ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w95 1/1 стр. 24-26
  • „Од устата на младенците“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • „Од устата на младенците“
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Поднаслови
  • Доброто однесување — сведоштво
  • Делотворни млади Сведоци
  • Храброста на младите дава добро сведоштво
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
w95 1/1 стр. 24-26

„Од устата на младенците“

КОГА Самуил бил дете, цврсто се придржувал на праведните начела и покрај злобата на синовите на првосвештеникот Илиј (1. Царства 2:22; 3:1). Во времето на Јелисеј, едно мало израелско робинче во Сирија ѝ дало храбро сведоштво на својата господарка (4. Царства 5:2-4). Кога Исус имал 12 години, им зборувал смело на учителите на Израел, поставувајќи прашања и одговарајќи на прашања, коешто ги изненадило посматрачите (Лука 2:46-48). Низ целата историја Јехова имал млади обожаватели кои верно му служеле.

Дали младите денес го покажуваат истиот дух на верност? Да, секако! Извештаите од подружниците на Watch Tower Society покажуваат дека многу, многу деца кои имаат вера, ‚спремно се нудат‘ во Јеховината служба (Псалм 110:3, НС). Добрите резултати од нивниот труд ги охрабруваат сите христијани, и млади и стари, ‚да не попуштаат да го прават она што е примерно‘ (Галатјаните 6:9, НС).

Добар пример е Ајуми, едно мало девојче од Јапонија кое станало објавител на шест години и си поставило за цел да му сведочи на секого во своето одделение. Добила дозвола да остави неколку публикации во библиотеката на одделението, подготвувајќи се да одговори на било кое прашање што нејзините соученици би можеле да ѝ го постават. Скоро сите нејзини соученици, како и учителот, се запознале со публикациите. Во текот на шесте години основно училиште, Ајуми водела 13 библиски студии. Се крстила кога била четврто одделение, а една од нејзините пријателки со кои проучувала се крстила во шесто одделение. Освен тоа, мајката и двете постари сестри на оваа библиска ученичка проучувале и биле крстени.

Доброто однесување — сведоштво

„Однесувајте се примерно меѓу народите“, рекол апостол Петар, а младите христијани сериозно ја сфаќаат оваа заповед (1. Петрово 2:12, НС). Како резултат на тоа, нивното примерно однесување често пати дава добро сведоштво. Во африканската земја Камерун, некој човек дошол по втор пат на еден собраниски состанок на Јеховините сведоци и се погодило да седи до едно мало девојче. Кога говорникот ги повикал слушателите да го побараат пасусот во Библијата, човекот забележал дека девојченцето брзо го нашло стихот во својата Библија и внимателно го следело читањето. Нејзиниот став толку го импресионирал што на крајот од состанокот отишол до говорникот и му рекол: „Ова мало девојченце ми даде волја да ја проучувам Библијата со вас“.

Во Јужна Африка има едно училиште во кое 25 ученици се деца на Јеховини сведоци. Нивното примерно однесување резултирало со добра репутација за Јеховините сведоци. Една учителка се доверила на некој родител Сведок дека не сфаќа како успеваат Сведоците толку добро да ги воспитаат своите деца, особено што нејзината црква се покажала како неспособна во помагањето на младите. Во училиштето дошла некоја нова учителка да помага и веднаш го забележала доброто однесување на децата на Сведоците. Таа прашала едно од момчињата Сведоци, што би требало да стори за да стане Јеховин сведок. Тој ѝ објаснил дека треба да има библиска студија, и се погрижил неговите родители понатаму да го следат интересот.

Во Костарика, Ригоберто го препознал звукот на вистината кога двајца сокласници ја користеле Библијата да му одговорат на неговите прашања во врска со тројството, душата и пеколниот оган. Она што тие му го рекле имало позитивно влијание врз него, не само поради нивната способност да ја користат Библијата туку и поради тоа што нивното извонредно однесување било толку различно од она што го видел во црквите на т. н. христијанство. И покрај противењето од семејството, Ригоберто добро напредува во својата библиска студија.

Во Шпанија, двајца Сведоци на Јехова — едниот од нив на деветгодишна возраст — посетиле некој човек по име Онофре. Додека возрасниот Сведок го водел поголемиот дел од разговорот, младиот Сведок го следел во својата Библија и цитирал напамет некои библиски стихови. Онофре бил импресиониран. Тој изјавил дека сака да ја проучува Библијата на истото место каде што тоа младо момче научило толку добро да ракува со Библијата. Така, рано наутро следната недела, тој отишол во Салата на Царството. Требало да чека надвор до пладне, кога Сведоците дошле на својот состанок. Оттогаш, добро напредувал и неодамна го симболизирал своето предание со крштевање во вода.

Делотворни млади Сведоци

Да, Јехова ги користи младите исто како и возрасните за да ги достигне кротките. Ова се гледа и од едно искуство од Унгарија. Таму, една болничарка забележала дека, кога и да доаѓала посета кај една десетгодишна пациентка, секогаш би ѝ донеле покрај храната и нешто за читање. Заинтригирана, таа се прашувала за што би можело да се интересира едно толку младо девојче и открила дека тоа било Библијата. Болничарката позборувала со неа, и подоцна рекла: „Од првиот момент, таа навистина ме поучуваше“. Кога девојчето излегло од болницата, ја поканило болничарката да присуствува на конгрес, но таа ја одбила понудата. Сепак, подоцна се согласила да присуствува на обласниот конгрес „Чист јазик“. Кратко потоа, започнала да ја проучува Библијата, а една година подоцна се крстила, сѐ заради едно мало девојче кое своето време во болницата го користело да чита библиска литература.

