Објавителите на Царството известуваат
Добрата вест за Царството ќе биде проповедана
СО ВЕКОВИ Божјиот голем непријател, Сатана Ѓаволот, лукаво ги користел политичките влади и лажната религија во своите настојувања да го спречи ширењето на вистинското христијанство. Но, овие методи ќе пропаднат. Исус претскажал дека ‚добрата вест за Царството ќе биде проповедана [а не, „можеби ќе биде проповедана“ или „би требало да биде проповедана“] по целата населена Земја за сведоштво на сите народи‘ (Матеј 24:14, НС).
Сатановиот неуспех е очевиден во Грција. Во таа земја Грчката православна црква се обидувала да ги ограничи Јеховините сведоци во проповедањето на добрата вест за Царството. Но, како што е истакнато во следново искуство, и покрај противењето, библиската вистина во право време ги достига лицата со искрено срце.
Пред околу 30 години, еден свештеник од Грчката православна црква ја прифатил добрата вест и дури изразил желба да стане Јеховин сведок. Меѓутоа, неговите роднини остро се спротивставувале на овој чекор, вршејќи му притисок да престане да се дружи со Јеховините сведоци. За да ѝ угоди на фамилијата, продолжил да напредува во својата кариера како свештеник; но сепак, секогаш имал на ум дека Јеховините сведоци му помогнале да ја запознае вистината и дека тој се откажал од неа во замена за проминентно место во лажната религија.
Сепак, кога ќе се укажела можност, понекогаш зборувал во корист на Јеховините сведоци. Во неколку прилики дури и ги советувал луѓето дека ако сакаат да ги запознаат библиските вистини, тогаш би требало да проучуваат со Јеховините сведоци. Со текот на годините, некои всушност и ја послушале неговата препорака.
Неодамна свештеникот тешко се разболел и сфатил дека можеби наскоро ќе умре. Додека бил во болницата, ги повикал своите деца и сите тие се собрале околу негоa. Тогаш им објаснил дека ако наскоро умре, можеби ќе можат повторно да го сретнат. Тој им зборувал за библиската наука за луѓе кои Јехова ќе ги воскресне да живеат во рај на Земјата, но ако тие навистина сакаат да го видат тоа, ќе треба да ја запознаат вистината од Библијата и да ги прекинат врските со лажната религија. Ги замолил да се поврзат со Јеховините сведоци и од нив да научат како да станат вистински христијани.
Кратко потоа свештеникот умрел. Меѓутоа, неговиот последен совет донел добри резултати. Неговата ќерка, како и повеќето од неговите роднини, биле големи противници на Јеховините сведоци и на нивното дело. Но, таа не можела да ја игнорира искрената молба на нејзиниот татко кој бил на умирање, па така наскоро стапила во контакт со Јеховините сведоци и почнала да ја проучува Библијата. Неодамна самата таа станала Сведок, посветувајќи го својот живот на Јехова Бог и симболизирајќи го своето предание со крштевање во вода.
Во Грција и во преку 230 други земји, Јеховините сведоци се потпираат на моќта од Божјиот свет дух. Со целосна поддршка од светиот дух тие имаат удел во исполнувањето на Исусовото пророштво: „Ќе примите сила кога светиот дух ќе дојде на вас, и ќе ми бидете сведоци како во Ерусалим така и во цела Јудеја и Самарија, и до најоддалечениот дел на Земјата“ (Дела 1:8, НС).
[Фуснота]
a Грчката православна црква им дозволува на своите свештеници да се женат.