Молитвите од Библијата се вредни за разгледување
ЕДНА загрижена жена, еден цар и самиот Божји Син, изговориле молитви кои сега ќе ги разгледаме поблиску. Секоја молитва била кажана поради различен сплет на околности. Сепак, такви прилики би можеле да нѐ снајдат и нас денес. Што можеме да научиме од овие примери?
‚Погледни ја неволјата на својата робинка‘
Дали се бориш со некој постојан проблем? Дали си оптоварен со грижи? Во тој случај ти имаш многу заедничко со Ана пред да го роди своето прво дете, Самуил. Таа немала деца, а била исмејувана од друга жена. Всушност, таквата ситуација толку ја измачувала и ја загрижувала, што дури не јадела (1. Царства 1:2-8, 15, 16). Таа повикала кон Јехова и му се обратила со следнава молба:
„О Јехова над војските, ако бездруго ја погледнеш неволјата на својата робинка и навистина се сетиш на мене, и не ја заборавиш својата робинка и навистина ѝ дадеш потомок, машко, јас ќе му го дадам на Јехова во сите денови од неговиот живот, и брич нема да помине по неговата глава“ (1. Царства 1:11, НС).
Забележи дека Ана не зборувала за општи работи. Таа му се обратила на Јехова со конкретно барање (за потомок, машко) и го надополнила тоа со јасна одлука (да го стави на располагање на Бог). Што ни кажува ова?
Кога си во неволја, биди конкретен во молитвата. Без оглед на тоа каков е твојот проблем — дали е тоа домашната ситуација, осаменоста или слабото здравје — моли го Јехова за тоа. Опиши му ја точната природа на твојот проблем и како се чувствуваш. „Секоја вечер му ги доверувам на Јехова сите мои грижи“, вели една вдовица по име Луизе. „Понекогаш ги има прилично многу, но јас отворено ги споменувам сите.“
Ќе биде корисно да му зборуваме на Јехова со прецизни изрази. Тоа ќе ни помогне да го утврдиме проблемот, кој потоа можеби нема да ни изгледа толку голем. Конкретните молитви ја олеснуваат загриженоста. Дури и пред да биде одговорена нејзината молитва, Ана се чувствувала смирена и ‚лицето нејзино веќе не било тажно‘ (1. Царства 1:18). Освен тоа, прецизноста овозможува да бидеме спремни да го препознаеме одговорот на нашите молитви. „Колку попрецизно ги изразувам своите молитви“, вели Бернхард, христијанин од Германија, „појасни се и одговорите“.
„Но јас сум сосем млад“
Меѓутоа, некој може да чувствува поинаква загриженост ако добие задача за која се чувствува недостоен. Дали понекогаш си преоптоварен со одговорности што ти се дадени од Јехова? Или, пак, некои луѓе сметаат дека си непригоден за твојата задача? Младиот Соломон бил во таква ситуација кога бил помазан за цар на Израел. Некои истакнати луѓе повеќе сакале некој друг да биде на престолот (3. Царства 1:5-7, 41-46; 2:13-22). Во почетокот на своето владеење, Соломон го изнел следново барање во молитва:
„Господи, Боже мој, Ти го постави за цар Твојот слуга . . . но јас сум сосем млад, не знам ни да излегувам, ни да влегувам . . . Подари му, пак, на Твојот слуга разумно срце, за да му служи на Твојот народ и да разликува: што е добро и што е зло“ (3. Царства 3:7-9).
Соломон ја насочил својата молитва на односот со Јехова, на предноста што му била дадена и на способноста да ја изврши доделената задача. Слично на тоа, секогаш кога ни е дадена одговорност за која чувствуваме дека е над нашите способности, треба да го молиме Бог да не оспособи да ја извршиме таа работа. Разгледај ги следниве искуства:
„Кога бев замолен да се грижам за поголеми одговорности во канцеларијата на подружницата на Друштвото Стражарска кула“, објаснува Јуџин, „се чувствував потполно недостаточен. Имаше други кои беа поквалификувани и кои имаа поголемо искуство. Следните две ноќи спиев сосема малку, бидејќи поголемиот дел од времето го поминав во молитва, а тоа ми даде сила и самодоверба што ми беше потребна.“
Рој бил замолен да одржи погребен говор по повод ненадејната и трагична смрт на еден млад Сведок кој бил многу омилен. Требало да присуствуваат стотици луѓе. Што сторил Рој? „Ретко сум се молел толку многу за сила и за способност да пронајдам вистински зборови со кои ќе кажам изградувачки мисли и ќе дадам утеха.“
Бидејќи Творецот ги ‚побрзува‘ работите и неговата организација се шири, природна последица е дека на многу негови слуги ќе им биде доверена одговорност (Исаија 60:22). Ако си замолен да имаш поголем удел, биди сигурен дека Јехова може да надополни секаков недостиг на искуство, обука или способност од твоја страна. Приближи му се на Бог на истиот начин на којшто тоа го сторил Соломон, и Тој ќе те опреми да ја извршиш задачата.
„Да бидат сите едно“
Трета ситуација која се појавува денес е да се побара од нас да застапуваме некоја група во молитва. Кога ќе бидеме повикани да кажеме молитва во корист на другите, за што треба да молиме? Разгледај ја Исусовата молитва запишана во Јован 17. поглавје. Тој ја кажал оваа молитва во присуство на своите апостоли последната вечер кога бил како човек. Какви молби упатил тој до својот небесен Татко?
