Дали му помагаш на твоето дете да се одлучи за Јехова?
„МИСЛЕВ дека проучувањето на Библијата е навистина досадно и заморно. Потајно, во срцето одлучив дека кога ќе пораснам, нема да бидам Јеховин сведок“, изјавил еден млад човек. Иако се надеваме дека поголемиот дел од децата во христијанските домови на крајот ќе изберат да застанат на Јеховина страна, младите како него можат да минат низ тежок период додека да го изберат Јехова за свој Бог.
Родителите понекогаш се несигурни како да ги водат своите деца на делотворен начин. Тие многу ја испитуваат својата совест, како загрижениот татко кој еднаш рекол: „Да бидам искрен, имало време кога ќе ги погледнев заспаните лица на моите деца, со разочарувачки солзи сѐ уште на нивните образи, и се прашував дали требаше да бидам поблаг“. Двајцата негови синови пораснале и избрале да му служат на Јехова.
Сепак, има млади кои го напуштаат Јехова и ја оставаат христијанската заедница заради Сатановиот свет. Тогаш, како успеваат родителите да им помогнат на своите деца да го изберат Јехова? За да одговориме на тоа прашање, прво да видиме зошто некои млади го напуштаат Јехова, кога нивните родители толку многу сакаат тие да останат со него.
Зошто некои млади го напуштаат Јехова
Еден од почестите фактори е тоа што некои млади никогаш вистински не успеваат да го запознаат Јехова или неговите патишта. Иако од мали присуствуваат на христијанските состаноци, тоа го прават само површно, и не го бараат Јехова вистински (Исаија 55:6; Дела 17:27). На гореспоменатото момче му било досадно на христијанските состаноци бидејќи не разбирал што зборувале говорниците од подиумот.
Семето на вистината е посадено во некои деца, но тие дозволуваат нивните срца да бидат привлечени од наводно безгрижниот, материјалистички начин на живот на Сатановиот свет. Некои не можат да се борат против прејаката желба да се дружат со нивните врсници и да бидат како нив (1. Летописи 28:9; Лука 8:12-14; 1. Коринтјаните 15:33, НС).
Меѓутоа, многу деца од христијански домови низ целиот свет, избрале да застанат на Јеховината страна. Дали може да се научи нешто од позитивните чекори што ги презеле нивните родители?
Почни рано
Важен клуч во помагањето на твоите деца да го изберат Јехова е да почнеш рано. Во повеќето случаи, впечатоците што се добиваат и лекциите што се учат кога срцето е осетливо и приемчиво, ќе траат цел живот (Изреки 22:6). Затоа, почни рано да им кажуваш на твоите деца за Јеховината доброта, за неговата љубов и достојност за стравопочитување, и настојувај во нивните срца да всадиш љубов кон Јехова и ценење за она што Тој го направил за нив. За да го постигнат тоа, многу родители успешно користеле изобилство на статии во публикациите на Друштвото Watchtower, во врска со Јеховините творештва.
Послушноста и почитувањето спрема Јехова и неговото обожавање се меѓу другите особини кои мораат да бидат всадени рано во животот. Охрабрувачки е да се види како деца на предучилишна возраст се трудат на христијанските состаноци да запишуваат едноставни прибелешки и да ги бараат стиховите во своите Библии, или како одат со своите родители во бањата за да го измијат лицето со ладна вода кога ќе им се приспие. Тоа се едноставни работи, но многу се важни за да се всади во младиот ум дека треба да се покажува почитување и послушност спрема Јехова!
Сериозното лично проучување на Библијата треба исто така да почне рано. Кога нивните момчиња имале две години, една двојка почнала со нив да ја чита книгата Listening to the Great Teacher (Да се слуша Големиот Учител).a Подоцна, кога момчињата почнале да одат на училиште, станувале рано и секое утро со мајка си ги проучувале книгите My Book of Bible Stories (Моја книга со библиски приказни) и Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата*. Потоа следел разговор за дневниот стих што го водел таткото пред доручек. Напорите на родителите биле богато наградени кога нивните синови неодамна избрале да му служат на Јехова, симболизирајќи ја својата предаденост преку крштевање во вода на 10 и 11-годишна возраст.
Еден прекрасен млад човек кој служи во канцеларијата на подружницата на Watch Tower Society во Јапонија, се сеќава дека кога бил многу млад неговата мајка му помогнала да развие личен однос со Јехова така што навечер седела покрај него и му помагала да се моли. Никогаш не ја заборавил научената лекција — каде и да оди или што и да прави, Јехова секогаш е близу и спремен е да помогне.
