Правото место на Јеховиното обожавање во нашиот живот
„Секој ден ќе Те благословувам и ќе го фалам името Твое сега, секогаш и во сите векови“ (ПСАЛМ 144:2).
1. Што бара Јехова во поглед на обожавањето?
„ЈАС, Јехова, твојот Бог, сум Бог кој бара исклучителна оддаденост“ (2. Мојсеева 20:5, НС). Мојсеј ја слушнал таа објава од Јехова и ја повторил подоцна кога ѝ се обратил на нацијата Израел (5. Мојсеева 5:9, НС). Мојсеј не се сомневал дека Јехова Бог очекува од Неговите слуги да Го обожаваат исклучително Него.
2, 3. а) Што им оставило впечаток на Израелците дека она што се случило кај Синај било нешто несекојдневно? б) Кои прашања ќе ги испитаме во врска со начинот на обожавање на Израелците и на денешните Божји слуги?
2 Улогорени близу Синајската гора, Израелците и „многу други придојдени [огромно мешано мноштво, НС]“, кои го напуштиле Египет со нив, биле очевидци на нешто необично (2. Мојсеева 12:38). Тоа не личело на обожавањето на египетските богови, коишто сега биле понижени со десетте несреќи, односно неволји. Кога Јехова му ја манифестирал својата присутност на Мојсеј, се случиле феномени кои влеваат страв: громови, молњи и заглушувачки звук на труби, што предизвикале целиот логор да се тресе. Потоа, кога целата планина се затресла, имало оган и чад (2. Мојсеева 19:16-20; Евреите 12:18-21). Ако на некој Израелец му требало натамошен доказ дека она што се случува било нешто несекојдневно, можел брзо да го добие. Наскоро, откако добил втор примерок на Божјите закони, Мојсеј се спуштил од планината. Според инспирираниот извештај, ‚лицето на [Мојсеј] зрачело‘, а луѓето ‚се плашеле да се приближат до него‘. Навистина, незаборавно, натчовечко доживување! (2. Мојсеева 34:30).
3 Тој Божји народ-претслика не се сомневал во врска со местото кое го заземало Јеховиното обожавање. Тој бил нивни Избавител. Тие му го должеле и самиот живот. Тој бил и нивни Законодавец. Но, дали тие продолжиле обожавањето на Јехова да го ставаат на прво место? А како е со Божјите слуги од денешно време? Какво место зазема Јеховиното обожавање во нивните животи? (Римјаните 15:4).
Обожавањето на Јехова во Израел
4. Каков бил распоредот на логорот на Израел за време на нивниот престој во пустината, и што се наоѓало во средиштето на логорот?
4 Што би видел кога би го гледал Израел од птичја перспектива како бил улогорен во пустината? Огромен, но уреден распоред на шатори во кои биле сместени веројатно три милиони или повеќе луѓе, групирани според поделбата од по три племиња на север, југ, исток и запад. Кога би погледнал одблизу, би забележал уште една групација поблиску до средиштето на логорот. Во овие четири помали групи биле сместени семејствата на Левиевото племе. Во самиот центар на логорот, во едно подрачје опколено со платнен ѕид, се наоѓала една единствена градба. Тоа била „скинијата на сведоштвото“ [шаторот на состанокот, НС] или шаторот за обожавање, којшто ‚мудрите по срце‘ Израелци го изградиле според Јеховиниот план (4. Мојсеева 1:52, 53; 2:3, 10, 17, 18, 25; 2. Мојсеева 35:10).
5. За што служел шаторот за обожавање во Израел?
5 Во секое од околу 40 места на логорување во текот на нивното патување низ пустината, Израел го подигал шаторот за обожавање, кој станувал средиште на нивниот логор (4. Мојсеева, поглавје 33). Библијата со право го опишува Јехова како да престојувал меѓу својот народ во самиот центар на нивниот логор. Неговата слава го исполнувала шаторот за обожавање (2. Мојсеева 29:43-46; 40:34; 4. Мојсеева 5:3; 11:20; 16:3). Книгата Our Living Bible (Нашата жива Библија) коментира: „Ова подвижно светилиште било од најголема важност, бидејќи за племињата тоа претставувало религиозен центар за собирање. Тоа ги држело обединети во текот на долгите години на талкање низ пустината и им овозможувало здружено дејствување“. И не само тоа, шаторот за обожавање служел како постојан потсетник дека за Израелците обожавањето на нивниот Творец зазема централно место во нивните животи.
6, 7. Каква зграда за обожавање го заменила шаторот, и како таа ѝ служела на нацијата Израел?
