ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w94 15/12 стр. 13-18
  • Обединети во совршената врска на љубовта

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Обединети во совршената врска на љубовта
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Хармонијата е поврзана со спознанието
  • Одвраќањето може да ѝ наштети на хармонијата
  • Внимателни со убедливите аргументи
  • Јехова може да те зајакне
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
  • Да ги пронајдеме богатствата што се ‚скриени во Него‘
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • Помагај им на другите да одат достојно на Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2000
  • На човештвото му е потребно спознание за Бог
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
w94 15/12 стр. 13-18

Обединети во совршената врска на љубовта

„Бидете хармонично обединети во љубов“ (КОЛОСЈАНИТЕ 2:2, НС).

1, 2. Какво разединувачко влијание се чувствува особено денес?

ПОСЛУШАЈ! Силен глас одекнува по небото, велејќи: „Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време!“ (Откровение 12:12). Од година во година, таа порака станува сѐ покобна за жителите на Земјата.

2 Јеховиниот голем непријател долго бил познат како противник (Сатана) и клеветник (Ѓавол). Но овој заведувач сега презел уште една злокобна улога — станал гневен бог! Зошто? Затоа што во војната која почнала на небото во 1914, Михаил и неговите ангели го исфрлиле од небото (Откровение 12:7-9). Ѓаволот знае дека има уште малку време да го докаже својот предизвик дека може да ги одврати сите луѓе од обожавањето на Бог (Јов 1:11; 2:4, 5). Немајќи каде да бега, тој и неговите демони се како некој бесен рој пчели кои излегле да го истурат својот гнев врз немирните маси на човештвото (Исаија 57:20).

3. Каква е последицата од тоа што Сатана е понижен во наше време?

3 Овие настани, невидливи за човечкото око, објаснуваат зошто постои општ морален пад на човештвото. Исто така, тие ги објаснуваат избезумените напори на луѓето да го закрпат распарчувањето на нациите кои, едноставно, не можат да живеат во хармонија. Племенските и етничките групи жестоко се напаѓаат едни со други, создавајќи милиони бездомни и раселени луѓе. Не изненадува фактот што беззаконието расте во невидени размери! Како што прорекол Исус, „кај мнозина љубовта ќе олади“. Каде и да погледнеш, несклад и недостиг на љубов го обележуваат денешното немирно човештво (Матеј 24:12).

4. Зошто Божјиот народ е во посебна опасност?

4 Со оглед на светската ситуација, Исусовата молитва за неговите следбеници добива подлабоко значење: „Не се молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од злото [од злобниот, НС]. Тие не се од светот, како и Јас што не сум од него“ (Јован 17:15, 16). Денес, „злобниот“ го излева својот бес особено врз оние „што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на [делото на сведочење за, НС] Исуса Христа“ (Откровение 12:17). Да не беше Јеховината внимателна и љубезна грижа, неговите верни Сведоци би биле избришани. Нашите животи зависат од тоа дали ќе ги искористиме сите подготовки што Бог ги прави за наша духовна сигурност и добро. Тоа подразбира да се напрегаме во склад со дејствувањето на Неговата сила преку Христа, како што поттикнал апостолот во Колосјаните 1:29.

5, 6. Што чувствувал апостол Павле спрема колоските христијани, и зошто е соодветен годишниот стих за 1995?

5 Иако Павле можеби никогаш не се видел со нив лице в лице, тој ги сакал браќата од Колоси. Им рекол: „Би сакал да можете да разберете колку е длабока мојата грижа за вас“ (Колосјаните 2:1, The New Testament in Modern English, од Џ. Б. Филипс). Бидејќи Исусовите следбеници не се дел од светот, „злобниот“ би сакал да го скрши единството на браќата, сеејќи го меѓу нив духот на светот. Новостите што Епафрас ги донел од Колоси покажале дека такво нешто се случило во извесна мера.

6 Еден од главните Павлови интереси за неговите христијански браќа би можел да се сумира со зборовите: „Бидете хармонично обединети во љубов“. Неговите зборови имаат особено значење денес, во свет кој е исполнет со неединство и недостиг на љубов. Ако го земеме при срце Павловиот совет, ќе можеме да се радуваме на Јеховината грижа. Исто така, во нашиот живот ќе ја доживееме силата на неговиот свет дух, која ќе ни помогне да се спротивставиме на притисоците од светот. Колку само е мудар овој совет! Затоа, Колосјаните 2:2 (НС) ќе биде нашиот годишен стих за 1995 година.

7. Каква хармонија треба да постои меѓу вистинските христијани?

