Таа била благодатна пред Јехова
„РАДУВАЈ СЕ благодатна! Господ е со тебе!“ Каков поздрав! Говорникот не е никој друг туку ангелот Гавриил. Тој ѝ се обраќа на една млада жена со понизно срце — Марија, ќерката на еден човек по име Илија. Тоа се случува во 3. година пр. н. е., а местото е градот Назарет (Лука 1:26-28).
Марија му е ветена на дрводелецот Јосиф. Според Еврејскиот закон и обичај, на неа се гледа како на свршеница (Матеј 1:18). И тој, како и Марија, е од понискиот социјален статус. Зошто, тогаш, ангелот ја поздравува како онаа која е благодатна?
Нејзината прекрасна предност
Гавриил додава: „Не бој се, Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе Го наречеш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давида; и ќе царува над домот Јаковов секогаш, и царството Негово нема да има крај“ (Лука 1:29-33).
Восхитена и збунета, Марија прашува: „Како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж?“ Гавриил одговара: „Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји“. За да отстрани било какво сомнение, ангелот додава: „Ете и Елисавета, твојата роднина, за која велат дека е неплодна, и таа зачна син во староста своја; нејзе ѝ е веќе шести месец; зашто нема да остане во Бога ниеден збор без сила“ (Лука 1:34-37).
Марија веднаш ја прифаќа оваа прекрасна предност на службата. Спремно, но понизно, таа одговара: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!“ Потоа Гавриил заминува. Марија брза кон градот во планинскиот дел на Јудеја. Пристигнувајќи во домот на свештеникот Захарија и неговата сопруга Елисавета, таа затекнува токму такви околности какви што ги опишал ангелот. Колкава радост го исполнува срцето на Марија! Од нејзините усни извира поток зборови на фалби за Јехова (Лука 1:38-55).
Таа му станува сопруга на Јосиф
Требало девица да го роди Исусовото човечко тело, затоа што такво раѓање било претскажано (Исаија 7:14; Матеј 1:22, 23). Но, зошто било потребно да биде свршена девица? За да биде обезбеден татко кој ќе го усвои детето и ќе го пренесе врз него законското право на престолот на Цар Давид. И Јосиф и Марија му припаѓаат на Јудиното племе и се наследници на Цар Давид. Така, Исусовите права за наследство ќе бидат двократно утврдени (Матеј 1:2-16; Лука 3:23-33). Ова е причината зошто ангелот подоцна го уверувал Јосиф дека не треба да се колеба да ја земе Марија за своја законска жена, иако таа била бремена (Матеј 1:19-25).a
Декретот за данок, издаден од Цезар Августин, ги обврзувал Јосиф и Марија да се попишат во Витлеем. Додека се таму, таа го раѓа својот првороден син. Овчарите доаѓаат да го видат детето и му изразуваат фалби на неговиот Татко, Јехова. По 40 дена очистување, според Мозаитскиот закон, Марија оди во храмот во Ерусалим да принесе жртва за своите гревови (3. Мојсеева 12:1-8; Лука 2:22-24). Да, бидејќи самата таа не била безгрешно зачната, па така не била ослободена од дамката на гревот, нејзината наследена несовршеност мора да биде покриена со жртви за грев (Псалм 50:5).
Додека Марија и Јосиф се наоѓаат во храмот, стариот Симеон и пророчицата Ана се привилегирани да го видат Божјиот Син. Марија не е во центарот на вниманието (Лука 2:25-38). Подоцна, астролозите се поклонуваат, но не на неа, туку на Исус (Матеј 2:1-12).
По бегството во Египет и престојот таму сѐ до смртта на злиот Ирод, Исусовите родители се враќаат и се населуваат во малото село Назарет (Матеј 2:13-23; Лука 2:39). Таму Јосиф и Марија го одгледуваат Исус во една побожна семејна атмосфера.
Марија има други деца
Со текот на времето, Марија и Јосиф имаат и други деца — телесни браќа и сестри на Исус. Кога Исусовата служба го доведува во неговото родно место Назарет, неговите познајници од детството го препознаваат. „Не е ли овој Син на дрводелецот?“, прашуваат тие. „Мајка Му не се ли вика Марија, и браќата Негови — Јаков и Јосија, Симон и Јуда? И сестрите Негови не се ли сите меѓу нас?“ (Матеј 13:55, 56). Жителите на Назарет се повикуваат на телесното семејство на Јосиф и Марија, вклучувајќи ги и нејзините синови и ќерки кои тие ги знаат како Исусови телесни браќа и сестри.