Успешните родители учат да ги препознаваат погрешните тенденции кои се должат на наследената несовршеност на нивните деца, и тие почнуваат уште рано да им помагаат на децата да ги исправаат (Изреки 22:16). Мора рано да се преземе нешто против склоностите кон себичност, тврдоглавост, гордост, преголема критичност спрема другите. Во спротивно, таквото семе подоцна ќе прерасне во побуна против Бог и неговите патишта. На пример, добронамерните, но претерано попустливи родители често пати дозволуваат нивните деца да развијат себични ставови. На таквите деца им е тешко да ги почитуваат и родителите и Јехова, и стануваат како ‚неблагодарниците‘ споменати во Библијата (Изреки 29:21, НС). Од друга страна, децата кои се задолжени со работа дома и кои се поучувани да внимаваат на потребите на другите, се поблагодарни и спрема родителите и спрема Јехова.
Друга важна работа е рано да се поставуваат теократски цели што детето може во разумна мера да ги постигне. Ако тоа не се прави рано и постојано, другите можат да му го наполнат умот и срцето со други цели. Читањето на Библијата од корица до корица, личното проучување на публикациите на Друштвото Watchtower, вклучувањето во Теократска школа за проповедање, станувањето објавител на добрата вест, и крштевањето, треба да бидат вклучени во тие цели.
Такафуми се присетува дека мајка му го научила да ги чита списанијата Стражарска кула и Разбудете се! така што му составувала едноставни прашања и ги оставала на масата во кујната за да ги најде кога ќе си дојде од училиште. Јури се сеќава дека неколкудневниот престој со пионеритеb кои служеле таму каде што потребата од христијански слуги била поголема, кога со нив одела во служба, кога ги гледала како подготвуваат добри оброци, и кога ја гледала нивната радост и ревност, многу влијаеле на нејзината желба да му служи на Јехова на ист начин. Мнозина млади раскажуваат дека нивните родители редовно ги воделе во Бетел, како што се наречени седиштата и подружниците на Watch Tower Society, каде што можеле да гледаат како други млади мажи и жени среќно му служат на Јехова. Многу од оние што биле во посета како деца, сега служат во Бетелите по светот.
Дај им го твоето време на децата
Квантитетот и квалитетот на времето што ќе го потрошиш со своите деца најверојатно ќе има директно влијание на тоа дали тие ќе одберат да му служат на Јехова или не. Тие можат лесно да препознаат колку време вложуваш и колку се подготвуваш за библиската студија што ја водиш со нив. Ако не можеш да се сетиш каде сте прекинале минатиот пат или ја одложуваш студијата поради безначајни причини, ти покажуваш дека студијата не е многу важна. Меѓутоа, кога ќе видат дека родителите се жртвуваат за студијата, добро се подготвуваат за неа и редовно ја водат, без оглед на пречките што ќе се појават, се пренесува една сосема поинаква порака. Иако тоа не е барање, некои мајки се дотеруваат за студијата со нивните деца исто како кога одат на состаноците или кога водат библиска студија со некој сосед. На тој начин се остава впечаток дека Јеховиното обожавање е важно.
Ќе треба многу време и труд за да се направи библиското поучување на твоите деца пријатно и да ги достигне нивните срца. Особено малите деца се импресионирани кога пред нив ќе се одглуми тоа што го учат. Еден татко, на пример, на своите деца им помогнал да си го претстават воскресението, така што го одглумил библискиот извештај за воскресението на Лазар. Влегол во плакарот а потоа излегол како да е воскреснатиот Лазар (Јован 11:17-44).
Како што децата се приближуваат кон зрелоста, потребни се уште повеќе време и вештина за да се излезе на крај со поројот од емоции, сомневања и грижи со кои се соочуваат. Времето кое љубезните и разумни родители го одвојуваат во овој период е пресудно за да се развие кај децата доверба во Јехова. Еден успешен татко на четири деца раскажал дека кога неговите деца ќе се соочеле со проблеми, тој во публикациите на Watchtower барал материјал во врска со тоа и разговарал со нив секој ден додека кризата не била потполно надмината.
Една зафатена пионерка, мајка на две деца, забележала дека нејзината ќерка се повлекува и нема радост во теократските активности. Затоа, таа одлучила да биде дома секое попладне кога ќерка ѝ се враќала од училиште, и така си разговарале заедно додека пиеле чај. Преку тие блиски разговори мајка–ќерка, девојчето ја добило потребната помош. Сега, откако матурирала во средно училиште, таа ѝ се придружила на својата мајка во пионерската служба (Изреки 20:5).