Ана–Рут, од Ел Салвадор, била втора година во средно училиште. Таа имала навика да остава библиска литература на својата клупа за да можат другите да читаат ако сакаат. Кога забележала дека литературата исчезнала и пак се појавила по некое време, Ана–Рут открила дека една сокласничка, Евелин, читала. По некое време, Евелин прифатила студија и почнала да ги посетува собраниските состаноци. На крај, се крстила и сега служи како редовен помошен пионер. Ана–Рут е општ пионер.

Во Панама една сестра започнала студија со жена чиј сопруг почнал да се спротивставува на вистината до таа мера што студијата скоро била прекината. Меѓутоа, ставот на сопругот постепено омекнал. По извесно време, неговиот телесен брат, кој бил Сведок, го замолил да му инсталира аларм во куќата. Додека го поставувал алармот, неговата деветгодишна внука си дошла дома многу тажна. Тој ја запрашал во што бил проблемот, а таа му рекла дека со нејзината постара сестра отишле на една библиска студија, но лицето не било дома, па така не била во состојба да стори ништо за Јехова тој ден. Нејзиниот чичо ѝ рекол: „Зошто не ми сведочиш мене? Така ќе можеш да сториш нешто за Јехова“. Внука му радосно отрчала да си ја земе Библијата и била започната студија.

Мајка ѝ (неговата снаа) слушала. Таа мислела дека сето тоа е само шега, но секојпат кога тој ќе дошол кај нив дома, ја замолувал својата внука за библиска студија. Кога мајката увидела дека нејзиниот девер е сериозен и дека има некои тешки прашања, решила самата да ја води студијата во присуство на својата ќерка. Тој почнал да проучува двапати неделно и брзо напредувал. Конечно, напредувал до предание и бил крстен на истиот конгрес како и неговата сопруга — благодарение на добриот став на неговата млада внука.

Храброста на младите дава добро сведоштво

Библијата вели: „Нека е цврсто срцето твое; надевај се на Господа“ (Псалм 26:14). Овие зборови се однесуваат на сите Божји слуги, а младите исто како и возрасните ги применувале во текот на минатата година. Во Австралија, кога едно петгодишно девојче почнало да оди во училиште, мајка ѝ отишла кај учителот за да ги објасни верувањата на Јеховините сведоци. Учителот рекол: „Веќе знам во што верувате. Вашата ќерка сѐ ми објасни“. Ова младо девојченце не било премногу плашливо за да му пријде сосема само на својот учител и да ја објасни својата вера.

Петгодишната Андреа од Романија исто така покажала храброст. Кога мајка ѝ ја напуштила православната вера за да стане Сведок, нејзините соседи одбиле да ја слушаат. Еден ден, на собраниската Студија на книга, Андреа го слушнала Надгледникот за служба како ја нагласува потребата да им се проповеда на соседите. Таа сериозно размислувала за ова и кога се вратила дома, ѝ рекла на мајка си: „Мамо, откако ќе заминеш на работа, ќе станам, ќе си ја подготвам мојата торба со литература, исто како што правиш ти и ќе му се помолам на Јехова да ми помогне да разговарам со соседите за вистината“.

Следниот ден Андреа го сторила она што го ветила. Потоа, собрала храброст и заѕвонила на вратата од еден сосед. Кога соседот излегол на вратата, ова мало девојченце рекло: „Знам дека откако мајка ми стана Сведок Вие не ја сакате. Таа неколку пати се обидуваше да разговара со Вас, но Вие не сакавте да ја слушате. Ова ја разжалостува, но јас сакам да знаете дека ние Ве сакаме“. Потоа, Андреа продолжила понатаму за да даде добро сведоштво. За еден ден, поделила шест книги, шест списанија, четири брошури и четири трактати. Оттогаш, таа е редовна во службата на проповедање.

Во Руанда нашите браќа треба да покажуваат голема смелост со оглед на тамошните судири. Во една прилика, едно семејство Сведоци било ставено во соба каде што војниците се спремале да ги убијат. Семејството замолило да им дозволат прво да се помолат. Им било дозволено и сите, освен ќеркичката Дебора, се молеле во себе. Според извештајот, Дебора се молела на глас: „Јехова, оваа седмица тато и јас дадовме пет списанија. Како ќе се вратиме кај овие луѓе да ги поучиме за вистината и да им помогнеме да добијат живот? Освен тоа, како ќе станам сега објавител? Сакав да се крстам за да ти служам“. Кога го слушнал ова, еден војник рекол: „Нема да ве убиеме само заради ова мало девојченце“. Дебора одговорила: „Ви благодарам“. Семејството било поштедено.

Кога Исус триумфално влегол во Ерусалим, кон крајот на својот земски живот, бил поздравен од огромното, весело мноштво. Мноштвото го сочинувале и деца и возрасни. Според записот, децата ‚викале во храмот и велеле: „Осана на Давидовиот Син!“‘ Кога првосвештениците и книжевниците протестирале поради ова, Исус возвратил: „Зар никогаш не сте читале: ‚Од устата на младенците и од оние што цицаат Ти си приготвил пофалба‘?“ (Матеј 21:15, 16).

Зарем не е восхитувачки да се види дека дури и денес Исусовите зборови се вистинити? „Од устата на младенците и од оние што цицаат“ — а ние би можеле да додадеме дека и од устата на тинејџери и млади мажи и жени — Јехова си приготвил пофалба. Навистина, кога се работи за принесување фалби на Јехова, никој не е премлад (Јоил 2:28, 29).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели