Објавителите на Царството известуваат
Проповедање во тешки времиња
АПОСТОЛ Павле прорекол дека „во последните денови ќе настанат времиња тешки“ (2. Тимотеј 3:1). Колку точни се покажале овие зборови! Луѓето од Салвадор, во Централна Америка, долго време ја чувствуваат оваа горка реалност. Повеќе од една деценија, таа земја беше растргната од граѓанска војна која донесе беда и смрт за многу илјадници. Војната сега е завршена но бедата останува. По војната, криминалот драстично пораснал. Еден коментатор на локалната телевизија неодамна изјавил: „Насилството и грабежот се наше секојдневие“.
Ниту Јеховините сведоци не биле поштедени од овој бран на насилство. Во многу Сали на Царството, крадците насилно влегле и ја украле разгласната опрема. Во повеќе прилики, банди од вооружени млади јурнале во Салите на Царството за време на состанокот, пљачкајќи од присутните пари, часовници и други вредни работи. Додека ги вршеле своите секојдневни активности, неколку Сведоци биле убиени од пљачкашите.
И покрај овие препреки, Јеховините сведоци во Салвадор продолжуваат напорно да работат во проповедањето на добрата вест. Ова го прават во знак на послушност спрема библискиот налог: „Кај сите народи најнапред треба да се проповеда Евангелието“ (Марко 13:10). Во оваа земја сѐ уште има многу кои копнеат по надежта за Царството која ја содржи Библијата, а Сведоците се трудат да го достигнат секого од нив. Неформалното сведочење се покажува како една ефикасна метода на проповедање.
Додека бил на болничко лекување, еден Сведок ја користел секоја прилика да разговара со другите пациенти за Божјите ветувања за иднината, што се наоѓаат во Библијата. Некој сериозно болен пациент се жалел: „Наскоро ќе умрам!“ Но, потиштениот изглед на пациентот не го обесхрабрил Сведокот да ја сподели добрата вест за Божјето Царство. Напротив, тој гласно му читал на човекот од книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата, објавена од Јеховините сведоци. Неколку дена подоцна, Сведокот си заминал од болницата, размислувајќи со жалење за човекот што се наоѓал на смртна постела.
Четири години подоцна, Сведокот требало да се подложи на медицински третман во некоја друга болница. Додека бил таму, му пристапил еден пациент и му рекол: „Се сеќаваш ли на мене?“ Тоа бил човекот кого го сретнал пред четири години, човекот кој наводно умирал! Какво радосно изненадување било кога човекот го прегрнал и додал: „Сега и јас сум Јеховин сведок!“ Човекот ја прифатил библиската надеж за иднината, ја проучувал Библијата со Јеховините сведоци и го предал својот живот на Јехова. Но, не само што станал Сведок туку, околу две години, учествувал и во полновремената служба, како општ пионер.
Во овој случај, семето на вистината кое било посеано во една неформална средина наишло на приемливо срце. Оваа предност за помагање на луѓето да дојдат до спознание на вистината, ги поттикнува вистинските христијани да продолжат со делото на проповедање наспроти овие ‚тешки времиња‘.