7 Во едно поранешно писмо до Коринтјаните, апостолот го употребил човечкото тело како илустрација. Напишал дека не треба ‚да има расправии‘ во собранието од помазани христијани, туку „органите подеднакво да се грижат едни за други“ (1. Коринтјаните 12:12, 24, 25). Каква извонредна илустрација! Нашите екстремитети се меѓусебно зависни, секој од нив е поврзан со телото. Истото начело важи и за нашето ширум светот раширено братство, составено од помазаници и милиони кои се надеваат да живеат на рајската Земја. Не смееме да се отцепуваме од телото на сохристијаните за да живееме независно! Божјиот дух, кој дејствува преку Христос Исус, го примаме во голема мера преку дружењето со нашите браќа.

Хармонијата е поврзана со спознанието

8, 9. а) Што е потребно за да придонесеме за хармонијата во собранието? б) Како ти лично си го стекнал спознанието за Христос?

8 Една од Павловите клучни точки била дека христијанската хармонија е поврзана со спознанието, особено со она во врска со Христос. Павле напишал дека христијаните треба да бидат „хармонично обединети во љубов и во поглед на сето богатство на полна сигурност на нивното разбирање, во поглед на точно спознание на светата тајна Божја, имено, Христос“ (Колосјаните 2:2, НС). Откако сме почнале да ја проучуваме Божјата Реч, ние сме стекнале спознание — факти. Како дел од стекнувањето на разбирање за тоа како многу од овие факти се вклопуваат во Божјата намера, ја сфаќаме клучната улога на Исус, „во Кого се сокриени сите сокровишта на премудроста и познавањето“ (Колосјаните 2:3).

9 Дали и ти размислуваш така за Исус и за неговата улога во Божјата намера? Многумина во т. н. христијанство радо говорат за Исус, тврдејќи дека го прифаќаат и дека со тоа се спасени. Но, дали навистина го познаваат? Тешко, затоа што повеќето веруваат во небиблиската доктрина за тројство. Не само што ти ја знаеш вистината во овој поглед туку веројатно имаш и доста широко спознание за она што Исус го зборувал и правел. На милиони им е помогнато да стекнат спознание за него преку поучна студија, користејќи ја книгата Најголемиот човек кој некогаш живеел. Сепак, потребно е да го продлабочуваме нашето спознание за Исус и за неговите патишта.

10. На кој начин ни е достапно скриеното спознание?

10 Изјавата дека „сите сокровишта на премудроста и познавањето“ се „сокриени“ во Исус не значи дека не можеме да ја сфатиме мудроста и спознанието. Напротив, тоа е како некој отворен рудник. Не мораме да пребаруваме големо подрачје, чудејќи се од каде да почнеме да копаме. Веќе знаеме — вистинското спознание почнува со она што Библијата го открива во врска со Исус Христос. Додека сѐ повеќе ја цениме Исусовата улога во извршувањето на Јеховината намера, го стекнуваме богатството на вистинска мудрост и точно спознание. Затоа, она што ни е потребно е да копаме сѐ подлабоко и да извадиме уште повеќе скапоцени камења или скапоцености кои се достапни од овој извор од кој веќе сме копале (Изреки 2:1-5).

11. Како можеме да ги зголемиме нашето спознание и мудроста преку размислување за Исус? (Илустрирај го тоа со примерот кога Исус им ги измил нозете на учениците, или употреби други примери.)

11 На пример, можеби знаеме дека Исус им ги измил нозете на своите апостоли (Јован 13:1-20). Но, дали сме размислувале за поуката што ја дал и за ставот што го покажал? Ако правиме така, би можеле да исцрпиме богатство на мудрост која ни овозможува, да, нѐ мотивира да го промениме начинот на постапување спрема некој брат или сестра чиј карактер одамна нѐ иритира. Или, кога ни е доделена некоја задача што не ни е баш по вкус, може да реагираме поинаку откако ќе ја сфатиме полната смисла на Јован 13:14, 15. На тој начин, спознанието и мудроста влијаат врз нас. Каков може да биде ефектот врз другите ако уште погрижливо го следиме Христовиот пример врз основа на зголеменото спознание за него? Веројатно стадото ќе биде ‚похармонично обединето во љубов‘.a

Одвраќањето може да ѝ наштети на хармонијата

12. Од кое спознание треба да се чуваме?

12 Ако точното спознание ни овозможува да ‚бидеме хармонично обединети во љубов‘, тогаш кој е резултатот од она што е наречено ‚лажна наука [спознание, НС]‘? Токму спротивното — препирање, несклад и отстапување од верата. Затоа, мораме да се чуваме од такво лажно спознание, како што Павле го предупредил Тимотеј (1. Тимотеј 6:20, 21). Павле исто така напишал: „Ова ви го велам за да не ве измами некој со примамливи зборови [убедливи аргументи, НС]; Браќа, пазете некој да не ве заведе со философија и со празна измама според човечкото предание, според стихиите на светот, а не по Христа“ (Колосјаните 2:4, 8).