6 Откако Израелците пристигнале во Ветената земја, шаторот за обожавање и понатаму бил средиштето на обожавање во Израел (Исус Навин 18:1; 1. Царства 1:3). Со текот на времето, цар Давид изнел план за градење на една трајна зграда. Тоа се реализирало преку храмот кој подоцна го изградил неговиот син Соломон (2. Царства 7:1-10). При неговото свечено отворање, се спуштил облак за да покаже дека Јехова ја одобрува таа зграда. „Ти изградив храм Тебе за живеалиште“ — се молел Соломон — „место, каде што ќе престојуваш засекогаш“ (3. Царства 8:12, 13; 2. Летописи 6:2). Новоизградениот храм сега станал центар за молитвите на нацијата.
7 Трипати во годината, сите машки Израелци оделе во Ерусалим за да присуствуваат на радосните свечености во храмот во знак на благодарност за Божјиот благослов. Соодветно на тоа, овие состанувања биле означени како ‚празници Господови‘, кои вниманието го сосредоточувале на Божјето обожавање (3. Мојсеева 23:2, 4). Присуствувале предадени жени заедно со други членови од семејството (1. Царства 1:3-7; Лука 2:41-44).
8. Како Псалм 83:1-12 сведочи за важноста на обожавањето на Јехова?
8 Инспирираните псалмисти красноречиво признале колку угледно место заземало обожавањето во нивните животи. „Колку се мили Твоите живеалишта, Господи на силите!“ — пееле синовите на Кореј. Тие сигурно не фалеле некаква обична зграда. Напротив, ги кревале своите гласови за фалба на Јехова Бог, изјавувајќи: „Срцето мое и телото мое со радост се стремат [радосно извикуваат, НС] кон живиот Бог“. Служењето им причинувало голема радост на Левитите. „Блажени се оние, кои живеат во домот Твој“ — извикувале. „Тие постојано Те фалат.“ Всушност, сите во Израел можеле да пеат: „Блажен е оној човек, кој заштита бара кај Тебе и во чие срце се патиштата Твои. . . . Минуваат од сила во сила, се јавуваат пред Бога, на Сион“. Иако за еден Израелец патувањето до Ерусалим можело да биде долго и заморно, неговата сила се обновувала кога ќе стигнел во главниот град. Срцето му се исполнувало со радост додека ја величал својата предност да го обожава Јехова: „Зашто еден ден во Твоите дворови е подобар отколку — илјада дни надвор. Повеќе сакам да бидам на прагот пред Божјиот дом, отколку да живеам во населбите на грешниците. . . . Господ на силите, блажен е оној човек, кој се надева на Тебе!“ Таквите изрази зборуваат за приоритетот што овие Израелци му го давале на Јеховиното обожавање (Псалм 83:1-12).
9. Што се случило со нацијата Израел кога таа пропуштила да го задржи Јеховиното обожавање на прво место?
9 За жал, Израел пропуштил да го задржи вистинското обожавање на прво место. Дозволиле оддаденоста на лажни богови да ја поткопа нивната ревност кон Јехова. Поради тоа, Јехова ги предал на нивните непријатели и дозволил да бидат одведени во заробеништво во Вавилон. По 70 години, кога биле вратени во нивната татковина, Јехова му ги дал на Израел подбудувачките опомени преку верните пророци Агеј, Захарија и Малахија. Свештеникот Ездра и управителот Неемија го подбудиле Божјиот народ повторно да го изградат храмот и одново да го воведат вистинското обожавање таму. Но, како што минувале вековите, вистинското обожавање пак ја изгубило важноста кај нацијата.
Ревноста за вистинското обожавање во 1. век
10, 11. Какво место заземало Јеховиното обожавање во животот на верните луѓе кога Исус бил на Земјата?
10 Во Јеховино одредено време, се појавил Месијата. Верни поединци се надевале дека Јехова ќе ги спаси (Лука 2:25; 3:15). Евангелието по Лука јасно ја опишува 84-годишната Ана како вдовица која никогаш ‚не се отстранувала од храмот, служејќи Му на Бога со пост и молитва, дење и ноќе‘ (Лука 2:37).