Добро друштво и пример
Освен што родителите треба да им го дадат своето време на децата, тие мораат да им дадат и здраво друштво. Изреки 13:21 вели: „Кој се состанува со мудри, мудар ќе биде; а кој другарува со безумни, глупав ќе биде“.
Мнозина успешни родители ја препознаваат вистинитоста на оваа изрека. Еден татко на четири деца вели: „Кога ќе погледнам наназад, мислам дека широкиот круг на пријатели во вистината, што го имаа нашите деца, беше тој што ги поттикна да му служат на Јехова. Јас ги охрабрував да си создаваат пријатели како од нашето така и од другите собранија, и да ги негуваат тие пријателства“. Еден христијански старешина кој долго време служи во Бетел, се потсетува: „Кога бев млад живеевме во една мала куќа, но секогаш беше на располагање како ноќевалиште на покраинскиот надгледник. Освен тоа, специјалните пионери од нашето собрание редовно вечераа со нас. Се капеа кај нас дома и се дружеа со нас. Тоа што ги слушав нивните искуства и ја гледав нивната радост, ми помогна да негувам ценење спрема полновремената служба“.
Доброто друштво им помага на оние кои поминуваат низ потешкотии. Една мајка, чиј син доживувал тежок период, разговарала за тој проблем со еден патувачки надгледник на Јеховините сведоци. Тој ѝ препорачал да го поведе момчето со себе во службата на подрачјето. „Ако го сториш тоа, неговата духовност и сѐ друго ќе му се подобри“, рекол надгледникот. Таа изјавува: „Во нашето собрание имаше подготовка за вечерно сведочење и многу деца на училишна возраст, повеќето постари општи пионери и барем еден старешина, учествуваа во тоа. Во почетокот беше тешко да го натерам син ми да оди редовно, но тоа не траеше долго затоа што дома доаѓаше повесел и охрабрен од здравото друштво. Додека беше ученик во средното училиште, се крсти и служеше секој месец како помошен пионер, а кога матурира, стана општ пионер“. Здравото друштво, заедно со вршењето на Јеховината волја, ќе донесе добри резултати.
Можеби во твоето место нема такви млади кои можат позитивно да влијаат врз твоето дете, но една забелешка, дадена повеќе пати од страна на многу млади кои избрале да му служат на Јехова, се однесува на примерот на нивните родители. Мнозина млади им се восхитувале на своите родители и сакале да ги имитираат. Јури се сеќава на гостопримливоста на својата мајка и како се грижела за другите повикувајќи ги по телефон и правејќи оброци за болните. Тацуо, кој потекнува од семејство со четири момчиња, сега сите возрасни и во служба на Јехова, рекол: „Мама не можеше редовно да проучува со нас бидејќи тато беше неверник, а имаше многу противења и од роднините. Но многу влијаеше врз мене кога го гледав нејзиниот став за вистината и нејзината радост во служењето на Јехова. Таа беше спремна дури и да остане до раните утрински часови за да ни помогне во нашите проблеми“. Родителските зборови на мудрост имаат моќ кога се поткрепени со дела на вера. За своите родители, Јоичиро рекол: „Не можам да се сетам дека некогаш рекле нешто негативно за другите во собранието; ниту пак, ни дозволуваа на нас децата да зборуваме за слабостите на другите“ (Лука 6:40-42).
Радост кога децата го избираат Јехова
Не постои сигурна формула за да им помогнеш на твоите деца да го изберат Јехова. Ќе има многу тешки моменти. Но вознемирениот татко споменат претходно, рекол: „Како родители, секогаш трудете се верно да ги следите предлозите од Јеховината видлива организација. Тоа беше голема помош во совладувањето на проблемите“. Нивните напори биле успешни.
Да, ако го даваш најдоброто во следењето на библиските упатства и ако ги поучуваш твоите деца за добрите причини да го љубат Јехова, поткрепувајќи го сето тоа со твојот верен пример и искрени напори да им помогнеш, тогаш, твоите настојувања ќе бидат на крајот крунисани со успех. Се сеќаваш ли на момчето споменато погоре кое некогаш одлучило да не биде Јеховин сведок? И, откако мајка му успешно му помогнала низ неговите проблематични години, тој рекол: „Драго ми е што таа никогаш не се предаде!“ Можеби и со твоите деца ќе имаш слични резултати (Галатјаните 6:9).
[Фусноти]
a Издадени од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
b Полновремените слуги на Јеховините сведоци се викаат пионери. Еден помошен пионер поминува најмалку 60 часови во службата секој месец, еден општ пионер 90 часови, и еден специјален пионер 140 часови.
[Слика на страница 30]
Имаш ли среќни спомени од периодот кога си одгледувал деца?