13, 14. а) Зошто колоските браќа биле во опасност во поглед на спознанието? б) Зошто можат некои денес да мислат дека не се наоѓаат во слична опасност?

13 Колоските христијани биле опкружени со подмолното влијание на она што всушност било наречено лажно спознание. Многу луѓе во и околу Колоси високо ги ценеле грчките филозофи. Тука биле и јудаистите кои барале од христијаните да се држат за Мојсеевиот закон, како на пример, за неговите празници и барањата за исхрана (Колосјаните 2:11, 16, 17). Павле не бил против тоа неговите браќа да стекнат вистинско спознание, но тие требале да внимаваат никој да не ги грабне како плен, употребувајќи убедливи аргументи за да ги убеди да заземат чисто човечки став кон животот и постапките. Можеш да сфатиш дека ако некои во собранието би допуштиле нивното размислување и одлуки да бидат водени од такви небиблиски сфаќања и пристапи кон животот, тоа би дејствувало против хармонијата и љубовта меѓу членовите на собранието.

14 ‚Да,‘ — можеби ќе помислиш — ‚ја гледам опасноста со која се соочиле Колосјаните, но јас не сум во опасност да дојдам под влијание на грчките сфаќања, како она за бесмртна душа или за троеден бог; ниту, пак, гледам некаква опасност да бидам заведен од паганските празници на лажната религија од која побегнав.‘ Тоа е одлично. Добро е да се биде цврсто убеден во надмоќноста на едноставната вистина која е откриена преку Исус и која се наоѓа во Библијата. Меѓутоа, можно ли е да сме во опасност од други филозофии или човечки гледишта кои преовладуваат денес?

15, 16. Кој став кон животот може да влијае врз размислувањето на еден христијанин?

15 Таков став имало уште одамна: „Каде е сега ветувањето за неговото доаѓање? Нашите татковци се погребани, а сепак сѐ си оди исто како што отсекогаш и било“ (2. Петрово 3:4, The New English Bible). Тоа чувство може да биде изразено и со други зборови, но ставот е ист. На пример, некој би можел да резонира: „Кога првпат ја сознав вистината уште пред неколку децении, крајот беше ‚веднаш зад аголот‘. Но него сѐ уште го нема, и којзнае кога ќе дојде?“ Точно, никој не знае кога ќе дојде крајот. Но, забележи го ставот на кој нѐ поттикнал Исус: „Внимавајте, бидете будни . . . оти не знаете кога ќе настане [одреденото, НС] време“ (Марко 13:32, 33).

16 Колку би било опасно да го усвоиме гледиштето дека, бидејќи не знаеме кога ќе дојде крајот, треба да планираме богат и „нормален“ живот! Таквиот пристап би можел да се одрази во резонирањето: ‚Би можел барем да направам нешто што ќе ми овозможи мене (или на моите деца) да имам угледна кариера која ќе биде добро платена и која ќе ми овозможи да уживам удобен живот. Се разбира, ќе присуствувам на христијанските состаноци и ќе имам некаков удел во делото на проповедање, но не постои причина да се напрегам или да правам големи жртви‘ (Матеј 24:38-42).

17, 18. На кое гледиште нѐ поттикнале Исус и апостолите?

17 Меѓутоа, не може да се негира тоа дека Исус и неговите апостоли препорачале да живееме со чувство на итност во поглед на проповедањето на добрата вест, да се напрегаме и да бидеме спремни да правиме жртви. Павле напишал: „Ова го велам, браќа, оти времето натаму е кратко, та оние, што имаат жена, да бидат како да ја немаат; . . . и кои купуваат — како да немаат, и кои се ползуваат од овој свет — како да не се ползуваат; зашто се менува обликот на овој свет“ (1. Коринтјаните 7:29-31; Лука 13:23, 24; Филипјаните 3:13-15; Колосјаните 1:29; 1. Тимотеј 4:10; 2. Тимотеј 2:4; Откровение 22:20).

18 Далеку од тоа да сугерира да си поставиме за цел удобен живот, Павле под инспирација напишал: „Бидејќи ништо не сме донеле на светов, јасно е дека не можеме и ништо да однесеме. Но кога имаме храна и облекло, со тоа да бидеме задоволни. . . . Бори се во добриот подвиг на верата; држи се за вечниот живот, за кој си и повикан и си дал добра исповед [извонредна јавна изјава, НС] пред многу сведоци“ (1. Тимотеј 6:7-12).

19. Како влијае врз собранието кога оние во него го прифаќаат ставот кон животот на којшто охрабрувал Исус?