11 „Мојата храна“, рекол Исус, „е да ја исполнувам волјата на Оној, Кој Ме пратил и да го извршам Неговото дело“ (Јован 4:34). Сети се како реагирал Исус кога во храмот се соочил со менувачите на пари. Им ги испревртел масите и клупите на трговците кои продавале гулаби. Марко раскажува: „[Исус] не позволуваше никој преку храмот да пренесе каков и да било сад. И ги поучуваше, велејќи: ‚Не е ли напишано: „Домот Мој, дом за молитва на сите народи ќе се нарече“; а вие го направивте како разбојничко гнездо‘“ (Марко 11:15-17). Да, Исус не дозволил дури и некој да оди по пократок пат преку дворот на храмот кога носел некаков предмет до другиот дел од градот. Исусовите постапки го засилиле советот што претходно го дал: „Барајте го најнапред царството на Бога и [Божјата] правда“ (Матеј 6:33). Исус ни оставил прекрасен пример со тоа што покажувал исклучителна оддаденост спрема Јехова. Тој навистина го практицирал она што го проповедал (1. Петрово 2:21).
12. Како покажале Исусовите ученици дека му даваат предност на Јеховиното обожавање?
12 Исто така, со начинот на кој го исполнувал својот налог да ги ослободи подјармените но верни Евреи од товарот на лажните религиозни практики, Исус им дал пример на своите ученици што треба да го следат (Лука 4:18). Од послушност спрема Исусовата заповед да прават ученици и да ги крстат, раните христијани храбро ја објавувале Јеховината волја во врска со нивниот воскреснат Господ. Јехова бил задоволен со предноста што му била давана на Неговото обожавање. Затоа, Божјиот ангел на чудесен начин ги ослободил од затвор апостолите Петар и Јован, поучувајќи ги: „Отидете и застанете во црквата, и кажувајте му ги на народот сите зборови за овој благодатен живот!“ Повторно зајакнати, тие послушале. Секој ден, во ерусалимскиот храм и од куќа до куќа, ‚не престанувале да поучуваат и да го проповедаат Евангелието за Исуса Христа‘ (Дела 1:8; 4:29, 30; 5:20, 42; Матеј 28:19, 20).
13, 14. а) Што се обидувал Сатана да им стори на Божјите слуги уште од рани христијански времиња? б) Што продолжиле да прават Божјите верни слуги?
13 Кога противењето на нивното проповедање зело замав, Бог ги упатил своите верни слуги да запишат еден навремен совет. „Сите ваши грижи оставете ги на [Јехова], зашто Он се грижи за вас“ — напишал Петар набргу по 60. н. е. „Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да го проголта; спротивете му се со тврда вера, знаејќи дека такви страдања ги снаоѓаат и вашите браќа по светот.“ Раните христијани сигурно нашле ново охрабрување во овие зборови. Знаеле дека откако малку ќе пострадаат, Бог ќе му стави крај на нивното обучување (1. Петрово 5:7-10). Во текот на тие последни денови од еврејскиот систем на ствари, вистинските христијани го подигнале до нови висини Јеховиното обожавање полно со љубов (Колосјаните 1:23).
14 Како што прорекол апостол Павле, се појавило отпадништво, одвраќање од вистинското обожавање (Дела 20:29, 30; 2. Солунјаните 2:3). Доказ за ова било насобраното сведоштво од последните децении на првиот век (1. Јованово 2:18, 19). Сатана успешно посеал наводни христијани помеѓу вистинските, и го отежнал разликувањето на овој „какол“ од христијаните слични на жито. Меѓутоа, низ изминатите векови, постоеле поединци кои го ставале обожавањето на Бог на прво место, дури и по цена на својот живот. Но, дури пред истекот на последните децении од „времињата на незнабошците“, Бог повторно ги собрал своите слуги за да го возвишат вистинското обожавање (Матеј 13:24-30, 36-43; Лука 21:24).
Јеховиното возвишено обожавање денес
15. Како од 1919 наваму се исполниле пророштвата од Исаија 2:2-4 и Михеј 4:1-4?
15 Во 1919, Јехова го овластил помазаниот остаток да започне една храбра светска кампања на сведочење со која се возвишило обожавањето на вистинскиот Бог. Со приливот на симболичните „други овци“ од 1935 наваму, реката од луѓе кои во духовна смисла се искачуваат на „гората на домот Господов [Јеховин, НС]“, сѐ повеќе и повеќе растела. Во текот на 1993 службена година, 4.709.889 Сведоци на Јехова го фалеле така што ги повикувале и другите да се придружат во Неговото возвишено обожавање. Каква спротивност во однос на духовно расипаната состојба на секташките ‚ридови‘ од светското царство на лажната религија, особено во т. н. христијанство! (Јован 10:16; Исаија 2:2-4; Михеј 4:1-4).
16. Што треба да направат сите Божји слуги со оглед на она што е проречено во Исаија 2:10-22?
16 Приврзаниците на лажната религија ги сметаат своите цркви и катедрали, па дури и своето свештенство, за „возвишени“ и им припишуваат грандиозни титули и почести. Но, забележи што прорекол Исаија: „Ничкум ќе паднат гордите погледи човечки, и она, што е високо кај луѓето, ќе се понизи; а само Господ ќе стои високо во тој ден“. Кога ќе биде тоа? За време на претстојната голема неволја, кога ‚[безвредните, НС] идоли сосема ќе исчезнат‘. Со оглед на неминовноста на тоа време кое влева страв, сите Божји слуги треба сериозно да испитаат какво место зазема обожавањето на Јехова во нивниот живот (Исаија 2:10-22).
17. Како покажуваат Јеховините денешни слуги дека му даваат предност на Јеховиното обожавање?
17 Како меѓународно братство, Јеховините сведоци се добро познати по нивната ревност во проповедањето на Царството. Нивното обожавање не е само површна религија, резервирана за час-два во седмицата. Не, тоа е целиот нивни начин на живот (Псалм 144:2). Всушност, минатата година повеќе од 620.000 Сведоци ги уредија своите работи за да учествуваат полновремено во христијанската служба. Сигурно ни останатите не го запоставуваат обожавањето на Јехова. Иако семејните обврски изискуваат тие да работат напорно на световна работа, тоа зазема истакнато место како во нивните секојдневни разговори така и во нивното јавно проповедање.
18, 19. Наведи примери на охрабрување што можеби си го добил додека си ги читал животните приказни на некои Сведоци.
18 Животните приказни на некои Сведоци, објавувани во Стражарска кула, даваат увид во тоа како различни браќа и сестри го ставале Јеховиното обожавање на прво место во својот живот. Една млада сестра која му го предала својот живот на Јехова на шестгодишна возраст, си поставила за цел мисионерска служба. Вие млади браќа и сестри, каква цел ќе си поставите за да можете да го задржите Јеховиното обожавање на прво место во вашиот живот? (Види ја статијата „Стремење кон цел поставена на шестгодишна возраст“ во Стражарска кула од 1. март 1992, страници 26-30.)
19 Една овдовена постара сестра дава уште еден извонреден пример за тоа како да се стави Јеховиното обожавање на неговото право место. Од оние на коишто им помогнала да ја научат вистината, добила големо охрабрување да истрае. Тие биле нејзиното „семејство“ (Марко 3:31-35). Ако си изгубил некој драг, дали ќе ја прифатиш поддршката и помошта од помладите во собранието? (Молиме, забележи како се изразила сестра Винифред Реми во статијата „Се одѕвав за време на жетвата“, објавена во Стражарска кула од 1. јули 1992, страници 21-23.) Вие полновремени слуги, покажете дека обожавањето на Јехова навистина ви е на прво место во животот така што понизно ќе служите таму каде што сте доделени, спремно покорувајќи се на теократското водство. (Молиме, забележи го примерот на брат Рој Рајан, раскажан во статијата „Да се држиме блиску до Божјата организација“, во Стражарска кула од 1. декември 1991, страници 24-27.) Запомни дека кога му даваме предност на Јеховиното обожавање, имаме гаранција дека тој ќе се грижи за нас. Не треба да бидеме загрижени околу тоа како ќе го набавиме она што е потребно за живот. Ова го илустрираат искуствата на сестрите Олив и Соња Спрингејт. (Види ја статијата „Најнапред го баравме Царството“, во Стражарска кула од 1. февруари 1994, страници 20-25.)
20. Кои умесни прашања треба да си ги поставиме сега?
20 Според тоа, зарем како поединци не треба да си поставиме неколку проникливи прашања? Какво место зазема обожавањето на Јехова во мојот живот? Дали живеам според моето предание, вршејќи ја Божјата волја најдобро што можам? На кои подрачја од животот можам да се поправам? Сериозното размислување за следната статија ќе ни даде прилика да размислиме за тоа како ги користиме нашите средства во склад со приоритетот што сме си го поставиле во животот — обожавањето на Суверениот Господ Јехова, нашиот Татко полн со љубов (Проповедник 12:13; 2. Коринтјаните 13:5).
За повторување
◻ Што бара Јехова во поглед на обожавањето?
◻ Како каков потсетник требало да служи шаторот за обожавање?
◻ Кои биле истакнати примери на ревност за вистинското обожавање во 1. век, и на кој начин?
◻ Како било величано Јеховиното обожавање од 1919 наваму?