале на луѓето овие вредни списанија. Една постара сестра, која го завршила својот земски пат, набргу му недостасувала на еден минувач кој навикнал да ја гледа како сведочи на улица. Какво сведоштво дала таа во текот на многуте години верна служба, како што покажале благодарните забелешки на оние кои ја посматрале нејзината јавна служба! Како објавител на Царството, дали ти редовно им ги врачуваш Стражарска кула и Разбудете се! на оние што ги среќаваш во твојата служба?
19. Какво охрабрување ни нуди Евреите 6:10-12?
19 Размисли, исто така, за стрпливоста и верната служба на браќата кои служат како членови на Водечкото тело на Јеховините сведоци. Повеќето од нив сега се во деветтата или десеттата деценија од животот, но сѐ уште се објавители на Царството кои ревносно се грижат за своите доделени должности (Евреите 13:7). А што е со другите постари лица кои имаат небесна надеж, па дури и со некои помеѓу ‚другите овци‘ кои се во поодминати години? (Јован 10:16). Можат да бидат уверени дека Бог не е неправеден па да го заборави нивното дело и љубовта што ја покажале спрема неговото име. Заедно со помладите соверници, и остарените Сведоци нека истрајат во правењето на она што можат, во покажувањето вера и во стрпливоста во Божјата служба. (Евреите 6:10-12). Потоа, сеедно дали преку воскресение, како кај пророците од старо време, или преку директно преживување на идната „голема неволја“, тие ќе го пожнеат богатиот благослов на вечен живот (Матеј 24:21, НС).
20. а) Што научи од „примерот“ на пророците? б) Како може да ни помогне ако сме стрпливи како пророците?
20 Колку извонреден пример ни дале Божјите пророци! Бидејќи поднеле страдање, покажале стрпливост и други побожни особини, ја имале предноста да зборуваат во Јеховино име. Како негови современи Сведоци, да бидеме како нив и да бидеме одлучни како пророкот Авакум, кој изјавил: „Застанав на стража, и стоејќи на кулата, набљудував за да разберам, што ќе ми каже Он“ (Авакум 2:1). Да имаме слична одлучност додека покажуваме стрпливост и додека радосно продолжуваме да даваме јавна изјава за славното име на нашиот Голем Творец, Јехова! (Неемија 8:10; Римјаните 10:10).
Дали ги сфати овие точки?
◻ Каков храбар пример дал пророкот Амос?
◻ На кои начини бил примерен пророкот Мојсеј?
◻ Како можат Јеховините современи Сведоци да постапуваат како Амос и Исаија?
◻ Што можат да научат христијанските слуги од однесувањето на Осија и Јоил?
◻ Како можеме да извлечеме корист од примерите на Језекиил и Михеј?
[Слика на страница 16]
И покрај бесното противење на Амасиј, Јеховиниот дух го овластил Амоса да пророкува храбро
[Слика на страница 18]
Верните помазаници дале добар пример со тоа што покажале стрпливост во Јеховината служба