19 Кога некое собрание е составено од ревносни христијани кои силно се стремат да ‚дадат извонредна јавна изјава‘, хармонијата ќе биде природна појава. Тие не се оддаваат на ставот: „Имаш многу добра, приготвени за многу години; јади, пиј и весели се!“ (Лука 12:19). Наместо тоа, обединети се во истото настојување, спремни да прават жртви за да имаат колку што е можно поголем удел во ова неповторливо дело. (Спореди Филипјаните 1:27, 28.)

Внимателни со убедливите аргументи

20. На кое друго подрачје би можеле да бидат заведени христијаните?

20 Се разбира, постојат и други начини на кои христијаните би можеле да бидат ‚заведени со убедливи аргументи‘ (НС) или празни измами кои претставуваат пречка за ‚хармоничната обединетост во љубов‘. Канцеларијата на Друштвото во Германија напиша: „Еден случај доведе до раширена полемика во многу собранија; објавителите, па дури и старешините, бранеа различни страни во врска со видовите на терапија што ги користеше еден брат“. Тие додале: „Поради широката разновидност на методи и големиот број на пациенти, ова претставува проблематично подрачје и, ако терапевтските методи имаат спиритистички призвук, тоа може да биде опасно“ (Ефесјаните 6:12).

21. Како може еден христијанин денес да ја изгуби исправната жаришна точка?

21 Христијаните сакаат да останат живи и здрави за да можат да го обожаваат Бог. Меѓутоа, во овој систем сме подложни на стареење и болести кои произлегуваат од несовршеноста. Наместо да нагласуваме здравствени спорни прашања, мораме да се сконцентрираме на вистинското решение, како за нас така и за другите (1. Тимотеј 4:16). Христос е жаришната точка на тоа решение, исто како што бил средишна точка за Павловиот совет до Колосјаните. Но, запомни, Павле покажал дека некои можат да дојдат со „убедливи аргументи“ (НС) и да ни го одвратат вниманието од Христос, можеби со дијагностички методи, третмани или диети (Колосјаните 2:2-4).

22. Кој урамнотежен став треба да го имаме во поглед на бројните тврдења околу дијагностичките методи и третмани?

22 Луѓето по целата Земјина топка се бомбардирани преку огласи и тврдења во врска со секакви видови третмани и дијагностички средства. Некои од нив нашироко се користат и се признати; некои наголемо се критизирани или подлежат на сомневање.b Секој е одговорен да одлучи што ќе стори околу сопственото здравје. Но оние кои го прифаќаат Павловиот совет од Колосјаните 2:4, 8, ќе бидат заштитени да не бидат заведени од „убедливи аргументи“ (НС) или „празни измами“ (НС) кои одвеле на погрешен пат многумина кои, поради недостиг на надежта за Царството, очајнички бараат помош. Дури и кога еден христијанин е убеден дека извесен третман му се чини добар, не треба да го шири тоа помеѓу христијанското братство, бидејќи би можело да стане предмет на широка дискусија и полемика. На тој начин, тој може да покаже дека високо ја почитува важноста на хармонијата во собранието.

23. Зошто особено ние имаме причина за радост?

23 Павле нагласил дека христијанската хармонија е темел за вистинска радост. Во негово време, бројот на собранијата сигурно бил помал отколку денес. Сепак, можел да им напише на Колосјаните: „Ако и да сум отсутен со телото, со духот сум при вас, радувајќи се и гледајќи го вашиот ред и вашата тврда вера во Христа“ (Колосјаните 2:5; види и Колосјаните 3:14). Колку е поголема нашата причина за радост! Можеме да видиме вистински доказ за хармонија, добар ред и цврста вера во нашето собрание, што всушност ја одразува општата ситуација на Божјиот народ по целата Земја. Затоа, во преостанатото кратко време на сегашниов систем, секој од нас нека биде одлучен да ‚биде хармонично обединет во љубов‘.

[Фусноти]

a Иако можностите се скоро бесконечни, од следниве примери види што можеш ти лично да научиш за Исус, а кое би можело да придонесе за хармонијата во твоето собрание: Матеј 12:1-8; Лука 2:51, 52; 9:51-55; 10:20; Евреите 10:5-9.

b Види Стражарска кула од 1. октомври 1982, страници 42-50.

Дали забележа?

◻ Кој е годишниот стих на Јеховините сведоци за 1995?

◻ Зошто требало колоските христијани да бидат хармонично обединети во љубов, и зошто треба да бидеме и ние денес?

◻ Против кој подмолен став кон животот христијаните треба особено да се чуваат денеска?

◻ Зошто треба христијаните да внимаваат да не бидат заведени од убедливите аргументи во поглед на здравјето и дијагностичките средства?

[Слики на страница 17]

Дали твоите планови за иднината се концентрираат на Исусовата присутност?

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели