Прашања од читателите
Во овие тешки економски времиња сѐ повеќе и повеќе поединци и компании прибегнуваат кон стечај. Дали е исправно од библиски аспект, еден христијанин да прибегне кон стечај?
Одговорот на ова прашање дава добра слика за тоа како Божјата Реч нуди практично водство за работи кои може да бидат особено современи. Многу земји имаат закони за регулирање на стечајот. Законите се разликуваат од земја до земја и христијанското собрание не е надлежно да нуди правен совет за тоа. Но, да фрлиме еден поглед на законската одредба за стечај.
Една причина зошто владите им дозволуваат на поединци и на фирми да пријават стечај, е таа што тоа им нуди на оние кои позајмуваат пари или даваат кредит (кредитори) една извесна мера на заштита од луѓето и од фирмите кои од нив позајмуваат пари или преземаат долгови (должници), но не го плаќаат она што се должни. На кредиторите може да им се чини дека единствен излез им е да се обратат до судовите и да кажат дека должникот пријавил стечај, па така имотот на должникот да се раздели како парцијално плаќање на долгот.
Еден друг начин на кој стечајот функционира е, како гаранција за должниците кои навистина не можат да ги исполнат условите на своите кредитори. Можеби на должникот ќе му биде дозволено да пријави стечај, како резултат на што неговите кредитори ќе земат нешто од неговиот имот. Сепак, законот може да му дозволи да го задржи својот дом или некој минимален дел од имотот и потоа да продолжи да си живее без постојаната опасност дека ќе го изгуби имотот или дека ќе му биде одземен од страна на неговите поранешни кредитори.
Очигледно, овие закони се замислени така за да понудат одреден степен на заштита и на двете страни, во финансиските или деловните трансакции. Сепак, да видиме каков корисен совет ни нуди Библијата.
Тешко некој да ја прочита Библијата од корица до корица а да не насети дека таа воопшто не охрабрува да се запаѓа во долг. Такви опомени наоѓаме во Изреки 22:7: „Богатиот господари над сиромавиот, и должникот станува роб на заемодавецот“.
Запомни ја исто така и споредбата на Исус во Матеј 18:23-34, во која се работи за еден роб кој имал многу голем долг. „Господарот негов нареди да го продадат него, и жена му, и децата негови, и сѐ што имаше“, но тогаш, господарот — еден цар — попуштил и се смилувал. Кога тој роб подоцна се покажал како немилостив, царот наредил ‚да го предадат на мачителите сѐ додека не му го исплати целиот долг‘. Очигледно, најдобриот пат, патот кој се препорачува, е да се избегнува земање пари на заем.
Божјите слуги во древниот Израел имале деловни зделки, и понекогаш се случувало некој да зема или да дава пари на заем. Какви упатства им дал Јехова? Ако некое лице сакало да позајми пари за да започне некаква трговска работа или за да ја прошири постоечката, тогаш, законски а и вообичаено за еден Евреин било да засмета камата. Меѓутоа, Бог го поттикнувал својот народ да биде несебичен кога му позајмувал на Израелецот кој бил сиромав; не требало да профитираат од неволна ситуација, со тоа што ќе засметувале камата (2. Мојсеева 22:25). Во 5. Мојсеева 15:7, 8 се вели: „Ако, пак, имаш некој брат сиромав . . ., отвори му ја раката своја и дај му заем, колку што му треба, и колку што му недостасува“.
Слична љубезност или обѕирност се одразувала во одредбите кои условуваат кредиторите да не ги запленуваат основните работи за живот на должникот, како што се, на пример, семејниот брус или делот од облека кој бил потребен да го стоплува лицето ноќе (5. Мојсеева 24:6, 10-13; Језекиил 18:5-9).
Секако, сите Израелци не го прифатиле и не го примениле духот на овие закони полни со љубов, дадени од нивниот величествен Судија и Законодавец (Исаија 33:22). Некои алчни Евреи се однесувале многу грубо со своите браќа. Исто така и денес, можеби некои кредитори се груби и неразумни во своите барања, можеби дури и во однос на некои искрени христијани кои во моментот не можеле да платат бидејќи се случиле некои непредвидени настани (Проповедник 9:11). Со нивниот крут, изискувачки притисок, световните кредитори може да го вовлечат таквиот должник во ситуација во која тој ќе се чувствува дека мора да се заштити себеси. Како? Во некои случаи, единствената работа која кредиторите ќе ја прифатат е законската постапка на стечај. Така, христијанинот кој не е алчен или несовесен во однос на своите долгови, можеби ќе прибегне кон пријавување на стечај.
Меѓутоа, треба да бидеме свесни за другата страна на проблемот. Христијанинот можеби западнал во долг затоа што тој едноставно не покажал самоконтрола во врска со тоа што и колку трошел, или затоа што немал разумен увид во своите деловни одлуки. Дали би требало едноставно да биде ноншалантен во врска со долгот и набрзина да бара ослободување преку стечај, на тој начин повредувајќи други поради својата слаба проценка? Библијата не ја одобрува ваквата финансиска неодговорност. Таа го тера Божјиот слуга неговото „да“, да значи „да“ (Матеј 5:37). Сети се исто така на Исусовата примедба за тоа, да се пресметаат трошоците пред да се почне да се гради кула (Лука 14:28-30). Во склад со тоа, пред да се задолжи финансиски, христијанинот би требало внимателно да размисли за можните несакани последици. Кога веќе го зел долгот, тој мора да има во вид да го плати истиот, на поединците или на компаниите на кои им должи. Ако многумина го сметаат христијанинот за неодговорен или недостоен за доверба, можеби тој ја извалкал добрата репутација за која се трудел, и веќе нема добро сведоштво од надворешните (1. Тимотеј 3:2, 7).
Сети се што ни вели Псалм 14:4, за видот на личност која Јехова ја прима. Таму читаме: „Кој кога се колне [оној кого Бог го одобрува] на својот ближен, не порекнува“. Да, Бог очекува од христијаните да постапуваат со своите кредитори онака како што тие би сакале да се постапува со нив (Матеј 7:12).
Во кратко, Библијата не ја исклучува можноста во една екстремна ситуација христијанинот да си дозволи да ја искористи заштитата што му ја нуди Цезаровиот закон за стечај. Меѓутоа, христијаните би требало да бидат извонредни како во однос на чесноста, така и во однос на доверливоста. Според тоа, тие треба да бидат примерни во нивната искрена желба да се справат со своите финансиски обврски.