Божиќ — дали навистина е христијански?
СПОРЕД The World Book Encyclopedia, „Божиќ е денот на кој христијаните го слават роденденот на Исус Христос“. Меѓутоа, енциклопедијата исто така заклучува: „Раните христијани не го славеле [Исусовото] раѓање бидејќи славењето на било чиј роденден го сметале за пагански обичај“.
Книгата The Making of the Modern Christmas (Креирањето на современиот Божиќ) од Голби и Пардју, се согласува со тоа: „Раните христијани не го славеле раѓањето на Христос. Самите родендени биле поврзани со пагански обичаи; евангелијата не велат ништо за вистинскиот датум на Христовото раѓање“.
Ако роденденските прослави немаат христијанска позадина, како тогаш роденденот на Христос станал толку проминентен „христијански“ празник?
Паганското потекло на „Божиќ“
„Секој се забавувал и се радувал, работата и трговијата за извесно време биле потполно одложени, куќите биле украсени со лаври и зимзелени растенија, се одело на гости и се разменувале подароци меѓу пријателите, а муштериите им давале подароци на своите покровители. Целото тоа време било време на радост и добронамерност, а луѓето се оддавале на секаков вид забава“ — Paganism in Christian Festivals (Паганизмот во христијанските празници), од Џ. М. Вилер.
Дали овој опис одговара на божиќните прослави што ги знаеш? На големо изненадување овде не се работи за Божиќ, туку за Сатурналии — пагански римски празник кој траел една недела, а бил во врска со зимскиот солстицијум (прикажан на претходната страна). Роденденот на непобедливото Сонце се славел на 25. декември, главниот празничен ден на римската Митраистичка религија.
Според The New Encyclopædia Britannica, „25. декември, роденденот на Митра — иранскиот бог на светлото и . . . денот посветен на непобедливото Сонце, како и денот по Сатурналии, бил прифатен од црквата како Божиќ — Христовото раѓање — за да го спречи ефектот од овие празници“. Така паганската роденденска прослава се задржала само со едноставна промена на имињата, од Митра во Христос!
Меѓутоа, можеби мислиш дека раѓањето на Божјиот Син, Исус, било нешто посебно, нешто што заслужува да се запомни. Еден поглед на она што го вели Библијата во врска со ова ќе се покаже како големо расветлување.
Радосен настан
Второто поглавје од евангелието на Лука ни дава позадински информации. Лука ни кажува како, на овој настан достоен за почит, реагирале небеските ангели, понизните овчари, ревните Божји слуги и самата Марија.
Размисли прво за ‚пастирите во тој крај‘ кои ‚ноќевале таму и го чувале своето стадо‘, нешто што не би правеле сред зима. Кога им се јавил ‚ангелот Господов‘ и ги осветлила Божјата слава, пастирите отпрвин биле уплашени. Се смириле кога ангелот им објаснил: „Не бојте се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди . . . Спасител, кој е Христос Господ“. Кога ненадејно се појавило „едно многубројно небесно воинство“ од ангели, пастирите знаеле дека ова раѓање било поинакво од сите други. Занимливо, ангелите не донеле подароци за новороденото дете. Наместо тоа, тие го фалеле Јехова, велејќи: „Слава на Бога горе на висините, а на Земјата мир меѓу луѓето на добра волја“ (Лука 2:8-14, НС).
Се разбира, и самите пастири сакале да го видат тоа бебе бидејќи Јехова бил тој кој го објавил радосниот настан. Кога го нашле детето како лежи во јаслите, им го кажале на родителите она што им го рекле ангелите. Потоа пастирите заминале, „славејќи Го и фалејќи Бога“, а не бебето (Лука 2:15-18, 20).
Марија, Исусовата мајка, несомнено се радувала поради успешното раѓање на нејзиниот првороденец. Но, таа исто така ‚ги слагала сите тие зборови во своето срце‘. Потоа, придружувана од својот сопруг Јосиф, патува во Ерусалим од послушност кон Мозаитскиот закон. Тоа не било роденденска прослава. Напротив, тоа било време кога детето требало да се претстави на Бог, „како што е напишано во Законот Господов, дека секое машко дете, кое прво ќе ја отвори утробата, да се посвети на Господа“ (Лука 2:19, 22-24).
Во храмот во Ерусалим, Марија и Јосиф го сретнале Симеон, кого Лука го опишува како ‚праведен и благочестив, кој ја очекувал утехата Израилева‘. Под инспирација му било кажано дека нема да умре пред да го види „Христа Господов“. Тоа што подоцна се случило било исто така „по вдахновение [од Божјиот дух]“. Симеон го зел детето в раце, но не за да му даде подарок, туку за да го благослови Бог, велејќи: „Сега го отпушташ Својот слуга со мир, Владико [Суверен Господи, НС], според зборовите Твои; зашто очите мои го видоа спасението Твое, што си го приготвил пред лицето на сите народи“ (Лука 2:25-32).
Потоа пристапила остарената пророчица Ана. И таа ‚почнала да Го слави Господа и да им прикажува за Него [детето, НС] на сите, што чекаа спасение во Ерусалим‘ (Лука 2:36-38).
Марија, Симеон и Ана, пастирите, како и небеските ангели, сите се радувале кога Исус се родил. Меѓутоа, молиме забележи дека тие не се впуштиле во некакво роденденско лумпување ниту, пак, се зафатиле со дарување подароци. Наместо тоа, го славеле Јехова, небесниот Дарител на нивното средство за спасение.
Сепак, некои може да си поврзат: ‚Сигурно дека божиќното давање подароци не може да биде погрешно; па зарем „тројцата мудреци“ не му изразиле чест на Исус со подароци?‘
Божиќни подароци
Да го разгледаме повторно библискиот извештај. Ќе го најдеш запишан во евангелието на Матеј, 2. поглавје. Таму никаде не се спомнува роденденска прослава ниту, пак, е наведено некакво посебно време, иако е очигледно дека тоа било некое време по Исусовото раѓање. Во 1. стих, Матеј ги нарекува посетителите „мудреци [грчки: маге] од Исток“, кои како пагани биле без спознание за Јехова Бог. Ѕвездата која овие луѓе ја следеле ги одвела, не директно до Исусовото место на раѓање во Витлеем, туку до Ерусалим, каде што владеел царот Ирод.
Кога овој зол владетел слушнал како се распрашуваат околу „новородениот Цар Јудејски“, се посоветувал со свештениците за да најде точно „каде треба да се роди Христос“ и да го убие детето. Свештениците одговориле наведувајќи го пророштвото на Михеј кое го означува местото на раѓање на Месијата во Витлеем (Михеј 5:2). Ирод лицемерно ги упатил овие посетители: „Отидете и распрашајте се добро за Младенецот и, штом ќе Го најдете, јавете ми за да отидам и јас да Му се поклонам“. Мудреците тргнале по нивниот пат, а ѕвездата ‚врвела пред нив, додека не пристигнале и се запреле над местото, каде што бил Младенецот‘. Забележи дека тој е опишан како „Младенец“, а не како новороденче (Матеј 2:1-10).
Како достоинствени ориентални големци кои посетуваат еден владетел, паганските мудреци се поклонуваат и ‚Му принесуваат [на Младенецот] дарови: злато, ливан и измирна‘. Матеј додава: „И кога примија в сон вест, не се вратија веќе при Ирода, а си заминаа по друг пат за својата земја“ (Матеј 2:11, 12).
Од овој краток библиски извештај, некои луѓе можеби ќе се обидуваат да најдат поддршка за нивното божиќно дарување подароци. Но, книгата Discovering Christmas Customs and Folklore (Откривање на божиќните обичаи и фолклор) објаснува дека сегашниов обичај на давање подароци своите корени ги влече од времето кога Римјаните на своите сиромашни соседи им давале подароци, за време на Сатурналиите. „Раната црква . . . итро го заменила нивното значење со една ритуална комеморација на даровите од мудреците“. Каков контраст е ова во однос на вистинските обожаватели — како што биле понизните пастири — кои едноставно го славеле Бога кога се родил Исус!
Да му се укажува чест на Христос како на Цар!
Денес Исус не е повеќе бебе. Тој е моќен Господар, Цар на Божјето небесно Царство и треба да му се укаже чест како на таков (1. Тимотеј 6:15, 16).
Ако си сега возрасен човек, дали некогаш си се чувствувал збунет кога, во твое присуство, луѓето покажувале фотографии од тебе кога си бил бебе? Навистина, таквите слики ги потсетуваат твоите родители на нивната радост кога си се родил. Но сега, кога веќе имаш свој сопствен идентитет, зарем обично не сакаш повеќе другите да те гледаат онаков каков што си? Слично на тоа, размисли колкаво непочитување се покажува спрема Христос Исус кога оние кои тврдат дека се негови следбеници, секоја година стануваат толку преокупирани со паганските божиќни традиции и со славењето на едно бебе што пропуштаат да го слават него како Цар. Замисли, уште во првиот век, христијанскиот апостол Павле апелирал на доличното размислување за Христос како што тој е сега — Цар на небото. Павле напишал: „Иако Христа Го познаваме по телото, но сега веќе не Го познаваме [како таков, НС]“ (2. Коринтјаните 5:16).
Христос, како Цар на Божјето Царство, наскоро ќе го обистини пророчкото ветување дека ќе ја отстрани болката, страдањето, болестите и смртта. Тој е Оној кој ќе обезбеди адекватни станбени услови и наградувачка работа за сите кои ќе живеат под рајските услови овде на Земјата (Исаија 65:21-23; Лука 23:43; 2. Коринтјаните 1:20; Откровение 21:3, 4). Секако, овие причини се доволни за да се избегне срамотење на Исус!
Следејќи го Христовиот пример, вистинските христијани настојуваат на своите ближни да им дадат еден од највеличествените подароци што некој би можел да го даде — разбирањето на Божјата намера, кое може да води до вечен живот (Јован 17:3). Ваквото дарување им донесува голема радост, исто како што рекол Исус: „Поблажено е да се дава, отколку да се зема“ (Дела 20:35; Лука 11:27, 28).
Христијаните кои имаат искрен интерес еден за друг, немаат тешкотии во спонтаното искажување на нивната љубов во било кое време од годината (Филипјаните 2:3, 4). На пример, колкаво одушевување е да се добие некаков цртеж од христијански младинец кој по слушањето на еден библиски говор го нацртал тоа како израз на благодарност! Еднакво охрабрувачки е и неочекуваниот поклон од некој роднина, како знак на неговата љубов. Исто така, христијанските родители се здобиваат со голема радост кога избираат погодни прилики во текот на годината за да им дадат подароци на своите деца. Овој вид на христијанска дарежливост не е поматена ниту со замислената обврска да се даваат подароци за време на прослави ниту, пак, со паганската традиција.
Согласно со тоа, денес преку четири и пол милиони христијани од сите нации не слават Божиќ. Тоа се Јеховините сведоци кои редовно се зафатени со давањето сведоштво на своите ближни за добрата вест за Божјето Царство (Матеј 24:14). Веројатно ќе ги сретнеш и ти кога ќе го посетат твојот дом, можеби наскоро. Нека срдечното примање на она што ќе ти го донесат го води твоето семејство до голема радост, додека учиш како да му изразуваш фалби на Јехова Бог во секој ден од годината (Псалм 144:1, 2).
[Слика на страница 7]
Христијаните им даваат на своите ближни еден од највеличествените подароци што некој може да го даде — разбирањето на Божјата намера, кое води до вечен живот
[Извор на слика на страница 4]
Culver Pictures