Исус ги истакнал заедничките цели и заедничката надеж на оние што биле присутни. Тој го спомнал прославувањето на името на Јехова Бог, како и објавувањето на Царството. Ја истакнал вредноста на личниот однос со Таткото и со Синот, кој се темели на познавањето на Писмото. Зборувал за одвоеност од светот, што би ги подготвило неговите следбеници за противења. Христос исто така го замолил својот Татко да ги заштити неговите ученици и да ги обедини во вистинското обожавање.
Да, Исус го истакнал единството (Јован 17:20, 21). На почетокот на таа вечер, учениците се впуштиле во една незрела расправија (Лука 22:24-27). Меѓутоа, во молитвата Исус не настојувал да прекорува, туку да обедини. Слично на тоа, семејните и собраниските молитви треба да ја унапредуваат љубовта и да настојуваат да ги надминат судирите меѓу поединците. Оние што се застапувани треба да бидат доведени во единство (Псалм 132:1-3).
Ова единство се гледа тогаш кога оние што слушаат, на завршетокот ќе речат „Амин“, што значи „Така нека биде“. За да биде можно тоа, потребно е да разберат и да се согласат со сето она што било речено. Според тоа, не би било пригодно да се спомене во молитвата нешто што не им е познато на некои од присутните. На пример, еден старешина кој во молитва го застапува собранието, можеби бара Јеховин благослов за некој духовен брат или сестра кои се сериозно болни. Но, секако дека би било најдобро да го стори тоа само ако поголемиот дел од оние што ги застапува, знаат за таквиот и слушнале за болеста.
Исто така, забележи дека Исус не ги набројал личните потреби на секој член на групата. Да се стори тоа би значело да се споменат лични работи кои им се познати само на извесни поединци. Личните работи се пригоден предмет за приватните молитви, кои можат да бидат толку долги и присни колку што сака поединецот.
Како треба некој да се подготви за да застапува во молитва голем собир на обожаватели? Еден искусен христијанин објаснува: „Однапред размислувам за што да заблагодарам, какви потреби можеби имаат браќата и какви молби можам да споменам во нивно име. Своите мисли, вклучувајќи ги и изразите на фалба, ги ставам во исправен ред во својот ум. Пред да изговорам јавна молитва, тивко се молам во себе, при што барам помош за да ги застапувам браќата на еден достоинствен начин“.
Без оглед на тоа какви се твоите околности, веројатно во Библијата ќе пронајдеш молитва што била изговорена во ситуација слична на твојата. Широкиот спектар на молитви кои се наоѓаат во Писмото, претставува доказ за Божјата срдечна доброта. Со читањето на овие молитви и со медитирањето за нив, ќе можеш да ги збогатиш своите молитви.
[Рамка на страница 5]
ИСТАКНАТИ МОЛИТВИ ВО БИБЛИЈАТА
Јеховините слуги упатувале молитви под најразлични околности. Можеш ли да се замислиш во една или во повеќе од следниве ситуации?
Дали ти е потребно водство од Бог, како што му било потребно на Елиезер? (1. Мојсеева 24:12-14).
Дали си во неизбежна опасност, како што бил Јаков? (1. Мојсеева 32:9-12).
Дали сакаш да го запознаеш Бог подобро, како што сакал Мојсеј? (2. Мојсеева 33:12-17).
Дали си соочен со противници, како што бил Илија? (3. Царства 18:36, 37).
Дали проповедањето ти паѓа тешко, како што било за Јеремија? (Јеремија 20:7-12).
Треба ли да признаеш гревови и да бараш проштевање, како што го сторил тоа Даниил? (Даниил 9:3-19).
Дали се соочуваш со прогонство, како што било случај со Исусовите ученици? (Дела 4:24-31).
Види исто така и Матеј 6:9-13; Јован 17:1-26; Филипјаните 4:6, 7; Јаков 5:16.
[Рамка на страница 6]
ЗА ШТО ДА СЕ МОЛИШ КОГА СЕ БОРИШ СО НЕКОЈА ВКОРЕНЕТА СЛАБОСТ
Дали се бориш против некоја повторлива слабост? Како можат молитвите кои се забележани во Библијата да бидат од корист? Учи од Давид кој молел во различни прилики со оглед на своите слабости.
Давид пеел: „Испитај ме, Боже, и познај го срцето мое; испитај ме и запознај ги патеките мои [моите вознемирувачки мисли, НС]“ (Псалм 138:23). Давидовата желба била Јехова Бог да ги испита неговите неисправни желби, емоции или мотиви. Со други зборови, Давид барал Јеховина помош за да избегне грев.
Но, слабоста го совладала Давид и направил тежок грев. Повторно му помогнала молитвата — овој пат за да го обнови својот однос со Бог. Според Псалм 50:2, Давид молел: „Многупати ме изми од моето беззаконие и очисти ме од мојот грев“.
Исто така и ние можеме понизно да молиме за Јеховина помош со цел да се воздржуваме од лошите склоности. Ова ќе нѐ зајакне да совладаме некоја вкоренета слабост и може да ни помогне да избегнеме грев. Ако грешката се повтори, би требало повторно да му пристапиме на Јехова со молби да ни помогне да ја продолжиме борбата.
[Слика на страница 7]
Молитвите што се кажани од името на цела група треба да ја нагласат библиската надеж и заедничките духовни цели