Овие браќа и сестри не се Исусови братучеди. Ниту, пак, се негови ученици, или духовни браќа и сестри, бидејќи Јован 2:12 прави јасна разлика помеѓу двете групи, кога наведува: „Потоа слезе во Капернаум, Он [Исус] и мајка Му, и браќата Негови, и учениците Негови“. Со години подоцна, апостол Павле го сретнал Кифа, односно Петар, во Ерусалим и додал: „Не видов ниту еден од другите апостоли; Го видов само Јакова, братот Господов“ (Галатјаните 1:19, The Jerusalem Bible). Освен тоа, изјавата дека Јосиф ‚не се доближил до неа, додека таа не Го родила својот првороден Син‘, покажува дека Исусовиот очув подоцна имал односи со неа и станал татко на други нејзини деца (Матеј 1:25). Согласно со тоа, Лука 2:7 го нарекува Исус нејзин син „првенец“.
Богобојазлива мајка
Како богобојазлива мајка, Марија соработува со Јосиф во поучувањето на своите деца во праведност (Изреки 22:6). Дека таа е еден ревносен истражувач на Библијата се гледа од нејзиното духовно богато изразување кога ја поздравила Елисавета. Во таа прилика, Исусовата мајка повторува мисли од песната на Ана и го покажува познавањето на псалмите, на историските и пророчките записи и на Мојсеевите книги (1. Мојсеева 30:13; 1. Царства 2:1-10; Изреки 31:28; Малахија 3:12; Лука 1:46-55). Марија ги научила напамет пророчките настани и изреки, ги ставила во своето срце и размислувала за нив. Според тоа, таа е добро опремена да земе удел во давањето родителска поука на момчето Исус (Лука 2:19, 33).
Добро поучениот 12-годишен Исус покажува познавање на Библијата, коешто ги изненадува учените луѓе од храмот. Бидејќи тој се одвоил од своите родители за време на Пасхата, неговата мајка вели: „Синко, што ни направи така? Ете, татко ти и јас се измачивме, барајќи Те“. Исус одговара: „Што сте Ме барале? Зар не знаете дека Јас треба да бидам во она [домот, НС], кое што е на Мојот Отец?“ Не можејќи да го сфати значењето на овој одговор, Марија го става во своето срце. Враќајќи се во Назарет, Исус продолжува да ‚напредува во премудроста и возраста, и во благодатта пред Бога и кај луѓето‘ (Лука 2:42-52).
Марија како Исусов ученик
Колку е соодветно тоа што Марија со текот на времето станува Исусов предаден ученик! Таа е понизна и нема амбиции да се истакнува и покрај тоа што Бог ѝ доделил единствена задача. Марија ја познава Библијата. Ако и ти лично ја испиташ Библијата, нема да ја најдеш прикажана со ореол, седната на престолот како „мајка — царица“ облеана со отсјајот на Христовата слава. Наместо тоа, ќе ја најдеш далеку во позадината, надвор од центарот на вниманието (Матеј 13:53-56; Јован 2:12).
Уште во самиот корен, Исус го сосекувал она што ќе се појавело меѓу неговите следбеници како што е Мариолатријата. Во една прилика, додека зборувал, „една жена од толпата извикала: ‚Благословена е утробата што те носела и градите кои те хранеле!‘ ‚Поправо‘, одговорил тој, ‚благословени се оние кои го слушаат Божјиот збор и го пазат‘“ (Лука 11:27, 28, The New American Bible, преведена од членови на Католичкото библиско здружение на Америка). На една свадбена гозба Исус ѝ рекол на Марија: „Што бараш од Мене, жено? Уште не дошол Мојот час“ (Јован 2:4). Во други преводи пишува: „Остави го тоа во мои раце“ (Weymouth), „Не се обидувај да ми наредуваш“ (An American Translation). Да, Исус ја почитувал својата мајка, но не ја ставил на пиедестал.
Вечни предности
Какви предности уживала Марија! Таа го родила Исус. Потоа го одгледувала и го поучувала малото дете. Најпосле, таа покажала вера и станала Исусов ученик и духовна сестра. При нашиот последен библиски осврт на Марија, ја забележуваме во една горна соба во Ерусалим. Таму е заедно со Исусовите апостоли, другите нејзини синови и некои верни жени — сите обожаватели на Јехова (Дела 1:13, 14).
По некое време, Марија умира и нејзиното тело се враќа во прав. Како и другите рани помазани следбеници на нејзиниот драг син, и таа спиела во смрт сѐ до времето кое Бог го одредил да ја воскресне како духовно суштество со бесмртен живот на небото (1. Коринтјаните 15:44, 50; 2. Тимотеј 4:8). Колку радосна мора да е сега оваа „благодатна“ во присуството на Јехова Бог и Исус Христос!
[Фуснота]
a Ако Марија не била девица, кој би сакал да се ожени за неа? Евреите инсистирале девојката да биде девица (5. Мојсеева 22:13-19; спореди 1. Мојсеева 38:24-26).
[Слика на страница 31]
Марија била благодатна како мајка на Исус