Човечкото страдање — дали некогаш ќе престане?
УЖАСНИ сцени по експлозијата на една бомба на преполниот пазар во Сараево; масакри и сакатење во Руанда; во Сомалија, деца изгладнети до смрт бараат храна; зашеметени семејства ги пребројуваат своите губитоци после еден земјотрес во Лос Анџелес; беспомошни жртви на пустошење од поплава во Бангладеш. Вакви сцени на човечки страдања секојдневно се појавуваат на ТВ или во списанијата и весниците.
Жална последица од човечкото страдање е што некои луѓе губат вера во Бог. Според изјавата објавена од една еврејска заедница во САД, „постоењето на злото отсекогаш било најголемата пречка за верата“. Писателите се повикуваат на убиствата во нацистичките концентрациони логори, како Аушвиц, и на оние предизвикани од бомбите, како таа што експлодира над Хирошима. „Прашањето, како можел еден праведен и моќен Бог да дозволи уништување на толку многу невини животи, ја вознемирува совеста на едно религиозно лице и е многу збунувачко“, велат авторите.
За жал, бесконечниот тек на трагични извештаи може да има умртвувачки ефект врз човечките емоции. Сѐ додека пријателите и роднините не се вмешани, многумина се едвај трогнати од страдањето на другите.
Но сепак, фактот што сѐ уште сме способни да чувствуваме сожалување, макар само за нашите роднини, би требало да ни каже нешто за нашиот Творец. Библијата вели дека човекот бил создаден ‚според Божји образ‘ и ‚подобие како што е Тој‘ (1. Мојсеева 1:26, 27). Ова не значи дека луѓето личат на Бог. Не, бидејќи Исус Христос објаснил дека „Бог е Дух“, а „духот нема тело и коски“ (Јован 4:24; Лука 24:39). Да се биде според Божји образ се однесува на нашиот потенцијал да ги одразуваме Божјите особини. Значи, бидејќи нормалните луѓе чувствуваат сомилост кон оние кои страдаат, мора да заклучиме дека човековиот Творец, Јехова Бог, е сочувствителен и дека тој длабоко сочувствува со своите човечки суштества кои страдаат. (Спореди Лука 11:13.)
Еден начин на којшто Бог го покажал своето сожалување е што се погрижил човештвото да добие писмено објаснение за причината за страдањето. Го сторил ова во својата Реч, Библијата. Таа јасно покажува дека Бог го создал човекот да ужива во животот, а не да страда (1. Мојсеева 2:7-9). Тоа исто така открива дека првиот човечки пар го навлекол врз себе страдањето со тоа што ја одбил Божјата праведна власт (5. Мојсеева 32:4, 5; Римјаните 5:12).
И покрај тоа, Бог сѐ уште чувствува сомилост спрема човештвото кое страда. Ова јасно се гледа од неговото ветување дека ќе го оконча човечкото страдање. „Ете ја скинијата на Бога меѓу луѓето, и Он ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив — нивни Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:3, 4; види и Исаија 25:8; 65:17-25; Римјаните 8:19-21).
Овие прекрасни ветувања докажуваат дека Бог е сосема свесен за човечкото страдање и дека тој е решен да му стави крај на тоа. Но, во прв ред, што всушност го предизвикало човечкото страдање, и зошто Бог дозволил тоа да продолжи сѐ до денешно време?
[Извор на слика на страница 2]
Cover and page 32: Alexandra Boulat/Sipa Press
[Извор на слика на страница 3]
Кевин Фрејер/Sipa Press